Дали Ви е здодевна работата?
ВЕРОЈАТНО работите околу осум часа на ден. Тоа е премногу време и премногу живот за да ѝ се жртвува на здодевноста! Сепак, голем дел од работата во овој 20 век е монотона и на работникот му дава малку нешто со кое може лично да се гордее.
Значи, можете да постигнете многу ако работата си ја направите интересна. Добивате поголема радост од работењето и ја учите тајната како да ја збогатите секоја работа што ќе ја извршувате во иднина. Затоа, ајде да истражиме некои начини како да се постигне тоа.
Постапувајте воодушевено
Некои авторитети препорачуваат да работите како да уживате во тоа. Ако правите така, тој став сигурно може да следи отпосле.
‚Но јас никогаш не би можел да бидам воодушевен од мојата работа!‘ веројатно ќе одговорите. Вашата работа можеби вклучува строга рутина, како што е работа на производна лента. Или можеби сте ја работеле таа работа толку години што мислите дека е невозможно да го обновите интересот за неа. Меѓутоа, таквите едноставни тактики како што се насмевнувањето и исправното стоење може да Ви помогнат да се чувствувате повоодушевени од Вашата работа.
Може да биде од помош и ако целосно се сосредоточите на она што го правите. Не се претворајте во автоматски пилот, така да се рече, и не ја извршувајте својата работа мислејќи на времето за ручек, на викендот, па дури и на некоја друга работа што треба да ја извршите. Обично е мудро целосно да се сконцентрирате на задачата што ја работите. Резултатот? Може да почнете да уживате во работата, и тогаш ќе изгледа дека времето Ви минува побргу.
Токму тоа обично се случува кога ќе се внесете во некоја активност што навистина ја сакате. Можеби ќе можете да го постигнете истиот учинок со тоа што ќе се присилите да ѝ посветите целосно внимание на работата која нормално не ја сметате за забавна.
Дајте го најдоброто од себе
Тоа што ќе го давате најдоброто од себе може да Ви помогне да го увидите задоволството од работата. Се разбира, таквиот совет е во спротивност со популарната идеја дека, кога сметате дека работата не Ви е интересна, треба да се обидете да се извлечете со најмалиот можен напор. Но немарноста, одолговлекувањето и минималниот напор веројатно ќе Ви ја исцрпат енергијата и ќе ја зголемат вознемиреноста и заморот. Во некои случаи, лицето кое од работа си доаѓа дома со стрес, вознемиреност и исцрпеност, веројатно можеби страда поради пропустот да работи трудољубиво.
Според Библијата, напорното работење на некој проект го прави слободното време уште попријатно. „И не е ли добро [нема ништо подобро, NW] за човекот да јаде, да пие и да ја насладува душата своја од својот труд“ (Проповедник 2:24). На некои ова може да им звучи како некое застарено мото, но други го применуваат ова начело кое не подлежи на времето. Тие се согласуваат дека навистина „нема ништо подобро“ отколу да уживаат во плодовите на својата напорна работа. Книгата The Joy of Working признава: „Добро извршената работа остава внатрешен блесок на задоволство“.
Затоа, извршете ја работата најдобро што можете, и веројатно ќе се чувствувате полни со енергија. Правете повеќе отколку само минимумот, и ќе се чувствувате посреќни. Прво извршете ги важните задачи, и ќе уживате во паузите за ручек и во викендите повеќе отколку оној кој се исцрпува со одолговлекување. (Спореди Естира 10:2; Римјаните 12:11, NW; 2. Тимотеј 2:15.)
Наместо да се натпреварувате со другите, настојувајте да се надминете себеси (Галатјаните 6:4). Поставете си нови стандарди, нови цели. Тежнејте да работите подобро. Една жена, чија работа вклучува постојано шиење кое некои би го отфрлиле како безнадежно еднолично, направила игра со тоа што си го мерела времето. Водела евиденција за својата продуктивност секој час, а потоа се обидувала да ја зголеми. Таа навистина ужива во својата работа бидејќи настојува да го достигне својот потенцијал (Изреки 31:31).
„Декорирајте“ ја својата работа
Докторите Денис Т. Џави и Синтија Д. Скот препорачуваат: „Мислете на Вашата работа како на празна куќа. Се вселувате и го гледате нејзиниот облик и структура. Тогаш се подбудува Вашата креативност. Го дизајнирате просторот, ја декорирате и ја претворате куќата во Ваш дом. Ја правите своја сопственост со тоа што на неа ја ставате Вашата ознака“.
Повеќето работни задачи Ви се дадени во вид на нацрти од правила и упатства. Да се прави само она што се очекува е исто како да живеете во една празна куќа. Нема нечиј карактер. Но доколку го додадете Вашиот личен стил, Вашата работа може да стане дотолку поинтересна. Нема две личности кои ќе „декорираат“ некоја работа на ист начин. Едниот келнер ќе ги запомни нарачките на редовните муштерии. Другиот ќе биде особено љубезен и учтив. Обајцата уживаат во својата работа затоа што внесуваат дел од себе во она што го прават.
Продолжете да учите
Друг начин да пронајдете радост во работата е да учите. Книгата Tension Turnaround објаснува дека, додека растеме, нашиот мозок ја зголемува својата способност да обработува информации. Ова објаснува зошто работите кои порано нѐ возбудувале, сега ни се здодевни. Решението е да го задоволиме апетитот на мозокот за нови информации со тоа што ќе учиме нови работи.
Тоа што ќе научите нешто повеќе за Вашата работа може со текот на времето да доведе до тоа да Ви биде дадена попривлечна работа. Но, дури и ако не се случи тоа, самиот процес на учење ќе ја направи Вашата работа поинтересна и позадоволителна. Авторите Чарлс Камерон и Сузан Елусор истакнуваат: „Не само што учењето ја зголемува Вашата доверба со тоа што ги зголемува Вашите способности туку тоа се пренесува и во облик на еден општ став кон животот: дека проблемите можат да се решат, тешкотиите можат да се надминат, стравовите можат да се намалат и дека се возможни повеќе работи отколку што сте замислувале“.
‚Но‘, можеби ќе приговорите, ‚јас одамна научив сѐ што е во врска со мојата работа!‘ Во тој случај, можете ли да научите работи кои имаат индиректна врска со Вашата работа? На пример, можеби ќе одлучите да научите нешто повеќе за меѓучовечките односи или за Вашата опрема. Веројатно можете да научите подобро да напишете службен меморандум или како подобро да водите состанок. Можете да ги научите најделотворните начини да се справите со претпоставените.
Како ќе ги научите овие работи? Можеби Вашата компанија одржува курсеви кои сте во состојба да ги искористите. Или, пак, можеби некоја библиотека ги има токму оние книги кои Ви се потребни. Но, не ги превидувајте помалку очигледните извори на информации. Тоа што ќе ги гледате луѓето на работа и ќе ги забележувате нивните јаки и слаби страни може да биде едно школување. Можете да учите од Вашите грешки, а можете да учите и од Вашите успеси, со тоа што ќе го анализирате она што сте го направиле исправно. Она што го учите од Вашите сопствени искуства и од набљудувањето на другите може да Ве научи на нешто што можеби никогаш не сте го прочитале во книгите или не сте го слушнале на час.
Некои заклучни предлози
Има уште еден пристап кој би можеле да го преземете во Вашата работа. Можеби сметате дека заслужувате нешто подобро — дека другите ги добиваат сите прилики и дека Вам никогаш не Ви била дадена шанса да ја извршувате работата што навистина би сакале да ја извршувате. Би можеле бесконечно да разговарате со другите кои се согласуваат со Вас, и може да се уверите дека сето тоа е вистина.
Но, тоа не мора да биде вистина. Многу луѓе кои уживаат во својата работа го научиле тоа. Лицето кое ужива да конструира куќи може да ужива и да вози автобус. Зошто? Затоа што неговиот креативен пристап кон работата му причинува радост и задоволство.
Затоа, ослободете се од негативното размислување кое работната седмица ја прави тмурна за разлика од викендот. Не трошете време прегледувајќи ги Вашите минати грешки, замислувајќи си што ќе тргне наопаку како следно и грижејќи се за она што другите го мислат за Вас. Гледајте на работата пред себе. Посветете ѝ го Вашето целосно внимание. Обидете се толку да се внесете во неа како што би се внеле во Вашето омилено хоби. Вложете во неа колку што можете најмногу труд и уживајте во радоста од добро извршената работа.
[Рамка/слика на страница 17]
Не ја занемарувајте својата работа
Во Изреки 27:23, 24 Библијата вели: „Добро надгледувај го добитокот свој, води грижа за стадата свои, зашто богатството не е вечно, пак и власта — зар сѐ е од род во род?“ Што значи тоа?
Тоа значи дека имотот (богатството) и проминентните положби (власта), ако воопшто се стекнат, честопати се покажуваат привремени. Затоа, еден овчар од библиските времиња ќе покажел мудрост ако посветел трудољубиво внимание на грижата за своите овци, односно ако ‚водел грижа за стадата свои‘. Како што покажуваат следните три стиха, резултатот би бил материјална сигурност за работникот и неговото семејство (Изреки 27:25—27).
Како е денес? Луѓето честопати со сето срце се свртуваат на стекнување богатство или проминентна положба кои, како што се надеваат, ќе им овозможат да престанат со нивната сегашна работа. Некои имаат реални планови; други само мечтаат. Во обата случаја, не е мудро да се презираат или да се занемаруваат нечии сегашни средства од вработувањето. Тоа е, а можеби и понатаму ќе биде, најсигурниот извор на приходи. Далеку помудро е лицето да се сврти кон неговите ‚стада‘ потполно сосредоточувајќи се на неговото сигурно поле на вработување. Таквото постапување веројатно ќе резултира во негова сегашна и идна материјална сигурност.