„Здрав разум“ додека се приближува крајот
„Близу е крајот на сѐ. Па бидете мудри [со здрав разум, НС]“ (1. ПЕТРОВО 4:7).
1. Што е вклучено во тоа да се биде „со здрав разум“?
ГОРНИТЕ зборови на апостол Петар треба да имаат длабоко влијание врз начинот на кој христијаните го водат својот живот. Меѓутоа, Петар не им рекол на своите читатели да се повлечат од своите световни одговорности и животни грижи; ниту, пак, охрабрил на некакво чувство на хистерија поради претстојното уништување. Наместо тоа, поттикнал: „Бидете мудри [со здрав разум, НС]“. Да се биде со „здрав разум“ подразбира да се покажува добро просудување, да се биде осетлив, разборит, умен во својот говор и постапки. Тоа значи да се дозволи Божјата Реч да владее со нашето размислување и постапки (Римјаните 12:2). Поради тоа што живееме „среде лош и расипан род“, здравиот разум е потребен за да се спречат проблеми и тешкотии (Филипјаните 2:15).
2. На кој начин Јеховината стрпливост им користи на христијаните денес?
2 ,Здравиот разум‘ исто така ни помага да имаме трезвено, реалистично гледиште за себеси (Тит 2:12, НС; Римјаните 12:3). Ова е битно со оглед на зборовите во 2. Петрово 3:9 (НС): „Јехова не е бавен во врска со своето ветување, како што некои луѓе го сметаат за бавност, туку е стрплив со вас, бидејќи не сака да биде уништен кој и да е, туку сака сите да дојдат до покајание“. Забележи дека Јехова е стрплив, не само спрема неверниците туку и „со вас“ — членовите на христијанското собрание. Зошто? Затоа што „не сака да биде уништен кој и да е“. Можеби некои сѐ уште треба да прават промени и преиначувања за да се квалификуваат за дарот на вечен живот. Затоа, да ги погледнеме подрачјата на кои можеби се потребни некои преиначувања.
„Со здрав разум“ во нашите лични односи
3. Кои прашања би можеле да си ги постават родителите во врска со своите деца?
3 Домот треба да биде пристаниште на мир. Но, кај некои тој е ‚куќа во раздор‘ (Изреки 17:1). Како е со твоето семејство? Дали твојот дом е без „гнев, викање и хулење“? (Ефесјаните 4:31). Како е со твоите деца? Дали се чувствуваат љубени и ценети? (Спореди Лука 3:22.) Дали си одвојуваш време да ги поучуваш и обучуваш? Дали ги ‚поучуваш во правда‘ наместо во јарост и лутина? (2. Тимотеј 3:16). Со оглед на тоа дека децата се „наследство Господово“, Тој е живо заинтересиран за тоа како тие се третирани (Псалм 126:3).
4. а) Што може да произлезе ако сопругот постапува грубо со својата сопруга? б) Како можат сопругите да унапредуваат мир со Бог и среќа во целото семејство?
4 Како е со нашиот брачен другар? „Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата“ (Ефесјаните 5:28, 29). Еден навредлив, доминирачки или неразумен маж не само што го загрозува спокојството на својот дом туку го поткопува и својот однос со Бог (1. Петрово 3:7). А како е со сопругите? И тие исто така треба да бидат ‚покорни на своите мажи, како на Господа‘ (Ефесјаните 5:22). Ако размислува да му угоди на Бог, тоа може да ѝ помогне на сопругата да ги превидува мааните на својот сопруг и да му биде подложна без огорченост. Повремено, сопругата може да се чувствува должна отворено да го каже своето мислење. Во врска со способната сопруга, Изреки 31:26 велат: „Со мудрост ја отвора устата своја, и кротка поука има на јазикот нејзин“. Со тоа што спрема својот сопруг постапува на љубезен начин полн со почит, таа задржува мир со Бог и ја унапредува среќата на целото семејство (Изреки 14:1).
5. Зошто треба младите да го следат библискиот совет во поглед на постапувањето спрема своите родители?
5 Млади, како постапувате спрема своите родители? Дали го користите саркастичниот, неучтив говор кој често се толерира од страна на светот? Или, пак, ја слушате библиската заповед: „Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. ‚Почитувај ги татка си и мајка си!‘ — тоа е првата заповед со ветување, ‚за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата‘ “ (Ефесјаните 6:1—3).
6. Како можеме да бараме мир со сообожавателите?
6 „Здрав разум“ покажуваме и кога со сообожавателите ‚бараме мир и се стремиме кон него‘ (1. Петрово 3:11). Одвреме навреме се појавуваат неслагања и недоразбирања (Јаков 3:2). Ако им се дозволи на непријателствата да загнојат, може да биде ставен во опасност мирот на целото собрание (Галатјаните 5:15). Затоа, кавгите решавајте ги брзо; барајте мирољубиви решенија (Матеј 5:23—25; Ефесјаните 4:26; Колосјаните 3:13, 14).
„Здрав разум“ и семејните одговорности
7. а) Како Павле охрабрил на покажување „здрав разум“ во световните работи? б) Каков став треба да имаат христијанските сопрузи и сопруги спрема домашните одговорности?
7 Апостол Павле ги посоветувал христијаните „да живеат со здрав разум“ (Тит 2:12, НС). Од интерес е што, во контекстот, Павле ги поттикнува жените „да ги сакаат мажите свои и децата свои; да бидат целомудрени [со здрав разум, НС], чисти, добри домаќинки“ (Тит 2:4, 5). Павле го напишал тоа околу 61—64 н. е., неколку години пред крајот на еврејскиот систем на ствари. Па сепак, секојдневните работи, како што е домашната работа, сѐ уште биле важни. Затоа, и сопрузите и сопругите треба да задржат здраво, позитивно гледиште за своите домашни одговорности за „да не се хули словото Божјо“. Главата на едно семејство му се извинила на еден посетител поради непријатниот изглед на својот дом. Објаснил дека било запуштено „затоа што тој пионерел“. Пофално е кога правиме жртви во полза на Царството, но мора да се води грижа за да не се жртвува благосостојбата на нашите семејства.
8. Како можат главите на семејствата да се грижат за потребите на своите семејства на еден урамнотежен начин?
8 Библијата ги поттикнува татковците да им даваат предност на своите семејства, велејќи дека оној кој пропушта да се грижи за своето семејство, „се одрекол од верата и полош е од неверник“ (1. Тимотеј 5:8). Мерилата на живеење варираат ширум светот, и добро е материјалните очекувања да се држат скромни. „Сиромаштија и богатство не ми давај“ — молел писателот на Изреки 30:8. Меѓутоа, родителите не треба да ги игнорираат материјалните потреби на своите деца. На пример, дали би било мудро своето семејство намерно да го оставиш без основните потреби за да се стремиш по теократски предности? Зарем тоа не би можело да ги огорчи децата? Од друга страна, Изреки 24:27 велат: „Уреди ги работите надвор од куќата, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој“. Да, иако грижата за материјалните работи има свое место, ‚градењето на својот дом‘ — духовно и емоционално — е животоважно.
9. Зошто е мудро главите на семејствата да размислат за можноста од нивна смрт или болест?
9 Дали си направил подготовки да го згрижиш своето семејство во случај да пострадаш од предвремена смрт? Изреки 13:23 велат: „Добриот остава наследство и на внуци“. Покрај наследството од спознание за Јехова и однос со Него, родителите би биле заинтересирани да ги обезбедат своите деца и во материјален поглед. Во многу земји, одговорните глави на семејствата ќе се потрудат да имаат некаква заштеда, правоснажен тестамент и осигурување. Впрочем, Божјиот народ не е имун на „времето и непредвидениот настан“ (Проповедник 9:11, НС). Парите се ‚за заштита‘, а грижливото планирање може честопати да ја спречи тешкотијата (Проповедник 7:12, НС). Во земјите каде што медицинската грижа не е платена од страна на владата, некои може да изберат да одвојат фондови за здравствени потреби или, пак, да си обезбедат некој вид здравствено осигурување.a
10. Како би можеле христијанските родители да „собираат“ за своите деца?
10 Писмото исто така вели: „Децата не се должни да собираат богатство за родителите, туку родителите за децата“ (2. Коринтјаните 12:14). Во светот е вообичаено родителите да собираат пари за идното образование и брак на своите деца за да им овозможат добар почеток во животот. Дали си размислил да собираш за духовната иднина на своето дете? На пример, да претпоставиме дека едно одраснато дете се стреми по полновремена служба. Иако полновремените слуги не треба ниту да бараат ниту да очекуваат поддршка од страна, родителите полни со љубов можеби ќе изберат да ‚делат со него според неговите потреби‘ за да остане во полновремената служба (Римјаните 12:13, НС; 1. Царства 2:18, 19; Филипјаните 4:14—18).
11. Дали реалистичното гледиште за парите покажува недостиг на вера? Објасни.
11 Да се има реалистично гледиште за парите не е знак на недостиг на вера во тоа дека Сатановиот зол систем на ствари е близу до својот крај. Тоа едноставно е работа на покажување ‚практична мудрост‘ и здраво просудување (Изреки 2:7; 3:21, обата НС). Исус еднаш рекол дека ‚синовите на овој свет се подосетливи [помудри на практичен начин, НС] од синовите на светлината‘ во поглед на нивната употреба на парите (Лука 16:8). Затоа, не е ни чудо што некои ја увиделе потребата да направат преиначувања во начинот на кој го користат својот имот за да можат подобро да се грижат за потребите на своите семејства.
„Здрав разум“ во нашето гледиште спрема образованието
12. На кој начин Исус ги поучил своите ученици да се адаптираат на новите околности?
12 „Се менува обликот на овој свет“ и брзо се случуваат далекосежни економски промени и технолошки развои (1. Коринтјаните 7:31). Меѓутоа, Исус ги учел своите ученици да бидат приспособливи. Кога ги испратил на нивната прва проповедничка кампања, им рекол: „Не носете во појасите ваши ни злато, ни сребро, ниту бакар, ни торба за пат, ни двојни алишта, ниту обувки, ниту стап; зашто работникот ја заслужува својата награда!“ (Матеј 10:9, 10). Во една подоцнежна пригода, Исус рекол: „Кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба“ (Лука 22:36). Што се изменило? Околностите. Религиозната околина станала понепријателска, и сега морале да прават подготовки за себеси.
13. Која е главната цел на образованието, и како можат родителите да ги поддржуваат своите деца во овој поглед?
13 На сличен начин и денес, родителите можеби треба да ги земат во обѕир денешните економски реалности. На пример, дали се грижиш твоите деца да добијат адекватно школување? Главната цел на образованието би требало да биде да го опреми младинецот да биде делотворен слуга на Јехова. А најважното од сите образованија е духовното образование (Исаија 54:13). Родителите исто така се загрижени за способноста на своите деца да се издржуваат финансиски. Затоа, дајте им водство на своите деца, помогнете им да изберат соодветни школски предмети и дискутирајте со нив дали е мудро да се стремат по некакво дополнително образование или не. Таквите одлуки претставуваат семејна одговорност, а останатите не треба да го критизираат преземениот правец (Изреки 22:6). А како е со оние кои избрале своите деца да ги школуваат дома?b Иако мнозина направиле пофална работа, некои увиделе дека задачата е потешка отколку што си мислеле, и нивните деца трпеле. Според тоа, ако размислуваш за домашно школување, погрижи се да ги пресметаш трошоците, реалистично проценувајќи дали ги имаш и вештината и самодисциплината што се потребни за да продолжиш до крајот (Лука 14:28).
‚Не барај нешто големо‘
14, 15. а) Како Варух ја изгубил својата духовна рамнотежа? б) Зошто било лудо да ‚сака нешто големо‘?
14 Поради тоа што крајот на овој систем уште не дошол, некои би можеле да бидат склони да го бараат она што светот има да го понуди — престижни кариери, доходовна работа и богатство. Размисли за Варух, секретарот на Јеремија. Тој се плачел: „Тешко мене! оти Господ ми придодаде кон болката моја; изнемоштен сум од воздишки и спокој немам“ (Јеремија 45:3). Варух бил уморен. Служењето како секретар на Јеремија било тешка работа исполнета со стрес (Јеремија 36:14—26). А на стресот не му се гледал крајот. Требало да поминат уште 18 години додека Ерусалим биде уништен.
15 Јехова му рекол на Варух: „Еве, што сум направил ќе разрушам, и, што сум посадил ќе искорнам — целава оваа земја. А ти за себе сакаш нешто големо: не барај“. Варух ја имал изгубено својата рамнотежа. Почнал ‚за себе да сака нешто големо‘, можеби богатство, углед или материјална сигурност. Поради тоа што Јехова ја ‚искорнувал целата земја‘, каква смисла имало да се бараат такви работи? Затоа, Јехова му го дал на Варух следниов отрезнувачки потсетник: „Јас ќе испратам беда врз секое суштество . . . а место плен ќе ја оставам душата твоја насекаде каде и да појдеш“. Материјалните поседи немало да го преживеат уништувањето на Ерусалим! Јехова го гарантирал само спасението на неговата ‚душа како плен‘ (Јеремија 45:4, 5).
16. Каква лекција може Јеховиниот народ денес да научи од Варуховото искуство?
16 Варух внимавал на Јеховината исправка и, верно на Јеховиното ветување, го спасил својот живот (Јеремија 43:6, 7). Каква само силна лекција за денешниот Јеховин народ! Сега не е време ‚за себе да се бара нешто големо‘. Зошто? Затоа што „светот поминува и похотите негови“ (1. Јованово 2:17).
Најдобрата употреба на преостанатото време
17, 18. а) Како реагирал Јона кога ниневијците се покајале? б) На каква лекција Јехова го поучил Јона?
17 Тогаш, како можеме најдобро да го употребиме преостанатото време? Учи од искуството на пророкот Јона. Тој ‚отишол во Ниневија . . . и проповедал, велејќи: „Уште четириесет дена и Ниневија ќе биде разурната“ ‘. На Јонино изненадување, ниневијците се оѕвале на неговата порака и се покајале! Јехова се воздржал од уништување на градот. Каква била Јонината реакција? „Господи, земи ја душата моја од мене, зашто подобро е да умрам отколку да живеам“ (Јона 3:3, 4; 4:3).
18 Тогаш Јехова го поучил Јона за една важна лекција. Тој ‚наредил да израсне растение над главата на Јона, за да има над главата сенка . . . Јона многу се зарадувал на тоа растение‘. Меѓутоа, Јониното радување било краткотрајно, бидејќи растението брзо се исушило. Јона станал „лут“ поради својата неудобност. Јехова ја нагласил Својата поента, велејќи: „Тебе ти е жал за едно растение . . . а Мене да не Ми е жал за Ниневија, за овој голем град, во кој живеат повеќе од сто и дваесет илјади души, кои не можат да ја разликуваат десната рака од левата, а и за многу добиток?“ (Јона 4:6, 7, 9—11).
19. Каков егоцентричен правец на размислување би сакале да избегнуваме?
19 Колку само било егоцентрично Јониното расудување! Тој можел да чувствува жал за едно растение, но не чувствувал ни најмало сочувство спрема луѓето од Ниневија — луѓе кои, духовно говорејќи, ‚не можеле да ја разликуваат десната рака од левата‘. На сличен начин, ние можеме да копнееме по уништувањето на овој зол свет, и тоа со право! (2. Солунјаните 1:8). Меѓутоа, додека чекаме, имаме одговорност да им помогнеме на луѓето со чесни срца кои, духовно говорејќи, не „можат да ја разликуваат десната рака од левата“ (Матеј 9:36; Римјаните 10:13—15). Дали ќе го употребиш краткото време што преостанува за да им помогнеш на колку што е можно повеќе луѓе да го постигнат скапоценото спознание за Јехова? Која работа воопшто би можела да се мери со радоста од помагањето некому да постигне живот?
Продолжи да живееш со „здрав разум“
20, 21. а) Кои се некои начини на кои можеме да покажеме „здрав разум“ во текот на претстојните денови? б) Какви благослови ќе дојдат ако се живее со „здрав разум“?
20 Додека Сатановиот систем продолжува со своето тонење кон уништување, сигурно ќе се соочиме со нови предизвици. Второ Тимотеј 3:13 претскажува: „Лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото“. Но, немој ‚да ти дотегне и немој да опаднеш со духот‘ (Евреите 12:3). Ослони се на Јехова за сила (Филипјаните 4:13, НС). Учи да бидеш флексибилен, да се адаптираш на овие сѐ полоши околности, наместо да размислуваш за минатото (Проповедник 7:10). Користи практична мудрост, држејќи чекор со упатството што го дава ‚верниот и разборит роб‘ (Матеј 24:45—47, НС).
21 Уште колку време преостанува, ние не знаеме. Сепак, можеме со доверба да речеме дека ‚е близу крајот на сѐ‘. Додека дојде тој крај, да живееме со „здрав разум“ во нашите меѓусебни постапки, во начинот на кој се грижиме за своите семејства, како и во нашите световни одговорности. Правејќи така, сите ние можеме да имаме доверба дека на крајот ќе бидеме најдени „во мир, неосквернети и непорочни“! (2. Петрово 3:14).
[Фусноти]
a На пример, во Соединетите Држави мнозина имаат здравствено осигурување, иако истото има тенденција да биде скапо. Некои семејства на Сведоци утврдиле дека извесни доктори се поспремни да применат бескрвни алтернативи кога семејствата имаат медицинско осигурување. Многу лекари ќе го прифатат износот на плаќање што е дозволен под ограничени планови за осигурување или здравствено осигурување од страна на владата.
b Дали некој ќе следи домашно школување, тоа е лична одлука. Види ја статијата „Домашно школување — Дали е тоа за вас?“ што се појави во изданието на Разбудете се! од 8 јули 1993.
Точки за повторување
◻ Како можеме да покажуваме „здрав разум“ во нашите лични односи?
◻ Како можеме да покажуваме урамнотеженост во грижата за нашите семејни одговорности?
◻ Зошто мораат родителите да покажуваат интерес за световното образование на своите деца?
◻ Каква лекција учиме од Варух и од Јона?
[Слика на страница 18]
Кога еден сопруг и сопруга лошо постапуваат еден со друг, тие го поткопуваат својот однос со Јехова
[Слика на страница 20]
Родителите треба да покажуваат интерес за образованието на своите деца