На човештвото му е потребно спознание за Бог
„Ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето [самото спознание, НС] за Бога“ (ИЗРЕКИ 2:5).
1. Зошто може да се рече дека човечкото срце е ремек-дело на божественото инженерство?
ОКОЛУ 5.600.000.000 човечки срца чукаат на Земјата токму сега. Секојдневно, твоето срце отчукува 100.000 пати и испумпува еквивалент од 7.600 литри крв низ кардиоваскуларниот систем на твоето тело што е долг 100.000 километри. Ниеден друг мускул не работи понапорно од ова ремек-дело на божественото инженерство.
2. Како би го опишал симболичното срце?
2 На Земјата чукаат и 5.600.000.000 симболични срца. Во симболичното срце се сместени нашите емоции, нашите мотиви и нашите желби. Тоа е седиште на нашите мисли, на нашето разбирање и на нашата волја. Симболичното срце може да биде горделиво или понизно, тажно или весело, мрачно или просветлено (Неемија 2:2; Изреки 16:5а; Матеј 11:29; Дела 14:17; 2. Коринтјаните 4:6; Ефесјаните 1:16-18).
3, 4. На кој начин срцата се достигнуваат со добрата вест?
3 Јехова Бог може да го чита човечкото срце. Изреки 17:3 вели: „Топилницата е за сребро, печката — за злато, а срцата Господ ги испитува“. Но, наместо само да го чита секое срце и да објави пресуда, Јехова ги користи своите Сведоци за да ги достигне човечките срца со добрата вест. Тоа е во склад со зборовите на апостол Павле: „Секој, кој ќе го призове името Господово, ќе се спаси. Но како ќе Го призоват Оној, во Кого не поверувале? Како, пак, ќе поверуваат во Оној, за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник? И како ќе проповедаат, ако не бидат испратени, како што е напишано: ‚Колку им се убави нозете на оние, што благовестат мир, кои го благовестат доброто [објавуваат добра вест за добри работи, НС]‘“ (Римјаните 10:13-15).
4 На Јехова му било драго да ги испрати своите Сведоци до краевите на Земјата за да ‚објават добра вест за добри работи‘ и да ги најдат оние кои имаат приемливи срца. Ние сега броиме преку 5.000.000 — просек од 1 Сведок на околу 1.200 луѓе на Земјата. Не е лесно да се достигнат со добрата вест милијардите жители на Земјата. Но, Бог го управува ова дело преку Исус Христос и ги привлекува лицата со чесни срца. На тој начин се обистинува пророштвото запишано во Исаија 60:22: „Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам тоа навреме [ќе го забрзам тоа во свое време, НС]“.
5. Што е спознание, и што може да се рече за мудроста на светот?
5 Тоа време е токму сега, и едно е сосем јасно — на милијардите жители на Земјата им е потребно спознание. Во основа, спознанието е познавање на фактите, стекнато преку искуство, набљудување или проучување. Во светот е насобрано многу спознание. Постигнат е напредок на полето на транспортот, здравствената грижа и комуникацијата. Но, дали она што навистина му е потребно на човештвото е световното спознание? Тешко! Човештвото и понатаму го измачуваат војни, угнетување, болест и смрт. Мудроста на светот честопати се покажала како наносен песок во пустинска луња.
6. Со оглед на крвта, на кој начин спознанието за Бог се споредува со световната мудрост?
6 Да илустрираме: Пред два века, било обичај да се испушта крв, наводно како лек. На Џорџ Вашингтон, првиот претседател на Соединетите Држави, често му била испуштана крв во последните часови од неговиот живот. Во еден момент тој рекол: „Пуштете ме мирно да умрам; нема да живеам уште долго“. Тој бил во право, бидејќи умрел уште истиот ден — 14 декември 1799 година. Денес, наместо испуштање крв, нагласок се става на трансфузијата на крв во човечкото тело. Обете процедури носат смртоносни проблеми. Меѓутоа, за сето ова време, Божјата Реч велела: „Да се воздржувате . . . од крв (Дела 15:29). Спознанието за Бог е секогаш исправно, доверливо и современо.
7. На кој начин точното библиско спознание во врска со подигањето деца се споредува со световната мудрост?
7 Разгледај еден друг пример за недоверлива световна мудрост. Со години, психолозите се залагале за попустливост во одгледувањето на децата, но еден од таквите поборници подоцна признал дека тоа било погрешно. Германското филолошко здружение еднаш рекло дека попустливоста „во најмала рака е индиректно одговорна за проблемите што сега ги имаме со младите“. Световната мудрост може да се тетерави ваму-таму како да е носена од ветар, но точното библиско спознание е непоколебливо. Библијата дава урамнотежен совет за воспитувањето на децата. „Казнувај го синот свој, и тој ќе ти даде мир и ќе ѝ донесе радост на душата твоја“, вели Изреки 29:17. Таквата стега треба да се спроведе со љубов, бидејќи Павле напишал: „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов“ (Ефесјаните 6:4).
‚Самото спознание за Бог‘
8, 9. Како би ги објаснил стихивите од Изреки 2:1-6 во врска со спознанието кое навистина му е потребно на човештвото?
8 Иако Павле бил образован човек, тој рекол: „Ако некој од вас мисли дека е мудар во овој свет, нека стане безумен, за да биде мудар. Зашто мудроста од овој свет е безумство пред Бога“ (1. Коринтјаните 3:18, 19). Само Бог може да го даде спознанието кое навистина му е потребно на човештвото. Во врска со тоа, Изреки 2:1-6 вели: „Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди и ги зачуваш во себеси, ако увото твое внимателно ја слуша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување, ако со нив го поучиш синот твој; ако ги повикаш знаењето и разумот; ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, — ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето [самото спознание, НС] за Бога. Зашто Господ дава мудрост; од устата Негова доаѓа знаењето [спознанието, НС] и разумот“.
9 Оние кои се мотивирани од добри срца, ѝ обрнуваат внимание на мудроста со тоа што исправно го употребуваат спознанието што го дал Бог. Тие ги наклонуваат своите срца кон способноста за разликување, внимателно одмерувајќи ги фактите што ги учат. Всушност тие викаат по разбирање, односно по способност да видат во каква меѓусебна поврзаност се гледиштата за некоја тема. Лицата со праведни срца работат исто како да копаат по сребро и како да трагаат по скриено богатство. Но, какво вредно богатство наоѓаат оние со приемливи срца? Тоа е ‚самото спознание за Бог‘. Што е тоа? Едноставно речено, тоа е спознанието што се наоѓа во Божјата Реч, Библијата.
10. Што мораме да сториме за да се радуваме на добро духовно здравје?
10 Спознанието за Бог е здраво, трајно и животодајно. Тоа го унапредува духовното здравје. Павле го поттикнал Тимотеј: „Имај ги, како образец, здравите зборови, што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христа Исуса“ (2. Тимотеј 1:13). Еден јазик има образец на зборови. На сличен начин, ‚чистиот јазик‘ (НС) на библиската вистина го има ‚образецот на здрави зборови‘ кој главно се темели на библиската тема за оправдување на Јеховината сувереност преку Царството (Софонија 3:9, НС). Овој образец на здрави зборови треба да го чуваме во умот и во срцето. Ако сакаме да избегнеме некоја болест на симболичното срце и да останеме духовно здрави, мораме да ја применуваме Библијата во нашиот живот и во полна мерка да ги користиме духовните подготовки што ги прави Бог преку ‚верниот и разумен роб‘ (Матеј 24:45-47, НС; Тит 2:2). Секогаш да мислиме на тоа дека за да имаме добро духовно здравје, потребно ни е спознание за Бог.
11. Кои се некои од причините зошто на човештвото му е потребно спознание за Бог?
11 Разгледај и други причини зошто на милијардите жители на Земјата им е потребно спознание за Бог. Дали сите тие знаат како настанале Земјата и луѓето? Не, не знаат. Дали сето човештво ги познава вистинскиот Бог и неговиот Син? Дали секој е свесен за спорните прашања што Сатана ги покренал во врска со божествената сувереност и човечката беспрекорност? Повторно не. Дали општо земено луѓето знаат зошто старееме и умираме? Пак мораме да речеме не. Дали сите жители на Земјата сфаќаат дека Божјето Царство сега владее и дека ние живееме во последните денови? Дали се свесни за злите духовни сили? Дали сите луѓе имаат доверливо спознание за тоа како да се има среќен семеен живот? И дали масите знаат дека намерата на нашиот Творец е послушното човештво да живее радосно во Рај? И на овие прашања одговорот е не. Според тоа, јасно е дека на човештвото му треба спознание за Бог.
12. Како можеме да го обожаваме Бог „со дух и со вистина?“
12 На човештвото му е потребно спознание за Бог и поради она што го рекол Исус во молитва во последната ноќ од својот земен живот. Неговите апостоли мора да биле длабоко трогнати кога го чуле како вели: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе [постојано да примаат спознание за тебе, НС] Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Применувањето на таквото спознание е единствениот начин да го обожаваме Бог на прифатлив начин. „Бог е Дух и оние, што Му се клањаат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина“, рекол Исус (Јован 4:24). Ние го обожаваме Бог „со дух“ кога сме поттикнати од срца исполнети со вера и љубов. Како го обожаваме „со вистина“? Ако ја проучуваме неговата Реч и ако го обожаваме во согласност со неговата откриена вистина — „самото спознание за Бог“.
13. Каква случка е забележана во Дела 16:25-34, и што можеме да научиме од тоа?
13 Секоја година, илјадници почнуваат да го обожаваат Јехова. Сепак, мора ли библиските студии со заинтересираните да се водат долго време, или е возможно лицата со искрени срца побрзо да напредуваат до крштавање? Па, разгледај што се случило во случајот со темничарот и со неговото домаќинство, споменати во Дела 16:25-34. Павле и Сила биле затворени во Филипи, но среде ноќ, силен земјотрес ги отворил затворските врати. Мислејќи дека сите затвореници се побегнати и дека ќе биде тешко казнет, темничарот само што не извршил самоубиство кога Павле му рекол дека сите се тука. Павле и Сила ‚му го проповедале словото Господово нему и на сите што биле со него во куќата негова‘. Темничарот и неговото семејство биле пагани кои немале познавање за Светото писмо. Сепак, во истата таа ноќ, тие станале верници. Уште повеќе, ‚се покрстил тој сам и сите негови домашни‘. Тоа биле необични околности, но новите биле поучени за основните вистини а другите работи ги научиле на собраниските состаноци. Нешто слично треба да биде можно и денес.
Жетвата е голема!
14. Зошто постои потреба да се водат поголем број делотворни библиски студии за пократок временски период?
14 Би било убаво кога Јеховините сведоци би можеле да водат поголем број на делотворни библиски студии за пократок временски период. Постои вистинска потреба од вакво нешто. На пример, во некои земји од Источна Европа луѓето мораат да се запишат на листата на чекање за библиски студии. Таков е случајот и на други места. Во еден град во Доминиканска Република, петмина Сведоци имале толку многу барања што не можеле да ги водат сите студии. Што сториле? Ги охрабриле заинтересираните да присуствуваат на собраниските состаноци во Салата на Царството и да се запишат на листата на чекање за библиски студии. Слична ситуација постои на многу места ширум Земјата.
15, 16. Што е обезбедено за побрзо ширење на спознанието за Бог, и кои се некои факти за тоа?
15 На Божјиот народ му се отвораат огромни подрачја — големи полиња за жнеење. Иако Јехова, „Господарот на жетвата“, испраќа повеќе работници, сѐ уште има многу работа (Матеј 9:37, 38). Затоа, за побрзо ширење на спознанието за Бог, ‚верниот роб‘ има подготвено нешто што накратко дава конкретни информации за да можат библиските ученици духовно да напредуваат со секоја лекција. Тоа е една нова публикација која може да се обработи прилично брзо на домашните библиски студии — можеби за неколку месеци. А може и лесно да се носи во нашите актовки, во нашите ташни, па дури и во нашите џебови! Стотиците илјади насобрани на обласните конгреси на Јеховините сведоци — „Радосни фалители“, беа одушевени кога ја добија оваа нова книга од 192 страници, со наслов Спознание кое води до вечен живот.
16 Писатели од различни земји подготвија материјал кој беше грижливо финализиран за книгата Спознание. Затоа, таа треба да биде привлечена за сите народи. Но, дали ќе треба да помине долго време додека оваа нова публикација се објави на јазиците на кои зборуваат луѓето ширум светот? Не, затоа што една книга од 192 страници може да се преведе побрзо отколку поголемите книги. До октомври 1995 година, Одборот за пишување на Водечкото тело го одобри преведувањето на оваа книга од англиски на преку 130 јазици.
17. Кои фактори треба да ја олеснат употребата на книгата Спознание?
17 Посебните точки во секое поглавје од книгата Спознание треба да им овозможат на учениците да постигнат прилично брз духовен напредок. Книгата изнесува библиски вистини на еден изградувачки начин. Таа не се задржува на лажните доктрини. Јасноста на јазикот и логичниот развој треба да помогнат при употребата на книгата при водењето на библиски студии и да им помогне на луѓето да го сфатат спознанието за Бог. Освен цитираните стихови, има и наведени библиски стихови коишто ученикот може да ги побара кога се подготвува за дискусијата. Тие можат да се прочитаат за време на студијата колку што дозволува времето, но не би било мудро да се зема додатен материјал кој би можел да ги засени главните точки. Наместо тоа, оние кои ги водат библиските студии, треба да се трудат да го распознаат она што книгата го докажува во секое поглавје и тоа да му го пренесат на ученикот. Тоа значи дека учителот мора марливо да проучува, за да ги има многу јасно главните мисли во својот ум.
18. Кои предлози се дадени во врска со употребата на книгата Спознание?
18 Како може книгата Спознание кое води до вечен живот да го забрза делото на правење ученици? Оваа книга од 192 страници може да се проучи за релативно кратко време, а оние кои се „исправно настроени за вечен живот“, треба да бидат во состојба преку нејзиното проучување да научат доволно за да му се предадат на Јехова и да се крстат (Дела 13:48, НС). Затоа, добро да ја користиме книгата Спознание во службата. Доколку некој библиски ученик го има проучено поголемиот дел од некоја друга книга, може да биде практично таа да се доврши. Инаку, се предлага библиските студии да се префрлат на книгата Спознание. По завршувањето на оваа нова публикација, не се предлага со истиот ученик да се води студија со втора книга. Оние кои ја прифаќаат вистината, сами можат да го заокружат своето спознание со присуствување на состаноците на Јеховините сведоци, како и со лично читање на Библијата и на различните христијански публикации (2. Јованово 1).
19. Зошто би било корисно, пред почетокот на библиските студии со книгата Спознание, да се разгледаат страниците 12-63 од брошурата Основни библиски науки?
19 Книгата Спознание е напишана со намера да му се помогне на едно лице да одговори на сите прашања што старешините ги разгледуваат со некрстените објавители кои сакаат да се крстат како Јеховини сведоци. Затоа, пред да ги префрлиш твоите моментални библиски студии на оваа нова публикација, препорачливо е да поминеш неколку часа во разгледување на прашањата на страници 12-63 од брошурата Основни библиски науки.a Тоа ќе ти помогне да ги нагласиш одговорите на тие прашања за време на библиските студии со книгата Спознание.
20. Што планираш да сториш со книгата Спознание кое води до вечен живот?
20 Луѓето насекаде треба да ја слушнат добрата вест. Да, на човештвото му е потребно спознание за Бог, а Јехова ги има своите Сведоци за да го објават. Сега имаме нова книга што ни ја обезбедил нашиот љубезен небесен Татко преку верниот и разумен роб. Дали ќе ја употребиш за да поучуваш за вистината и да му донесеш чест на Јеховиното свето име? Јехова сигурно ќе те благослови додека го вложуваш секој напор за на многумина да им го направиш достапно спознанието кое води до вечен живот.
[Фуснота]
a Издадена од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула, Њујорк, Инк.
Како би одговорил?
◻ Како би го опишал симболичното срце?
◻ Што претставува спознанието за Бог?
◻ Зошто на човештвото му е потребно спознание за Бог?
◻ Која нова книга стои на располагање, и како планираш да ја употребиш?
[Слика на страница 10]
Постојат многу причини зошто на милијардите жители на Земјата им е потребно спознание за Бог