‚Преку мудроста ќе ни се множат деновите‘
КОЈ би одрекол дека мудроста е незаменлива кога станува збор за справувањето со животните проблеми? Вистинската мудрост е способност исправно да се употреби спознанието и разбирањето. Таа е сосема спротивна на безумноста, глупоста и лудоста. Затоа Писмото нѐ поттикнува да стекнеме мудрост (Пословици 4:7). Всушност, библиската книга Пословици првенствено била напишана за да даде мудрост и дисциплина. Нејзините уводни зборови гласат: „Мудри пословици на Соломон, Давидовиот син, израелскиот цар: за да се сознае мудроста и поуката [дисциплината, NW]“ (Пословици 1:1, 2).
На пример, разгледај ги здравите учења од првите неколку поглавја од Пословици. Слично на еден љубезен татко кој го поттикнува својот син, Соломон ги преколнува своите читатели да ја прифатат дисциплината и да обрнат внимание на мудроста (поглавја 1 и 2). Тој ни покажува како да негуваме присност со Јехова и како да го сочуваме срцето (поглавја 3 и 4). Опоменати сме да останеме морално чисти (поглавја 5 и 6). Да, од непроценлива вредност за нас е разоткривањето на методата на постапување на една неморална личност (поглавје 7). И колку само е привлечен за секого повикот на персонифицираната мудрост! (поглавје 8). Пред да премине на концизните поединечни пословици во последните поглавја, цар Соломон изнесува едно поттикнувачко резиме на она за кое дотогаш дискутирал (поглавје 9).
‚Дојдете, јадете од мојот леб и пијте од моето вино‘
Заклучокот на првиот дел од Пословици не е некакво суво резиме што дава само еден краток преглед на претходно спомнатите совети. Напротив, тој е претставен како една возбудлива и трогателна илустрација која го мотивира читателот да се стреми кон мудрост.
Деветтото поглавје од библиската книга Пословици започнува со зборовите: „Мудроста си изгради дом и изделка седум столбови“ (Пословици 9:1). Терминот „седум столбови“, сугерира еден изучувач, „укажува на дворец изграден околу еден двор, структура што ја држат по три столба на секоја страна и еден во средината на третата страна која гледа кон отворениот простор и е влез“. Како и да е, вистинската мудрост изградила стабилен дом за прием на многу гости.
Сѐ е подготвено за гозба. Месото е сервирано, како и виното. Мудроста лично посветила внимание на готвењето на оброкот и на поставувањето на трпезата. „Ги искла своите животни, го измеша своето вино и го сложи својот стол“ (Пословици 9:2). Изгледа дека на оваа фигуративна трпеза стои на располагање духовно просветлувачка храна која заслужува грижливо внимание (Исаија 55:1, 2).
Кој е поканет на гозбата што ја подготвува вистинската мудрост? „Ги испрати своите слугинки да објават од градските височини: ‚Кој е глупав [неискусен, NW], нека наврати ваму!‘ А на неразумните [оние на кои им недостига срце, NW] говори: ‚Дојдете, јадете од мојот леб и пијте вино, што го измешав; оставете ја лудоста, за да живеете, и одете по патот на разумот‘“ (Пословици 9:3-6).
Мудроста ги испраќа своите девојки да канат. Тие одат на јавните места каде што можат да повикаат најголем број луѓе. Поканети се сите — оние на кои им „недостига срце“, односно оние на кои им недостига разбирање, како и оние на кои им недостига искуство (Пословици 9:4). Ним им е дадено ветување за живот. Секако, мудроста која се наоѓа во Божјата реч, вклучувајќи ја и онаа во книгата Пословици, скоро секому му е достапна. Денес, како гласници на вистинската мудрост, Јеховините сведоци зафатени се со повикување на луѓето, секаде каде што можат да ги најдат, да ја проучуваат Библијата. Всушност, примањето на ова спознание може да води до вечен живот (Јован 17:3).
Христијаните мораат понизно да ја прифатат дисциплината на мудроста. Ова е случај особено со младите и со оние што од неодамна почнале да учат за Јехова. Поради ограниченото искуство на Божјите патишта, можеби ним им „недостига срце“. Тоа не значи дека сите нивни мотиви се лоши, туку дека е потребно време и напор да се доведе срцето во состојба која му е вистински угодна на Јехова Бог. Ова бара мислите, желбите, склоностите и целите да се доведат во согласност со она што Бог го одобрува. Колку е животоважно да ‚развијат копнеж по неизвалканото млеко кое ѝ припаѓа на речта‘ (1. Петрово 2:2).
Зар не треба сите ние, всушност, да одиме над „основната наука“? Секако дека треба да развиеме интерес за „длабоките работи Божји“ и да го црпиме она што е хранливо од цврстата храна што им припаѓа на зрелите луѓе (Евреите 5:12—6:1; 1. Коринќаните 2:10). „Верниот и разборит роб“, кого директно го надгледува Исус Христос, марливо обезбедува навремена духовна храна за сите (Матеј 24:45-47). Да се гоштаваме на трпезата на мудроста на тој начин што марливо ќе ја проучуваме Божјата реч и публикациите темелени на Библијата кои ги обезбедува класата на робот.
„Не изобличувај го потсмевачот“
Учењата на мудроста вклучуваат, исто така, исправање и укорување. Ова обележје на мудроста не го прифаќаат спремно баш сите. Затоа, завршницата на првиот дел од книгата Пословици содржи предупредување: „Кој поучува подбивач, добива срам, и кој кори нечесен, се валка себеси. Не изобличувај го потсмевачот, за да не те замрази“ (Пословици 9:7, 8а).
Потсмевачот насобира огорченост и омраза кон оној што се обидува да му помогне да го исправи својот пат. На злобниот му недостига ценење за вредноста на укорот. Колку само е немудро да се обидуваме да поучуваме за прекрасната вистина од Божјата реч некого кој ја мрази вистината или едноставно гледа да ја исмее! Кога проповедал во Антиохија, апостол Павле наишол на група Евреи кои немале љубов кон вистината. Тие се обидувале да го вмешаат во расправија со тоа што богохулно му противречеле, но Павле едноставно навел: „Поради тоа што вие ја отфрлате [Божјата реч] и не се сметате достојни за вечен живот, еве, се свртуваме кон нациите“ (Дела 13:45, 46).
Во нашето настојување со добрата вест за Царството да ги достигнеме луѓето со искрени срца, да внимаваме да не се впуштаме во дебати и расправии со потсмевачи. Христос Исус ги поучил своите ученици: „Кога влегувате во куќата, поздравете го домаќинството; и ако куќата заслужува, нека дојде на неа мирот кој ѝ го посакувате; но ако не го заслужува, вашиот мир нека ви се врати вам. Таму каде што никој не ве прима или не ги слуша вашите зборови, излегувајќи од таа куќа или од тој град истресете го правот од своите нозе“ (Матеј 10:12-14).
На укорот мудриот реагира спротивно на потсмевачот. Соломон вели: „Кори го мудриот за да те засака. Поучи го мудриот, и ќе биде уште помудар“ (Пословици 9:8б, 9а). Мудриот знае дека „ниедна дисциплина во моментот не изгледа дека е радост, туку жалост; но на оние што се обучени со неа потоа им донесува мирољубив плод, имено праведност“ (Евреите 12:11). Иако советот можеби изгледа болно, зошто да возвраќаме со иста мера или да заземаме одбранбен став ако прифаќањето на истиот ќе нѐ направи помудри?
„Упати го праведниот, и ќе се зголеми неговото знаење“, продолжува мудриот цар (Пословици 9:9б). Никој не е премудар или престар за да продолжи со учење. Колку е само восхитувачки да се види како дури и лица во поодминати години ја прифаќаат вистината и му се предаваат на Јехова! Да настојуваме и ние да ја задржиме желбата да учиме и да го одржуваме умот активен.
‚Ќе ти се намножат годините на животот‘
Подвлекувајќи ја главната поента на темата која се разгледува, Соломон вклучува и еден неопходен предуслов за мудроста. Тој пишува: „Стравот од Господа е почеток на мудроста и познавањето на Светиот е разум [разбирањето, NW]“ (Пословици 9:10). Не може да постои побожна мудрост без длабока, побожна страхопочит кон вистинскиот Бог. Умот на едно лице може да биде полн со знаење, но ако му недостига страв од Јехова, нема да го користи тоа знаење на начин што ќе му донесе чест на Творецот. Може дури и да извлекува погрешни заклучоци од познати факти, правејќи се самиот да изгледа глупав. Освен тоа, спознанието за Јехова, Светиот, е неопходно за да се стекне разбирање — истакната карактеристика на мудроста.
Какви плодови донесува мудроста? (Пословици 8:12-21, 35). Царот на Израел вели: „Преку Мене ти се умножуваат деновите и ти се множат годините на животот“ (Пословици 9:11). Должината на деновите и годините на животот се резултат на дружењето со мудроста. Да, „мудроста дава живот на оној што ја има“ (Проповедник 7:12).
Вложувањето напори за да стекнеме мудрост е наша лична одговорност. Нагласувајќи го овој факт, Соломон вели: „Ако си мудар, за себе си мудар; ако бидеш потсмевач, самиот ќе поднесуваш“ (Пословици 9:12). Мудриот е мудар на своја сопствена корист, а потсмевачот е самиот виновен за сопственото страдање. Навистина, го жнееме она што сме го посеале. Затоа, да ‚обрнеме внимание на мудроста‘ (Пословици 2:2, NW).
„Безумната жена е немирна“
Како спротивност, Соломон понатаму вели: „Безумната жена е немирна, проста е и не знае ништо. Седи при вратата на својата куќа на столица, во градските височини, па ги повикува оние, кои поминуваат по патот, кои одат право по своите патеки: ‚Кој е неискусен, нека наврати ваму!‘“ (Пословици 9:13—16а).
Безумноста е прикажана како една бучна, невоздржана и проста жена. И таа изградила куќа. И се нафатила да ги повикува сите кои се неискусни. Така, минувачите имаат избор. Дали ќе ја прифатат поканата на мудроста или поканата на безумноста?
„Крадената вода е слатка“
И мудроста и безумноста ги канат слушателите: ‚Навратете ваму!‘. Меѓутоа, она што го нудат е различно. Мудроста ги кани луѓето на гозба со вино, месо и леб. Привлечните работи што ги нуди безумноста нѐ потсетуваат на патиштата на распуштена жена. Соломон вели: „На неразумниот му говори: ‚Крадената вода е слатка, и пријатно е да се јаде леб скришно‘“ (Пословици 9:16б, 17).
Наместо мешано вино, „госпоѓа лудост“ нуди крадена вода (Пословици 9:13, Стварност). Во Писмото, сексуалното уживање со саканата сопруга е споредено со пиење освежувачка вода (Пословици 5:15-17). Значи, крадената вода ги претставува неморалните сексуални односи кои се вршат тајно. Таквата вода се претставува слатка — подобра од вино — бидејќи е крадена и ја пренесува идејата некој да се извлече од некоја ситуација без казна. Тајниот леб се прикажува повкусен од лебот и месото на мудроста само затоа што е добиен со нечесни средства. Да се гледа на она што е забрането и тајно како на нешто привлечно е показател на безумност.
Додека поканата на мудроста го вклучува ветувањето за живот, жената на безумноста не ги спомнува последиците од следењето на нејзините патишта. Но, Соломон предупредува: „А тој не знае дека мртвите се таму, дека нејзините гости се во длабочините на пеколот“ (Пословици 9:18). „Куќата на Госпоѓа Лудост не е дом туку мавзолеј“, пишува еден изучувач. „Ако влезеш во него нема жив да излезеш.“ Водењето неморален начин на живот не е мудро; тоа е смртоносно.
Исус Христос рекол: „Влезете низ тесната порта; бидејќи широк е и простран патот што води во уништување, и мнозина се оние што одат по него; додека тесна е портата и тесен патот што води во живот, и малцина се оние што го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14). Да се храниме секогаш од трпезата на мудроста и да бидеме меѓу оние што се наоѓаат на патот што води во живот.
[Слика на страница 31]
Мудрото лице спремно прифаќа исправка
[Слика на страница 31]
Стекнувањето мудрост е лична одговорност