Прашања од читателите
Во Изреки 24:16 пишува: „Ако праведникот падне и седумпати, пак ќе стане“. Дали овој стих се однесува на некој што секогаш одново прави грев, а потоа Бог му простува?
Всушност, тоа не е значењето на овој стих. Напротив, тој укажува на некој што паѓа во таа смисла што секогаш одново се соочува со проблеми или неволји, но и покрај тоа успева да застане на нозе.
Да го разгледаме контекстот на овој стих: „Немој, како злиот, да го демнеш живеалиштето на праведникот, немој да го пустошиш почивалиштето негово. Зашто, ако праведникот падне и седумпати, пак ќе стане, а злиот ќе пропадне во неволјата. Кога ќе падне твојот непријател, не радувај се, и кога ќе се сопне, нека не се весели срцето твое“ (Изр. 24:15-17).
Некои сметаат дека стих 16 се однесува на човек кој можеби ќе направи грев, но затоа што се кае, може повторно да има добар однос со Бог. На пример, двајца верски водачи од Англија напишале дека „свештениците, и во минатото и денес, го објаснувале овој стих“ на ваков начин. Тие додале дека, според ова гледиште, можно е „некој добар човек да западне во... тешки гревови, но и понатаму да го сака Бог и да не ја изгуби Божјата наклоност затоа што се кае“. Ова објаснување може многу да му се допаѓа на некој кој не сака да се бори против грешните склоности. Таквото лице може да си мисли дека, дури и ако постојано греши, Бог секогаш одново ќе му простува.
Но, тоа воопшто не е значењето на стих 16.
Хебрејскиот збор кој е преведен со „падне“ во стихови 16 и 17 може да има различно значење. Може да се однесува на дословно паѓање. На пример, едно животно може да падне на патот, некој може да падне од покрив, или камче може да падне на земја (5. Мој. 22:4, 8; Амос 9:9). Зборот „падне“ исто така може да се користи и во симболична смисла, како во следниот стих: „Јехова му ги зацврстува чекорите на човекот и се радува на неговиот пат. И да се лизне, нема да падне, зашто Јехова го држи за рака“ (Пс. 37:23, 24; Изр. 11:5; 13:17; 17:20).
Професор Едвард Пламтер објаснува дека „хебрејскиот збор преведен со ’падне‘ никогаш не значи ’прави грев‘“. Затоа, еден друг изучувач го објаснува стих 16 вака: „Залудно е некој да ги малтретира Божјите слуги бидејќи, за разлика од злобните, тие секогаш успеваат да преживеат!“
Сето ова покажува дека Изреки 24:16 не се однесува на некој што прави грев, туку на некој што постојано доживува проблеми или тешкотии. Во сегашниот злобен свет, еден праведник може да има здравствени или други проблеми. Може дури да биде и жестоко прогонуван од властите. И покрај тоа, може да ја положи својата доверба во Бог, кој ќе му помогне успешно да се справи со сите проблеми. Сигурно си видел како честопати работите на крајот излегуваат добро за Божјите слуги. Зошто? Ние сме уверени дека „Јехова ги придржува сите што паѓаат и ги исправа сите што се наведнати“ (Пс. 41:1-3; 145:14-19).
Праведникот не се радува кога другите имаат проблеми. Напротив, се радува бидејќи знае дека „ќе им биде добро на оние што се бојат од вистинскиот Бог, затоа што се бојат од него“ (Проп. 8:11-13; Јов 31:3-6; Пс. 27:5, 6).