Благодарно примај, од сѐ срце давај
ЈЕХОВА, нашиот небесен Татко кој многу нѐ сака, е заинтересиран за секого од нас. Божјата реч нѐ уверува дека тој вистински се грижи за сите свои слуги (1. Пет. 5:7). Еден начин на кој покажува дека се грижи за нас е тоа што на разни начини ни помага да му служиме верно (Иса. 48:17). Особено кога нѐ тиштат проблеми, Јехова сака да се потпреме на неговата помош. Ова многу убаво се гледа од Мојсеевиот закон.
Преку Законот, Јехова со љубов се погрижил да му се помага на „страдалникот“, како на пример, на сираците, на вдовиците и на дојденците (3. Мој. 19:9, 10; 5. Мој. 14:29). Јехова знае дека на некои негови слуги ќе им затреба помош од соверниците (Јак. 1:27). Затоа, на ниеден негов слуга не треба да му биде незгодно да прифати помош од оние што Јехова ги поттикнува да му помогнат. Сепак, кога примаме помош, сакаме да го правиме тоа со исправен став.
Од друга страна, Божјата реч нагласува дека Божјите слуги имаат можност и да даваат. Сети се на ‚сиромашната вдовица‘ што ја набљудувал Исус во храмот во Ерусалим (Лука 21:1-4). Таа веројатно била меѓу вдовиците спомнати во Законот, за кои Јехова се погрижил да добиваат помош. Сепак, иако била сиромашна, оваа вдовица не е запамтена по тоа што добивала нешто од другите, туку по тоа што давала. Поради таквиот став, сигурно била многу среќна бидејќи, како што рекол Исус, „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35). Со оглед на сево ова, како би можел ти ‚да даваш‘ и да ја почувствуваш среќата што доаѓа од давањето? (Лука 6:38).
„Со што да му возвратам на Јехова?“
Псалмистот се прашувал: „Со што да му возвратам на Јехова за сите добра што ми ги направи?“ (Пс. 116:12). Какви добра добил тој? Јехова го крепел кога го обзеле „јад и тага“. Освен тоа, Јехова ‚ја спасил неговата душа од смртта‘. Затоа, псалмистот сакал некако ‚да му возврати на Јехова‘. Што можел да направи? Тој рекол: „Ќе му ги исполнам на Јехова своите завети“ (Пс. 116:3, 4, 8, 10-14). Псалмистот решил да ги исполни сите ветувања што свечено му ги дал на Јехова и сите обврски што ги имал кон него.
И ти можеш да го направиш истото. Како? Така што ќе живееш во склад со Божјите закони и начела. Затоа, труди се твојата служба за Јехова да ти биде најважното нешто во животот и да му дозволиш на Божјиот дух да те води во сѐ што правиш (Проп. 12:13; Гал. 5:16-18). Се разбира, факт е дека никогаш не можеш потполно да му возвратиш на Јехова за сѐ што направил за тебе. Сепак, Јехова се радува кога гледа дека од сѐ срце се даваш во службата за него (Изр. 27:11). Каква прекрасна чест е да го радуваме Јехова на ваков начин!
Придонесувај за доброто на собранието
Сигурно ќе се согласиш дека христијанското собрание ти помага на многу начини. Преку собранието, Јехова обезбедува изобилство духовна храна. Преку него си ја дознал вистината што те ослободила од лажната религија и од духовната темнина (Јован 8:32). На собраниските состаноци, на собирите и на конгресите што ги организира „верниот и разборит роб“, си стекнал знаење кое води до вечен живот без болка и страдања во рајот на Земјата (Мат. 24:45-47). Им нема крај на добрата што ги добиваме — и што допрва ќе ги добиеме — преку Божјето собрание! Што би можел да му дадеш на собранието за возврат?
Апостол Павле напишал: „Целото тело — на кое сите делови му се складно составени и сложно работат, бидејќи секој зглоб што ги поврзува си ја исполнува својата цел за да може секој поединечен дел соодветно да дејствува — придонесува за својот раст, за да се изградува самото себе во љубов“ (Еф. 4:15, 16). Иако овие стихови пред сѐ се однесуваат на помазаните христијани како група, начелото што е содржано во нив може да се примени и на сите христијани денес. Да, секој член на собранието може да придонесе за доброто и за растот на целото собрание. Како?
Можеме да придонесеме со тоа што секогаш ќе се трудиме да ги храбриме и духовно да ги зајакнуваме другите (Рим. 14:19). Можеме да придонесеме за растот на собранието и со тоа што ќе ги покажуваме плодовите на Божјиот дух во односите со нашите браќа и сестри (Гал. 5:22, 23). Освен тоа, ќе бараме можност „да им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“ (Гал. 6:10; Евр. 13:16). Сите во собранието — браќа и сестри, млади и стари — можат да придонесат собранието ‚да се изградува во љубов‘.
Исто така, можеме да ги користиме своите дарби, својата сила и своите средства за да учествуваме во животоспасувачкото дело што го извршува собранието. „Бесплатно добивте“, рекол Исус Христос. А како треба да возвратиме? „Бесплатно давајте“, продолжил тој (Мат. 10:8). Затоа, давај сѐ од себе во важното дело на проповедање и правење ученици (Мат. 24:14; 28:19, 20). Дали од некои причини не можеш да правиш многу? Сети се на сиромашната вдовица за која зборувал Исус. Она што таа го дала не било многу. Сепак, Исус рекол дека дала повеќе од сите други. Таа дала сѐ што ѝ дозволувале околностите (2. Кор. 8:1-5, 12).
Примај со исправен став
Но, можеби ќе дојдат времиња кога тебе ќе ти треба помош од собранието. Никогаш немој да се стегаш да ја примиш помошта што ти ја нуди собранието додека се бориш со притисоците што ги носи овој свет. Јехова поставил способни и грижливи мажи ‚да го пасат собранието‘ — да ти помагаат кога ти е тешко и кога имаш искушенија (Дела 20:28). Старешините и другите членови на собранието сакаат да те тешат, да те храбрат и да те штитат кога минуваш низ некој тежок период (Гал. 6:2; 1. Сол. 5:14).
Но, кога ќе ти биде укажана таква помош, не заборавај дека треба да ја примиш со исправен став. Секогаш прифаќај ја со благодарност поддршката што ти се дава. Помошта што ја добиваш од соверниците сметај ја за израз на Божјата незаслужена доброта (1. Пет. 4:10). Зошто е важно да имаме ваков став? Затоа што не сакаме да бидеме неблагодарни за она што го добиваме, како што се повеќето луѓе во светот.
Биди умерен и разумен
Во своето писмо до собранието во Филипи, Павле го напишал следново за Тимотеј: „Немам никој друг како него, кој вистински би се грижел за вашата благосостојба“. Но, потоа додал: „Сите други се грижат само за себе, а не за она што му припаѓа на Христос Исус“ (Фил. 2:20, 21). Имајќи ја на ум оваа сериозна забелешка на Павле, што можеме да направиме за да не се грижиме „само за себе“?
Никогаш не треба да претеруваме кога ќе побараме другите во собранието да ни посветат време и внимание за да ни помогнат да решиме некој проблем. Зошто? Размисли за ова: Сигурно би биле неизмерно благодарни ако некој брат материјално ни помогне кога ќе ни излезе нешто непредвидено. Но, дали некогаш би инсистирале да ни даде таква материјална помош? Секако дека не. Слично на тоа, иако нашите мили браќа секогаш се спремни да ни помогнат, треба да бидеме урамнотежени и да имаме разумни очекувања во поглед на времето што би сакале да ни го посветат. На крајот на краиштата, што и да прават другите за да ни помогнат кога ни е тешко, сакаме тоа да го прават по своја волја.
Можеме да бидеме сигурни дека нашите браќа и сестри секогаш ќе сакаат и ќе бидат спремни да ни помогнат. Сепак, понекогаш едноставно нема да можат да ни ја дадат потребната помош. Во таква ситуација, да бидеме уверени дека, низ што и да минуваме, Јехова ќе ни помага исто како што му помогнал и на псалмистот (Пс. 116:1, 2; Фил. 4:10-13).
Затоа, спремно и благодарно прифати го сето она што Јехова го прави за тебе — особено кога ќе те притиснат неволји и проблеми (Пс. 55:22). Тој сака да ја прифатиш таквата помош. Меѓутоа, тој очекува да бидеш и ‚весел дарител‘. Затоа, цврсто ‚одлучи во своето срце‘ да даваш онолку колку што можеш за обожавањето на вистинскиот Бог (2. Кор. 9:6, 7). Така ќе можеш не само благодарно да примаш туку и од сѐ срце да даваш.
[Рамка/слики на страница 31]
„Со што да му возвратам на Јехова за сите добра што ми ги направи?“ (Пс. 116:12)
▪ Да бараме можности „да им правиме добро на сите“
▪ Да се трудиме да ги храбриме и духовно да ги зајакнуваме другите
▪ Колку што ни дозволуваат околностите, да даваме сѐ од себе за да правиме ученици