Да се негува божествен страв
„Бој се од Господа [Јехова, НС] и бегај од злото“ (ИЗРЕКИ 3:7).
1. За кого биле напишани Изреките?
БИБЛИСКАТА книга Соломонови изреки содржи богатство од духовни совети. Јехова првобитно го обезбедил овој водич за да го поучи својот народ-претслика Израел. Денес таа дава мудри изреки за неговиот свет христијански народ, „до кои стигна крајот на вековите [на системите на ствари, НС]“ (1. Коринтјаните 10:11; Изреки 1:1-5; 1. Петрово 2:9).
2. Зошто денес е најприкладно предупредувањето од Изреки 3:7?
2 Ако свртиме кај Изреки 3:7, ќе прочитаме: „Не се сметај за мудрец; бој се од Господа [од Јехова, НС] и бегај од злото“. Уште од времето на нашите први родители, кога Змијата ја завела Ева со ветувањето дека ќе ‚знаат што е добро, а што зло‘, чисто човечката мудрост не успеала да одговори на потребите на човештвото (1. Мојсеева 3:4, 5; 1. Коринтјаните 3:19, 20). Во ниеден друг период во историјата тоа не било поочигледно отколку во овој 20. век — во овие „последни денови“ кога човештвото, жнеејќи ги плодовите на атеистичкото, еволуциско мислење, е измачувано со расизам, насилство и секаков вид неморал (2. Тимотеј 3:1-5, 13; 2. Петрово 3:3, 4). Тоа е ‚нов светски неред‘, којшто ниту ОН ниту расцепканите религии на светот не можат да го размрсат.
3. Кои настани биле проречени за нашево време?
3 Божјата пророчка Реч нѐ информира дека демонски сили излегле кај „царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бога Седржителот . . . на местото наречено по еврејски Армагедон“ (Откровение 16:14, 16). Наскоро тие цареви, односно владетели, ќе ги обземе ужас од Јехова. Ќе биде како стравот што ги обзел Хананејците кога Исус Навин и Израелците дошле да извршат осуда врз нив (Исус Навин 2:9-11). Но, денес, оној кого Исус Навин го предочувал е Исус Христос — ‚Царот над царевите и Господарот над господарите‘ — којшто ќе ги ‚порази идолопоклониците и ќе ги пасе со железен жезал‘ како израз на „јароста и гневот на Бога Седржителот“ (Откровение 19:15, 16).
4, 5. Кој ќе биде спасен и зошто?
4 Кој ќе биде спасен во тоа време? Ќе бидат спасени не оние кои се совладани од страв, туку сите оние кои негувале побожен страв пред Јехова. Наместо да бидат мудри во свои сопствени очи, тие ‚бегаат од злото‘. Понизно, ги хранат своите мисли со она што е добро, така што лошото е истерано од нивното размислување. Негуваат здрава почит спрема Суверениот Господ Јехова, „Судијата на целата земја“, кој се подготвува да го погуби секого кој се прилепува за злобноста, исто како што ги уништил изопачените Содомци (1. Мојсеева 18:25). Навистина, за Божјиот народ, „стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта“ (Изреки 14:27).
5 Во овој ден на божествен суд, сите кои потполно му се предаваат на Јехова во страв никогаш да не го ожалостат, ќе ја увидат вистината што е изнесена симболички во Изреки 3:8: „Тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски“.
Да му се оддава чест на Јехова
6. Што треба да нѐ мотивира да ги послушаме Изреки 3:9?
6 Нашиот благодарен страв спрема Јехова, заедно со силната љубов кон него, треба да нѐ мотивира да ги послушаме Изреките 3:9 (Ст): „Дај му чест на Јахве со своето богатство и со првините од сиот свој прираст“. Ние не сме присилени да му даваме чест на Јехова со нашите дарови. Тие треба да бидат доброволни, како што е покажано околу 12 пати од 2. Мојсеева 35:29 до 5. Мојсеева 23:23 во врска со жртвите во древниот Израел. Овие првини за Јехова треба да бидат најдобрите дарови коишто можеме да ги понудиме, признавајќи ја добротата и љубезната доброљубивост што сме ја уживале од неговата рака (Псалм 22:6). Тие треба да ја одразат нашата решеност да ‚го бараме најнапред Царството на Бога и Неговата правда‘ (Матеј 6:33). А што произлегува од тоа што ќе му оддаваме чест на Јехова со нашите вредни работи? ‚Твоите житници ќе се исполнат до врвот, твоите бочви ќе се прелеваат од вино‘ (Соломонови изреки 3:10).
7. Кои првини треба да му ги нудиме на Јехова, и каков ќе биде исходот?
7 Првенствениот начин на кој Јехова нѐ благословува е духовен (Малахија 3:10). Затоа, и првините што му ги нудиме треба да бидат првенствено духовни. Треба да го користиме своето време, енергија и животна сила за вршење на неговата волја. Тоа, пак, ќе нѐ храни на истиот начин како што таквата активност станала зајакнувачка „храна“ за Исус (Јован 4:34). Нашите духовни житници со залиха ќе бидат наполнети, а нашата радост, симболизирана со новото вино, ќе се прелева. Освен тоа, додека со доверба се молиме за доволно материјална храна за секој ден, можеме во доволна мера дарежливо да приложуваме од нашите средства за поддршка на делото на Царството ширум светот (Матеј 6:11). Сѐ што поседуваме, вклучувајќи ги и материјалните имоти, дошле до нас од нашиот доброљубив небесен Татко. Тој ќе излие натамошни благослови до онаа мера до која ги користиме овие вредни работи на негова фалба (Изреки 11:4; 1. Коринтјаните 4:7).
Карања од љубов
8, 9. Како треба да гледаме на карањето и стегата?
8 Во стиховите 11 и 12, во 3. поглавје од Изреки повторно се зборува за радосниот однос помеѓу татко и син што постои во побожни семејства, како и помеѓу Јехова и неговите сакани духовни деца на Земјата. Читаме: „Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој, што го љуби“. Луѓето од светот го мразат карањето. Јеховиниот народ би требало радо да го прима. Апостол Павле ги цитирал овие зборови од Соломонови изреки, велејќи: „Сине мој, не презирај ја казната од Господа и не опаѓај со духот, кога те изобличува, зашто Господ го казнува оној, кого што го сака; . . . Секоја казна однапред не се покажува дека е за радост, туку за жалост; но потоа на свикнатите на неа таа ќе им принесе мирен род на праведност“ (Евреите 12:5, 6, 11).
9 Да, карањето и дисциплината се неопходен дел од обучувањето на секој од нас, без оглед дали ги добиваме преку родителите, преку христијанското собрание или кога медитираме за Библијата за време на нашето лично проучување. Слушањето на стегата претставува работа на живот и смрт, како што наведуваат и Изреки 4:1, 13: „Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте, та да се научите да ја разбирате [за да спознаете што е разбирање, НС]. Држи се здраво за поуката, не ја оставај; пази ја, бидејќи таа е твојот живот“.
Најголемата среќа
10, 11. Кои се некои фасети на убавите зборови од Изреки 3:13-18?
10 Какви прекрасни изрази следуваат сега, навистина ‚убави и точни зборови на вистината‘! (Проповедник 12:10). Овие инспирирани зборови на Соломон ја опишуваат вистинската среќа. Тоа се зборови коишто треба да си ги врежеме на нашите срца. Читаме:
11 „Блазе си му на [Среќен е, НС] човекот кој нашол мудрост, и на човекот кој добие разум. Оти, подобро е да тргуваш со неа отколку да тргуваш со сребро, и добивката од неа е подобра од злато. Поскапа е од скапоцени камења, и сите твои најмили работи не можат да се изедначат со неа. Долг живот ѝ е во десницата, а во левицата богатство и слава. Патиштата нејзини се мили патишта и сите нејзини патеки се мирни [мир, НС]. Животно дрво е за оние кои се фаќаат за неа, и секој што ќе ја држи е среќен“ (Приче Соломунове 3:13-18, ДК).
12. Како треба да ни користат мудроста и разборот?
12 Мудрост — колку често е спомнувана во книгата Изреки, вкупно 46 пати! „Почеток на мудроста е стравот Господов.“ Тоа е побожната, практична мудрост што се темели на спознанието за Божјата Реч која го оспособува неговиот народ да оди по сигурен пат низ опасните бури кои беснеат во Сатановиот свет (Изреки 9:10). Разборот, кој 19 пати се споменува во Изреките, е придружник на мудроста и ни помага да се бориме против Сатановите замисли. Во извршувањето на неговите моќни дела, големиот Противник зад себе има милениуми на искуство. Но ние имаме нешто далеку повредно од искуството на учител — божествениот разбор, способноста да се разликува исправно од погрешно и да се избере исправниот начин на постапување. Тоа е токму она за што нѐ поучува Јехова преку својата Реч (Изреки 2:10-13, НС; Ефесјаните 6:11).
13. Што може да нѐ заштити во тешки економски времиња, и како?
13 Економскиот хаос во денешниот свет претставува гласник на исполнувањето на пророштвото од Језекиил 7:19: „Среброто ќе си го исфрлаат по улици и златото нема да го почитуваат. Среброто нивно и златото нивно нема да биде во сила да ги спаси во денот на Господовата јарост“. Сето материјално богатство на Земјата не може ниту да се спореди со спасувачката моќ на мудроста и разборот. Мудриот цар Соломон изјавил во една друга прилика: „Под нејзината сенка [мудроста, НС] е исто, како под сенката на сребро; но предимството на знаење е тоа, што мудроста му дава живот на оној, што ја има“ (Проповедник 7:12). Навистина се среќни сите оние кои денес одат по Јеховините патишта на угодност и кои мудро го избираат „долгоденствието“, вечниот живот којшто е Божји дар за секого кој покажува вера во Исусовата откупна жртва! (Изреки 3:16; Јован 3:16; 17:3).
Негување на вистинска мудрост
14. На какви начини покажал Јехова примерна мудрост?
14 Прикладно е ние луѓето, кои сме создадени според Божјиот лик, да тежнееме да негуваме мудрост и разбор, особини кои самиот Јехова ги покажал во извршувањето на неговите прекрасни дела на создавање. „Господ со премудроста ја основа земјата, со разум [разбор, НС] ги утврди небесата“ (Изреки 3:19, 20). Тој почнал да прави живи суштества не преку некаков мистичен, несфатлив процес на еволуција, туку преку директни дела на создавање, секое ‚според родот свој‘ и со мудра цел (1. Мојсеева 1:25). Кога најпосле бил создаден човекот со интелигенција и способности далеку понадмоќни од оние на животните, аплаузот на ангелските Божји синови сигурно се одѕивал и се повторувал низ небесата. (Спореди Јов 38:1, 4, 7.) Јеховиното разборито предвидување, неговата мудрост и љубов јасно се гледаат во сите негови творби на Земјата (Псалм 103:24).
15. а) Зошто не е доволно само да се негува мудрост? б) Каква доверба треба да поттикнат во нас Изреки 3:25, 26?
15 Не треба само да ги негуваме Јеховините особини на мудрост и разбор, туку и да се држиме цврсто за нив, никогаш да не попуштиме во проучувањето на неговата Реч. Тој нѐ опоменува: „Синко, не ги испуштај од предвид овие работи; запази ја мудроста и разумот; тие ќе бидат живот за душата твоја и украс на вратот твој“ (Изреки 3:21, 22). Така можеме да одиме во безбедност и со душевен мир, дури и додека крадешкум се приближува денот на ‚ненадејна погибел‘ која ќе избие врз Сатановиот свет (1. Солунјаните 5:2, 3). За време на самата голема неволја „нема да се исплашиш од ненадеен страв, ниту од напад, кој доаѓа од [врз, НС] безбожниците, бидејќи Господ ќе биде на сите твои патишта и ќе ја запази ногата твоја од препнување“ (Изреки 3:23-26).
Љубов кон добродетелство
16. Каква акција се бара од христијаните покрај ревност во службата?
16 Ова се денови кога треба да се покажува ревност во проповедањето на оваа добра вест за Царството за сведоштво на сите народи. Но ова дело на сведочење мора да се поткрепи со една друга христијанска активност, како што е опишано во Изреки 3:27, 28: „Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне. Не му вели на пријателот свој: ‚Оди си и дојди пак; утре ќе ти дадам‘ кога си во состојба да му помогнеш“. (Спореди Јаков 2:14-17.) Додека поголемиот дел од светот се наоѓа во стисокот на сиромаштвото и гладот, упатени ни се итни повици да им помогнеме на нашите ближни, особено на нашите духовни браќа. Како реагирале Јеховините сведоци?
17-19. а) Каква итна потреба била задоволена во текот на 1993 и каква била реакцијата? б) Што покажува дека нашите опколени браќа ‚излегуваат потполно победоносни‘?
17 Еве еден пример: Во текот на минатата година дојде итен повик за помош од поранешна Југославија. Браќата во соседните земји одговорија на прекрасен начин. Во текот на студените зимски месеци минатата зима, повеќе конвои со помош успеаја да продрат во военото подрачје и да пренесат текушти публикации, топла облека, храна и лекови за Сведоците во неволја. Во една прилика, браќата побараа дозвола да внесат 15 тони материјална помош, но кога ја добија дозволата, таа гласеше на 30 тони! Јеховините сведоци од Австрија брзо испратија уште три шлепери. Сѐ на сѐ, 25 тони стигнаа до предвиденото одредиште. Колку беа израдувани нашите браќа што ја добија оваа обилна духовна и материјална помош!
18 Како реагираа овие приматели? Во почетокот на годинава, еден старешина напиша: „Браќата и сестрите во Сараево се живи и здрави, и што е најважно, сѐ уште се духовно јаки за да ја издржат оваа луда војна. Ситуацијата во врска со храната беше многу тешка. Нека Јехова ве благослови и награди за напорите што ги направивте за нас. Властите имаат посебно почитување спрема Јеховините сведоци заради нивниот примерен начин на живот и затоа што ги почитуваат властите. Благодарни сме и за духовната помош што ни ја доставивте“. (Спореди Псалм 144:18.)
19 Овие загрозени браќа покажаа ценење и со својата ревносна служба на проповедање. Мнозина соседи доаѓаат кај нив барајќи домашна библиска студија. Во градот Тузла, каде што беа доставени пет тони храна, тој месец 40 објавители известија во просек по 25 часа служба, како извонредна поддршка на деветтемина пионери во собранието. Тие имаа забележлив број на присутни од 243 души на Споменот на Исусовата смрт. Овие драги браќа навистина ‚излегуваат потполно победоносни преку него кој нѐ љубел‘ (Римјаните 8:37, НС).
20. Какво „изедначување“ се случило во бившиот Советски Сојуз?
20 На дарежливоста што беше покажана со големите конвои на помош во храна и топла облека што беа испратени во поранешниот Советски Сојуз исто така беше одговорено со ревноста на тамошните браќа. На пример, во Москва на Споменот годинава беа присутни 7.549 души, во споредба со 3.500 од лани. Во текот на истиот период, собранијата во тој град пораснаа од 12 на 16. Во целиот некогашен Советски Сојуз (не сметајќи ги Прибалтичките држави), порастот на собранија беше за 14 отсто, на објавители на Царството за 25 отсто и на пионери за 74 отсто. Каков дух на ревност и самопожртвуваност! Тоа нѐ потсетува на првиот век кога имало „изедначување“. Христијаните кои имале духовни и материјални добра дарежливо им дарувале на оние во места каде што владееле понеповолни прилики, а ревноста на овие загрозени браќа им донела радост и охрабрување на дарителите (2. Коринтјаните 8:14).
Мрази го злото!
21. Каква разлика се прави помеѓу мудрите и безумните во заклучните зборови од Изреки, поглавје 3?
21 Третото поглавје од Изреките понатаму ни изнесува серија од контрасти, заклучувајќи со оваа опомена: „Не завидувај му на човек што постапува насилно, и не избирај ни — еден од патиштата негови, зашто на Господа му е одвратен безбожникот, а близок е со праведникот. Проклетството Господово е врз домот на нечесниот, а живеалиштето на праведникот Бог го благословува. Над оние што се подигруваат, Он се потсмева, а на смирените [кротките, НС] им дава благодат. Мудрите ќе наследат слава, а безумните — срам“ (Изреки 3:29-35).
22. а) Како можеме да избегнеме да бидеме вброени меѓу безумните? б) Што мразат а што негуваат мудрите, и каква е наградата?
22 Како можеме да избегнеме да бидеме вброени меѓу безумните? Мораме да научиме да го мразиме злото, да, да се гнасиме од она од кое се гнаси Јехова — од сите подмолни патишта на овој насилен свет виновен за крв. (Види и Изреки 6:16-19.) Наспроти тоа, мораме да го негуваме она што е добро — исправност, праведност и кротост — за да можеме понизно и во страв од Јехова да го постигнеме „богатството, славата и животот“ (Изреки 22:4). Тоа ќе биде наградата за сите нас кои лојално ја применуваме опомената: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце“.
Како би прокоментирал?
◻ Како се применува денес мотото од оваа студија?
◻ Како можеме да му оддаваме чест на Јехова?
◻ Зошто не треба да ја потценуваме стегата?
◻ Каде се наоѓа најголемата среќа?
◻ Како можеме да го сакаме доброто а да го мразиме злото?
[Слика на страница 18]
Оние кои го даваат најдоброто од себе на жртва на Јехова ќе бидат богато благословени