Посеј праведност, пожнеј ја Божјата оддадена љубезност
„МНОГУ лошо поминува оној што дава гаранција за туѓинец, а без страв е кој го мрази ракувањето“ (Пословици 11:15, NW). Колку убедливо поттикнува оваа концизна пословица на одговорни постапки! Биди му сопотписник на некој ризичен заемопримач и ќе си создадеш проблеми! Избегнувај ракување — гест што служел како потпис при некој договор во древниот Израел — и нема да се фатиш во финансиска замка.
Очигледно, начелото што овде е применето е: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатите 6:7). „Сејте правда“, изјавил пророкот Осија, „ќе пожнеете љубов [оддадена љубезност, NW]“ (Осија 10:12). Да, посеј правда така што ќе ги правиш работите на Божји начин и пожнеј ја неговата оддадена љубезност. Користејќи го ова начело честопати, израелскиот цар Соломон силно поттикнува на правилни постапки, чист говор и исправно однесување и чувства. Ако одблизу ги испитаме неговите зборови на мудрост, тоа навистина ќе нѐ охрабри да сееме семе во праведност (Пословици 11:15—31).
Посеј ‚шарм‘, пожнеј „слава“
„Благочестивата жена [Жената со шарм, NW] придобива слава, а трудољубивите мажи [тираните, NW] богатство“ (Пословици 11:16). Овој стих ја подвлекува разликата помеѓу долготрајната слава што една жена со шарм, „добра жена“(ПСП), може да ја добие, и минливото богатство што го стекнуваат тираните.
Како може некој да развива шарм од кој произлегува слава? „Запази ги разумот и здравото расудување [практичната мудрост и способноста за размислување, NW]; и ќе биде . . . украс на твојот врат“ (Пословици 3:21, 22). А, псалмистот зборува за ‚милина што се разлева по усните на царот‘ (Псалм 45:1, 2). Да, практичната мудрост, способноста за размислување и исправното користење на јазикот придонесуваат за вредноста и шармот на една личност. Ова секако важи за една жена што е разборита. Пример за тоа е Авигеја, жената на немудриот Навал. Таа била „убава и многу умна [разборита, NW], и цар Давид ја пофалил заради нејзината „мудрост“ (1. Самоил 25:3, 33).
Една побожна жена што има вистински шарм сигурно ќе добие слава. Другите ќе зборуваат добро за неа. Ако е мажена, ќе стекне слава во очите на својот сопруг. Всушност, таа ќе му донесе слава на целото семејство. И, нејзината слава не е краткотрајна. „Добро име е подобро од големо богатство, и подобра е милоста од сребро и злато“ (Пословици 22:1). Доброто име што го стекнува кај Бог има трајна вредност.
Ситуацијата е сосема поинаква за тиранинот, ‚силникот‘ (Пословици 11:16, Бакотиќ). Тиранинот е ставен во иста категорија со злобните и со противниците на Јеховините обожаватели (Јов 6:23; 27:13). Таквиот човек ‚го нема Бога пред себе‘ (Псалм 54:3). Со тоа што ги потиснува и себично ги искористува невините, таквото лице може да „натрупа и сребро како прав“ (Јов 27:16). Сепак, некогаш може да си легне и да не стане, и секој ден кога ги отвора очите може да му биде последен (Јов 27:19). Тогаш сето негово богатство и сите негови постигнувања нема да значат ништо (Лука 12:16—21).
Колку важна лекција нѐ учи Пословици 11:16! Со тоа што јасно изложил пред нас што ќе биде жетвата од шармот и од тиранијата, царот на Израел нѐ поттикнува да сееме праведност.
„Оддадената љубезност“ донесува награди
Учејќи нѐ уште една лекција за човечките односи, Соломон вели: „Милостивиот човек [Човекот од оддадена љубезност, NW] сам си прави добро, а жестокиот го измачува сопственото тело“ (Пословици 11:17). „Смислата на пословицата“, вели еден изучувач, „е дека нечие однесување спрема другите, сеедно дали е добро или лошо, има ненамерни или неочекувани последици и за него самиот.“ Размисли за една млада жена по име Лиса.a Иако е добронамерна, таа секогаш доцни на договорените термини. За неа не е необично да доцни 30 минути или повеќе кога има закажано за проповедничкото дело со други објавители на Царството. Лиса не си прави добро себеси. Може ли да ги обвинува другите ако се уморат од тоа да губат скапоцено време и ако избегнуваат и понатаму да се договараат со неа?
Еден перфекционист — некој што поставува претерано високи мерила за успех — исто така е суров кон себеси. Ако секогаш неуморно се стреми да задоволи недостижни цели, тој се изложува на исцрпеност и разочарување. Од друга страна, постапуваме добро со себе кога си поставуваме реални и разумни цели. Можеби не ги сфаќаме работите толку брзо како другите. Или, пак, можеби болеста или староста ни наметнале ограничувања. Никогаш да не се вознемируваме поради нашиот духовен напредок туку да продолжиме секогаш да покажуваме разумност во справувањето со нашите ограничувања. Среќни сме кога ‚даваме сѐ од себе‘ во рамките на нашите можности (2. Тимотеј 2:15; Филипјаните 4:5).
Објаснувајќи понатаму во детали за тоа како праведниот човек извлекува корист додека суровиот се повредува себеси, мудриот цар изјавува: „Нечесниот човек придобива измамлива печалба, а кој сее правда, има сигурна награда. Кој е цврст во справедливоста, оди во живот, а кој трчи по злото, за смрт му е. Одвратни му се на Господа нечесните во срцето, а непорочните во патот му се благоугодни. Навистина, зол човек не ќе помине без казна, а потомството на праведникот ќе се избави“ (Пословици 11:18—21).
На различни начини овие стихови ја нагласуваат оваа основна поента: Сеј праведност и жнеј ги нејзините награди. Злобниот можеби ќе прибегне кон измама или коцкање за да извлече нешто од ништо. Бидејќи таквата печалба е лажна, може да го чека разочарување. Оној што работи чесно има сигурна награда затоа што има сигурност. Имајќи го Божјето одобрување, непорочниот го очекува живот. Но, како ќе помине злобниот човек? „Навистина“, злобниот со своите предавничките сплетки нема никако да ја избегне казната (Пословици 2:21, 22). Колку само прекрасен поттик да сееме праведност!
Вистинската убавина на онаа што е разумна
„Златна обетка на носот на свињата: таква е убава жена а без разум“, продолжува Соломон (Пословици 11:22). Обетките за нос биле популарен накит во библиски времиња. Златна обетка за нос протната низ носницата или низ носната преграда би била лесно забележлив накит на една жена. Колку несоодветно би било еден толку убав украс да се стави на рилка на свиња! Тоа е слично на некој што надворешно е убав, но му фали „разум“. Накитот едноставно не му доликува на таквото лице, сеедно дали е машко или женско. Не е на место — воопшто не изгледа вкусно.
Се разбира, нормално е да се интересираме за тоа како им изгледаме на другите. Но, зошто да бидеме претерано загрижени или незадоволни со своето лице или тело? Ние немаме контрола над многу аспекти од нашиот изглед. И, физичкиот изглед не е сѐ. Зарем не е вистина дека повеќето луѓе што ни се допаѓаат и на кои им се восхитуваме изгледаат доста обично? Физичката привлечност не е клучот за среќа. Она што навистина е важно е внатрешната убавина на трајни побожни особини. Тогаш, да бидеме разумни и да развиваме такви особини.
„Дарежливата душа ќе биде наситена“
„Праведничката желба е само добро“, изјавува цар Соломон, „а очекувањето на нечесните гнев“. Илустрирајќи зошто е тоа така, тој додава: „Кој дели изобилно, сѐ повеќе има, а кој скржави сѐ е посиромашен“ (Пословици 11:23, 24).
Додека марливо го делиме — го пренесуваме на другите — спознанието од Божјата реч, сигурно го подобруваме нашето разбирање за нејзината ‚ширина и должина и висина и длабочина‘ (Ефешаните 3:18). Од друга страна, оној што допушта неговото спознание да остане неискористено е во опасност да го изгуби она што го има. Да, „кој скудно сее, скудно и ќе жнее; а кој обилно сее, обилно и ќе жнее“ (2. Коринќаните 9:6).
„Добротворната [Дарежливата, NW] душа ќе биде наситена [ќе успее]“, продолжува царот, „и кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен“ (Пословици 11:25, ПСП). Кога дарежливо ги користиме времето и средствата за унапредување на вистинското обожавање, Јехова е многу задоволен со нас (Евреите 13:15, 16). Тој ‚ќе ги отвори небесните брани и ќе излее врз нас благослов со полна мерка‘ (Малахија 3:10). Погледни го само духовниот напредок на неговите слуги денес!
Давајќи уште еден пример за спротивните желби на праведните и на злобните, Соломон вели: „Кој не дава жито, народот го колне, а благословот е над главата на оној што го продава“ (Пословици 11:26). Да се купуваат стоки по ниски цени и да се држат додека резервите не се намалат и цените не се зголемат, може да биде профитабилно. Иако од ограничената потрошувачка и чувањето резерви може да произлезе некоја корист, луѓето во глобала го презираат лицето што го прави тоа од себични причини. Од друга страна, оној што се воздржува да прави големи профити искористувајќи некоја неповолна ситуација, ја стекнува благонаклоноста на луѓето.
Охрабрувајќи нѐ да продолжиме да го посакуваме она што е добро, или праведно, царот на Израел вели: „Кој се стреми по добро, наоѓа милост, а кој оди по злото, тоа ќе го снајде. Кој се надева на богатство, пропаѓа, а праведните ќе цветаат како зелено лисје“ (Пословици 11:27, 28).
Мудриот придобива души
Покажувајќи како немудрите постапки имаат лоши последици, Соломон изјавува: „Кој ја запустува својата куќа, ќе наследи ветер“ (Пословици 11:29а). Престапите на Ахан му донеле ‚запустување‘, и тој и членовите на неговото семејство биле каменувани на смрт (Исус Навин, поглавје 7). Денес, главата на едно христијанско домаќинство и другите во неговото семејство може да бидат вовлечени во престапување и како резултат на тоа да бидат исклучени од христијанското собрание. Со тоа што лично пропушта да се подложува на Божјите заповеди и со тоа што го толерира сериозното престапување во неговото семејство, еден маж ја запустува својата куќа. Тој, а можеби и другите во неговото семејство, се отфрлени од христијанското друштво како непокајнички престапници (1. Коринќаните 5:11—13). И што ќе добие? Само ветер — нешто на што му недостига вистинска содржина, односно вредност.
„Неумниот му е слуга на умниот по срце“, продолжува стихот (Пословици 11:29б). Бидејќи на неумниот му недостига практична мудрост, не може да се има доверба во него во врска со некоја голема одговорност. Освен тоа, лошото управување со неговите лични работи може да предизвика на некој начин да стане обврзан кон некого. Таквото немудро лице веројатно ќе му стане „слуга на умниот по срце“. Тогаш, јасно е дека е животоважно да користиме добро просудување и практична мудрост во сите наши постапки.
„Праведниковиот плод е дрво на животот, а мудрец е, кој придобива души“ (Пословици 11:30). Како се случува ова? Па, со својот говор и однесување, праведното лице им донесува духовна храна на другите. Тие се охрабрени да му служат на Јехова и можеби на крај ќе го добијат животот што Бог го овозможува.
‚На грешникот ќе му се плати уште повеќе‘
Колку уверливо нѐ поттикнуваат споменатите пословици да жнееме праведност! Применувајќи го на уште еден начин начелото дека „што човек сее, тоа и ќе жнее“, Соломон изјавува: „Ако на праведникот му се плаќа за заслуженото на земјата, колку повеќе на нечесниот и на грешникот“ (Пословици 11:31).
Иако се труди да го прави она што е праведно, праведниот понекогаш греши (Проповедник 7:20). А за неговите грешки ќе му биде ‚платено‘ така што ќе добие стега. Но, што е со злобниот кој намерно избира погрешен правец и воопшто не се труди да тргне по патот на праведноста? Зарем не заслужува ‚да му се плати‘ повеќе — построга казна? „Ако праведникот едвај се спасува“, напишал апостол Петар, „каде ќе се покажат безбожникот и грешникот?“ (1. Петрово 4:18). Затоа да бидеме одлучни секогаш да сееме за себе семе на праведност.
[Фуснота]
a Користено е изменето име.
[Слика на страница 28]
„Шармот“ ѝ донел „слава“ на Авигеја
[Слики на страница 30]
‚Нечесниот човек придобива измамлива печалба, а праведниот има сигурна награда‘
[Слика на страница 31]
‚Обилно сеј, обилно жнеј‘