Ти можеш да останеш морално чист
„Љубовта кон Бог значи ова: да ги држиме неговите заповеди“ (1. ЈОВАНОВО 5:3).
1. Каков контраст во однесувањето се гледа кај луѓето денес?
МНОГУ одамна, пророкот Малахија бил инспириран да претскаже едно време кога однесувањето на Божјиот народ ќе биде во драматичен контраст со однесувањето на луѓето кои не му служат на Бог. Пророкот напишал: „И тогаш пак ќе го разликувате праведникот од грешникот, оној, кој Му служи на Бога од оној, кој не Му служи“ (Малахија 3:18). Ова пророштво се исполнува денес. Држењето на Божјите заповеди, вклучувајќи ги и оние кои бараат морална чистота, е мудар и исправен пат на живот. Сепак, тој пат не е секогаш лесен. Исус со добра причина рекол дека христијаните мораат силно да се напрегаат за да добијат спасение (Лука 13:23, 24).
2. Кои надворешни притисоци им отежнуваат на некои да останат морално чесни?
2 Зошто е тешко да се остане морално чесен? Една причина е тоа што постојат надворешни притисоци. Индустријата за забава го прикажува недозволениот секс како нешто привлечно, угодно и зрело, додека речиси ги игнорира негативните последици од него (Ефешаните 4:17—19). Повеќето од прикажаните интимни односи се меѓу парови кои не се во брак. Честопати филмовите и телевизиските шоуа ги прикажуваат сексуалните односи во контекст на лежерни врски. Обично недостигаат топлина и заемна почит. Многумина биле изложени на такви пораки уште од детството. Освен тоа, постои и силен притисок од врсниците да се попушти на денешната попустлива морална клима, а оние кои не го прават тоа, понекогаш се исмејувани, па дури и навредувани (1. Петрово 4:4).
3. Кои се некои од причините зошто многумина во светот се впуштаат во неморал?
3 Внатрешните притисоци исто така отежнуваат да се остане морално чесен. Јехова ги создал луѓето со сексуални желби, и тие желби можат да бидат силни. Желбата во голема мера зависи од она што го мислиме, а неморалот е поврзан со размислувањето кое не е во склад со Јеховините мисли (Јаков 1:14, 15). На пример, според една неодамнешна анкета, објавена во British Medical Journal, многумина за првпат се впуштиле во сексуален однос само од љубопитство да откријат каков е сексот. Други сметале дека повеќето луѓе на нивна возраст биле сексуално активни, па затоа сакале и тие да ја изгубат својата невиност. Трети, пак, рекле дека биле понесени од своите чувства или биле „малку пијани во тоа време“. Ако сакаме да му угодиме на Бог, мораме да резонираме поинаку. Кое размислување ќе ни помогне да задржиме морална чистота?
Изгради цврсти уверувања
4. Што мораме да правиме за да останеме морално чесни?
4 За да останеме морално чесни, мораме да признаеме дека вреди да се следи еден ваков животен стил. Ова е во склад со она што им го напишал апостол Павле на христијаните во Рим: „Да се уверите која е добра и прифатлива и совршена волја Божја“ (Римјаните 12:2). Да се признае дека вреди да се биде морално чесен вклучува повеќе отколку само едноставно да се знае дека Божјата реч го осудува неморалот. Тоа вклучува да се разберат причините зошто е осуден неморалот и како можеме да извлечеме корист ако го избегнуваме. Некои од тие причини беа разгледани во претходната статија.
5. Првенствено зошто христијаните сакаат да останат морално чесни?
5 Но, всушност, најмоќните причини за да го избегнуваат сексуалниот неморал за христијаните лежат во нивниот однос со Бог. Увидовме дека тој знае што е најдобро за нас. Нашата љубов кон него ќе ни помогне да го мразиме она што е зло (Псалми 97:10). Бог е Дарител на „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Јаков 1:17). Тој нѐ љуби. Со нашата послушност кон него, покажуваме дека го сакаме и дека цениме сѐ што сторил за нас (1. Јованово 5:3). Не сакаме никогаш да предизвикаме кај Јехова разочарување и болка прекршувајќи ги неговите праведни заповеди (Псалми 78:41, NW). Ние не сакаме да постапуваме на начин кој ќе предизвика да се зборува навредливо за неговиот свет и праведен начин на обожавање (Тит 2:5; 2. Петрово 2:2). Останувајќи морално чесни, го радуваме Врховниот (Пословици 27:11).
6. На кој начин е од помош да им дадеме до знаење на другите какви се нашите морални мерила?
6 Штом сме одлучиле да останеме морално чесни, понатамошна заштита е ако тоа уверување им го кажеме на другите. Нека знаат луѓето дека ти си слуга на Јехова Бог и дека си одлучен да ги задржиш неговите високи мерила. Се работи за твој живот, твое тело и твој избор. Што е на коцка? Твојот скапоцен однос со твојот небесен Татко. Затоа, јасно дај на знаење дека твојот морален интегритет не е нешто за кое може да се преговара. Биди горд што можеш да го претставуваш Бог поддржувајќи ги неговите начела (Псалми 64:10). Никогаш немој да се срамиш да дискутираш за своите морални уверувања со другите. Отвореното зборување може да те зајакне, да те заштити и да ги охрабри другите да го следат твојот пример (1. Тимотеј 4:12).
7. Како можеме да ја задржиме својата одлучност да останеме морално чесни?
7 Потоа, откако сме одлучиле да задржиме високи морални мерила и откако сме го дале до знаење својот став, мораме да преземеме мерки да се држиме за нашата одлука. Еден начин да се прави тоа е да се биде внимателен при изборот на пријатели. „Дружи се со мудрите и ќе станеш мудар“, наведува Библијата. Дружи се со оние кои ги делат твоите морални вредности; тие ќе те зајакнат. Овој стих го вели и следново: „А кој другарува со безумниците станува лош“ (Пословици 13:20). Колку што можеш, избегнувај ги луѓето кои можат да ја ослабнат твојата решеност (1. Коринќаните 15:33).
8. а) Зошто треба да го храниме својот ум со здрави работи? б) Што треба да избегнуваме?
8 Освен тоа, треба да го храниме својот ум со работи кои се вистинити, сериозни, праведни, чесни, вредни за сакање, за кои добро се зборува, доблесни и вредни за фалба (Филипјаните 4:8). Тоа го правиме на тој начин што сме избирливи во однос на она што го гледаме и читаме и на музиката што ја слушаме. Да се каже дека неморалната литература не врши расипувачко влијание е исто како да се каже дека моралната литература нема позитивно влијание. Запомни, несовршените луѓе можат лесно да западнат во неморал. Значи, книгите, списанијата, филмовите и музиката кои ги охрабруваат сексуалните чувства ќе водат до погрешни желби, а тие пак, на крај, можат да водат до грев. За да задржиме морална чистота, мора да ги полниме своите умови со побожна мудрост (Јаков 3:17).
Чекори кои водат до неморал
9-11. Како што раскажал Соломон, кои чекори прогресивно воделе еден млад човек до неморал?
9 Честопати постојат чекори кои водат до неморал, а кои можат да се идентификуваат. Секој преземен чекор сѐ повеќе го отежнува враќањето назад. Забележи како ова е опишано во Пословици 7:6—23. Соломон забележува еден „млад човек кому му недостига срце“ (NW), т.е. добар мотив. Младиот човек ‚поминувал по улицата покрај нејзиниот [на проститутката] агол, и чекорел по патот кон нејзината куќа, во примрак, меѓу денот и вечерта‘. Тука е неговата прва грешка. Во примрак, неговото „срце“ го насочувало не кон која и да е улица туку кон улицата во која знае дека обично може да се најде проститутка.
10 Потоа читаме: „И ете, го сретна жена, облечена како блудница и со измама во срцето“. Сега тој ја здогледува! Би можел да се сврти и да си замине дома, но сега тоа е потешко од порано, особено бидејќи е морално слаб. Таа го грабнува и го бакнува. Откако го прифаќа бакнежот, сега тој го слуша нејзиното заводничко убедување: „Бев должна да принесам помирителна [заедничка, NW] жртва“, вели таа. „Денес го исполнив својот завет.“ Заедничките жртви вклучувале месо, брашно, масло и вино (Левит 19:5, 6; 22:21; Броеви 15:8—10). Спомнувајќи ги нив, можеби навестувала дека не ѝ недостига духовност и, истовремено, можеби му дала до знаење дека во нејзиниот дом има изобилство добри работи за јадење и за пиење. „Ајде“, го преколнува, „да се ситиме со нежности до утрото и да се насладуваме во љубовта.“
11 Не е тешко да се предвиди исходот. „Го одвлече со своите мазни усни.“ Тој оди по неа во нејзиниот дом „како што волот оди на кланица“ и „како птицата што влетува во клопката“. Соломон заклучува со отрезнувачките зборови: ‚Не знаејќи дека тоа ќе го чини животот‘. Се работи за неговата душа, или живот, бидејќи „Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“ (Евреите 13:4). Каква само силна лекција и за мажите и за жените! Треба да избегнуваме да ги преземеме дури и почетните чекори на патеката која води до Божје неодобрување.
12. а) Што се мисли со изразот „недостиг на срце“? б) Како можеме да изградиме морална сила?
12 Забележи дека на младиот човек од извештајот ‚му недостигало срце‘. Овој израз ни кажува дека неговите мисли, желби, склоности, емоции и цели во животот не биле во склад со она што го одобрува Бог. Неговата морална слабост водела до трагични последици. Во овие критични „последни денови“ потребен е напор за да се изгради морална сила (2. Тимотеј 3:1). Бог прави подготовки за да ни помогне. Ги обезбедува состаноците на христијанското собрание за да нѐ охрабри на правата патека и да нѐ доведе во контакт со другите кои ја имаат истата цел како нас (Евреите 10:24, 25). Има и собраниски старешини кои нѐ пасат и нѐ поучуваат за патиштата на праведноста (Ефешаните 4:11, 12). Ја имаме Божјата реч, Библијата, за да нѐ насочува и да нѐ води (2. Тимотеј 3:16). А во секое време ја имаме и приликата да се молиме Божјиот дух да ни помогне (Матеј 26:41).
Да учиме од гревовите на Давид
13, 14. Како цар Давид се впуштил во сериозен грев?
13 Но, за жал, дури и истакнати Божји слуги се вплеткале во сексуален неморал. Една таква личност бил цар Давид кој со децении верно му служел на Јехова. Несомнено тој силно го љубел Бог. Сепак, се заплеткал на патот на гревот. Како и кај младиот човек кого го опишал Соломон, имало чекори што воделе до Давидовиот грев и потоа го усложниле.
14 Во тоа време Давид бил во средни години, можеби во своите рани 50-ти. Тој ја видел од својот покрив убавата Витсавеа како се капе. Се распрашал за неа и му кажале која е таа. Открил дека нејзиниот сопруг, Уриј, учествувал во опсадата на амонскиот град Рава. Давид ја довел во својата палата и имал односи со неа. Подоцна, работите се искомплицирале — таа открила дека е бремена од Давид. Надевајќи се дека Уриј ќе ја помине ноќта со својата сопруга, Давид го вратил од војната. На тој начин би изгледало дека Уриј е татко на детето на Витсавеа. Но, Уриј не си заминал дома. Очајнички настојувајќи да го прикрие својот грев, Давид потоа пак го вратил Уриј во Рава со писмо до воениот заповедник да го постави Уриј на положба каде би бил убиен. На тој начин Уриј го загубил својот живот, а Давид се оженил со вдовицата пред да се дознае во јавноста дека таа е бремена (2. Самоил 11:1—27).
15. а) Како бил разоткриен гревот на Давид? б) Како реагирал Давид на вештиот укор од Натан?
15 Давидовата сплетка да го покрие својот грев навидум успеала. Минале месеци. Се родило дете — син. Ако Давид го имал на ум овој настан кога го компонирал Псалм 32, тогаш јасно е дека совеста го измачувала (Псалми 32:3—5). Меѓутоа, гревот не бил скриен од Бог. Библијата вели: „Делото што го направи Давид беше зло во очите на Господа“ (2. Самоил 11:27). Јехова го испратил пророкот Натан, кој вешто го соочил Давид со она што го сторил. Давид веднаш признал и го молел Јехова за простување. Неговото вистинско каење му донело помирување со Бог (2. Самоил 12:1—13). Давид не се навредил од укорот. Напротив, го покажал ставот опишан во Псалми 141:5: „Нека ме удри само праведниот — љубов е што ме укорува, тоа е масло на мојата глава“.
16. Кое предупредување и совет го дал Соломон во врска со престапите?
16 Соломон, кој бил вториот син на Давид и Витсавеа, можеби размислувал за оваа мрачна епизода од животот на својот татко. Подоцна тој напишал: „Кој ги крие своите престапи нема успех, а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост“ (Пословици 28:13). Ако западнеме во сериозен грев, треба да внимаваме на овој инспириран совет, кој во исто време е и предупредување и препорака. Треба да се исповедаме пред Јехова и да им пристапиме за помош на собраниските старешини. Старешините имаат важна одговорност да им помогнат на оние кои западнале во престап да се исправат (Јаков 5:14, 15).
Да се поднесуваат последиците од гревот
17. Иако Јехова ги простува гревовите, од што не нѐ поштедува тој?
17 Јехова му простил на Давид. Зошто? Затоа што Давид бил човек со интегритет, затоа што и самиот бил милостив кон другите, и затоа што неговото каење било вистинско. Сепак, Давид не бил заштитен од катастрофалните последици кои следеле (2. Самоил 12:9—14). Истото е случај и денес. Иако Јехова не им нанесува зло на покајниците, тој не ги поштедува од природните последици од нивните погрешни постапки (Галатите 6:7). Меѓу последиците од сексуалниот неморал можат да бидат развод, несакана бременост, некоја сексуално пренослива болест и загуба на довербата и почитта.
18. а) Според советот од Павле, како требало да постапи коринтското собрание во случајот на сериозно погрешно сексуално однесување? б) Како Јехова покажува љубов и милост кон грешниците?
18 Ако лично сериозно сме згрешиле, лесно е да се чувствуваме обесхрабрени додека ги трпиме последиците од грешките што сме ги направиле. Сепак, не треба да дозволиме ништо да не спречи да се покаеме и да се помириме со Бог. Во првиот век Павле им напишал на коринќаните дека треба да го отстранат од собранието човекот кој практикувал инцест (1. Коринќаните 5:1, 13). Откако човекот вистински се покајал, Павле го поучил собранието: „Љубезно да му простите и да го утешите [и] да ја потврдите својата љубов кон него“ (2. Коринќаните 2:5—8). Во овој инспириран совет, ја гледаме Јеховината љубов и милост кон покајничките грешници. Кога некој грешник се кае, се радуваат и ангелите на небото (Лука 15:10).
19. До какви користи може да води кога некој со право е ожалостен од погрешниот правец?
19 Иако сме ожалостени заради погрешниот правец, тоа жалење што го чувствуваме може да ни помогне да ‚не се свртиме кон неправдата‘ (Јов 36:21). Навистина, горките последици од гревот треба да нѐ одвратат да повториме некоја грешка. Освен тоа, Давид го употребил жалосното искуство кое го стекнал од своето грешно однесување за да ги советува другите. Тој рекол: „Ќе ги научам беззакониците на Твоите патишта и грешниците ќе Ти се обратуваат“ (Псалми 51:13).
Среќата доаѓа од служењето на Јехова
20. Какви користи произлегуваат од послушноста на Божјите праведни барања?
20 „Среќни се оние кои ја слушаат речта Божја и ја држат!“, рекол Исус (Лука 11:28). Послушноста на Божјите праведни барања донесува среќа сега и во бескрајната иднина. Ако сме останале морално чисти, да продолжиме по тој пат така што ќе ги искористиме сите подготовки што ги направил Јехова за да ни помогне. Ако западнеме во неморал, да црпиме храброст од сознанието дека Јехова е спремен да им прости на оние кои вистински се каат, и да бидеме одлучни никогаш да не го повториме гревот (Исаија 55:7).
21. Применувањето на која опомена од апостол Петар може да ни помогне да останеме морално чисти?
21 Наскоро овој неправеден свет ќе помине, заедно со сите негови неморални ставови и практики. Задржувајќи морална чесност, ќе извлечеме корист сега и засекогаш. Апостол Петар напишал: „Љубени, бидејќи ги очекувате овие работи, сторете сѐ што можете за тој на крајот да ве најде без дамка и без петно и во мир . . . имајќи го однапред ова спознание, чувајте се да не бидете одвлечени со нив преку заблудата на луѓето кои му пркосат на законот, и да не отпаднете од својата постојаност“ (2. Петрово 3:14, 17).
Можеш ли да објасниш?
• Зошто може да биде тешко да се остане морално чист?
• Кои се некои начини да ја поддржиме својата одлучност да следиме високи морални мерила?
• Кои лекции можеме да ги извлечеме од гревовите на младиот човек кого го спомнал Соломон?
• Што учиме од примерот на Давид во врска со каењето?
[Слика на страница 13]
Заштита е ако им го кажеш на другите својот став во врска со моралот
[Слики на страници 16 и 17]
Поради тоа што Давид искрено се покајал, Јехова му простил