„Кој е како Јехова, нашиот Бог?“
„Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој живее во висините“ (ПСАЛМИ 113:5, NW).
1, 2. а) Како Јеховините сведоци гледаат на Бог и на Библијата? б) Кои прашања заслужуваат да ги разгледаме?
ЈЕХОВИНИТЕ фалители се навистина благословени. Колкава предност е да се биде дел од тоа среќно мноштво! Како негови Сведоци, го прифаќаме советот, законите, поуките, ветувањата и пророштвата на Божјата Реч, Библијата. Се радуваме што можеме да учиме од Писмата и да бидеме ‚научени од Бога [Јехова, NW]‘ (Јован 6:45).
2 Поради нивното длабоко почитување кон Бог, Јеховините сведоци можат да прашаат: „Кој е како Господ [Јехова, NW], нашиот Бог“ (Псалми 112 [113, NW]:5). Тие зборови на псалмистот содржат вера. Но, зошто Сведоците имаат таква вера во Бог? И од кои причини би го фалеле Јехова?
Верата и фалбата се соодветни
3. Што се Халел Псалмите и зошто се така наречени?
3 Верата во Јехова е оправдана, бидејќи тој е единствениот Бог. Тоа е нагласено во Псалми 112 [113, NW], 113 [114, NW], 114 [115, NW], дел од шестте Халел Псалми. Според рабинската школа на Хилел, Псалмите 112 [113, NW] и 113 [114, NW] се пееле за време на еврејскиот пасхален оброк откако била наточена втората чаша вино и објаснето на значењето на обичајот. Псалми 113:9 [115, NW] до 117 [118, NW] биле пеани по четвртата чаша вино. (Спореди Матеј 26:30.) Тие се наречени „Халел Псалми“ затоа што постојано го употребуваат извикот Халилуја! — „Славете го Јах!“
4. Кое е значењето на изразот „Халилуја“, и колку често се појавува во Библијата?
4 „Халилуја“ е транслитерација на хебрејски израз кој се појавува 24 пати во Псалмите. На други места во Библијата, четири пати се појавува неговиот грчки облик којшто е поврзан со радоста поради уништувањето на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, и со радоста поврзана со тоа што Јехова Бог започнува да владее како Цар (Откровение 19:1-6). Сега, додека разгледуваме три халел Псалми, би можеле да се замислиме како самите ги пееме овие песни, на Јеховина фалба.
Фалете го Јах!
5. На кое прашање одговара Псалм 112, и на кого особено се однесува заповедта во Псалми 112:1, 2?
5 Псалм 112 дава одговор на прашањето: Зошто да се фали Јехова? Тој започнува со заповедта: „Фалете Го, слуги Господови, фалете го името на Господа. Нека е благословено името Господово отсекогаш и засекогаш“ (Псалми 112:1, 2). „Халилуја!“ Да, „Славете го Јах!“ Таа заповед особено се однесува на Божјиот народ во ова ‚последно време‘ (Даниил 12:4). Отсега и засекогаш, Јеховиното име ќе биде возвишувано ширум Земјата. Неговите Сведоци сега објавуваат дека Јехова е Бог, Христос е Цар и дека Царството е воспоставено на небото. Сатана Ѓаволот и неговата организација не можат да го спречат тоа фалење на Јехова.
6. Како е фален Јехова „од исток до запад“?
6 Песната на фалба ќе трае сѐ додека Јехова не направи таа да ја исполни Земјата. „Од исток до запад нека се прославува името на Господа“ (Псалми 112:3). Тоа значи повеќе отколку некои земски суштества дневно да го обожаваат. Сонцето изгрева на исток и заоѓа на запад, покривајќи ја целата Земја. Наскоро, сите луѓе коишто живеат насекаде кадешто свети сонцето, а кои се ослободени од ропството на лажната религија и Сатановата организација, ќе го фалат Јеховиното име. Всушност, оваа песна, која нема да престане никогаш, сега ја пеат помазаните Сведоци на Јехова и оние кои ќе бидат земски деца на неговиот Цар, Исус Христос. Колкава предност имаат тие како пејачи на Јеховините фалби!
Јехова е неспоредлив
7. Кои два аспекти од Јеховината врховна власт се забележани во Псалми 112:4?
7 Псалмистот додава: „Возвишен е над сите народи Господ; Неговата слава е над небесата“ (Псалми 112:4). Тоа свртува внимание на два апсекта од Божјата врховна власт: 1) за Јехова, Врховниот, „возвишен . . . над сите народи“, тие се како капка од ведро и како прашинка на терезија (Исаија 40:15; Даниил 7:18); 2) неговата слава е далеку поголема од физичките небеса, затоа што ангелите ја вршат неговата суверена волја (Псалми 18:1, 2; 102:20, 21).
8. Зошто и како Јехова се спушта за да ги забележи работите на небото и на Земјата?
8 Поттикнат од Божјата возвишеност, псалмистот рекол: „Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој живее во висините, и Кој со смиреност гледа на небото и на земјата“ (Псалми 112:5, 6). Бог е толку возвишен што мора да се спушти за да ги забележи работите на небото и на Земјата. Иако Јехова не е никому потчинет ниту подложен на другите, тој покажува понизност така што искажува милост и сочувство кон скромните грешници. Тоа што им го дал својот Син, Исус Христос, како „жртва помирница“ (Ст) за помазаните христијани и за светот на човештвото, претставува израз на Јеховината понизност (1. Јованово 2:1, 2).
Јехова е сочувствителен
9, 10. Како Бог „го издига сиромавиот за да го постави со кнезови“?
9 Нагласуваќји го Божјето сочувство, псалмистот додава дека Јехова „од прав го издига сиромавиот и од калта го вади бедниот, за да го постави со кнезовите, со кнезовите на народот негов. Кој неплодната ја вселува в куќи како мајка, што се радува меѓу многуте деца. [Славете го Јах, (NW)]“ (Псалми 112:7-9). Јеховиниот народ има вера дека тој може да ги ослободи чесните кои се во неволја, да ја промени нивната состојба и да ги задоволи нивните лични потреби и желби. ‚Високиот и Возвишениот го оживува духот на смирените и срцата на скрушените‘ (Исаија 57:15).
10 Како Јехова „го издига сиромавиот, за да го постави со кнезовите“? Кога е Божја волја, тој ги поставува своите слуги на положби на слава какви што имаат благородници. Тоа го направил во случајот со Јосиф кој станал управител за храната на Египет (1. Мојсеева 41:37-49). Во Израел, да се седи со благородници, или луѓе на власт, меѓу Јеховиниот народ била предност која требало да се цени. Слично на христијанските старешини денес, таквите мажи имале Божја помош и благослов.
11. Зошто може да се каже дека Псалми 112:7-9 особено се однесуваат на Јеховиниот народ во денешно време?
11 А што значи ‚неплодната да ја направи мајка што се радува‘? На неплодната Ана Бог ѝ дал син — Самуил, кого таа го посветила за Негова служба (1. Царства 1:20-28). Што е уште позначајно, почнувајќи со Исус и со изливањето на светиот дух врз неговите ученици на Пентакост 33. н. е., Божјата симболична жена, небесниот Сион, почнала да раѓа духовни деца (Исаија 54:1-10, 13; Дела на св. апостоли 2:1-4). И како што Бог повторно ги вратил Евреите во нивната татковина после изгнанството во Вавилон, така во 1919 тој го ослободил помазаниот остаток на „Израилот Божји“ од вавилонско ропство и толку многу духовно го благословил што зборовите од Псалми 112:7-9 се однесуваат на него (Галатјаните 6:16). Како лојални Сведоци на Јехова, остатокот на духовниот Израел и нивните придружници со земска надеж искрено одговараат на завршните зборови од Псалм 113 (NW): „Славете го Јах!“.
Доказ за Јеховината единственост
12. Како Псалми 113 ја покажуваат Јеховината единственост?
12 Псалм 113 ја покажува Јеховината единственост цитирајќи ги единствените настани поврзани со Израелците. Псалмистот испеал: „Кога Израилот излезе од Египет, домот Јаковов — од туѓ народ [кој зборува неразбирливо NW], Јудеја стана Божјо светилиште, Израилот област Негова“ (Псалми 113:1, 2). Бог го ослободил Израел од ропството на Египќаните чиј јазик бил туѓ за нивните уши. Ослободувањето на Јеховиниот народ, наречен Јудеја и Израел во поетски паралелизам, покажува дека Бог денес може да ги ослободи сите свои слуги.
13. Како Псалми 113:3-6 ја покажуваат Јеховината врховност и како таа се однесува на доживувањата на древниот Израел?
13 Јеховината сувереност над целото творештво е видлива во зборовите: „Морето виде и избега; Јордан се врати назад. Горите се разиграа како овни, и ритчињата — како јаганца. Што ти стана тебе море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш? Зашто се разигравте, гори, како овни, и вие, ритчиња, како јаганца?“ (Псалми 113:3-6). Црвеното море ‚избегало‘ кога Бог отворил патека низ него за својот народ. Тогаш Израел ја видел на дело Јеховината голема рака против Египќаните кои изгинале во водите кои се повратиле (2. Мојсеева 14:21-31). Со слично покажување на божествена моќ, реката Јордан ‚се вратила назад‘, овозможувајќи им на Израелците да преминат во Ханан (Исус Навин 3:14-16). ‚Горите се разиграле како овни‘ така што Синајската гора чадела и треперела кога бил воспоставен сојузот на Законот (2. Мојсеева 19:7-18). Како што се приближува кулминацијата на неговата песна, псалмистот ги става работите во прашална форма, можеби навестувајќи дека безживотното море, река, гори и ридови биле погодени со стравопочит од тие манифестации на Јеховината моќ.
14. Што било направено со Јеховината моќ кај Мерива и Кадес, и како тоа треба да влијае на неговите денешни слуги?
14 И понатаму мислејќи на Јеховината моќ, псалмистот испеал: „Трепери земјата пред лицето на Господа, пред лицето на Бога Јаковов, Кој камен претвора во водно езеро и карпа — во воден извор“ (Псалми 113:7, 8). Во симболична смисла, псалмистот на тој начин покажува дека човештвото треба со стравопочитување да стои пред Јехова, Господарот и Универзалниот Владетел на целата Земја. Тој бил ‚Богот Јаковов‘, или Израелов, како што е и Бог на духовните Израелци и нивните земски придружници. Во пустината, кај Мерива и Кадес, Јехова ја покажал својата моќ така што со чудо го снабдил Израел со вода, ‚претворајќи го каменот во водно езеро и карпата — во воден извор‘ (2. Мојсеева 17:1-7; 4. Мојсеева 20:1-11). Таквите потсетници на Јеховината моќ, која влева стравопочитување, и нежната грижа, на неговите Сведоци им дале здрави причини за неоспорна вера во него.
Не како идолските богови
15. Како можеби се пееле Псалми 113:9–114:1-9 [115, NW]?
15 Псалм 113:9–114:1-9 [115, NW] нѐ поттикнува да го фалиме и да имаме доверба во Јехова. Благословот и помошта му ги припишува нему и докажува дека идолите се безвредни. Можеби овој псалм бил испеан антифонално (наизменично). Односно, можеби едниот глас пеел: „Оние кои се бојат од Господа, се надеваат на Господа“; а собранието можеби одговарало: „Он е нивни помошник и заштитник“ (Псалми 113:19).
16. Каква разлика може да се направи помеѓу Јехова и идолите на народите?
16 Славата не треба да ни се припише нам, туку на Јеховиното име, Богот на љубезната доброљубивост, или лојална љубов и вистинитост (Псалми 113:9). Непријателите можат потсмешливо да прашаат: „Каде е нивниот Бог?“ Но Јеховиниот народ може да одговори: ‚Нашиот Бог е горе на небото и врши сѐ што сака‘ (стихови 10, 11). Меѓутоа, идолите на нациите не можат ништо да сторат, затоа што се сребрени и златни статуи направени од човек. Иако имаат усти, очи и уши, тие не зборуваат, слепи се и глуви. Имаат носеви, но не мирисаат, имаат нозе но не можат да одат, имаат грла но не можат да пуштат глас. Оние кои прават неспособни идоли, како и оние кои имаат доверба во нив, ќе станат исто така безживотни (стихови 12-16 [4-8, NW]).
17. Што треба да правиме и какви изгледи имаме со оглед дека мртвите не можат да го фалат Јехова?
17 Потоа се дава опомена да се има доверба во Јехова како во Помошник и заштитнички Штит на Израел, на Ароновата свештеничка куќа и на сите кои се плашат од Бог (Псалми 113:17-19). Како такви кои се плашиме од Јехова, ние имаме длабоко почитување спрема Бог и здрав страв дека нема да му угодиме. Имаме и вера дека „[Творецот, NW] Кој го создаде небото и земјата“, ги благословува своите лојални обожаватели (стихови 20-23). Небесата се местото на Божјиот престол, а Земјата ја направил за вечен дом на лојалното и послушно човештво. Бидејќи мртвите кои се неми и несвесни не можат да го фалат Јехова, ние, живите, треба да го правиме тоа во потполна оддаденост и лојалност (Проповедник 9:5). Само оние кои го фалат Јехова ќе се радуваат на вечен живот и ќе можат да ‚го благословуваат Господа‘ засекогаш, зборувајќи добро за него „до недогледно време“ (NW). Затоа, лојално да им се придружиме на оние кои внимаваат на опомената: „Славете го Јах!“ (Псалми 113:24-26).
Јеховините прекрасни особини
18, 19. На кои начини Јеховините особини го разликуваат од лажните богови?
18 За разлика од безживотните идоли, Јехова е жив Бог кој покажува прекрасни особини. Тој е олицетворение на љубовта и е „штедар и милостив, долготрпелив, многумилостив“ (2. Мојсеева 34:6; 1. Јованово 4:8). Колку се разликува од суровиот ханански бог Молох, кому му биле жртвувани деца! Се претпоставува дека ликот на овој бог имал човечки облик и воловска глава. Наводно идолот бил загреван до вжареност, а децата биле фрлани во неговите раширени раце, паѓајќи во распламтената печка под него. Но, Јехова е толку доброљубив и милостив што помислата на таквите човечки жртви не му дошла „ни на ум“ (Јеремија 7:31).
19 Јеховините главни особини вклучуваат и совршена правда, безгранична мудрост и семоќна моќ (5. Мојсеева 32:4; Јов 12:13; Исаија 40:26). А како е со митолошките божества? Наместо да делат правда, вавилонските богови и божици биле осветољубиви. Египетските божества не биле примери на мудрост, туку се опишани како такви кои имаат човечки слабости. Тоа не е за изненадување, затоа што лажните богови и божици биле производ на луѓе кои се „празни во мислите“ (Ст), а кои тврдат дека се мудри (Римјаните 1:21-23). Наводно, грчките божества ковале завера еден против друг. На пример, во митовите, Зевс ја злоупотребил својата моќ и го соборил од престолот својот татко Кронос, кој пак, го отстранил од престолот сопствениот татко Уран. Каков благослов е да му се служи и да се фали Јехова, живиот и вистински Бог кој покажува совршена љубов, правда, мудрост и моќ!
Јехова е достоен за вечна фалба
20. Кои причини ги дал цар Давид за фалење на Јеховиното име?
20 Како што покажуваат Халел Псалмите, Јехова заслужува вечна фалба. Кога Давид и другите Израелци дарувале за изградбата на храмот, пред собранието и тој рекол: „Благословен си, Господи, Боже Израилев, отсекогаш и засекогаш! Твое е, Господи, и величието, и силата, и славата, и победата, и блесокот; и сѐ, што е на небото и на земјата, Твое е; Твое е, Господи, царството, Ти стоиш над сѐ одозгора како Владетел. Од тебе е и богатството и славата; Ти владееш над сѐ, во Твојата рака е и силата и цврстината, и во Твоја власт е да кренеш и да зацврстиш сѐ. И сега, Боже наш, Те славословиме и го фалиме Твоето величествено име“ (1. Летописи 29:10-13).
21. Каков доказ дава Откровение 19:1-6 за тоа дека Јехова го фалеле небесните војски?
21 Јехова ќе биде благословен и вечно фален и на небото. Апостолот Јован слушнал „многу народ на небото“ како вели: „Алилуја, спасение и слава, чест и сила на нашиот Бог, зашто пресудите Негови се вистинити и праведни; бидејќи он ја осуди големата блудница [Големиот Вавилон] која со своето блудство ја расипа земјата, и се одмазди за крвта на слугите Свои, што загинаа од раката нејзина“. Повторно рекле: „Алилуја!“. Истото го рекле „дваесет и четирите Старци [старешини, NW] и четирите животни“. Глас од престолот рече: „Фалете Го нашиот Бог сите слуги Негови и вие, кои што се боите од Него, големи и мали!“ Потоа Јован додал: „И чув глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од силни грмотевици, кои велеа: ‚Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот!‘“ (Откровение 19:1-6).
22. Како Јехова ќе биде фален во неговиот ветен нов свет?
22 Колку е соодветно што небесните војски го фалат Јехова! Во неговиот нов свет кој сега е близу, воскреснатите лојални ќе им се придружат на преживеаните од крајот на овој систем во фалењето на Јах. Високите планини ќе ги кренат своите глави во песни на фалба на Бог. Зелените ридови и плодните дрвја ќе ја пеат неговата фалба. Дури, секое суштество што живее и дише ќе го фали Јеховиното име во големиот Алилуја хор! (Псалми 148). Дали твојот глас ќе се чуе во тоа радосно мноштво? Ќе се чуе ако лојално му служиш на Јах со неговиот народ. Тоа треба да ти биде цел во животот, зашто кој е како Јехова нашиот Бог?
Како би одговорил?
◻ Зошто треба да се фали Јехова Бог?
◻ На кои начини Јехова е неспоредлив?
◻ Каков доказ постои дека Јехова е сочувствителен?
◻ Како Јехова се разликува од безживотните идоли и лажните божества?
◻ Зошто можеме да кажеме дека Јехова ќе прими вечна фалба на небото и на Земјата?
[Слика на страница 9]
Халел Псалмите се пееле за време на пасхалниот оброк