ДЕЛ 2
Совети за еден задоволувачки живот
КОГА се соочуваш со некој проблем, каде бараш совет? Можеби ќе му се обратиш на некој доверлив пријател или на некој искусен советник. Ќе ти биде од помош ако побараш во некои извори на информации, на пример, во некоја библиотека. Или, пак, можеби ќе ја побараш „мудроста на баба“, како што ја нарекуваат некои ориенталци, за да научиш нешто од искуството стекнато со годините. Без оглед на тоа на кој метод ќе му дадеш предност, добро е да размислиш за јасните зборови на мудрост кои даваат скапоцени упатства за тоа како да се реши проблемот. Еве примери за добри совети кои ќе ти бидат од помош.
2 Семеен живот: Многу родители се загрижени за воспитувањето на своите деца во еден свет кој е полн со штетни влијанија. Размислувањето за следниов совет може да им помогне: „Упатувај го детето по неговиот пат, па кога и ќе остари, нема да отстапи од него“.1 Додека растат децата, ним им треба „пат“, збир од мерила за кои треба да се придржуваат. Сѐ повеќе специјалисти сфатиле колку е важно на децата да им се дадат корисни правила. Мудрите родителски мерила им даваат на децата чувство на сигурност. Освен тоа: „Прачката и изобличувањето даруваат мудрост, а разузданото дете ја срами својата мајка“.2 „Прачката“ се однесува на родителскиот авторитет кој мора да се примени со љубов за да не дојде до тоа децата да заталкаат. Спроведувањето ваков авторитет не значи дека родителот може да го злоупотребува детето на некој начин. Советот до родителите гласи: „Не раздразнувајте ги своите деца за да не станат малодушни“.3
3 Добриот однос помеѓу сопругот и сопругата е темелот за едно среќно семејство. Што е потребно за еден таков однос? „Секој од вас поединечно така нека ја љуби својата жена како самиот себе; жената, пак, треба да има длабока почит кон својот маж“.4 Љубовта и почитта се како средство за подмачкување на механизмот на семејството. За да биде делотворен овој совет, комуникацијата е од пресудна важност бидејќи „не успеваат намерите, каде што нема советување“.5 За да поттикнеме отворена комуникација, треба да настојуваме да стекнеме увид во чувствата на нашиот сопружник, помагајќи му да се изјасни како навистина се чувствува. Мудро е да имаме на ум дека „[нечии] мисли можеби лежат длабоко како вода во бунар, но мудриот човек [или жена] ќе ги исцрпи од него“.6
4 Голем број постари луѓе се чувствуваат многу осамени кога ќе дојдат во своите поодминати години, напуштени од своите деца, па дури и во земјите каде што синовската почит некогаш беше норма. Сепак, ќе биде добро ако нивните деца размислат за следниве мудри изреки: „Искажувај им чест на татка си и мајка си“.7 „Не презирај ја мајката кога ќе остари“.8 „Срамен и расипан син е оној, кој го запустува таткото и ја истерува мајката“.9 Од друга страна, пак, остарените родители треба да имаат позитивен став и да преземат иницијатива во одржувањето срдечни односи. „Оној кој се изолира себеси, ќе ги бара своите сопствени себични копнежи; ќе букне против секаква практична мудрост“.10
5 Употреба на алкохол: Вистина е дека „виното го развеселува животот“11 и дека со пиењето алкохолни пијалаци човек може да ‚не си спомнува веќе за својата неволја‘.12 Но, запомни: „Виното е потсмевнувач, жестокиот пијалак буен; и кој им се оддава, не е разумен“.13 Размисли за последиците од прекумерното пиење: „На крај [виното] каснува како змија и жилосува како змија лутица. Твоите очи ќе гледаат туѓи жени и срцето ќе зборува развратно . . . Кога ќе отрезнам, уште ќе барам‘“.14 Умерената употреба на алкохолни пијалаци може да биде корисна, но секогаш мора да се избегнува нивната злоупотреба.
6 Раководење со пари: Понекогаш можат да се спречат финансиски проблеми ако мудро се раководи со паричните средства. Слушни го овој совет: „Не дружи се со винопијачите, ниту со месојадачите, зашто пијаницата и изедникот осиромашуваат, и дремливиот се облекува во партали“.15 Ако избегнуваме злоупотреба на алкохол и дрога, како и навики како што е коцкањето, ќе можеме да ги користиме парите за да се грижиме за нашето семејство на еден добар начин. Сепак, многумина не живеат во границите на своите можности и на крајот мораат многу да работат за да ги исплатат долговите. Некои земаат дури и заеми за да ја платат каматата за некој друг заем. Ќе ни биде од помош ако ги имаме на ум следниве мудри зборови: „Кој трча по суетите, ќе се насити со сиромаштво“.16 Би можеле да се запрашаме: ‚Дали навистина ми требаат оние работи кои сакам да ги купам? Колку работи завршуваат во плакарот откако ќе ги користам само неколку пати?‘ Еден колумнист напишал: „Човекот има малку потреби — и бескрајно многу желби“. Забележи ги овие мудри зборови: „Ништо не сме донеле на светов, па не можеме ништо ни да однесеме. Затоа, кога имаме храна и покрив, да бидеме задоволни со тоа . . . Љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи, и тежнеејќи по оваа љубов некои . . . се испроболе со многу болки“.17
7 Трудољубивоста е од голема помош во решавањето на финансиските проблеми. „Оди при мравката, о мрзливецу, набљудувај ги нејзините патишта и биди мудар . . . Уште малку поспиј, уште малку подреми, уште малку свиткај ги рацете за одмор, и ќе дојде твоето сиромаштво како скитник“.18 Може да помогне внимателното планирање и реалната пресметка на приходите и расходите: „Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има доволно за да ја доврши?“19
8 Но, што ако сме сиромашни но не по наша вина? На пример, заради некој економски пресврт може да останеме без вработување иако сме спремни напорно да работиме. Или, пак, можеби живееме во земја каде што повеќето луѓе живеат под границата на сиромаштијата. Што тогаш? „Како што се сребрениците заштита, така е и мудроста; но предноста на знаењето е дека мудроста дава живот на оној што ја има“.20 Освен тоа, размисли за овој совет: „Дали си видел човек трудољубив во својата работа? Таквиот има пристап при царевите“.21 Можеме ли да стекнеме некои вештини кои ќе ни помогнат да најдеме работа?
9 Следниот совет можеби ќе ти звучи контрадикторно, но навистина е делотворен: „Давајте, и луѓето ќе ви даваат вам . . . зашто со каква мера мерите, со таква за возврат ќе ви се мери“.22 Ова не значи дека треба да даваме очекувајќи да добиеме за возврат некакви услуги. Напротив, советот е да негуваме дарежлив дух: „Благотворната [Дарежливата, NW] душа наоѓа поткрепа, а кој ги напојува другите, сам ќе се напои“.23 Ако делиме со другите во време на оскудица, унапредуваме дух на давање кој на крајот може да ни користи нам.
10 Меѓучовечки односи: Еден мудар цар забележал: „Искусив дека секој напор и секој успех му прибавува на човекот завист [соперништво, NW] од неговиот ближен. И тоа е суета и гонење на ветер“.24 Соперништвото натерало многу луѓе да постапат немудро. Еден човек гледа како неговиот сосед купил телевизор со екран од 80 сантиметри и веднаш оди да купи телевизор од 90 сантиметри, иако неговиот апарат од 70 сантиметри функционира совршено добро. Ваквото соперништво навистина е суета, исто како гонење на ветер — многу трчање за ништо. Зарем не се согласуваш со ова?
11 Можеби сме навредени од нешто што ни го рекле другите. Но, размисли за овој совет: „Не брзај со гнев, зашто гневот почива во срцето на глупиот“.25 Точно, има прилики кога нашата лутина може да биде оправдана. „Гневете се“, дозволува еден древен писател, „но не грешете; сонцето да не зајде над вашата раздразнетост.“26 Меѓутоа, како можеме да се справиме со силното чувство на гнев? „Благоразумието [Увидот, NW] го запира човекот од гнев, и чест му е да ја прости грешката.“27 Она што е потребно е увид. Би можеле да се запрашаме: ‚Зошто тој постапи така? Има ли некакви олеснителни околности?‘ Освен увид, за да се совлада гневот треба да се негуваат и некои особини. „Облечете се во нежна наклоност на сочувство, љубезност, понизност на умот, благост и долготрпеливост. Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг, ако некој има причина за поплака против друг . . . Но, освен сево ова, облечете се во љубов зашто таа е совршена врска на единство.“28 Да, љубовта помага да се средат многу проблеми во меѓучовечките односи.
12 Сепак, има еден „мал член“ кој го отежнува одржувањето мирољубиви односи со другите луѓе — јазикот. Колку ли се вистинити следниве зборови: „Јазикот, никој од човечкиот род не може да го скроти. Тој е непокорлива штетна работа, полна со смртоносен отров“.29 Вреден за внимание е и овој совет: „Секој човек мора да биде брз на слушање, бавен на зборување, бавен на гнев“.30 Меѓутоа, кога го користиме јазикот треба да внимаваме да не прибегнуваме кон полувистини за да одржиме површен мир. „Едноставно вашиот збор ‚Да‘ нека значи да, вашето ‚Не‘, не; зашто што е повеќе од тоа, од злобниот е.“31
13 Како можеме да одржуваме добри односи со другите? Забележи го следново водечко начело: ‚Гледај со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите‘.32 На тој начин ќе живееме во склад со она што многумина го нарекуваат Златно правило: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“.33
14 Стрес: Како можеме да задржиме емоционална рамнотежа во овој свет кој е полн со стресови? „Веселото срце го разведрува лицето, а болката во срцето тешкотија е за духот.“34 Лесно можеме да го изгубиме „веселото срце“ кога гледаме како другите го игнорираат она што изгледа исправно во наши очи. Сепак, ќе биде добро да ги запомниме следниве зборови: „Не биди преправеден и не замислувај се дека си премудар; зошто да се уништуваш?“35 Од друга страна, пак, можеби постојано нѐ измачуваат животните грижи. Што тогаш? Да не заборавиме: „Грижата во срцето го притиска човекот, а добриот збор го весели“.36 Би можеле да размислуваме за „добриот збор“, љубезниот збор кој нѐ охрабрува. Позитивниот став и покрај депримирачките околности може поволно да влијае дури и врз здравјето: „Веселото срце е одличен лек“.37 Кога ќе се депримираме заради тоа што ни се чини дека другите не се заинтересирани за нас, би можеле да се обидеме да го примениме следниов рецепт: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“.38 Ако имаме позитивен став, можеме да се справиме со стресовите со кои се соочуваме секој ден.
15 Дали мислиш дека претходно спомнатите зборови на мудрост можат да бидат делотворни и за тебе, иако живееш во 21 век? Всушност, тие се наоѓаат во една древна книга — Библијата. Но, зошто да имаме доверба во Библијата наместо во други извори на мудрост? Затоа што, меѓу другите причини, начелата што се наоѓаат во Библијата имаат вредност која го положила испитот на времето. Земи ги, на пример, Јасухиро и Кајоко, кои биле вклучени во движењето за ослободување на жените. Тие се венчале само затоа што Кајоко останала бремена. Меѓутоа, заради финансиски проблеми и затоа што мислеле дека не си одговараат, наскоро се развеле. Подоцна, без да знаат еден за друг, двајцата почнале да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Секој од нив забележал значителни промени во животот на другиот. Јасухиро и Кајоко одлучиле повторно да се венчаат. Иако нивниот живот не е без проблеми, сега имаат библиски начела според кои живеат и меѓусебно си попуштаат за да ги решат проблемите. Меѓу Јеховините сведоци ќе ги видите добрите резултати од применувањето на библиските начела во животот. Како би било да присуствувате на еден од нивните состаноци за да се запознаете со луѓето кои се трудат да живеат според Библијата?
16 Советите што се наведени погоре се само пример за неисцрпното складиште од практична мудрост што можеш да го најдеш во овој златен рудник на просветлување, Библијата. Има причини зошто Јеховините сведоци спремно ги применуваат библиските начела во својот живот. Зошто не ги дознаеш причините кои стојат зад таа спремност и не научиш некои основни факти во врска со Библијата?