Работи од кои мора да бегаме
„Змиско легло! Кој ви кажал да бегате од гневот што доаѓа?“ (МАТ. 3:7).
1. Наведи некои примери за бегање кои се запишани во Библијата.
НА ШТО помислуваш кога ќе го чуеш зборот „бега“? Можеби некои веднаш помислуваат на убавиот младич Јосиф кој побегнал од неморалната жена на Петефри (1. Мој. 39:7-12). Други, пак, можеби ќе помислат на христијаните кои побегнале од Ерусалим во 66 год. од н.е., и така го послушале следново предупредување од Исус: „Кога ќе го видите Ерусалим опколен од улогорени војски, тогаш... оние што ќе бидат во Јудеја, нека бегаат во планините! Оние што ќе бидат во градот, нека го напуштат“ (Лука 21:20, 21).
2, 3. а) Што сакал да им каже Јован Крстител на верските водачи кога ги критикувал? б) Како Исус дал уште посилно предупредување од она на Јован?
2 Овие примери се однесуваат на дословно бегање. Но, денес постои итна потреба вистинските христијани, кои живеат во речиси секоја земја на планетава, да бегаат во симболична смисла. Јован Крстител го употребил зборот „бега“ со такво значење. Меѓу оние што дошле да го видат, биле и самоправедните еврејски верски водачи кои сметале дека нема за што да се каат. Тие гледале со презир на обичните луѓе кои се крштавале во знак на покајание. Јован бестрашно ги разоткрил овие лицемерни водачи, кога рекол: „Змиско легло! Кој ви кажал да бегате од гневот што доаѓа? И така, донесете плод кој одговара на вашето покајание!“ (Мат. 3:7, 8).
3 Јован не зборувал за дословно бегање. Тој ги предупредил овие водачи дека им претстои време на суд, односно ден на гнев, и јасно им ставил до знаење дека, ако сакаат да побегнат во тој ден, ќе мора да донесат плод што ќе биде доказ за нивното покајание. Подоцна, Исус смело ги осудил верските водачи затоа што, со својот крвожеден став, покажале дека нивниот вистински татко е Ѓаволот (Јован 8:44). И тој, исто како Јован, ги нарекол „змиско легло“, а потоа им дал уште посилно предупредување од она на Јован со прашањето: „Како ќе побегнете од осудата на геената?“ (Мат. 23:33). Што сакал да каже Исус кога ја спомнал „геената“?
4. Што сакал да каже Исус кога ја спомнал „геената“?
4 Геена била долина покрај ерусалимските ѕидини во која се гореле ѓубрето и животинските мрши. Исус го употребил зборот геена со значење на вечна смрт. (Види ја 27. страница.) Кога прашал како ќе ѝ побегнат на геената, тој покажал дека тие верски водачи, како група, заслужувале вечно уништување (Мат. 5:22, 29).
5. Како потврдува историјата дека предупредувањата на Јован и на Исус се исполниле?
5 Еврејските водачи уште повеќе си ги зголемиле гревовите со тоа што ги прогонувале Исус и неговите следбеници. Подоцна, како што предупредиле и Јован и Исус, Божјиот ден на гнев навистина дошол. Во тој случај, ‚гневот дошол‘ врз едно конкретно подрачје, односно врз Ерусалим и Јудеја, и затоа било можно да се бега во дословна смисла. Овој гнев бил излеан кога Ерусалим и неговиот храм биле уништени од страна на римските војски во 70 год. од н.е. Таа „неволја“ била пострашна од сѐ друго што пред тоа му се случило на Ерусалим. Мнозина биле убиени или заробени. Но ова, всушност, навестува едно уште пострашно уништување што ги чека многуте наводни христијани, како и членовите на другите религии (Мат. 24:21).
Да бегаме од гневот што претстои
6. Што се појавило во христијанското собрание од првиот век?
6 Некои од првите христијани отпаднале од верата и по себе повлекле и други (Дела 20:29, 30). Додека биле живи, апостолите на Исус го ‚задржувале‘ тоа отпадништво, но откако изумреле, се појавиле многу лажни христијански секти. Денес постојат стотици противречни религии кои тврдат дека се христијански. Библијата однапред кажала дека на светската сцена ќе се појави свештенството на христијанскиот свет, кое го опишала како „човекот на беззаконието“ и „синот на пропаста... [кого] Господарот Исус ќе го убие... и ќе го уништи со покажувањето на својата присутност“ (2. Сол. 2:3, 6-8).
7. Зошто изразот „човекот на беззаконието“ е соодветен назив за свештенството на христијанскиот свет?
7 Свештениците на христијанскиот свет се беззаконици во таа смисла што завеле милиони луѓе со однесување, учења и празници кои се спротивни на она што го бара Бог во Библијата. Исто како и верските водачи кои ги осудил Исус, денешното свештенство — „синот на пропаста“ — го чека крај од кој нема воскресение (2. Сол. 1:6-9). Но, што ги очекува луѓето кои биле заведени од свештенството на христијанскиот свет и од верските водачи на другите лажни религии? За да го добиеме одговорот на ова прашање, да размислиме за настаните што следеле по едно претходно уништување на Ерусалим, во 607 год. пр.н.е.
„Бегајте од Вавилон“
8, 9. а) Каква пророчка порака имал Еремија за заробените Евреи во Вавилон? б) Во која смисла можело да се бега од Вавилон откако овој град бил освоен од Медијците и Персијците?
8 Пророкот Еремија го претскажал уништувањето на Ерусалим до кое дошло во 607 год. пр.н.е. Тој кажал дека Божјиот народ ќе замине во изгнанство, но дека ќе се врати во својата земја откако ќе поминат „седумдесет години“ (Ерем. 29:4, 10). За заробените Евреи во Вавилон, Еремија имал важна порака — тие не смееле да ги попримат обичаите на лажната религија на Вавилонците, и така духовно да се извалкаат. На тој начин, кога ќе дошло одреденото време, ќе биле спремни да се вратат во Ерусалим и повторно да го обожаваат Бог на исправен начин. Ова се случило кратко откако Медијците и Персијците го освоиле Вавилон во 539 год. пр.н.е. Персискиот цар Кир II издал налог Евреите да се вратат и повторно да го изградат Јеховиниот храм во Ерусалим (Езра 1:1-4).
9 Илјадници Евреи ја искористиле оваа можност за да се вратат дома (Езра 2:64-67). Со тоа ја исполниле пророчката заповед што ја дал Еремија, која во нивниот случај значела да бегаат, односно да заминат од Вавилон. (Прочитај Еремија 51:6, 45, 50.) Околностите не им дозволиле на сите Евреи да тргнат на тој долг пат до Ерусалим и Јуда. Но, Бог и понатаму ќе ги благословувал оние што останале во Вавилон, како, на пример, остарениот пророк Даниел, ако со сета душа го поддржувале исправниот начин на обожавање кое се вршело во Ерусалим, и ако останеле одвоени од лажната религија во Вавилон.
10. За какви ‚гадотии‘ е виновен „Големиот Вавилон“?
10 Денес милијарди луѓе се членови на разни ограноци на лажната религија кои влечат корени од древниот Вавилон (1. Мој. 11:6-9). Како група, сите овие религии имаат заедничко име — „Големиот Вавилон, мајка на блудниците и на гадотиите земни“ (Отк. 17:5). Лажната религија со векови ги поддржува политичките владетели на овој свет. Меѓу „гадотиите“ за кои е одговорна се и многуте војни во кои стотици милиони луѓе се „убиени на земјата“ (Отк. 18:24). Во нејзините ‚гадотии‘ спаѓаат и педофилијата, како и другите облици на сексуален неморал кои ги вршеле свештеници и кои биле толерирани од црковните власти. Тогаш, зарем е чудно што наскоро Јехова Бог ќе ја исчисти Земјата од лажната религија? (Отк. 18:8).
11. Сѐ додека не биде уништен Големиот Вавилон, каква обврска имаат вистинските христијани?
11 Вистинските христијани, кои го знаат ова, имаат обврска да ги предупредат членовите на Големиот Вавилон. Тоа го прават така што, меѓу другото, им доставуваат Библии и библиска литература кои ги издава „верниот и разборит роб“, кого Исус го поставил да обезбедува духовна „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45). Кога поединци покажуваат интерес за библиската порака, се прават напори да им се помогне да ја проучуваат Библијата. Се надеваме дека, со текот на времето, ќе сфатат дека треба ‚да побегнат од Вавилон‘ пред да биде предоцна (Отк. 18:4).
Бегајте од идолопоклонство
12. Што мисли Бог за обожавањето на ликови и идоли?
12 Друг одвратен обичај кој е раширен во Големиот Вавилон е обожавањето на ликови, односно кипови или икони, кои Бог ги нарекува „гнасотии“ и „одвратни идоли“ (5. Мој. 29:17). Сите што сакаат да му угодат на Бог не смеат да вршат идолопоклонство, во склад со следнава изјава што ја дал Тој: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име, и никому нема да му ја дадам својата слава, ниту на режаните ликови својата фалба“ (Иса. 42:8).
13. Од кои подмолни облици на идолопоклонство треба да се чуваме?
13 Божјата реч разоткрива и некои подмолни облици на идолопоклонство. На пример, вели дека лакомоста е „идолопоклонство“ (Кол. 3:5). Да бидеш лаком значи, меѓу другото, да го посакуваш она што е забрането, да речеме, нешто што го поседува некој друг (2. Мој. 20:17). Кај ангелот што станал Сатана Ѓаволот се развила лакома желба да биде како Севишниот, и другите да му служат нему (Лука 4:5-7). Таа желба го навела да се побуни против Јехова и да ја намами и Ева да се полакоми по нешто што Бог го забранувал. И Адам во некоја смисла станал идолопоклоник затоа што дозволил себичниот копнеж по друштвото на својата жена да му биде поважен од послушноста кон неговиот грижлив небесен Татко. За разлика од нив, сите што сакаат да побегнат од Божјиот ден на гнев мора да му бидат оддадени само на Бог и не смеат да бидат лакоми во ниеден поглед.
„Бегајте од блуд“
14-16. а) Зошто Јосиф дал одличен пример во врска со моралот? б) Што треба да правиме ако почувствуваме нечиста сексуална желба? в) Како можеме успешно да бегаме од блуд?
14 Прочитај 1. Коринќаните 6:18. Кога жената на Петефри се обидела да го заведе, Јосиф дословно побегнал од неа. Со тоа навистина дал одличен пример за христијаните — и за самците и за оние што се во брак. Очигледно врз совеста на Јосиф влијаеле некои настани од минатото, од кои тој можел да види што мисли Бог за неморалот. Ако сакаме да ја послушаме заповедта ‚да бегаме од блуд‘, нема да правиме работи што можат кај нас да побудат сексуална желба кон некого што не е наш брачен другар. Библијата нѐ советува: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство. Поради тоа доаѓа Божјиот гнев“ (Кол. 3:5, 6).
15 Забележи дека „доаѓа Божјиот гнев“. Мнозина во светот ги потхрануваат неисправните сексуални желби и постепено им се препуштаат. Затоа ние, како христијани, мора да го молиме Бог за помош и за свет дух за да не дозволиме да нѐ контролираат нечисти сексуални желби. Освен тоа, ако продолжиме да ја проучуваме Библијата, да одиме на христијанските состаноци и да зборуваме со нашите ближни за добрата вест, ќе можеме и понатаму ‚да живееме според духот‘. Само така ‚нема да им угодуваме на желбите на телото‘ (Гал. 5:16).
16 Се разбира, ако гледаме порнографија, тогаш не ‚живееме според духот‘. Затоа, ниту еден христијанин не треба да си дозволи да чита и да гледа работи или, пак, да слуша материјали што можат сексуално да го возбудат. Слично на ова, погрешно е Божјите „свети луѓе“ да се шегуваат со такви работи или да разговараат за нив (Еф. 5:3, 4). Така ќе му покажеме на нашиот добар небесен Татко дека навистина сакаме да побегнеме од неговиот гнев што доаѓа и да живееме во праведниот нов свет.
Бегајте од „љубовта кон парите“
17, 18. Зошто мора да бегаме од „љубовта кон парите“?
17 Во своето прво писмо до Тимотеј, Павле истакнал неколку начела по кои требало да се водат христијаните кои во тоа време служеле како робови. Некои од нив им служеле на господари кои исто така биле христијани, па затоа можеби се надевале дека ќе имаат материјална корист од тоа. А веројатно имало и такви што се обиделе да ги искористат светите работи за себични цели. Павле предупредил дека е погрешно да „ја сметаат оддаденоста на Бог за извор на [материјална] добивка“. Коренот на проблемот можеби бил „љубовта кон парите“, која може лошо да влијае врз сите, и врз богатите и врз сиромасите (1. Тим. 6:1, 2, 5, 9, 10).
18 Дали можеш да се сетиш на некои личности од Библијата кои си го расипале односот со Бог поради „љубовта кон парите“ или љубовта кон неважни работи кои можат да се купат со пари? (Ис. Нав. 7:11, 21; 2. Цар. 5:20, 25-27). Павле го поттикнал Тимотеј: „А ти, човеку Божји, бегај од тоа! Стреми се кон праведност, оддаденост на Бог, вера, љубов, истрајност, благост!“ (1. Тим. 6:11). Сите што сакаат да го преживеат денот на гневот кој доаѓа мора да го послушаат овој совет.
„Бегај од желбите на младоста“
19. Што им треба на сите млади?
19 Прочитај Изреки 22:15. Глупоста во срцето на младичот лесно може да го одведе во погрешен правец. Стегата за која зборува Библијата може да спречи да дојде до вакво нешто. Многу млади христијани чии родители не се Јеховини сведоци се трудат да ги дознаат и да ги применуваат начелата што се изнесени во Библијата. Други, пак, извлекуваат корист од мудрите совети што им ги даваат духовно зрелите лица во собранието. Сеедно кој е тој што ни дава библиски совети, ако ги послушаме, ќе бидеме среќни и сега и во иднина (Евр. 12:8-11).
20. Што може да им помогне на младите да бегаат од неисправните желби?
20 Прочитај 2. Тимотеј 2:20-22. Многу млади срца кои не добиле корисна поука и стега застраниле по лоши патишта, и станале жртви на натпреварувачкиот дух, лакомоста, блудот, љубовта кон парите или трчањето по задоволства. Сите овие работи се ‚желби на младоста‘, од кои Библијата ни заповеда да бегаме. Но, за да бега од нив, младиот христијанин треба да внимава да не падне под нездраво влијание, сеедно од кого доаѓа тоа. Во овој поглед многу ќе им помогне библискиот совет да се трудат да ги стекнуваат Божјите особини „заедно со оние што од чисто срце го повикуваат Господарот“.
21. Кое прекрасно ветување им го дал Исус Христос на своите следбеници кои се кротки како овци?
21 Сеедно дали сме млади или стари, кога одбиваме да ги слушаме оние што се обидуваат да нѐ заведат, покажуваме дека сакаме да бидеме меѓу кротките овци на Исус кои „бегаат од... гласот на туѓинците“ (Јован 10:5). Но, за да побегнеме од Божјиот ден на гнев, не е доволно само да бегаме од лошите работи. Мора да стекнуваме и позитивни особини. Во следната статија ќе разгледаме седум вакви особини. Имаме добра причина уште подлабоко да истражуваме на оваа тема, бидејќи Исус го дал следново прекрасно ветување: „Јас им давам вечен живот [на моите овци], па никогаш нема да пропаднат, и никој нема да ги грабне од моите раце“ (Јован 10:28).
Како би одговорил?
• Кое предупредување им го дал Исус на верските водачи?
• Во која опасна ситуација се наоѓаат многу луѓе денес?
• Од кои подмолни облици на идолопоклонство мора да бегаме?
[Слики на страници 8 и 9]
На што помислуваш кога ќе го чуеш зборот „бега“?