Шесто поглавје
Помогни му на твојот тинејџер да напредува
1, 2. Какви предизвици и какви радости можат да донесат тинејџерските години?
ДА СЕ има тинејџер во домот е многу поинаку отколку да се има петгодишник, па дури и десетгодишник. Тинејџерските години носат свои предизвици и проблеми, но можат да донесат и радости и награди. Примерите како што се Јосиф, Давид, Јосија и Тимотеј покажуваат дека младите луѓе можат да постапуваат одговорно и да имаат добар однос со Јехова (1. Мојсеева 37:2—11; 1. Царства 16:11—13; 4. Царства 22:3—7; Дела 16:1, 2). Многу тинејџери денес го докажуваат истото. Веројатно и ти познаваш некои од нив.
2 Сепак, за некои поединци тинејџерските години се бурни. Адолесцентите минуваат низ добри и лоши емоционални расположенија. Тинејџерите и тинејџерките можеби сакаат да бидат понезависни и можеби приговараат на ограничувањата што им ги поставуваат родителите. Но, таквите млади сѐ уште се доста неискусни и потребна им е љубезната и трпелива помош од нивните родители. Да, тинејџерските години можат да бидат возбудливи, но и збунувачки — како за родителите така и за тинејџерите. Како може да им се помогне на младите во текот на овие години?
3. Како можат родителите да им дадат на своите потомци кои се адолесценти добра прилика во животот?
3 Родителите кои го следат библискиот совет им даваат на своите потомци кои се на адолесцентна возраст најдобра можна прилика успешно да се пробијат низ искушенијата кои стојат на патот до одговорна зрелост. Во сите земји и во текот на сите временски периоди, оние родители и тинејџери кои заедно ги применувале библиските начела, биле благословени со успех (Псалм 118:1).
ИСКРЕНА И ОТВОРЕНА КОМУНИКАЦИЈА
4. Зошто доверливиот разговор е особено важен во текот на тинејџерските години?
4 Библијата вели: „Без советување [доверлив разговор, НС] намерите се растураат“ (Изреки 15:22). Ако бил потребен доверлив разговор тогаш кога децата биле помали, тој е особено важен во текот на тинејџерските години — кога младите најверојатно минуваат помалку време дома а повеќе време со другарите од училиште или со другите пријатели. Ако помеѓу децата и родителите нема доверлив разговор, то ест нема искрена и отворена комуникација, тинејџерите можат да станат како странци во домот. Според тоа, како можат да се одржуваат отворени линии на комуникација?
5. На какво гледиште кон комуникацијата со своите родители се охрабрени тинејџерите?
5 И родителите и децата мораат да го дадат својот дел во ова. Навистина, на адолесцентите можеби сега им е потешко да разговараат со своите родители отколку тогаш кога биле помлади. Меѓутоа, запомни дека онаму „каде што нема советување, народот опаѓа, спасението е во многу советници“ (Изреки 11:14). Овие зборови важат за сите — и за младите и за старите. Тинејџерите кои го увидуваат тоа ќе сфатат дека сѐ уште им е потребно вешто водство бидејќи се соочуваат со посложени прашања за разлика од порано. Треба да сфатат дека нивните родители кои се верници се добро оспособени како советници бидејќи се поискусни во животот и бидејќи во текот на многу години ја докажале својата љубезна грижа. Затоа, во овој период од нивниот живот, мудрите тинејџери нема да отстапат од своите родители.
6. Каков став во поглед на комуникацијата со своите тинејџери ќе имаат мудрите родители кои се полни со љубов?
6 Отворената комуникација значи родителот да се труди да се стави на располагање тогаш кога тинејџерот ќе чувствува потреба да разговара. Ако си родител, погрижи се комуникацијата да биде отворена барем од твоја страна. Можеби ова нема да биде лесно. Библијата вели дека има „време кога се молчи, и време кога се зборува“ (Проповедник 3:7). Кога твојот тинејџер смета дека е време за да зборува, можеби за тебе тоа е време за молчење. Можеби си го издвоил тоа време за лична студија, за одмор или за работа во куќата. Па сепак, ако твоето дете сака да разговара со тебе, обиди се да ги промениш своите планови и сослушај го. Во спротивно, детето можеби нема да се обиде повторно. Сети се на примерот на Исус. Во една прилика тој си одвоил време за да се одмори. Но, кога луѓето почнале да се собираат околу него за да го слушаат, тој го одложил својот одмор и почнал да ги поучува (Марко 6:30—34). Многу тинејџери увидуваат дека нивните родители се презафатени во животот, но тие треба да бидат уверени дека родителите ќе бидат тука кога ќе им се потребни. Затоа, стави се на располагање и покажувај разбирање.
7. Што треба да избегнуваат родителите?
7 Обиди се да се сетиш како ти било тебе кога си бил тинејџер и немој да ја изгубиш смислата за хумор! Родителите треба да се радуваат кога се заедно со своите деца. Како родителите го користат слободното време што го имаат на располагање? Ако секогаш сакаат да го користат своето слободно време правејќи работи во кои не е вклучено семејството, нивните тинејџери брзо ќе го забележат тоа. Ако адолесцентите дојдат до заклучок дека другарите од училиште имаат повисоко мислење за нив отколку нивните родители, тие сигурно ќе имаат проблеми.
ЗА ШТО ДА СЕ КОМУНИЦИРА
8. Како може во децата да се всади ценење кон чесноста, кон напорната работа и кон исправното однесување?
8 Ако родителите сѐ уште не всадиле во своите деца ценење за чесноста и за напорната работа, тие сигурно ќе треба да го сторат тоа во текот на тинејџерските години (1. Солунјаните 4:11; 2. Солунјаните 3:10). Исто така, многу е битно да се погрижат нивните деца искрено да веруваат дека е важно да се живее еден морален и чист живот (Изреки 20:11). На овие подрачја родителот во голема мера комуницира преку својот пример. Исто онака како што сопрузите кои не се соверници можат да бидат „придобиени без збор, преку однесувањето на своите жени“, така и тинејџерите можат да ги научат исправните начела преку однесувањето на своите родители (1. Петрово 3:1, НС). Сепак, самиот пример воопшто не е доволен бидејќи децата се изложени и на многубројни лоши примери, како и на порој од примамлива пропаганда надвор од домот. Затоа, грижливите родители треба да знаат какви гледишта имаат нивните тинејџери за она што го гледаат и слушаат, а за тоа е потребна смисловна конверзација (Изреки 20:5).
9, 10. Зошто родителите треба лично да се погрижат да ги поучат своите деца во врска со сексот, и како можат да го сторат тоа?
9 Ова важи особено тогаш кога станува збор за сексот. Родители, дали ви е непријатно да разговарате со своите деца во врска со сексот? Дури и да е така, вложете напор да го правите тоа, бидејќи вашите млади сигурно ќе научат од некого за таа тема. Ако не го научат тоа од вас, којзнае какви искривени информации ќе добијат? Во Библијата, Јехова не одбегнува теми поврзани со сексот, а тоа не треба да го прават ниту родителите (Изреки 4:1—4; 5:1—21).
10 За среќа, Библијата содржи јасно водство во врска со сексуалното однесување, а Watchtower Society издало многу корисни информации кои покажуваат дека ова водство сѐ уште важи и во современиов свет. Зошто да не се искористи оваа помош? На пример, зошто со својот син или ќерка не го разгледате делот „Секс и морал“ во книгата Младите прашуваат — Делотворни одговори? Можеби ќе бидеш пријатно изненаден од исходот.
11. Кој е најделотворниот начин на кој родителите можат да ги поучат своите деца како да му служат на Јехова?
11 Која е најважната тема на која треба да разговараат родителите и децата? Апостол Павле се осврнал на тоа кога напишал: „И понатаму подигајте ги [своите деца] во стега и Јеховино мисловно насочување“ (Ефесјаните 6:4, НС). Децата треба постојано да учат за Јехова. Пред сѐ тие треба да научат да го сакаат и да имаат желба да му служат. На ова подрачје многу работи можат да се поучат со пример. Ако адолесцентите видат дека нивните родители го сакаат Бог „со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум“ и дека ова дава добри плодови во животот на нивните родители, тоа може да влијае врз нив за да го прават истото (Матеј 22:37). Слично на тоа, ако младите луѓе видат дека нивните родители имаат разумно гледиште за материјалните работи и на прво место го ставаат Божјето Царство, тоа ќе им помогне да развијат ист таков мисловен став (Проповедник 7:12; Матеј 6:31—33).
12, 13. Кои мисли треба да се имаат на ум за да биде успешна семејната студија?
12 Седмичната семејна библиска студија е извонредна помош за да им се пренесат духовни вредности на младите луѓе (Псалм 118:33, 34; Изреки 4:20—23). Многу е важно таквата студија да се одржува редовно (Псалм 1:1—3). Родителите и нивните деца треба да сфатат дека другите работи треба да се планираат според семејната студија, а не обратно. Понатаму, за да биде делотворна семејната студија, неопходен е исправен став. Еден татко рекол: „Тајната е во тоа, за време на семејната студија водителот да создаде една атмосфера која е опуштена, но сепак полна со почитување — неусилена, но не и несериозна. Можеби нема секогаш да биде лесно да се постигне исправна урамнотеженост и можеби гледиштата на младите ќе треба често да се исправаат. Ако работите не се одвиваат добро еднаш или двапати, истрај и чекај ја следната прилика“. Гореспоменатиот татко рекол дека во молитвата пред секоја студија тој барал помош од Јехова, особено за исправно гледиште од страна на сите оние што учествуваат (Псалм 118:66).
13 Водењето на семејната студија е одговорност на родителите кои се верници. Навистина, некои родители можеби не се надарени учители и можеби им е тешко да најдат начини за да направат семејната студија да биде интересна. Меѓутоа, ако ги сакаш своите тинејџери „со дела и вистина“, ти ќе имаш желба на еден понизен и искрен начин да им помогнеш духовно да напредуваат (1. Јованово 3:18). Можеби одвреме навреме ќе приговараат, но веројатно ќе го почувствуваат твојот длабок интерес за нивното добро.
14. Како може да се примени стихот од 5. Мојсеева 11:18, 19 кога на тинејџерите им се пренесуваат библиски поуки?
14 Семејната студија не е единствена прилика за да се пренесат работи кои се од духовна важност. Се сеќаваш ли на Јеховината заповед за родителите? Тој рекол: „Ставете ги овие зборови Негови во срцето свое и во душата своја, врзете ги на раката своја како знак, и нека бидат тие врзулка меѓу очите ваши; и учете ги синовите свои на нив, кажувајте им за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 11:18, 19; види и 5. Мојсеева 6:6, 7). Ова не значи дека родителите треба постојано да им проповедаат на своите деца. Но, семејниот поглавар кој е полн со љубов треба секогаш да бара прилики за да го изгради духовното гледиште на своето семејство.
СТЕГА И ПОЧИТУВАЊЕ
15, 16. а) Што е стега? б) Кој е одговорен да примени стега, а врз кого лежи одговорноста да ја послуша?
15 Стегата е воспитување кое исправа и тоа вклучува комуникација. Стегата повеќе ја содржи мислата за поправање отколку мислата за казнување — иако на сцена може да стапи и казнувањето. Кога биле помали, на твоите деца им била потребна стега, а сега, кога се тинејџери, таа сѐ уште им е потребна во некој облик, а можеби дури и многу повеќе. Мудрите тинејџери знаат дека ова е точно.
16 Библијата вели: „Безумниот се подбива со татковата поука; а кој слуша изобличувања, благоразумен е“ (Изреки 15:5). Од овој стих учиме многу. Од него се подразбира дека ќе биде дадена стега. Еден тинејџер не може да „слуша изобличувања“ ако не му се дадени. Одговорноста да применат стега Јехова им ја дава на родителите, особено на таткото. Меѓутоа, одговорноста да ја послуша таа стега лежи врз тинејџерот. Ако внимава на мудрата стега од татка си и мајка си, тој ќе научи повеќе и ќе прави помалку грешки (Изреки 1:8). Библијата вели: „Немаштија е срам за оној, што го отфрла учењето; а оној, кој ја пази поуката, ќе се прослави“ (Изреки 13:19).
17. Кон каква урамнотеженост треба да тежнеат родителите кога применуваат стега?
17 Кога ги укоруваат тинејџерите, родителите треба да бидат урамнотежени. Тие треба да одбегнуваат да бидат толку строги што би ги раздразниле своите потомци, можеби дури и повредувајќи ја самодовербата на своите деца (Колосјаните 3:21). Сепак, родителите не би сакале да бидат ниту толку попустливи со што нивните млади би пропуштиле едно многу важно воспитување. Таквата попустливост може да биде погубна. Изреки 29:17 вели: „Казнувај го синот свој, и тој ќе ти даде мир и ќе ѝ донесе радост на душата твоја“. Меѓутоа, 21. стих вели: „Ако ласкаво држиш слуга од детството, подоцна ќе посака да ти стане син“. Иако во овој стих станува збор за слуга, тоа подеднакво важи и за секое дете што е во домаќинството.
18. За што е доказ стегата, и што се избегнува кога родителите применуваат доследна стега?
18 Всушност, исправната стега е доказ за љубовта на родителот кон своето дете (Евреите 12:6, 11). Ако си родител, ти знаеш дека е тешко да се одржува една доследна, разумна стега. Во прилог на мирот можеби ќе изгледа полесно да му се дозволи на еден тврдоглав тинејџер да прави што сака. Меѓутоа, на крајот, оној родител кој го следи второспоменатиов начин на постапување, ќе плати за тоа со едно домаќинство над кое нема да има контрола (Изреки 29:15; Галатјаните 6:9).
РАБОТА И ИГРА
19, 20. Како можат родителите да постапат мудро кога станува збор за рекреацијата на нивните тинејџери?
19 Во поранешни времиња, од децата обично се очекувало да помагаат во домот или на имотот. Денес, голем број тинејџери имаат многу слободно време без надзор. За да им го исполни тоа време, комерцијалниот свет се грижи да има преизобилен материјал со кој ќе се исполни слободното време. Ако кон ова го додадете и фактот дека светот многу малку ги цени библиските мерила за моралот, тогаш ќе имате рецепт за потенцијална несреќа.
20 Затоа, разборитиот родител го задржува правото да донесува конечни одлуки во врска со рекреацијата. Меѓутоа, не заборавај дека тинејџерот расте. Секоја година тој или таа веројатно ќе очекуваат со нив сѐ повеќе да се постапува како со возрасни луѓе. Затоа, како што тинејџерот станува постар, мудро е родителот да му допушти поголема слобода во изборот на рекреација — сѐ додека она што го избира одразува напредок кон духовна зрелост. Понекогаш тинејџерот можеби ќе направи немудар избор во поглед на музиката, другарите итн. Кога ќе се случи тоа, треба да се разговара со него за да може во иднина да избира подобро.
21. На кој начин разумноста во поглед на времето што се троши на рекреација ќе го заштити тинејџерот?
21 Колку време треба да се одвои за рекреација? Во некои земји тинејџерите се наведени да мислат дека имаат право постојано да се забавуваат. Затоа, еден адолесцент можеби го планира својот распоред да оди од една „забава“ на друга. Родителите се должни да го поучат за тоа дека времето треба да се троши и на некои други работи, како што е семејството, личната студија, дружењето со духовно зрели личности, христијанските состаноци и секојдневните работи во домот. Ова ќе спречи ‚насладите од овој живот‘ да ја задушат Божјата Реч (Лука 8:11—15).
22. Со што треба да биде урамнотежена рекреацијата во животот на тинејџерот?
22 Царот Соломон рекол: „Разбрав, дека за нив нема ништо подобро, освен да се веселат [да се радуваат, НС] и да прават добро во текот на животот свој. Кога секој човек јаде и пие, и го гледа доброто во секој свој труд, тоа е дар Божји“ (Проповедник 3:12, 13). Да, радувањето е дел од еден урамнотежен живот. Но, така е и со напорната работа. Многу тинејџери денес не знаат какво е задоволството што произлегува од напорната работа или какво е чувството на самопочитување што доаѓа откако ќе се соочат со некој проблем и ќе го решат. На некои не им е дадена прилика да развијат некоја вештина или занает со кој ќе се издржуваат подоцна во животот. Ова е еден вистински предизвик за родителот. Ќе се погрижиш ли твоето дете да добие такви прилики? Ако можеш да успееш да го поучиш твојот тинејџер да ја цени, па дури и да ужива во напорната работа, тој ќе стекне едно здраво гледиште кое ќе му донесе користи што ќе траат цел живот.
ОД ТИНЕЈЏЕР ДО ВОЗРАСЕН
23. Како можат родителите да ги охрабрат своите тинејџери?
23 Дури и кога имаш проблеми со својот тинејџер, сѐ уште важи библискиот стих: „Љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринтјаните 13:8). Никогаш не престанувај да ја покажуваш љубовта што несомнено ја чувствуваш. Запрашај се: ‚Дали го пофалувам секое дете кога успешно ќе ги совлада проблемите или кога ќе ги надмине препреките? Дали ги искористувам приликите да ја искажам својата љубов и ценење кон моите деца, додека тие прилики сѐ уште не поминале?‘ Иако понекогаш може да настанат недоразбирања, ако тинејџерите се чувствуваат уверени во твојата љубов кон нив, многу е поверојатно дека тие ќе возвратат на таа љубов.
24. Кое библиско начело важи како општо правило во подигањето на децата, но што треба да се има на ум?
24 Се разбира, додека децата израснуваат во возрасни луѓе, со текот на времето тие самите ќе донесуваат многу тешки одлуки. Во некои случаи можеби на родителите нема да им се допаднат тие одлуки. Што ако нивното дете одлучи повеќе да не му служи на Јехова? Ова може да се случи. Дури и некои од духовните синови на Јехова го отфрлиле неговиот совет и се покажале бунтовни (1. Мојсеева 6:2; Јуда 6). Децата не се компјутери кои можат да се програмираат за да постапуваат онака како што сакаме ние. Тие се суштества со слободна волја, одговорни пред Јехова за одлуките што ги донесуваат. Сепак, Изреки 22:6 сѐ уште важи како општо правило: „Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“.
25. Кој е најдобриот начин родителите да покажат благодарност кон Јехова за предноста на родителството?
25 Затоа, покажувај изобилна љубов кон своите деца. Додека ги подигаш, давај сѐ од себе за да ги следиш библиските начела. Дај добар пример на божествено однесување. Со тоа ќе им дадеш на своите деца најдобра прилика да израснат во одговорни, богобојазливи возрасни луѓе. Тоа е најдобриот начин на кој родителите ќе покажат благодарност кон Јехова за предноста на родителството.
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА ИМ ПОМОГНАТ . . . НА РОДИТЕЛИТЕ ВО ПОДИГАЊЕТО НА СВОИТЕ ТИНЕЈЏЕРИ?
Потребна е комуникација (Изреки 15:22).
Редовно треба да ја разгледуваме Божјата Реч (Псалм 1:1, 2).
Остроумниот ја слуша стегата (Изреки 15:5).
И работата и играта си имаат свое место (Проповедник 3:12, 13).
[Слика на страница 67]
Стави се на располагање кога на твојот тинејџер му е потребно да разговара
[Слика на страница 69]
Редовната библиска студија е неопходна за семејството
[Слика на страница 70]
Изразувај љубов и ценење кон своите деца