Комуникацијата — повеќе отколку само да се зборува
ЗАМИСЛИ група туристи кои набљудуваат живописен пејзаж. Иако сите од групата ја посматраат истата слика, секој од нив поинаку ја гледа. Зошто? Затоа што секој поединец ја набљудува од своја гледна точка. Дури ни двајца не стојат истовремено на едно исто место. Освен тоа, сите не се сосредоточени на ист дел од сликата. Секој наоѓа различна точка која особено го интересира.
Слично е и во бракот. Дури и кога во голема мера си одговараат еден на друг, двајцата партнери не делат сосема исто гледиште за работите. Мажот и жената се разликуваат во такви фактори како што се емоционалната градба, доживувања од детството и семејното влијание. Различните погледи кои произлегуваат од тоа, можат да бидат извор на жестоки кавги. Апостолот Павле отворено рекол: „Оние кои се женат ќе имаат болки и јад“ (1. Коринтјаните 7:28, The New English Bible).
Комуникацијата го вклучува напорот да се вклопат овие разлики во однос како едно тело. Тоа бара да се создаде време за разговор. (Види рамка на 7. страница.) Но уште многу повеќе е вклучено во тоа.
Да се покаже увид
Една библиска изрека гласи: „Срцето на мудриот го прави јазикот негов мудар [да покаже увид, NW], разумот се пројавува и во устата негова“ (Соломонови изреки 16:23). Хебрејскиот збор овде преведен со ‚причинува да покаже увид‘ значи да се биде разборит, внимателно да се одмерат работите во умот. Според тоа, фокусната точка за делотворна комуникација е срцето, а не устата. Добриот комуникатор е повеќе од говорник; тој е и сочувствителен слушач (Јаков 1:19). Потребно е да ги разликува чувствата и препирките кои се наоѓаат под површината на однесувањето на сопружникот (Соломонови изреки 20:5).
Како? Понекогаш тоа може да се постигне ако се посматраат околностите под кои избил конфликтот. Дали твојот сопружник доживува тежок емоционален или телесен напор? Можеби некоја болест придонесува за нерасположеноста на твојот брачен другар? „Каква радост е да се најде вистинскиот збор за вистинската прилика!“ — вели Библијата (Изреки 15:23, Today’s English Version). Затоа, разгледувањето на околностите ќе ти помогне соодветно да реагираш (Соломонови изреки 25:11).
Меѓутоа, често пати коренот на причината за конфликтот се наоѓа вон моменталните околности.
Да се сфати минатото
Доживувањата во детството многу придонесуваат за обликувањето на нашето мислење во зрелоста. Со оглед на тоа што брачните другари потекнуваат од различни семејства, спротивните гледишта се неизбежни.
Еден настан од Библијата тоа го покажува. Кога ковчегот на сојузот бил вратен во Ерусалим, Давид отворено го покажувал своето одушевување. Но, како реагирала неговата сопруга Мелхола? Библијата раскажува: „Мелхола, Сауловата ќерка, гледаше од прозорецот нејзин и, откако го виде царот Давида како скока и игра пред Господа, го презре во срцето свое“ (2. Царства 6:14-16).
Мелхола покажала безверен став како нејзиниот неправеден татко Саул. Библиските коментатори К. Ф. Кајл и Ф. Делич наведуваат дека тоа е причината зошто Мелхола во 16. стих е означена како „Сауловата ќерка“, а не како Давидовата жена. Како и да е, натамошниот разговор меѓу нив јасно покажува дека Давид и Мелхола не го делеле истото гледиште за овој радосен настан (2. Царства 6:20-23).
Овој пример покажува дека потајните влијанија при воспитувањето можат да бидат причина сопругот и сопругата да ги гледаат работите сосема поинаку. Тоа е случај дури и кога двајцата обединето му служат на Јехова. На пример, една сопруга на која не ѝ било пружено доволно поддршка во емоционален поглед кога била дете може да покажува особена потреба да биде признаена и охрабрена. Тоа може да го збуни сопругот. „И стотина пати да ѝ речам дека ја сакам“, ќе рече тој, „пак не би било доволно!“
Од овој аспект, комуникацијата вклучува ‚не само да се грижиме секој само за себе, туку и за другите‘ (Филипјаните 2:4). За да комуницира, сопругот мора својата сопруга да ја гледа и од аспект на нејзиното минато, а не само од аспект на своето сопствено. А, се разбира, и сопругата би требало да биде поттикната да го стори истото за својот сопруг (1. Коринтјаните 10:24).
Кога некој бил злоупотребуван во минатото
Личната заинтересираност особено е важна ако брачниот другар бил силуван или сексуално злоупотребуван како дете — за жал, растечки проблем во денешно време. Сопругата, на пример, може понекогаш при половата интимност да забележи дека не може да ја одвои сегашноста од минатото, својот сопруг од злосторникот или сексуалниот однос од сексуалната злоупотреба. Тоа може да биде разочарувачки, особено ако сопругот тоа не го смета за нешто деликатно како што го смета неговата сопруга (1. Петрово 3:8).
Бидејќи не можеш да го избришеш минатото ниту сосема да ги залечиш неговите последици, можеш многу да сториш за да го утешиш потиштениот брачен другар (Соломонови изреки 20:5). Како? „Вие сопрузи треба да се обидете да ги разберете сопругите со кои живеете“ — напишал Петар (1. Петрово 3:7, Phillips). Да се разбере минатото на својот брачен другар е витален дел од комуникацијата. Без соживување и сочувствителност, твоите зборови ќе бидат бескорисни.
Исус ‚се смилил‘ на оние кои ги сретнувал, а кои биле болни, иако тој лично никогаш не ги искусил нивните болести (Матеј 14:14). Исто така, можеби ти лично не си доживеал занемарувања или злоупотреба како твојата сопруга, меѓутоа, наместо да ја потценуваш нејзината болка, земи го предвид нејзиното минато и дај ѝ ја твојата поддршка (Соломонови изреки 18:14). Павле напишал: „Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси“ (Римјаните 15:1).
Замката на огорченост
Бракот е како скапоцен сад и, кога ќе се оштети со прељуба, штетата е од непроценлива вредност (Соломонови изреки 6:32). Меѓутоа, ако недолжниот сопружник одлучил да прости, преку помирување, парчињата можат да се залепат. Сепак, пукнатините остануваат, и за време на некоја караница може да се посегне по нив и да се искористи минатото како оружје.
Огорченоста е нормална реакција на неверството на едниот од брачните другари. Но, ако на твојот сопружник си му простил, варди се прикриениот гнев да не го уништи доброто кое си го постигнал преку постапката на помирување. Огорченост која тивко врие одвнатре или немилосрдно е отпуштена како од ланец, ги повредува и двајцата брачни другари. Зошто? Еден доктор наведува: „Ако се чувствувате повредено од вашиот партнер, тоа е поради тоа што сѐ уште се грижите за него. Затоа, ако се повлечете или пак барате прилика за одмазда, не го повредувате само вашиот партнер туку и себеси се уништувате. Освен тоа, го разорувате односот кој би сакале да биде здрав“.
Да, едноставно не можеш да преминеш преку разликите во бракот доколку не го смириш својот гнев. Затоа, понекогаш, кога не си под вжештени емоции, разговарај со твојот брачен другар за своите чувства. Објасни зошто се чувствуваш повредено, што ти треба за повторно да ти се врати довербата и што ќе сториш за да го зачуваш односот. Никогаш немој да го употребуваш минатото како оружје за добивање на посилна позиција.
Зависност која ја оштетува комуникацијата
Бракот претрпува значителна штета доколку еден од сопружниците злоупотребува алкохол или дрога. Ситуацијата на другиот сопружник може да наликува на ситуацијата на Авигеја, како што известува Библијата. Додека нејзиниот сопруг Навал ‚бил многу пијан‘, Авигеја неуморно се трудела да ги покрива последиците од неговото немудро однесување (1. Царства 25:18-31, 36). Браковите во кои едниот сопружник е растргнат од зависноста, а другиот пак е вклучен во обидот да го смени однесувањето на зависникот често пати наликува на домот на Навал и Авигеја.a
Се разбира, кога зависникот ќе почне да закрепнува се чувствува големо олеснување. Но, тоа е само почеток. Замисли си жесток ураган кој пустошел над едно малечко гратче. Куќите се срушени, дрвјата искорнати, телефонските линии паднати на земја. Голема е радоста кога бурата ќе помине. Но, сега претстои огромна работа на обнова. Истото се случува кога сопружникот почнува да оздравува. Срушените односи мораат повторно да се изградат. Довербата и интегритетот потребно е повторно да бидат воспоставени. Треба повторно да се изградат линиите на комуникација. За зависникот кој закрепнува, ова постепено градење е дел од „новиот човек“ кој е потребно да се развива како што тоа Библијата го бара од христијаните. Овој нов човек мора да го вклучува ‚обновување на силата која го покренува умот‘ (Ефесјаните 4:22-24).
Библиската студија им помогнала на Леонард и Елејн да престанат со злоупотреба на дрога, но силата која го покренува умот не била во полн погон.b Набргу се појавиле други зависности. „Дваесет години се обидувавме да ги применуваме библиските начела и да имаме задоволувачки брак, но тоа секогаш беше недостижно“ — вели Елејн. „Нашите зависности беа длабоко вкоренети. Не можевме да се ослободиме од нив преку студија и молитва.“
Леонард и Елејн барале совет да ги разберат причините за нивните зависности. Навремениот материјал од ‚верниот и разумен роб‘ за злоупотреба на деца, алкохолизам и почитувањето кон жените им биле од особена помошc (Матеј 24:45-47). „Добивме помош да ја поправиме штетата и да го обновиме нашиот однос“ — вели Елејн.
Решавање на проблемите
Ревека чувствувала неснослива болка поради жените на син ѝ Исав. Плашејќи се дека и нејзиниот втор син, Јаков, ќе го следи Исавовиот пример, Ревека го искажала своето разочарување така што на својот сопруг Исак му рекла: „Ми омрзна животот поради ќерките хетејски. А ако земе Јаков жена од ќерките хетејски, тогаш зошто ми е животот?“ (1. Мојсеева 27:46).
Забележи дека кога Ревека одлучно зборувала за своите чувства, не го нападнала Исак. Не рекла: „Ти си крив за сѐ“, или: „Би требало повеќе да се грижиш за сето ова!“ Не, Ревека се изразила во прво лице еднина за да опише колку овој проблем неа ја погодил. Ваквиот пристап подбудил кај Исак сочувствителност, а не желба да си го зачува образот. Бидејќи не сметал дека тој лично е нападнат, Исак веројатно веднаш реагирал на Ревекината жалба (1. Мојсеева 28:1, 2).
Сопрузите и сопругите можат да извлечат поука од примерот на Ревека. Кога ќе се појави конфликт, подобро нападни го проблемот отколку сопружникот. Како и Ревека, изрази го твоето разочарување од аспект како тоа тебе те погодило. Изјавите: „Јас сум разочарана поради . . .“, или: „Мислам дека се појави недоразбирање . . .“, се поделотворни отколку: „Ме разочаруваш!“ или: „Никогаш не ме разбираш!“
Повеќе од издржливост
Бракот на првата човечка двојка, Адам и Ева, траел столетија и од него произлегло семејство од синови и ќерки (1. Мојсеева 5:3-5). Но тоа не значи дека нивниот брак бил вреден да се имитира. Уште на самиот почеток, дух на независност и непочитување на праведните закони на Творецот ја расипал нивната врска на едно тело.
Слично и денес, бракот може да биде траен, но сепак да му недостасуваат виталните елементи на комуникација. Некои цврсто втемелени мислења и неумесни карактерни црти можеби мора да бидат искоренети. (Спореди 2. Коринтјаните 10:4, 5.) Тоа е едукативен процес кој трае. Но, вреди труд. Јехова Бог е длабоко заинтересиран за брачното уредување бидејќи тој е неговиот Творец (Малахија 2:14-16; Евреите 13:4). Затоа, ако ние го дадеме својот дел, можеме да бидеме уверени дека тој ќе ги признае нашите напори и ќе ни даде мудрост и сила кои се потребни да се залекува секаков слом во брачната комуникација. (Спореди Псалми 24:4, 5; 118:34.)
[Фусноти]
a За помош на семејства на алкохоличари е дискутирано во изданието на Разбудете се! од 22. мај 1992, стр. 3-7 (англ.).
b Имињата се променети.
c Види ги изданијата на Разбудете се! од 8. јануари 1992, 22. мај 1992 (англ.) и 8. октомври 1992.
[Рамка на страница 6]
„Ѓубрето ни одзема повеќе време!“
ЕДЕН сопруг и сопруга, кои имале проблеми во бракот, биле замолени да пресметаат колку време им е потребно секоја недела за да го изнесат ѓубрето. Нивниот одговор бил 35 минути неделно или 5 минути секој ден. Потоа ги прашале колку време поминуваат во заеднички разговор. Сопругот бил изненаден. „Ѓубрето ни одзема повеќе време!“ — изјавил и додал: „Се лажеме себеси ако мислиме дека пет минути дневно се доволни за да се одржи бракот“. И, се разбира, тоа не е доволно време за бракот да напредува.
[Рамка на страница 7]
Постави правила
◻ Секојпат разговарај на една тема (1. Коринтјаните 14:33, 40)
◻ Искажи ги чувствата; не обвинувај (1. Мојсеева 27:46).
◻ Без удирање (Ефесјаните 5:28, 29)
◻ Без нељубезни зборови (Соломонови изреки 26:20)
◻ Имај за цел да се помириш, а не да победиш (1. Мојсеева 13:8, 9)
[Слика на страница 4]
Кога ќе се појави конфликт, подобро нападни го проблемот отколку сопружникот
[Слика на страница 8]
Искажи ги чувствата; не обвинувај