Гледиште на Библијата
Може ли бракот да се спаси после неверство?
„Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен поради прељуба, и се ожени со друга, тој прави прељуба“ (Матеј 19:9).
СО ОВИЕ зборови Исус Христос допуштил христијанинот да избере дали ќе се разведе од неверен брачен другар.a Меѓутоа, што ако невиниот брачен другар избере да го зачува бракот и двојката одлучи повторно да го изгради својот однос? Какви предизвици лежат пред двојката и како може успешно да се пресретне со тие предизвици? Да видиме како Библијата помага да се одговори на овие прашања.
Разурната куќа
Мораме прво да ја сфатиме големината на штетата која е предизвикана од неверството. Како што објаснил Исус Христос, Основачот на бракот наумил сопругот и сопругата ‚да не бидат веќе двајца, а едно тело‘. Тој додал: „А Бог што составил, човек да не разделува“. Да, бракот е обликуван неразделно да ги поврзе луѓето. Кога едно лице ќе го прекрши брачниот завет извршувајќи прељуба, следат мачни последици (Матеј 19:6; Галатјаните 6:7).
За тоа сведочи неволјата која ја доживува невиниот брачен другар. Последиците од прељубата можат да се споредат со оние на ураган кој разбива домови. Д-р Ширли П. Глас забележала: „Неколку пациенти со кои сум работела ми рекле дека полесно би им било нивниот сопружник да умрел“. Вистина, некои кои ги изгубиле своите брачни другари во смрт можеби не се сложуваат со тоа. Меѓутоа, јасно е дека прељубата предизвикува мачна болка. Некои луѓе никогаш во потполност не го преболуваат предавството.
Со оглед на таквата мака, некој би можел да праша: ‚Мора ли прељубата да му стави крај на бракот?‘ Не мора да значи. Исусовата изјава во врска со прељубата покажува дека верниот брачен другар има библиски избор да се разведе, но не е и должен да го стори тоа. Некои двојки одлучуваат повторно да го изградат и да го зајакнат она што било уништено, правејќи ги потребните промени — иако ништо не ја оправдува прељубата.
Се разбира, подобро е да се направат неопходни промени во еден брачен однос кога обата партнери се верни еден на друг. Меѓутоа, дури и кога неверството се случило, некои невини брачни другари избираат да го зачуваат бракот. Наместо таквата одлука да ја засновува врз празни желби, невиниот брачен другар треба да ги одмери последиците. Таа веројатно ќе размислува за потребите на своите деца како и за сопствените духовни, емоционални, физички и финансиски потреби.b Ќе биде мудра ако размисли и за тоа дали нејзиниот брак може да се спаси.
Дали бракот може да се спаси?
Пред да се обиде повторно да ја изгради куќата која била уништена од ураган, градителот мора да одреди дали таа може да се поправи. Исто така, пред да се обиде повторно да го изгради односот кој бил разнишан со неверство, двојката — особено верниот брачен другар — ќе сака да направи реалистична проценка за можноста да се обнови интимноста и довербата во бракот.
Еден фактор кој треба да се земе предвид е тоа дали виновниот брачен другар покажува искрено каење или, наместо тоа, сѐ уште извршува прељуба „во срцето свое“ (Матеј 5:27, 28). Иако тој ветува дека ќе се промени, дали се колеба нагло да ја прекине својата неморална врска? (2. Мојсеева 20:14; 3. Мојсеева 20:10; 5. Мојсеева 5:18). Дали сѐ уште има око што шара? Дали ја обвинува својата сопруга за неговата прељуба? Ако да, напорите да се обнови довербата во бракот веројатно нема да успеат. Од друга страна, ако ја прекине недозволената врска, ја прифаќа одговорноста за својот престап и покажува дека во целост е предаден повторно да се изгради бракот, неговата сопруга можеби ќе види дека има основа да се надева дека еден ден вистинската доверба може да се обнови (Матеј 5:29).
Исто така, дали верниот брачен другар може да се натера тоа да го прости? Тоа не значи дека таа не смее да ги искажува своите чувства на длабока повреда во врска со она што се случило или дека треба да се преправа како ништо да не се изменило. Тоа значи дека ќе настојува, во право време, да не негува длабока огорченост. За таквото простување потребно е време, но може да помогне за да се постави цврста основа на која повторно ќе се гради бракот.
Расчистување на „урнатините“
Откако верниот брачен другар одлучил да го спаси нивниот брак, кои чекори би можела двојката да ги преземе тогаш? Како што мора да се отстранат урнатините околу домот кој е многу оштетен од ураган, така и „урнатините“ кои го опкружуваат бракот мора да бидат расчистени. Тоа може да се постигне до одредена мера доколку двојката ги изразува своите чувства еден на друг. Во Изреки 15:22 (НС) се вели: „Има осуетување на плановите онаму каде што нема доверлив разговор“. Хебрејскиот збор преведен со „доверлив разговор“ подразбира интимност и во Псалм 89:7 (НС) се преведува како ‚интимна група‘. Значи, тоа би вклучувало не само површен дијалог туку и чесна и сесрдна комуникација во која и двете страни ги откриваат своите најдлабоки чувства (Изреки 13:10).
На пример, во некои случаи, верниот брачен другар можеби има натамошни прашања да му постави на својот сопруг. Како започнала врската? Колку долго траела? Кој уште знае за тоа? Се разбира, болно ќе биде двојката да дискутира за овие поединости. Меѓутоа, верниот брачен другар можеби ќе увиди дека таквото спознание е неопходно за обновување на довербата. Ако е така, најдобро е неверниот брачен другар искрено и со обѕирност да одговори. Тој треба да ги објасни работите на еден љубезен начин кој е полн со љубов, имајќи на ум дека намерата на размената на мисли е да лекува, а не да повредува (Изреки 12:18; Ефесјаните 4:25, 26). Ќе биде потребно двајцата да применуваат разборитост, самоконтрола и да слушаат со соживување додека ги изразуваат своите чувства за она што се случилоc (Изреки 18:14; 1. Коринтјаните 9:25; 2. Петрово 1:6).
Оние кои се Јеховини сведоци можеби ќе сакаат да побараат помош од собраниските старешини. Се разбира, сериозните гревови како што е прељубата мора христијаните веднаш да ги исповедаат на старешините, кои се загрижени за духовното добро на двојката и на собранието. Можеби кога се состанал со старешините, прељубникот покажал вистинско каење и затоа му било дозволено да остане во собранието. Во таков случај, старешините можат да даваат континуирана помош и на двата брачни другари (Јаков 5:14, 15).
Повторно градење
Откако двојката ги стабилизирала своите чувства онолку колку што можела, тие се во добра положба повторно да ги изградат виталните аспекти на нивниот брак. И натаму е потребна срдечна комуникација. Каде што се откриваат слабости, мора да се направат соодветни промени.
Потребата да се прават промени првенствено ќе падне на виновниот брачен другар. Меѓутоа, верниот брачен другар мора да го даде својот дел во зајакнувањето на слабите подрачја во бракот. Тоа не значи дека таа била виновна за прељубата или дека прељубата може да се оправда — не постои важечко оправдување за извршувањето на таквиот грев. (Спореди 1. Мојсеева 3:12; 1. Јованово 5:3.) Тоа едноставно значи дека во бракот можеби имало проблеми кои требало да се решат. Повторното градење е заеднички проект. Дали постои потреба да се зајакнат заедничките вредности и цели? Дали духовните активности биле занемарени? Овој процес на откривање значителни слабости и правење потребни промени е сржта на повторното градење на еден многу оштетен брак.
Одржување
Дури и на добро изградена куќа ѝ е потребно редовно одржување. Тогаш, колку само е важно да се одржува еден повторно изграден однос. Двојката не смее да дозволи изминувањето на времето да ја нагризе нивната решеност да се држат за нивните нови одлуки. Наместо да се обесхрабрат доколку доживеат мали порази, како што е повторното враќање на лошите навики на комуникација, тие треба веднаш да преземат чекори за да се вратат во колосек и да продолжат да одат напред (Изреки 24:16; Галатјаните 6:9).
Пред сѐ, сопругот и сопругата треба да ѝ дадат најголем приоритет на својата духовна рутина, никогаш не дозволувајќи истата или нивниот брак да заземат подредена положба во однос на некоја друга активност. Псалм 126:1 вели: „Ако Господ не ја изѕида куќата, залудо ќе се трудат градителите нејзини“. Исус, исто така, предупредил: „Секој, што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на човек глупав, кој си направил куќа на песок. И заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови, и навалија на таа куќа, и таа падна, а паѓањето ѝ беше страшно“ (Матеј 7:24—27).
Да, ако се игнорираат библиските начела поради тоа што се тешки за да се применуваат, бракот ќе остане ранлив на следниот олуен тест на верност. Меѓутоа, ако сопругот и сопругата се држат за библиските начела во сите работи, нивниот брак ќе има божествен благослов. Тие, исто така, ќе го имаат најмоќниот поттик за брачна верност — желбата да му угодат на Основачот на бракот, Јехова Бог (Матеј 22:36—40; Проповедник 4:12).
[Фусноти]
a Постојат полноважечки причини зошто едно лице може да избере да се разведе од прељубничкиот брачен другар. За детална дискусија на оваа тема, види „Гледиште на Библијата: Прељуба — Да се прости или не?“ во изданието на Разбудете се! од 8 август 1995 (хрв.).
b На неверниот брачен другар се осврнуваме како на машки род. Една анкета проценува дека мажите имаат двапати поголема стапка на неверство отколку жените. Меѓутоа, начелата кои се дискутирани подеднакво важат кога невиниот сопружник е христијански маж.
c За информации во врска со доброто слушање, види Разбудете се! од 22 јануари 1994, страници 6—9 и 8 декември 1994, страници 10—13 (обете хрв.).