Стекни мудрост и прифати стега
ЈЕХОВА БОГ е Големиот Поучувач на својот народ. Тој го школува не само за себе туку и за животот (Исаија 30:20; 54:13; Псалм 26:11). На пример, на израелската нација Јехова ѝ дал пророци, Левити — посебно свештениците — како и други мудри луѓе за да служат како учители (2. Летописи 35:3; Јеремија 18:18). Пророците го поучувале народот за Божјите намери и особини и го изложувале исправниот правец. Свештениците и Левитите имале одговорност да поучуваат за Јеховиниот закон. А мудрите луѓе, т. е. старешините, давале здрав совет за работи од секојдневниот живот.
Меѓу мудрите мажи во Израел се истакнувал Давидовиот син, Соломон (3. Царства 4:30, 31). Откако ги видела неговата слава и неговото богатство, царицата од Саба, која била еден од најистакнатите посетители, признала: „Мене ни половината не ми беше речено; мудрост и богатство ти имаш повеќе отколку што сум слушала“ (3. Царства 10:7). Во што била тајната на Соломоновата мудрост? Во времето кога станал цар на Израел, во 1037 пр. н. е., Соломон се молел за „мудрост и спознание“ (NW). Задоволен од таквото барање, Јехова му дал спознание, мудрост и срце полно со разбирање (2. Летописи 1:10—12; 3. Царства 3:12). Не е ни чудо што Соломон кажал „три илјади мудри изреки“! (3. Царства 4:32). Некои од нив, како и ‚зборовите на Агур‘ и на „царот Лемуил“ биле запишани во библиската книга Изреки (Изреки 30:1; 31:1). Вистините изнесени во овие изреки ја одразуваат Божјата мудрост и се вечни (3. Царства 10:23, 24). За секој кој посакува среќен и успешен живот, тие денес се исто толку неопходни колку и во времето кога биле првпат кажани.
Успех и морална чистота — како?
Целта на книгата Изреки е објаснета во нејзините уводни зборови: „Изреки на Соломон, син Давидов, цар на Израел, за човек да ја запознае мудроста и стегата, за да ги проникне зборовите на разбирањето, за да ја добие стегата која дава увид, праведност и суд и чесност, за да им даде на неискусните остроумност, на младиот човек спознание и способност за размислување“ (Изреки 1:1—4, NW).
За каква само возвишена намера треба да служат ‚изреките на Соломон‘! Тие се ‚за да се запознае мудроста и стегата‘. Мудроста вклучува согледување на работите онакви какви што се и користење на тоа спознание за да се решат проблемите, да се постигнат целите, да се избегнат или отстранат опасностите, или да им се помогне на другите да го прават тоа. „Во книгата Изреки“, наведува еден прирачник, „,мудроста‘ означува вешто живеење — способност да се прави мудар избор и да се живее успешно.“ Колку само е важно да се стекне мудрост! (Изреки 4:7).
Изреките на Соломон даваат и стега. Дали ни е потребна ваква обука? Во Писмото стегата ја пренесува смислата на исправање, укор, односно строга казна. Според еден библиски изучувач, таа „означува обука од морална природа, вклучувајќи и исправање на своеглавоста која води кон лудост“. Стегата, било да е самонаметната или спроведена од другите, не само што нѐ спречува да се впуштиме во престапување, туку и нѐ мотивира да се промениме на подобро. Да, доколку сакаме да останеме морално чисти, потребна ни е стега.
Значи, целта на изреките е двојна — да пренесат мудрост и да дадат стега. Моралната стега и умствената способност имаат бројни фасети. На пример, праведноста и правдата се морални особини и ни помагаат да се придржуваме кон Јеховините високи мерила.
Мудроста е смеса од многу фактори, во кои спаѓаат разбирањето, увидот, остроумноста и способноста за размислување. Разбирањето е способност да се проникне во некоја работа и да се распознае нејзиниот состав така што ќе се разбере поврзаноста меѓу нејзините делови и целината, и на тој начин ќе се сфати нејзината смисла. Увидот изискува познавање на причините и разбирање зошто извесен правец е исправен или погрешен. На пример, човекот кој има разбирање може да распознае кога некој се стреми во погрешен правец и може веднаш да го предупреди на опасноста. Но, за да сфати зошто лицето тежнее кон тој правец и за да изнајде најделотворен начин да го спаси, потребен му е увид.
Остроумните луѓе се претпазливи — не лековерни (Изреки 14:15, NW). Тие се способни да го предвидат злото и да се подготват за него. Мудроста, пак, ни овозможува да формулираме здрави мисли и идеи кои даваат смисловен правец во животот. Проучувањето на библиските изреки е навистина наградувачко бидејќи тие се запишани за да ја спознаеме мудроста и стегата. Дури и „неискусните“ кои внимаваат на изреките ќе стекнат остроумност, а „младиот човек“ — спознание и способност за размислување.
Изреки за мудрите
Меѓутоа, библиските изреки не се само за неискусните и за младите. Тие се за секој кој е доволно мудар да слуша. „Ако мудриот слуша, ќе ги умножи знаењата свои“, вели цар Соломон, „и разумниот [човекот кој има разбирање, NW] ќе најде мудри совети, за да разбира мудра изрека и длабок збор [загатка, NW], зборовите на мудреците и нивните гатанки“ (Изреки 1:5, 6). Лицето кое веќе стекнало мудрост ќе научи уште повеќе ако внимава на изреките, а човек кој има разбирање ќе ја изостри способноста успешно да се води во својот живот.
Изреката честопати изразува некоја длабока вистина само со неколку зборови. Една библиска изрека може да е во облик на загатка (Изреки 1:17—19). Некои изреки се гатанки — збунувачки и замрсени изјави кои бараат расплет. Една изрека може да содржи и споредби, метафори и други стилски фигури. За да се разберат, потребно е време и медитирање. Соломон, составувачот на толку многу изреки, сигурно ги сфаќал нијансите на разбирање на изреката. Во книгата Изреки, тој се зафаќа со задачата да им ја пренесе таа способност на своите читатели, нешто на кое мудрото лице ќе сака да обрне внимание.
Почеток кој води до целта
Како некој почнува да се стреми кон мудрост и стега? Соломон одговара: „Стравот од Јехова е почеток на спознанието . . . Само лудите ги презираат мудроста и стегата“ (Изреки 1:7, NW). Спознанието почнува со стравот од Јехова. Без спознание не може да се има мудрост или стега. Значи, стравот од Јехова е почеток на мудроста и на стегата (Изреки 9:10; 15:33).
Стравот од Бог не е болен уплав од него. Напротив, тој претставува длабока почит и стравопочит. Без овој страв не може да се има вистинско спознание. Животот е од Јехова Бог, и, секако, животот е неопходен за да имаме какво и да било спознание (Псалм 35:9; Дела 17:25, 28). Освен тоа, Бог создал сѐ; значи целокупното човечко спознание се темели на проучување на неговата ракотворба (Псалм 18:1, 2; Откровение 4:11). Бог ја инспирирал и својата напишана Реч која е ‚полезна за поука, за изобличување, поправање, и поучување [давање стега, NW] во правдата‘ (2. Тимотеј 3:16, 17). Според тоа, средишна точка на целокупното вистинско спознание е Јехова, и лицето кое го бара, мора да има побожен страв од него.
Од колкава вредност се човечкото спознание и световната мудрост без страв од Бог? Апостол Павле напишал: „Каде е мудрецот? Каде е книжникот? Каде е препирачот од овој век? Не ја обезуми ли Бог мудроста на овој свет?“ (1. Коринтјаните 1:20). При недостиг на побожен страв, лицето кое е мудро од световна гледна точка изведува погрешни заклучоци од познатите факти и излегува ‚глупав‘.
„Украс за вратот твој“
Потоа мудриот цар му се обраќа на младичот: „Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си, зашто тоа е красен венец за главата твоја и украс за вратот твој“ (Изреки 1:8, 9).
На родителите во древниот Израел им била дадена одговорност од Бог да ги поучуваат своите деца. Мојсеј ги поттикнал татковците: „Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:6, 7). И мајките имале прилично влијание. Во рамките на авторитетот на својот сопруг, еврејската сопруга можела да го спроведе семејниот закон.
Всушност, во целата Библија семејството е основна единка за пренесување образование (Ефесјаните 6:1—3). Кога децата се послушни на своите родители верници, тоа е како да се фигуративно украсени со декоративен венец на привлечност и украс на чест.
‚Го одзема животот на оној кој го зграбил‘
Пред да го испрати во Соединетите Држави на повисоко образование, еден татко од Азија го советувал својот 16-годишен син да нема работа со лоши луѓе. Овој совет одѕвонува во предупредувањето на Соломон: „Синко, ако те мамат грешници, не попуштај“ (Изреки 1:10). Меѓутоа, Соломон точно го одредува мамецот што го користат тие: „Ако кажат: ‚Дојди со нас, да направиме заседа за убиство, да го пречекаме непорочниот без вина, жив да го голтнеме, како што голта пеколот, и цел како оној што слегува во гроб; да си натрупаме секаков скапоцен имот, да ги наполниме куќите наши со плен; ти ќе фрлаш жреб заедно со нас, една торба ќе има за сите нас‘“ (Изреки 1:11—14).
Јасно, мамецот е богатството. Врз основа на брзото заработување, „грешниците“ ги мамат другите да се впуштат во нивните насилнички или неправедни сплетки. Овие злобници не се колебаат заради материјална добивка да пролеат крв. Тие ‚ја голтаат својата жртва жива како пеколот, и цела‘, одземајќи ѝ сѐ што има, исто како што гробот го прима целото тело. Нивната покана е кон една кариера на криминал — тие сакаат ‚да ги наполнат куќите нивни со плен‘, и сакаат неискусниот да ‚фрла жреб заедно со нив‘. Какво само навремено предупредување е ова за нас! Зарем бандите младинци и дилерите со дрога не користат слични методи за придобивање нови членови? Зарем ветувањето за брзо збогатување не е искушение при многу сомнителни деловни понуди?
„Синко“, советува мудриот цар, „не оди на пат со нив, задржи си ја ногата од патеките нивни, зашто нозете нивни трчаат кон злото и брзаат крв да пролеваат.“ Предвидувајќи го нивниот катастрофален крај, тој додава: „Напразно се распнува мрежа пред птици. Но тие прават заседа против крвта своја, демнат против душите свои. Такви се патиштата на секого, кој е алчен за туѓ имот: тоа му го одзема животот на оној, што го заграбил“ (Изреки 1:15—19).
„Кој е алчен за туѓ имот“ ќе загине на својот пат. Токму таа заседа која злите им ја поставуваат на другите ќе стане замка за самите нив. Дали намерните злосторници ќе го променат својот правец? Не. Иако мрежата може во целост да се гледа, сепак, птиците — суштествата „кои имаат крила“ — летаат право кон неа. На сличен начин, злобните, заслепени од својата алчност, продолжуваат со своите злосторнички дела, иако порано или подоцна ќе бидат фатени.
Кој ќе го послуша гласот на мудроста?
Дали всушност сите грешници се свесни дека нивниот правец е катастрофален? Дали биле предупредени за исходот на своите патишта? Незнаењето не е изговор, зашто една многу остра порака се објавува на јавни места.
Соломон изјавува: „Премудроста говори високо на улицата, го крева гласот свој по плоштадите, проповеда во главните места на собирите, при влезовите на градските порти смело говори“ (Изреки 1:20, 21). Мудроста јасно и гласно говори на јавни места за да чујат сите. Во древниот Израел, постарите мажи давале мудар совет и донесувале судски одлуки на градските порти. За нас Јехова предизвикал вистинската мудрост да биде запишана во неговата Реч, Библијата, која е нашироко достапна. А неговите денешни слуги се зафатени со јавното објавување на неговата порака насекаде. Бог навистина ја објавил мудроста пред сите.
Што вели вистинската мудрост? Следново: „До кога, незналци, ќе го сакате незнаењето? До кога бујните [исмејувачите, NW] ќе се насладуваат со бујноста [исмејувањето, NW] . . . Јас викав, а вие не послушавте; изговарав зборови, но вие не внимававте“. Глупавите не внимаваат на гласот на мудроста. Како последица на тоа, „ќе јадат од плодовите на своите патишта“. Нивната ‚упорност и негрижа ќе ги погуби‘ (Изреки 1:22—32).
Но, што е со оној кој одвоил време да го послуша гласот на мудроста? „Ќе живее безопасно и спокојно, не плашејќи се од злото“ (Изреки 1:33). Биди и ти меѓу оние кои ќе стекнат мудрост и ќе прифатат стега со тоа што ќе внимаваш на библиските изреки.
[Слика на страница 15]
Вистинската мудрост е нашироко достапна