Што ја предизвикува ерата на гневот?
ЕДЕН човек е застрелан додека седи во еден бар во Прага, во Република Чешка. Зошто? Убиецот бил изнервиран затоа што жртвата слушала гласна музика на својот касетофон. Еден возач е претепан до смрт со палка за хокеј на една раскрсница во Кејптаун (Јужна Африка). Неговиот напаѓач очигледно се налутил затоа што жртвата ги вперила долгите светла во него. Разбеснетото поранешно момче на една британска медицинска сестра што живее во Австралија ја турка вратата; ја посипува девојката со бензин, ја запалува и ја остава да умре.
Дали извештаите за гнев — во сообраќајот, дома, во авион — се претерани? Или пак, како пукнатини во ѕидот на некоја зграда, тие се само видливо предупредување за некој скриен сериозен проблем? Фактите покажуваат дека се работи за второто.
Во сообраќајот, „извештаите за насилнички сообраќајни несреќи се зголемија за речиси 7 проценти годишно почнувајќи од 1990“, наведува еден неодамнешен извештај на Фондацијата за безбедност во сообраќајот при Американскиот Автомото Сојуз (ААС).
Дома, гневот е многу честа појава. На пример, полицијата во австралиската држава Нов Јужен Велс беше сведок на 50 процентен пораст на пријавени случаи на домашно насилство во текот на 1998 година. Секоја четврта жена во таа земја која е во брак или живее невенчано, трпела насилство од својот партнер.
Во авионите приказната е слична. Опасноста од ненадеен гнев на патниците и од напаѓање на персоналот, на другите патници, па дури и на пилотите, навела некои од поголемите авионски компании во светот да го снабдат екипажот со специјални каиши за врзување на насилничките напаѓачи на своите седишта.
Зошто сѐ поголем број луѓе изгледа не можат да ги контролираат своите емоции? Што ги предизвикува ваквите гневни постапки? Дали е воопшто можно да се контролираат ваквите чувства?
Зошто сѐ поголем гнев?
Да се биде гневен значи да се чувствува или да се покажува силна лутина. Гневните постапки се резултат на тоа што се дозволува лутината да се насобира сѐ додека не избие во насилнички излив на емоции. „Насилничките расправии во сообраќајот ретко се резултат само на една сообраќајна несреќа. Наместо тоа, изгледа дека се резултат на лични ставови и насобран стрес во животот на возачот“, забележува Дејвид К. Вилис, претседател на Фондацијата за безбедност во сообраќајот при ААС.
За ваквиот насобран стрес придонесува и поплавата од информации што од нас се очекува да ги примиме секој ден. Задната страница на книгата Information Overload (Преоптовареност од информации) од Дејвид Луис забележува: „Многу вработени денес тонат во една поплава од податоци . . . Преоптоварени од информации . . . тие се под голем стрес, невнимателни се, парализирани од анализи“. Цитирајќи еден пример од оваа поплава од информации, еден весник забележал: „Едно делнично издание на весниците содржи толку информации на колку што било изложено просечно лице од 17 век во текот на целиот свој живот“.
И она што го ставаме во устата може да ја потхрани лутината. Две опсежни истражувања покажаа дека зголеменото непријателство е поврзано со пушењето, употребата на алкохол и нездравата исхрана. Овие епидемични навики во животот го подгреваат стресот и фрустрацијата — фрустрација што избива во облик на пцуење, нестрпливост и нетолеранција.
Лошите манири и филмовите
Коментирајќи за односот помеѓу неучтивоста и криминалот, д-р Адам Грејкар, директор на австралискиот институт за криминологија (АИК), забележува: „Тоа што повторно во центарот на вниманието се почитта и учтивоста може да биде еден од најзначајните чекори кон намалувањето на ситниот криминал“. Овој институт е поборник за покажување стрпливост, толеранција и воздржување од пцуење. Пропустот да се направи тоа, тврди овој институт, може да го претвори бунтовното однесување во криминално однесување. Иронично е тоа што еден облик на релаксација што мнозина го избираат за да ги намалат фрустрацијата и стресот всушност охрабрува на нетолеранција и гнев. Како?
„Децата и возрасните одат во кината за да гледаат сцени на смрт и уништување. Пазарот на видеокасети со насилство е голем и профитабилен. ‚Воените играчки‘ и понатаму им се омилени на многу деца, иако не секогаш и на нивните родители. Многу лица, и возрасни и деца, многу уживаат во насилството што се прикажува на телевизија, а телевизијата игра важна улога во пренесувањето на културните вредности“, наведува еден извештај на АИК. Каква врска има ова со изливите на гнев во сообраќајот и дома? Извештајот заклучува: „До оној степен до кој што општеството го одобрува насилството, вредностите на луѓето во тоа општество ќе се развиваат во склад со тоа“.
Многу луѓе денес ќе аргументираат дека изливот на гнев е само природна реакција на стресот, неизбежна реакција на нашево стресно, агресивно општество. Затоа, вистина ли е дека популарното сфаќање: „Кога си лут, дај си оддишка“ е добар совет?
Треба ли да се контролира гневот?
Исто како што ерупцијата на некој вулкан ќе предизвика пустош за оние што живеат во негова близина, така и лицето што си дозволува изливи на силен гнев ќе ги повреди оние што живеат во неговата околина. Исто така, сериозно ќе си наштети и себеси. Како? „Гневното постапување води до уште поголема агресивност“, наведува The Journal of the American Medical Association (JAMA). Според истражувањето, кај мажите што покажуваат гнев „постои поголема веројатност да умрат пред да наполнат 50 години отколку кај оние што не го прават тоа“.
И Американското кардиолошко здружение наведува: „Кај мажите што ја излеваат лутината постои двапати поголем ризик да добијат мозочен удар отколку кај мажите што се контролираат“. Овие предупредувања важат за двата пола.
Кој совет е навистина делотворен? Забележете ги сличностите помеѓу советот на световните авторитети и советот на најдистрибуираниот авторитет за меѓучовечки односи, Библијата.
Совладајте ја лутината — избегнете го гневот
Д-р Редфорд Б. Вилијамс наведува во JAMA: „Упростениот совет ‚Кога си лут, дај си оддишка‘ во никој случај нема . . . да биде од голема помош. Многу поважно е да научите да ја одмерите својата лутина и потоа да ја совладате“. Тој предлага да си ги поставите прашањата: „1) Дали оваа ситуација ми е важна? 2) Дали моите мисли и чувства се совпаѓаат со објективните факти? 3) Дали оваа ситуација може да се промени за да не морам да го чувствувам овој гнев?“
Пословици 14:29; 29:11 „Кој се гневи бавно има големо разбирање, а избувливиот во дух покажува глупост. Безумникот го излева сиот свој гнев, а мудриот го воздржува.“
Ефешаните 4:26 „Гневете се, но не грешете; сонцето да не зајде над вашата раздразнетост.“
Во својата книга Dealing With Anger—Self-Help Solutions for Men (Справување со гневот — решенија за самопомош за мажите), Френк Донован препорачува: „Избегнувањето на гневот — или, уште поконкретно, избегнувањето на сцената и на другите луѓе во моментот на Вашиот гнев — е стратегија која е особено важна и вредна кога се работи за посилен гнев“.
Пословици 17:14 „Започнувањето на караница е исто како да се пушти поплава, и затоа пред да избувне караница оддалечи се!“
Бертрам Ротчајлд, пишувајќи во весникот The Humanist, наведува: „Гневот . . . е првенствено лична одговорност. Причините за лутина се во нашите глави . . . Оние неколку пати кога со гневот сте постигнале нешто бледеат во споредба со многуте пати кога гневот уште повеќе ги влошил работите. Многу е подобро да не се предизвика гнев отколку да се искуси“.
Псалм 37:8 „Стивни го својот гнев и остави ја лутината, не се дразни за да не направиш зло.“
Пословици 15:1 „Благиот одговор ја ублажува јароста, а грубиот збор го зголемува гневот.“
Пословици 29:22 „Гневливиот човек предизвикува препирки, а избувливиот човек прави многу гревови.“
Милиони Јеховини сведоци во светот ги применуваат горенаведените совети. Ве покануваме да појдете на нивните состаноци во локалната Сала на Царството и самите да видите дека живеењето според библиските совети навистина функционира, и покрај тоа што живееме во ера на гневот.
[Слики на страница 30]
Исто како ерупција на вулкан, лицето со неконтролиран гнев нанесува штета
[Слика на страница 31]
Библиските совети навистина се делотворни