Јеховината Реч е жива
Избрани стихови од петтата книга на Псалмите
ОНИЕ што се богати можат да кажат: „Нашите синови се како млади билки, созреани уште во својата младост, нашите ќерки — како аголни столбови, изделкани како во палати, нашите амбари се полни,.. нашите стада овци се намножија илјадници пати“. Богатите можеби и задоволно ќе речат: „Среќен е народот што го има ова!“ Но, напротив, псалмистот вели: „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (Псалм 144:12-15). А како може да не биде? Јехова е среќниот Бог, а таа среќа се пренесува на сите што го сакаат (1. Тимотеј 1:11). Ова е особено нагласено во последната збирка песни вдахновени од Бог, која ја сочинуваат Псалмите од 107 до 150.
Петтата книга Псалми, исто така, ги истакнува неспоредливите особини на Јехова, како што се неговата милост, вистинољубивост и добрина. Колку повеќе ќе го запознаеме Бог како личност толку повеќе ќе го сакаме и ќе го почитуваме. А како резултат на тоа, ќе бидеме среќни. Колку корисна порака ни е пренесена во петтата книга на Псалмите! (Евреите 4:12).
МИЛОСТА НА ЈЕХОВА НЀ ПРАВИ СРЕЌНИ
„Нека му благодарат на Јехова за неговата милост и за чудесните дела што ги направи за синовите човечки“, пееле Евреите што се враќале од изгнанството во Вавилон (Псалм 107:8, 15, 21, 31). Славејќи го Бог, Давид пеел: „Твојата вистинољубивост [е] до облаците“ (Псалм 108:4). Во следната песна, тој се моли: „Помогни ми, Јехова, Боже мој, спаси ме според милоста своја!“ (Псалм 109:18, 19, 26). Во Псалм 110 е проречено владеењето на Месијата. „Стравот Јеховин е првото нешто потребно за да се стекне мудрост“, вели Псалм 111:10. Според следниот псалм, „среќен е човекот што се бои од Јехова“ (Псалм 112:1).
Псалмите од 113 до 118 се наречени Халел псалми, поради тоа што во нив постојано се повторува изразот „Алилуја“, или „Фалете го Јах!“ Според Мишна, дело од третиот век во кое се запишани усните преданија што постоеле до тоа време, овие песни се пееле за време на Пасхата и на трите празници што еднаш годишно ги славеле Евреите. Најдолгиот од сите псалми, а воедно и најдолгото поглавје во Библијата, Псалм 119, ја велича речта на Јехова, односно неговите запишани зборови.
Одговорени библиски прашања:
109:23 — Што мислел Давид кога рекол: „Како сенката кога исчезнува, јас морам да заминам“? Давид поетски ги изразил своите чувства дека му се ближи смртта (Псалм 102:11).
110:1, 2 — Што прави Господарот [на Давид], Исус Христос, седејќи од десната страна на Бог? По своето воскресение, Исус се вознел на небото и чекал од десната страна на Бог сѐ до 1914 година, кога почнал да владее како Цар. Во меѓувреме, Исус владеел над своите помазани следбеници, ги водел во нивното дело на проповедање и правење ученици, а и ги подготвувал за совладетели во неговото Царство (Матеј 24:14; 28:18-20; Лука 22:28-30).
110:4 — На што ‚се заколнал‘ Јехова „и нема да зажали“? Оваа заклетва се однесува на сојузот што Јехова го склучил со Исус Христос, дека тој ќе служи како Цар и како првосвештеник (Лука 22:29).
113:3 — Во која смисла името на Јехова ќе се фали „од изгрејсонце до зајдисонце“? Овој израз покажува дека се работи за нешто повеќе отколку само за една група поединци што секој ден му служат на Јехова. Од изгрејсонце на исток до зајдисонце на запад, сончевата светлина допира до секое делче на планетата. На сличен начин, Јехова треба да се слави низ целата Земја. Ова е невозможно да се оствари ако не е организирано. Како Јеховини сведоци, ја имаме бесценетата чест да го славиме Бог и ревносно да учествуваме во делото со кое се објавува Царството.
116:15 — Колку „скапоцена е во очите на Јехова смртта на оние што му се лојални“? Оние што му служат се толку скапоцени за Јехова што тој ја смета смртта на сите нив, како група, за нешто прескапо за да го дозволи. Кога Јехова би дозволил да се случи тоа, би испаднало дека неговите непријатели се помоќни од него. Покрај тоа, не би останал никој на Земјата како основа за новиот свет.
119:71 — Што има добро во тоа човек да е во неволја? Тешкотиите можат да нѐ научат попотполно да се потпираме на Јехова, посесрдно да му се молиме и помарливо да ја проучуваме Библијата и да го применуваме она што е таму кажано. Понатаму, начинот на кој ќе реагираме на неволјата може да ни открие некои лични слабости што треба да ги исправиме. Страдањето нема да нѐ огорчи ако дозволиме да ја пречисти нашата личност.
119:96 — Што се мисли со ‚границата на сѐ што е совршено‘? Псалмистот зборува за совршеноста од човечка гледна точка. Најверојатно сака да каже дека концептот што човекот го има за совршеноста е ограничен. Спротивно на тоа, Божјите заповеди не се на ниеден начин ограничени. Водството што го даваат може да се примени на секој аспект од животот. „Му ја гледам границата на секое совршенство“, вели преводот на Д-р/Д-р Душан Х. Константинов, „а Твојата заповед нема граници“.
119:164 — Што е значајно да се спомне околу изјавата „седумпати на ден те фалам“? Бројот седум често означува потполност. Според тоа, псалмистот сакал да каже дека славата за сѐ ја заслужува Јехова.
Поуки за нас:
107:27-31. Мудроста на овој свет ќе биде „збунета“ кога ќе дојде Армагедон (Откровение 16:14, 16). Таа нема да може да спаси никого од уништување. Само оние што го гледаат спасението во Јехова, ќе доживеат да ‚му благодарат за неговата милост‘.
109:30, 31; 110:5. Десната рака на војникот, со која го држел мечот, обично не била заштитена со штитот, кој се држел на левата страна. Фигуративно, Јехова им стои „оддесно“ на своите слуги за да се бори за нив. Со тоа ги штити и им помага — убава причина за да го „величаме со својата уста“!
113:4-9. Јехова е толку возвишен што мора да се наведне дури и за да го „погледне небото“. Сепак, тој е сочувствителен кон бедниот, кон сиромавиот и кон неротката. Севишниот Господар Јехова е понизен и сака да бидат понизни и оние чиј Бог е тој (Јаков 4:6).
114:3-7. Чудесните дела што сме дознале дека Јехова ги направил за својот народ кај Црвеното Море, на реката Јордан и кај планината Синај, би требало длабоко да влијаат врз нас. Човештвото, претставено со ‚земјата‘, би требало да чувствува страхопочит — фигуративно ‚да биде во тешка болка‘ — поради Господарот.
119:97-101. Тоа што ќе стекнеме мудрост, увид и разбирање од Божјата реч, нѐ штити од сѐ што би можело духовно да ни наштети.
119:105. Божјата реч е светилка на нашите нозе во таа смисла што може да ни помогне да излеземе на крај со моменталните проблеми. Исто така, таа симболично ни ја осветлува патеката бидејќи, благодарение на неа, однапред знаеме што има намера да направи Бог во иднина.
СРЕЌНИ И ПОКРАЈ НЕВОЛЈИТЕ
Како можеме да се справиме со тешките ситуации што нѐ снашле и да ги надминеме неволјите? Јасен одговор на ова прашање ни е даден во Псалмите 120 до 134. Ќе ги надминеме неволјите и ќе останеме радосни само ако бараме помош од Јехова. Овие псалми, наречени Песни за искачување, Израелците најверојатно ги пееле кога, за време на годишните празници, се искачувале кон Ерусалим.
Псалмите 135 и 136 го претставуваат Јехова како Оној што може да направи сѐ што ќе посака, за разлика од беспомошните идоли. Псалм 136 е составен за наизменично пеење, односно вториот дел на секој стих требало да биде пеен како одговор на првиот. Следниот псалм зборува за оние Евреи во Вавилон што биле скршени од болка затоа што не можеле да му служат на Јехова на Сион. Псалмите од 138 до 145 се од Давид. Тој сака да го ‚фали Јехова со сето свое срце‘. Зошто? „Зашто сум чудесно создаден“, вели тој (Псалми 138:1; 139:14). Во следните пет псалми, Давид се моли за заштита од зли луѓе, за да добие праведни укори, да биде избавен од неговите прогонители и да му биде покажано како исправно да се однесува. Тој истакнува колку е среќен народот чиј Бог е Јехова (Псалм 144:15). Откако зборува за Божјата големина и добрина, Давид објавува: „Мојата уста ќе кажува фалби за Јехова; сѐ што е создадено нека го благословува неговото свето име довека, во сета вечност!“ (Псалм 145:21).
Одговорени библиски прашања:
122:3 — Во која смисла градот Ерусалим бил „како во едно слеан“? Како што обично било случај со градовите во далечното минато, и куќите во Ерусалим биле изградени многу блиску една до друга. Градот бил цврсто збиен, што ја олеснувало неговата одбрана. Покрај тоа, бидејќи соседните куќи им биле блиску, секој од жителите можел да смета на соседот за помош и заштита. Ова покажува колку биле духовно обединети 12-те племиња на Израел кога се собирале за да му оддадат почит на Бог.
123:2 — Која е смислата на споредбата со очите на слугите? Очите на слугите и слугинките биле вперени во раката на нивниот господар или господарка од две причини: да одредат која е нивната следна желба или да добијат заштита и она што им е потребно за живот. Слично на тоа, нашите очи се вперени во Јехова за да увидиме што е негова волја и да ја стекнеме неговата наклоност.
131:1-3 — Како Давид ‚ја смирил и ја успокоил душата како мало дете во мајчината прегратка‘? Како што едно дете одбиено од цицање учи да си најде утеха и задоволство во прегратките на мајка си, Давид научил да си олесни на душата и да се смири „како мало дете во мајчината прегратка“. Како? Така, што срцето не му било горделиво и очите не му биле надмени, и не одел по работи што за него биле преголеми. Наместо да сака да се истакне, Давид обично бил свесен за своите ограничувања и бил понизен. Мудро е и ние да имаме таков став, особено кога се трудиме да служиме во поголема мера во собранието.
Поуки за нас:
120:1, 2, 6, 7. Клеветењето и сарказмот можат да нанесат некому неподнослива болка. Тоа што нема да кажеме сѐ што ќе ни падне на ум е еден начин на кој ќе покажеме дека ‚сакаме мир‘.
120:3, 4. Ако мораме да поднесуваме некој со ‚лукав јазик‘, нека нѐ теши свесноста дека Јехова ќе ги среди работите во свое време. Клеветниците ќе настрадаат од рацете на „силен човек“. Тие сигурно ќе си го добијат делот од огнениот суд на Јехова, кој симболично е претставен како „вжарен јаглен од метлика“.
127:1, 2. Во сѐ што правиме, треба да бараме да нѐ води Јехова.
133:1-3. Обединетоста што владее меѓу народот на Јехова смирува, ни користи и нѐ освежува. Не треба да ја нарушуваме со тоа што ќе ги критикуваме другите, ќе се караме со нив или ќе се жалиме од нив.
137:1, 5, 6. Протераните верници на Јехова чувствувале приврзаност кон Сион — кој ја претставувал Божјата организација. Дали е тоа случај и со нас? Дали лојално сме приврзани кон организацијата што Јехова ја користи денес?
138:2. Јехова ‚ја прави својата реч повеличествена од своето име‘ во таа смисла што исполнувањето на сѐ што ветил во свое име далеку ќе ги надмине нашите очекувања, какви и да се. Навистина, ни претстои нешто величествено.
139:1-6, 15, 16. Јехова знае што ќе направиме, што мислиме, па дури и што ќе речеме уште пред да проговориме. Тој нѐ знае уште откога сме се формирале во ембрион, уште пред да се оформи секое делче од нашето тело. Божјето сознание за секого од нас како поединец е „премногу чудесно“ за да се сфати. Колку е утешно што знаеме дека Јехова не само што гледа во каква тешка ситуација се наоѓаме туку и сфаќа како таа влијае врз нас.
139:7-12. Каде и да отидеме, никогаш не сме предалеку, па Бог да не може да нѐ зајакне.
139:17, 18. Дали она што го учиме за Јехова ни носи задоволство? (Изреки 2:10). Ако е така, сме си нашле еден непресушен извор на задоволство. Мислите на Јехова се „побројни од песокот“. Секогаш ќе има што да научиме за него.
139:23, 24. Би требало да сакаме Јехова да испита каква личност се крие во нас, има ли нешто што нѐ наведува на лош пат — неисправно размислување, желби и склоности — и да ни помогне да го искорениме.
143:4-7. Како може да издржиме дури и сурови тешкотии? Клучот лежи во зборовите на псалмистот: треба да размислуваме за она што го прави Јехова, да се интересираме за неговите дела и да му се молиме да ни помогне.
„Фалете го Јах!
Секоја од првите четири збирки на псалми завршува со израз со кој се слави Јехова (Псалми 41:13; 72:19, 20; 89:52; 106:48). Во тоа не е исклучок ни последната збирка. Псалм 150:6 вели: „Сѐ што дише нека го фали Јах! Фалете го Јах!“ Токму тоа ќе се случи во новиот свет.
Додека нетрпеливо ги очекуваме благословите што ќе дојдат тогаш, имаме безброј причини да го славиме вистинскиот Бог и да го фалиме неговото име. Кога ќе помислиме колку сме среќни што го познаваме Јехова и што сме во добар однос со него, зар не сме поттикнати да го славиме исполнети со благодарност?
[Слика на страница 15]
Чудесните дела на Јехова влеваат страхопочит
[Слика на страница 16]
Мислите на Јехова се „побројни од песокот“