Одредување на слабост, злоба и каење
ГРЕВ е нешто што христијаните мразат — тоа е потфрлање во однос на Јеховините праведни мерила (Евреите 1:9). За жал, сите ние грешиме одвреме навреме. Сите се бориме со вродени слабости и несовршеност. Сепак, во повеќето случаи, ако ги признаеме нашите гревови пред Јехова и искрено се трудиме да не ги повториме, ќе можеме да му пристапиме со чиста совест (Римјаните 7:21-24; 1. Јованово 1:8, 9; 2:1, 2). Му благодариме на Јехова што на темел на откупната жртва, ја прифаќа нашата света служба и покрај нашите слабости.
Ако некој западне во сериозен грев поради телесна слабост, нему итно му е потребна пастирска помош во согласност со постапката опишана во Јаков 5:14-16: „Болен ли е [духовно] некој меѓу вас, нека ги повика свештениците црковни [постарите мажи од собранието, НС] . . . И гревови, ако направил, ќе му се простат. Исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да се исцелите“.
Значи, кога еден предаден христијанин ќе направи тежок грев, потребно е нешто повеќе од само лично признавање пред Јехова. Старешините мора да преземат одредени чекори бидејќи чистотата или мирот во собранието се загрозени (Матеј 18:15-17; 1. Коринтјаните 5:9-11; 6:9, 10). Можеби ќе треба да одредат: Дали лицето се кае? Што довело до гревот? Дали тоа било резултат на еден посебен момент на слабост? Дали било навика на грешење? Ваквото одредување не е секогаш едноставно или изразито и бара значителна остроумност.
Меѓутоа, што ако гревот е поради следење на правец на зло постапување и лошо однесување? Тогаш, одговорноста на старешините е јасна. Кога укажувал како да се постапи со еден сериозен проблем во коринтското собрание, апостол Павле рекол: „Исфрлете го лошиот помеѓу вас“ (1. Коринтјаните 5:13). Злите луѓе немаат место во христијанското собрание.
Оценување на слабост, злоба и каење
Како можат старешините да знаат кога некој се кае?a Ова не е едноставно прашање. Размисли, на пример, за цар Давид. Тој направил прељуба и потоа, во суштина, убиство. Сепак, Јехова му дозволил да живее и понатаму (2. Царства 11:2-24; 12:1-14). Потоа размисли за Ананија и Сапфира. Тие со лага се обиделе да ги измамат апостолите, лицемерно преправајќи се дека се подарежливи отколку што всушност биле. Дали тоа било сериозно? Да. Толку сериозно како убиство и прељуба? Речиси! Па сепак, Ананија и Сапфира платиле со своите животи (Дела 5:1-11).
Зошто вакви различни пресуди? Давид западнал во тежок грев поради телесна слабост. Кога бил соочен со она што го сторил, се покајал, а Јехова му простил — иако бил строго казнет со оглед на проблемите во неговото семејство. Ананија и Сапфира погрешиле во тоа што лицемерно лажеле, обидувајќи се да го измамат христијанското собрание и така ‚го лажеле светиот дух и Бог‘. Тоа се покажало како доказ за злобно срце. Затоа тие биле построго осудени.
Во двата случаи Јехова ја донел пресудата, а неговата пресуда била исправна бидејќи тој може да ги испитува срцата (Изреки 17:3). Човечките старешини не можат да го сторат тоа. Но, како можат старешините да распознаат дали некој сериозен грев е повеќе доказ за слабост отколку за злоба?
Всушност, секој грев е зол, но сите грешници не се зли. Слични гревови кај едно лице можат да бидат доказ за слабост, а кај друго доказ за злоба. Навистина, што се однесува до грешникот, грешењето обично вклучува по нешто и од слабоста и од злобата. Еден решавачки фактор е, како лицето гледа на тоа што го сторило и што мисли да преземе во врска со тоа. Дали покажува покајнички дух? На старешините им е потребна остроумност за да го забележат ова. Како можат да ја добијат таа остроумност? Апостол Павле му ветил на Тимотеј: „Постојано мисли на она што ти го велам; а Господ навистина ќе ти даде остроумност за сѐ“ (2. Тимотеј 2:7, НС). Ако старешините ‚постојано мислат‘ понизно на инспирираните зборови од Павле и другите библиски писатели, ќе ја добијат остроумноста што е потребна да гледаат исправно на оние во собранието кои грешат. Тогаш, нивните одлуки ќе го рефлектираат Јеховиното, а не нивното мислење (Изреки 11:2; Матеј 18:18).
Како може да се стори тоа? Еден начин е да се испита како Библијата ги опишува злите луѓе и да се види дали описот одговара на лицето за кое се работи.
Преземање на одговорност и каење
Првите луѓе кои го избрале правецот на злобата се Адам и Ева. И покрај тоа што биле совршени и имале потполно спознание за Јеховиниот закон, тие се побуниле против божествената сувереност. Кога Јехова ги соочил со она што го сториле, вреди да се забележи нивната реакција — Адам ја обвинил Ева, а Ева ја обвинила змијата! (1. Мојсеева 3:12, 13). Спореди го ова со длабоката понизност на Давид. Кога бил соочен со неговите сериозни гревови, тој ја прифатил одговорноста и молел за проштевање, велејќи: „Згрешив пред Господа“ (2. Царства 12:13; Псалм 50:4, 9, 10).
Старешините прават добро ако ги разгледаат овие два примера кога работат на случаи на сериозен грев, особено кога е во прашање возрасен човек. Дали грешникот — како Давид кога станал свесен за својот грев — чесно ја прифатил кривицата и покајнички се свртел кон Јехова за помош и простување или, пак, се труди да го минимизира она што го направил, можеби обвинувајќи некој друг? Вистина, лицето кое згрешило можеби сака да објасни што довело до неговото постапување и можеби постојат околности, било од минатото или сега, кои старешините ќе треба да ги земат предвид кога одлучуваат како да му помогнат. (Спореди Осија 4:14.) Но, треба да прифати дека тој е оној кој погрешил и дека тој е одговорен пред Јехова. Запомни: „Блиску е Господ до оние со скрушено срце, и смирените по дух ќе ги спаси“ (Псалм 33:18).
Правење на она што е лошо
Во книгата Псалми многу пати се спомнуваат злите луѓе. Ваквите стихови можат понатаму да им помогнат на старешините да распознаат дали лицето во суштина е слабо или злобно. На пример, разгледај ја инспирираната молитва на цар Давид: „Не вбројувај ме меѓу нечестивци [злобни луѓе, НС] и злосторници, кои со ближните свои говорат за мир, а во срцето имаат зло“ (Псалм 27:3). Забележи дека злобните луѓе се спомнати напоредно со ‚злосторниците‘. Лице кое греши поради телесна слабост веројатно ќе прекине штом ќе си дојде при себе. Меѓутоа, ако некој ‚го прави‘ она што е зло така што тоа станува дел од неговиот живот, тогаш тоа може да биде доказ за злобно срце.
Давид спомнал и една друга карактеристика на злобата во тој стих. Како Ананија и Сапфира, злобното лице зборува добри работи со својата уста, но има зли работи во своето срце. Тој може да биде лицемер — како фарисеите од Исусово време кои ‚однадвор им се покажувале на луѓето како праведни, а внатре биле полни со лицемерност и беззаконие‘ (Матеј 23:28; Лука 11:39). Јехова мрази лицемерство (Изреки 6:16-19). Ако некој лицемерно се обидува да ги порекнува своите сериозни гревови, дури и кога зборува со правниот одбор, или безволно го признава само она што веќе им е познато од другите, одбивајќи да признае во потполност, тоа веќе може да биде доказ за злобно срце.
Надуена безобѕирност спрема Јехова
Други работи карактеристични за едно злобно лице во главни црти се прикажани во Псалм 10. Таму читаме: „Во својата надуеност злобниот жестоко го прогонува потиштениот; . . . тој не го почитува Јехова“ (Псалм 10:2, 3, НС). Како треба да гледаме на некој предаден христијанин кој е надуен и не го почитува Јехова? Секако дека ова е злобен мисловен став. Лице кое греши поради слабост, откако ќе стане свесно за својот грев или ќе му биде укажано на тоа, се покајува и упорно се стреми да го промени својот начин на постапување (2. Коринтјаните 7:10, 11). Во спротивно, ако човек греши поради длабоко непочитување спрема Јехова, што тогаш ќе го спречи секогаш одново и одново да се враќа на својот грешен пат? Ако тој е надуен и покрај тоа што бил советуван во дух на благост, како ќе може да ја има понизноста што е потребна за да се покае искрено и вистински?
Разгледај ги сега Давидовите зборови малку подолу, во истиот псалм: „Зошто злобниот не го почитува Бог? Во своето срце рекол: ‚Нема да бараш сметка‘“ (Псалм 10:13, НС). Злобниот човек ја знае разликата помеѓу исправното и погрешното во рамките на христијанското собрание, но тој не се двоуми да прави зло ако мисли дека ќе остане неказнет. Сѐ додека нема страв дека ќе го откријат, тој им дава потполна слобода на своите грешни склоности. За разлика од Давид, ако неговите гревови излезат на видело, тој ќе сплеткари за да избегне укор. Ваквиот човек има длабоко непочитување спрема Јехова. „Нема страв Божји пред очите негови. . . . Од зло не се гнаси“ (Псалм 35:1, 4).
Повредување на другите
Обично, повеќе од едно лице е погодено од некој грев. На пример, еден прељубник греши против Бог; тој ја мачи својата сопруга и своите деца; ако неговата партнерка во гревот е мажена, го мачи и нејзиното семејство; а го валка и доброто име на собранието. Како гледа тој на сето тоа? Дали покажува жалење од срце, проследено со искрено каење? Или, го одразува духот опишан во 93-от Псалм: „До кога ќе зборуваат така сите што вршат беззаконие? Го газат Твојот народ, Господи, и го озлобуваат Твоето наследство; вдовица и сирак убија, и придојден убија, па рекоа: ‚Господ нема да види, ни Бог Јаковов нема да дознае‘“ (Псалм 93:4-7).
Очигледно, во гревовите за кои се решава во собранието не спаѓа убиството. Сепак, духот кој е видлив овде — духот на спремност да се жртвуваат другите за лична корист — може да стане видлив додека старешините го истражуваат престапот. Ова е исто така и знак на ароганција — ознаката на еден злобен човек (Изреки 21:4). Тоа е сосема спротивно од духот на еден вистински христијанин кој е спремен да се жртвува за својот брат (Јован 15:12, 13).
Применување на божествените начела
Овие неколку упатства не се дадени со намера да поставуваат некакви правила. Меѓутоа, тие укажуваат на некои работи кои Јехова ги смета за навистина зли. Дали постои одбивање да се прифати одговорноста за стореното зло? Дали оној кој згрешил дрско го игнорира претходниот совет што му бил даден во врска со таа работа? Дали постои постојано вршење на сериозно злодело? Дали злосторникот покажува безобѕирно непочитување кон Јеховиниот закон? Дали направил искалкулирани обиди како да ја сокрие неправдата, веројатно расипувајќи други истовремено? (Јуда 4). Дали ваквите обиди само се засилуваат кога неправдата ќе излезе на видело? Дали престапникот тотално ја игнорира повредата што им ја нанел на другите и на Јеховиното име? Каков е неговиот став? Дали е надуен и арогантен откако му бил даден љубезен библиски совет? Му недостасува ли искрена желба да одбегнува да ја повтори неправдата? Ако старешините забележат вакви работи, кои драстично покажуваат недостиг на каење, можат да заклучат дека сторените гревови се повеќе доказ за злоба отколку само за слабост на телото.
Дури и кога се работи за лице кое изгледа дека има злобни склоности, старешините не престануваат да го поттикнуваат да ја следи праведноста (Евреите 3:12). Злобните поединци може да се покајат и да се променат. Ако тоа не би било случај, зошто тогаш Јехова ги поттикнувал Израелците: „Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот — помислите свои и нека се обрне кон Господа, нашиот Бог, — и Он ќе го помилува, зашто е многу милостив“ (Исаија 55:7). Веројатно, за време на правното сослушување, старешините ќе забележат значителна промена во состојбата на неговото срце која се одразува во покајничкото однесување и став.
Дури и во времето на исклучување на некој поединец, старешините, како пастири, ќе го поттикнуваат да се покае и да се обиде да се врати во Јеховината заштита. Сети се на „грешникот“ во Коринт. Очигледно се покајал, и Павле подоцна препорачал да биде повторно примен (2. Коринтјаните 2:7, 8). Размисли исто и за царот Манасиј. Тој навистина бил многу зол, но кога на крајот се покајал, Јехова го прифатил неговото каење (4. Царства 21:10-16; 2. Летописи 33:9, 13, 19).
Вистина, постои еден грев кој нема да биде простен — грев против светиот дух (Евреите 10:26, 27). Самиот Јехова одредува кој сторил таков грев. Луѓето немаат власт да го прават тоа. Одговорноста на старешините е да го чуваат собранието чисто и да им помагаат на покајничките грешници повторно да се вратат. Ако го прават тоа со остроумност и понизност, дозволувајќи нивните одлуки да ја одразуваат Јеховината мудрост, тогаш Јехова ќе го благослови овој вид од нивното пастирење.
[Фуснота]
a За понатамошни информации, види Стражарска кула од 1 јануари 1982, страници 11-13; Insight on the Scriptures, том II, страници 772-774.
[Слика на страница 29]
Ананија и Сапфира лицемерно го лажеле светиот дух, покажувајќи злобно срце