Угарит — древен град во сенката на Ваал
ВО 1928 година, плугот на еден сириски земјоделец удрил во камен што покривал еден гроб во кој имало древни керамички предмети. Не можел ни да замисли колку било значајно неговото откритие. Кога слушнал за ова случајно откритие, еден француски археолошки тим предводен од Клод Шафер отпатувал до тој локалитет следната година.
Кратко потоа, бил откопан еден натпис што му овозможил на тимот да ги идентификува урнатините што се наѕирале под нивните лопатки. Тоа бил Угарит, „еден од најважните древни градови на Блискиот Исток“. Писателот Бери Хоберман дури и рекол: „Ниедно археолошко откритие, па дури ни она на свитоците од Мртвото Море, немало подлабоко влијание врз нашето разбирање на Библијата“ (The Atlantic Monthly).
Таму каде што патиштата се вкрстувале
Сместен на едно ритче познато како Рас Шамра, на брегот на Средоземното Море во денешна северна Сирија, Угарит бил напреден космополитски град во вториот милениум пр.н.е. Неговата територија зафаќала површина што се протегала околу 60 километри од планината Касиз на север до Тел Сукас на југ и 30 до 45 километри од Средоземното Море на запад до долината Оронт на исток.
Умерената клима на Угарит придонесувала да успева сточарството. Во регионот се произведувале житарици, маслиново масло, вино и граѓа — производ од кој имало голем недостиг во Месопотамија и Египет. Покрај другото, тоа што градот бил сместен на крстопатот на стратешки трговски патишта го направило едно од првите големи меѓународни пристаништа. Во Угарит, трговците од Егејот, Анатолија, Вавилон, Египет и други делови од Средниот Исток тргувале со метали, земјоделски производи и голем број стоки што таму се произведувале.
И покрај неговиот материјален напредок, Угарит секогаш бил вазално кралство. Градот бил најсеверната точка на египетската империја сѐ додека не бил приклучен кон световната хетејска империја во 14 век пр.н.е. Угарит бил должен да плаќа данок и да го обезбедува својот господар со војска. Кога освојувачките „луѓе од морето“a почнале да ги пустошат Анатолија (централна Турција) и северна Сирија, Хетејците побарале војска и флота од Угарит. Како резултат на тоа, Угарит останал без одбрана и бил потполно уништен околу 1200 пр.н.е.
Повторно оживување на минатото
По уништувањето на Угарит останал еден огромен насип висок речиси 20 метри што зафаќал повеќе од 25 хектари. Само на една шестина од таа област се извршени ископувања. Меѓу урнатините, археолозите откриле остатоци од огромна палата со речиси сто соби и дворишта со вкупна зафатнина од околу 10.000 квадратни метри. Оваа палата имала водовод, бањи и канализација. Мебелот бил обложен со злато, лазурен камен и слонова коска. Биле најдени богато изрезбани плочи од слонова коска. Оградената градина и вештачкото езерце ја зголемувале привлечноста на палатата.
Во градот и во околната низина се истакнувале храмовите на Ваал и Даган.b Овие храмски кули, високи можеби 20 метри, се состоеле од мало предворје што водело до една внатрешна просторија во која бил сместен ликот на богот. Скалите воделе до еден балкон на кој кралот предводел со различни церемонии. Ноќе или во време на бури, на врвовите на храмовите можеби биле палени огнови за безбедно да ги водат бродовите до пристаништето. Морнарите, што му го припишувале своето безбедно враќање на богот на бурата Ваал-Хадад, без сомнение ги дале како заветен принос 17-те камени котви што биле најдени во ова светилиште.
Скапоцено откритие од натписи
Во урнатините на Угарит биле најдени илјадници глинени плочки. Биле најдени економски, правни, дипломатски и административни текстови на осум јазици, напишани на пет азбучни писма. Тимот на Шафер нашол натписи на дотогаш непознат јазик — наречен угаритски — во кој се користат 30 клинести знаци, што сочинуваат една од најстарите азбуки што некогаш биле откриени.
Освен што опфаќале секојдневни работи, угаритските документи содржат литературни текстови што отвориле нова врата кон религиозните сфаќања и практики од тоа време. Се чини дека религијата на Угарит имала големи сличности со религијата што ја практикувале соседните Ханаанци. Според Ролан де Во, овие текстови „се доста точен одраз на цивилизацијата во хананската земја токму пред да ја освојат Израелците“.
Религијата во градот на Ваал
Во текстовите од Рас Шамра се спомнати повеќе од 200 богови и божици. Врховно божество бил Ел, наречен татко на боговите и човекот. А богот на бурата Ваал-Хадад бил „јавач на облаците“ и „господар на земјата“. Ел е претставен како мудар, стар човек со бела брада, далеку од човештвото. Од друга страна, Ваал е силно и амбициозно божество што сака да владее со боговите и со човештвото.
Најдените текстови веројатно се рецитирале за време на религиозните празници, како што биле нова година и времето на жетвата. Меѓутоа, точното толкување не е јасно. Во една поема што зборува за една расправија околу владетелството, Ваал го победува омилениот син на Ел, богот на морето Јам. Можеби поради оваа победа угаритските морнари имале доверба дека Ваал ќе ги заштитува на море. Во еден двобој со Мот, Ваал е победен и спуштен во подземјето. Следи суша и активностите на луѓето замираат. Сопругата и сестра на Ваал Анат — божица на љубовта и војната — го убива Мот и го враќа Ваал во живот. Ваал ги убива синовите на сопругата на Ел, Атират (Ашера), и повторно доаѓа на престолот. Но, по седум години, Мот повторно се враќа.
Некои ја толкуваат оваа поема како симбол на циклусот на годишните времиња во кој животодајните дождови се надвладеани од врелите летни горештини, но повторно се враќаат на есен. Други мислат дека седумгодишниот циклус се однесува на стравот од глад и суша. Како и да е, се сметало дека надмоќноста на Ваал е неопходна за да успеат стремежите на луѓето. Изучувачот Питер Креги забележува: „Целта на религијата на Ваал била да му обезбеди надмоќност; сѐ додека тој останел надмоќен, како што верувале неговите обожаватели, ќе успееле жетвата и стоката што биле толку неопходни за опстанокот на човекот“.
Одбранбен бедем против паганството
Од ископаните текстови јасно се гледа изопаченоста на угаритската религија. Еден речник коментира: „Текстовите ги покажуваат деградирачките последици од обожавањето на овие божества; ставајќи нагласок на војната, светата проституција, еротската љубов и на општествената деградација како резултат на тоа“ (The Illustrated Bible Dictionary). Де Во забележува: „Кога човек ги чита овие поеми, ја сфаќа одвратноста што вистинските верници на јахвизмот и големите пророци ја чувствувале за ова обожавање“. Законот што Бог ѝ го дал на древната нација Израел бил одбранбен бедем против таквата лажна религија.
Во Угарит нашироко се практикувало гатање, астрологија и магија. Се барале знаци и предзнаци не само во небеските тела туку и во деформирани фетуси и внатрешни органи на заклани животни. „Се верувало дека богот на кого му било принесено животно жртвувано во ритуал се идентификувал со животното и дека духот на тој бог се спојувал со духот на животното“, коментира Жаклен Гаше. „Како резултат на тоа, со читање на знаците што можеле да се видат на овие органи било можно да се има пристап до духот на божествата што можеле да дадат позитивен или негативен одговор на некое прашање за идните настани и за тоа како да се постапи во одредена ситуација“ (Le pays d’Ougarit autour de 1200 av.J.C [Градот Угарит околу 1200 пр.н.е.]). Спротивно на тоа, Израелците требало да ги избегнуваат таквите практики (Второзаконие 18:9—14).
Мојсеевиот закон јасно ја забранувал бестијалноста (Левит 18:23). Како се гледало на оваа практика во Угарит? Според најдените текстови, Ваал има однос со јуница. „Дури и ако некој аргументира дека при тој чин Ваал зема тело на бик“, коментира археологот Сајрус Гордон, „тоа не може да се каже и за неговите свештеници, кои го имитирале неговиот митолошки живот“.
На Израелците им било заповедано: „Не врежувајте засеци на вашето тело за покојник“ (Левит 19:28). Меѓутоа, како реакција на смртта на Ваал, Ел „си ја сечел кожата со нож, си правел засеци со брич; си ги сечел образите и брадата“. Очигледно, ритуалното повредување било обичај кај обожавателите на Ваал (1. Цареви 18:28).
Една угаритска поема изгледа укажува дека варењето јаре во млеко било дел од еден обред за плодност што бил вообичаен во хананската религија. Меѓутоа, во Мојсеевиот закон на Израелците им било заповедано: „Не вари го јарето во млекото на неговата мајка“ (Излез 23:19).
Споредба со библиските текстови
Угаритските текстови првобитно биле преведувани со помош на библискиот хебрејски јазик. Питер Креги забележува: „Има многу зборови употребени во хебрејскиот текст чиешто значење е нејасно, а понекогаш и непознато; преведувачите пред 20 век, на различни начини го нагаѓале нивното можно значење. Но, кога истите зборови се појавиле во угаритскиот текст, имало напредок“.
На пример, еден хебрејски збор што е употребен во Исаија 3:18 обично се преведува со ‚мрежи за коса‘. Сличен угаритски корен ги означува и сонцето и божицата на сонцето. Според тоа, жените во Ерусалим спомнати во пророштвото на Исаија можеби биле накитени со мали приврзоци со сонце како и со „месечинки“ во чест на хананските богови.
Во Пословици 26:23 во масоретскиот текст, „ласкави усни со нечесно срце“ се споредени со земјен сад прекриен со „сребрена глеѓ“. Еден угаритски корен допушта таа споредба да се преведе „како глазура на земјени садови“. Превод Нов свет исправно ја преведува оваа пословица: „Како сребрена глазура на парче земјен сад, такви се срдечните усни со зло срце“.
Подлога за Библијата?
Испитувањето на текстовите од Рас Шамра навело некои изучувачи да тврдат дека извесни делови од Библијата се преработка на угаритската поетска литература. Андре Како, член на Францускиот институт, говори за „хананска културна подлога во сржта на израелската религија“.
Во врска со Псалм 29, Мичел Дахуд од Понтификалниот библиски институт во Рим коментира: „Овој псалм е јахвистичка преработка на една постара хананска химна за богот на бурата, Ваал . . . Речиси секој збор од псалмот сега може да се најде во постарите ханански текстови“. Дали ваквиот заклучок е оправдан? Во никој случај!
Поумерените изучувачи признаваат дека сличностите се преувеличуваат. Други го критикуваат она што го нарекуваат проугаритизам. „Ниеден угаритски текст не одговара потполно на Псалм 29“, изјавува теологот Гери Брентли. „Тврдењето дека Псалм 29 (или кој и да било друг библиски текст) е преработка на некој пагански мит не може да се докаже на никаква основа.“
Дали тоа што има сличности во стилските фигури, поетските паралели и стилските обележја е доказ за преработка? Напротив, таквите паралели треба и да се очекуваат. Една енциклопедија забележува: „Причината за оваа сличност во формата и содржината е културна: и покрај значителната географска и временска разлика помеѓу Угарит и Израел, тие биле дел од една голема културна целина што имала заеднички поетски и религиозен јазик“ (The Encyclopedia of Religion). Затоа Гери Брентли заклучува: „Неисправно толкување е да се вметнат пагански верувања во библискиот текст само поради лингвистички сличности“.
На крај, треба да се забележи дека дури и да постојат некакви паралели помеѓу текстовите од Рас Шамра и Библијата, тие се само литературни а не духовни. „Етичките и моралните вредности што се достигнати во Библијата ги нема во Угарит“, забележува археологот Сајрус Гордон. Навистина, разликите далеку ги надминуваат сите сличности.
Истражувањата во Угарит веројатно и понатаму ќе им помагаат на изучувачите на Библијата да ја разберат културната, историската и религиозната средина на библиските писатели и на еврејската нација, општо земено. Понатамошните испитувања на текстовите од Рас Шамра можеби ќе фрлат нова светлина и на сфаќањето на древниот хебрејски јазик. Пред сѐ, археолошките откритија во Угарит уверливо ја нагласуваат разликата меѓу деградирачката оддаденост на Ваал и вистинското обожавање на Јехова.
[Фусноти]
a Со „луѓе од морето“ обично се идентификуваат морепловците од средоземноморските острови и крајбрежје. Меѓу нив можеби биле и Филистејците (Амос 9:7).
b Иако мислењата се разликуваат, некои го идентификуваат храмот на Даган со храмот на Ел. Ролан де Во, француски изучувач и професор на Ерусалимската школа за библиски студии, укажува дека Даган, Дагон од Судии 16:23 и 1. Самоил 5:1—5, е вистинското име на Ел. Една енциклопедија коментира дека веројатно „Даган во некоја смисла бил идентификуван или изедначен со [Ел]“ (The Encyclopedia of Religion). Во текстовите од Рас Шамра, Ваал е наречен синот на Даган, но значењето на „син“ овде не е сигурно.
[Истакната мисла на страница 25]
Археолошките откритија од Угарит го зголемуваат нашето разбирање на Писмото
[Карта/слики на страници 24 и 25]
(Види во публикацијата)
Хетејската империја во 14 век пр.н.е.
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
Еуфрат
ПЛАНИНАТА КАСИЗ (ЏЕБЕЛ ЕЛ-АГРА)
Угарит (Рас Шамра)
Тел Сукас
Оронт
СИРИЈА
ЕГИПЕТ
[Извори на слики]
Статуички на Ваал и чаши во облик на животинска глава: Musèe du Louvre, Париз; слика на кралската палата: © D. Hèron-Hugè pour “Le Monde de la Bible”
[Слика на страница 25]
Остатоци од влезот во палатата
[Слика на страница 26]
Една митолошка угаритска поема можеби ја дава заднината на Излез 23:19
[Извор на слика]
Musèe du Louvre, Париз
[Слики на страница 27]
Столб на Ваал
Златен сад на кој е претставена сцена од лов
Капак на козметичка кутија од слонова коска на која е претставена божицата на плодноста
[Извор на слика]
Сите слики: Musèe du Louvre, Париз