Како да се задржи радост во полновремената служба
ИСПОЛНУВАЊЕТО на библиското пророштво јасно покажува дека живееме во последните денови од овој безбожен систем. Свесни за ова, Јеховините слуги поминуваат онолку време во ширење на добрата вест за неговото Царство колку што разумно можат. Преку 600.000 Сведоци на Јехова ги уредиле своите животи така за да можат да учествуваат во полновремената служба. Некои од нив се полновремени објавители на Царството, наречени пионери. Други се бетелски доброволци во главното седиште на Watch Tower Society или во неговите канцеларии на подружниците. Трети, пак, се мисионери и патувачки надгледници.
Библијата покажува дека во последните денови ќе има „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1—5, НС). Грчкиот библиски текст користи еден израз кој би можел да се преведе со „жестоки одредени времиња“. Затоа, никој во денешно време не треба да очекува живот без проблеми. На некои христијански министри, проблемите може да им изгледаат толку сериозни што може да се прашуваат: ‚Можам ли да продолжам во полновремената служба или морам да прекинам?‘
Кои ситуации би можеле да наведат некого да ја преиспита својата ситуација како пионер, бетелски доброволец, патувачки надгледник или мисионер? Може да постои некој сериозен здравствен проблем. Можеби на некој остарен или немоќен роднина му е потребна постојана нега. Можеби некоја брачна двојка формира семејство. Секој кој прекинува со полновремена служба од такви причини, како и поради библиски обврски, не треба да се чувствува засрамен поради правењето на такво преиначување.
Меѓутоа, што ако некој планира да прекине со полновремената служба поради недостиг на радост? Можеби некој пионер гледа слаб одѕив во својата служба и прашува: ‚Зошто да продолжам со мојот самопожртвуван начин на живот кога малцина слушаат?‘ Некој бетелски доброволец можеби не е толку среќен на својата доделба. Или, пак, можеби слабото здравје кое постојано го мачи, иако не ја стопира пионерската служба, на крајот му ја нагризува среќата на едно лице. Како можат таквите поединци да ја задржат својата радост? Да разгледаме што велат некои искусни министри.
Излегување на крај со разочарувањето
Ани од Швајцарија, во 1950 ја посетувала Библиската школа Гилеад на Watchtower. Радосно очекувала прекуокеанска мисионерска доделба. Кога била повторно доделена за бетелска работа во Европа, Ани била разочарана. Меѓутоа, таа ја прифатила својата доделба во Преведувачкото одделение и сѐ уште ја врши таа работа. Како го надминала своето разочарување? „Имаше и уште има да се заврши многу работа. Моите чувства и склоности не се толку важни како делото“ — објаснува Ани.
Ако сме разочарани од нашата доделба, можеби би можеле да го развиеме ставот на Ани. Нашата лична склоност не е од најголема важност. Она што е најбитно е сите различни одговорности, што се поврзани со ширењето на пораката за Царството, да бидат добро извршени. Изреки 14:23 ни кажува дека „од секој труд има изобилен плод“. Без оглед на тоа каква доделба ни е дадена, ако таа верно се извршува, тоа придонесува за успехот на делото на Царството. А во таквото дело дадено од Бог може да има големо задоволство — да, радост. (Спореди 1. Коринтјаните 12:18, 27, 28.)
Добро сложување со другите
Полновремената служба вклучува близок контакт со луѓе од секакви видови — во службата на теренот, во Бетелот, во мисионерскиот дом или, пак, додека се посетува собрание по собрание како патувачки надгледник. Затоа, радоста во голем степен зависи од доброто сложување со другите. Меѓутоа, ‚жестоките времиња‘, проречени за овие последни денови, вршат огромен притисок врз човечките односи. Како може еден министер да избегне да ја изгуби својата радост дури и ако некој го вознемирил? Можеби можеме да научиме нешто од Вилхелм.
Вилхелм станал член на една бетелска фамилија во Европа во 1947. Потоа, поминал некое време во пионерското дело и во служба како патувачки надгледник. „Ако мојата сопруга и јас видиме работи за кои мислиме дека не се исправни или кои лично нѐ загрижуваат, му кажуваме на Јехова како се чувствуваме и потоа ги оставаме работите на него да ги реши“ — објаснува Вилхелм (Псалм 36:5).
Можеби ти самиот си бил вознемирен од однесувањето на некој сохристијанин кој ти зборувал со непочитување или непромислено. Запомни дека сите ние многупати се спрепнуваме во нашиот говор (Јаков 3:2). Тогаш, зошто да не ја искористиш оваа ситуација за повеќе да му се приближиш на ‚Слушачот на молитвата‘? (Псалми 65:2, НС). Зборувај му на Јехова за работата, а потоа препушти ја во негови раце. Ако Бог сака да направи промени, тој ќе го стори тоа. Оние кои живеат во мисионерски дом можеби треба да го имаат ова на ум доколку дојде до стрес во таа смисла, а ова ќе им помогне да ја задржат својата радост во Јеховината служба.
Кога е слабо здравјето
Малку луѓе уживаат постојано добро здравје. Дури и оние во таканаречениот цут на младоста може да бидат погодени од депресија или од болест. Лошото здравје им наложува на некои да прекинат со полновремената служба, но тие потоа вршат извонредна работа како објавители на Царството. Меѓутоа, други се во можност да продолжат во полновремената служба и покрај слабото здравје. На пример, размисли за Хартмут и Гизлинд.
Хартмут и Гизлинд се брачна двојка која поминала 30 години како пионери, мисионери и во патувачкото дело. Двајцата биле погодени од сериозна болест, која повремено ги оставала физички и емоционално исцрпени. Меѓутоа, тие извршиле извонредна работа и биле во можност да ги храбрат другите кои доживувале слични испити. Каков совет нудат тие? „Гледај кон иднината, а не кон минатото. Стори го најдоброто во секоја ситуација. Секој ден би можел да донесе само една прилика да го фалиш Јехова. Искористи ја таа прилика и уживај во неа.“
Размисли за случајот на Ханелоре. Таа била вознемирувана од повторлива болест во текот на своите 30 години како пионерка, мисионерка, во патувачкото дело со својот сопруг и во бетелската служба. Ханелоре вели: „Јас се концентрирам на спорното прашање што го покренал Сатана — дека луѓето му служат на Јехова само кога тоа им е лесно. Издржувајќи ги испитите, можам да имам удел во докажувањето дека Сатана е во криво“. Тоа може да биде силна мотивација. Запомни дека твојата лична лојалност кон Јехова кога си под испит, нему му е важна (Јов 1:8—12; Изреки 27:11).
Кога се трудиш да донесеш урамнотежена одлука во поглед на своето здравје, размисли за две обележја од пророштвото на Исус Христос во врска со свршетокот на системот на ствари. Исус прорекол чуми од едно место во друго. Исто така, рекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет“ (Матеј 24:3, 14; Лука 21:11). Исус знаел дека во последните денови, неговите следбеници ќе се борат со болест. Но, тој сфатил дека проповедничкото дело нема да биде извршувано само од луѓе кои уживаат добро здравје туку и од поединци кои доживуваат сериозна болест. Ако сме во состојба да продолжиме во полновремената служба и покрај слабото здравје, Јехова нема да ја заборави љубовта што ја покажуваме кон неговото име (Евреите 6:10).
Задржување радост и покрај апатијата на јавноста
На нашиот став може да влијае фактот како луѓето реагираат на делото на проповедање на Царството. „Дури и на пионерите им е тешко да започнат разговор со некој станар“ — рекол еден искусен министер. „Сите ние мораме да се бориме за да ја задржиме нашата радост.“ Да, апатијата на јавноста може да ни ја намали радоста во службата на теренот. Тогаш, како може да ја задржи својата радост еден пионер кој редовно наидува на рамнодушност? Искусните министри ги нудат следниве предлози кои биле испробани и испитани.
Апатијата претставува предизвик, но таа не треба да значи пораз. Самата по себе, раширената рамнодушност не е причина да се прекине со полновремената служба. Можеме да ја задржиме својата радост и покрај апатијата доколку си одвоиме адекватно време за марливо проучување на Писмото. Тоа ‚нѐ опремува за секое добро дело‘, што подразбира да им се зборува на оние кои не сакаат да ја слушаат добрата вест (2. Тимотеј 3:16, 17, НС). Иако луѓето не сакале да го слушаат пророкот Јеремија, тоа не го запрело него (Јеремија 7:27). Кога ја проучуваме Библијата со помош на христијанските публикации, можеме да извлечеме огромна корист ако ги забележуваме мислите кои ја зајакнуваат нашата вера и кои ни помагаат да се справиме со апатијата.
Претпоставувајќи дека апатијата претставува предизвик, да го испитаме својот став спрема оние на кои им проповедаме. Зошто се рамнодушни? Една причина за раширената апатија во некои делови од Европа, на пример, е бедното досие на лажната религија. Луѓето повеќе не мислат дека религијата има некакво место во нивниот живот ниту, пак, сакаат да имаат нешто со неа. Треба да бидеме флексибилни, зборувајќи со луѓето за работи кои влијаат врз нив, како што се невработеноста, здравјето, криминалот, нетолеранцијата, околината и заканата од војна.
Во нашите уводни зборови до станарот можеме да спомнеме некоја тема од локален интерес. Токму тоа се обидел да го стори Дитмар кога проповедал во едно село каде што имал малку успех. Еден жител спомнал дека дента пред тоа селото доживеало трагедија. Потоа, на секоја врата Дитмар изразувал искрено жалење поради трагедијата. „Наеднаш, луѓето почнаа да зборуваат“ — рекол тој. „Трагедијата беше во мислите на секој. Тој ден имав повеќе добри разговори затоа што покажав интерес за нивните животи.“
На луѓето треба да им даваме сведоштво за Царството секаде кајшто ги наоѓаме. Неформалното сведочење може да биде плодно, а ние можеме да се обучуваме себеси во оваа активност користејќи ги предлозите што се понудени во публикациите што се темелат на Библијата. Радоста може да произлезе од неколку пријателски зборови или од давањето примероци на Стражарска кула и Разбудете се! на некој станар. Ако сме правеле повторни посети и сме почнале да водиме библиска студија со некое заинтересирано лице, би можеле да добиеме препорака, прашувајќи: „Дали знаете некој друг кој би сакал да ја проучува Библијата?“ Ова би можело да доведе до воспоставување на друга домашна библиска студија. Во секој случај, да бидеме позитивни, ослонувајќи се на Јехова во молитва и не дозволувајќи апатијата да нѐ обесхрабри.
Охрабрување од другите
Јирген и Кристијане преку 30 години пионереле и се ангажирале во патувачкото дело. Еднаш имале доделба која вклучувала проповедање во едно подрачје каде што повеќето луѓе биле апатични и непопустливи. Колку само Јирген и неговата сопруга копнееле по малку охрабрување! Но, од некоја причина, другите во собранието не се оѕвале на нивната потреба.
Затоа, Јирген од искуство знае дека „некои пионери поминуваат тешко време. Ним им треба повеќе охрабрување од страна на старешините и од другите објавители“. Бог му рекол на Мојсеј да го охрабри и да го зајакне Исус Навин (5. Мојсеева 3:26—28). А христијаните треба да бидат извори на охрабрување еден за друг (Римјаните 1:11, 12). Објавителите на Царството можат да ги охрабруваат оние кои се во полновремена служба со изградувачки зборови и со тоа што одвреме навреме ќе ги придружуваат во службата.
Радоста Јеховина — наша тврдина
Христијаните кои поголемиот дел од својот живот го поминале како пионери или мисионери, служејќи во Бетел или посетувајќи ги собранијата во патувачкото дело, откриле дека повеќето проблеми се краткотрајни, но некои се долготрајни. Дури и малкуте проблеми кои изгледаат дека никогаш не поминуваат, не смеат да ни ја одземат радоста. Рамон, кој служи на странска доделба повеќе од 45 години, предлага — секогаш кога проблемите ќе нѐ ожалостат „треба да мислиме на многуте благослови што ги имаме, како и на илјадниците други кои трпат поголеми тешкотии“. Навистина, нашите соверници ширум светот доживуваат страдања, а Јехова навистина се грижи за сите нас (1. Петрово 5:6—9).
Според тоа, ако нашите лични околности ни дозволуваат да учествуваме во полновремената служба и да останеме во неа, да ја задржиме нашата радост со тоа што ќе се ослонуваме на нашиот небесен Татко. Тој ги зајакнува своите слуги, а сите ние треба да запомниме дека ‚радоста Јеховина е наша тврдина‘ (Нехемија 8:10, НС).
[Слика на страница 21]
„Моите чувства и склоности не се толку важни како делото“
[Слика на страница 22]
„Му кажуваме на Јехова како се чувствуваме, и потоа ги оставаме работите на него“
[Слики на страница 23]
„Стори го најдоброто во секоја ситуација. Секој ден би можел да донесе само една прилика да го фалиш Јехова“
[Слика на страница 23]
„Издржувајќи ги испитите, можам да имам удел во докажувањето дека Сатана е во криво“
[Слика на страница 24]
„Некои пионери поминуваат тешко време. Ним им треба повеќе охрабрување од старешините и од другите објавители“
[Слика на страница 24]
„Треба да мислиме на многуте благослови што ги имаме“