Имај доверба во Јехова!
„Имај доверба во Јехова со сето свое срце“ (ИЗРЕКИ 3:5, НС).
1. Каков впечаток оставиле Изреките 3:5 врз еден млад човек, и со каков долгорочен резултат?
ЕДЕН долгогодишен мисионер пишува: „,ИМАЈ ДОВЕРБА ВО ГОСПОД СО СЕТО СВОЕ СРЦЕ; И НЕ ПОТПИРАЈ СЕ НА СВОЈОТ РАЗУМ“. Овие зборови од Библијата, кои висеа урамени на ѕидот во еден дом каде што бев во посета, го пленија моето внимание. Цел ден после тоа размислував за нив. Се прашував: би можел ли јас да се потпрам на Бог со сето мое срце?“ Овој човек тогаш имал 21 година. На 90-годишна возраст, и сѐ уште служејќи верно како старешина во Перт (Австралија), тој може да се осврне на еден живот збогатен со плодовите на сесрдна доверба во Јехова, вклучувајќи 26 сурови години пионерска служба на нови мисионерски полиња на Цејлон (сега Шри Ланка), Бурма (сега Мјанмар), Малаја, Тајланд, Индија и Пакистан.a
2. Каква доверба треба да изградат во нас Изреките 3:5?
2 „Имај доверба во Јехова со сето свое срце“ — овие зборови од Изреките 3:5, како што се преведени во New World Translation (Нов свет преводот) би требало да нѐ мотивираат сите нас да продолжиме да му го посветуваме нашиот живот на Јехова со сето срце, уверени дека тој може да ја зајакне нашата вера дури до толкава мера што ќе можеме да совладуваме препреки слични на планини (Матеј 17:20). А сега да го испитаме контекстот на Изреки 3:5.
Татковска поука
3. а) Какво охрабрување може да се најде во првите девет поглавја од Изреките? б) Зошто треба да им посветиме помно внимание на Изреките 3:1, 2?
3 Првите девет поглавја од библиската книга Изреки зрачат со татковска поука, мудар совет од Јехова за сите оние кои очекуваат да се радуваат на синовство на небесата или на „славното ослободување на синовите Божји“ на рајската Земја (Римјаните 8:18-21, 23). Тоа е мудар совет којшто родителите можат да го применат при подигањето на синови и ќерки. Се истакнува советот од Соломонови изреки, поглавје 3, кое започнува со предупредувањето: „Синко, не ја заборавај поуката [законот, НС] Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои“. Како што последните денови од Сатановиот зол свет одат кон својот завршеток, да им обрнуваме сѐ поголемо внимание на Јеховините потсетници. Можеби патот се чини долг, но ветувањето за сите кои ќе истраат е дека ‚ќе им се придадат долги дни, години на живот и мир‘ — вечен живот во Јеховиниот нов систем (Изреки 3:1, 2).
4, 5. а) Каков радосен однос е опишан во Јован 5:19, 20? б) Како се применува до ден-денеска советот од 5. Мојсеева 11:18-21?
4 Радосниот однос помеѓу татко и син може да биде многу скапоцен. Нашиот Творец, Јехова Бог, се погрижил да биде токму така. Христос Исус рекол за својот присен однос со Јехова: „Синот не може да прави ништо Сам од Себе, ако не Го види Отецот да прави; оти, она што го прави Он, тоа исто го прави и Синот. Зашто, Отецот, Го сака Својот Син и Му покажува сѐ што прави Сам“ (Јован 5:19, 20). Јехова имал намера сличен однос да постои и помеѓу него и сето негово семејство на Земјата, како и помеѓу човечките татковци и нивните деца.
5 Во древниот Израел било охрабрувано на доверлив семеен однос. Јехова ги советувал татковците таму: „Ставете ги овие зборови Негови [мои, НС] во срцето свое и во душата своја, врзете ги на раката своја како знак, и нека бидат тие врзулка меѓу очите ваши; и учете ги синовите свои на нив, кажувајте им за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш; и напишете ги врз входот на куќите ваши и над вратите свои, за да се умножат вашите денови и деновите на вашите деца во онаа земја, за која Господ се заколна дека ќе им ја даде на татковците ваши, колку што небото ќе биде над земјата“ (5. Мојсеева 11:18-21). Инспирираната Реч на нашиот Голем Поучувач, Јехова Бог, навистина може да послужи да го поврзе него присно со родителите и нивните деца, како и со сите други кои му служат во христијанското собрание (Исаија 30:20, 21).
6. Како можеме да најдеме милост кај Бог и луѓето?
6 Мудриот татковски совет за Божјиот народ, било стари или млади, продолжува во стиховите 3 и 4 од Изреки поглавје 3: „Милостињата [Љубезната доброљубивост, НС] и верата [вистинитоста, НС] да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги на плочите на срцето свое, — па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето“. Самиот Јехова Бог се истакнува во покажувањето на љубезна доброљубивост и вистинитост. Како што вели Псалм 25:10 (НС): „Сите Јеховини патишта се љубезна доброљубивост и вистинитост“. Имитирајќи го Јехова, би требало да ги цениме овие особини и нивната заштитна сила, да ги вреднуваме како некој бесценет ѓердан и да ги врежеме неизбришливо во нашето срце. Затоа, можеме срдечно да молиме: „О Јехова, . . . нека самата твоја љубезна доброљубивост и твојата вистинитост постојано ме чуваат“ (Псалм 40:11, НС).
Трајна доверба
7. На какви начини ја докажал Јехова својата веровитост?
7 Во Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary довербата се дефинира како „загарантирана доверба во карактерот, способноста, силата или вистината за некого или нешто“. Јеховиниот карактер е цврсто закотвен во неговата љубезна доброљубивост. А ние можеме да имаме потполна доверба во неговата способност да го направи она што го ветил, зашто самото негово име, Јехова, го идентификува како голем Наумител (2. Мојсеева 3:14; 6:2-8, НС). Како Творец, тој е Вруток на сила и динамичка енергија (Исаија 40:26, 29). Тој е олицетворение на вистината, бидејќи „не е можно Бог да излаже“ (Евреите 6:18). Затоа, охрабрени сме да положиме безусловна доверба во Јехова, нашиот Бог, големиот Извор на сета вистина, кој ја има семоќната сила да ги заштити оние кои имаат доверба во него и да ги доведе до славен успех сите свои големи намери (Псалм 90:1, 2; Исаија 55:8-11).
8, 9. Зошто во светот постои жалосен недостиг на доверба, и како Јеховиниот народ го покажува спротивното?
8 Во деградираниот свет околу нас довербата е жалосно скудна. Наместо тоа, насекаде наоѓаме алчност и корупција. Насловната страница од списанието World Press Review од мај 1993 била искитена со пораката: „КОРУПЦИСКИ БУМ—Валкани пари во Новиот светски поредок. Корупциската индустрија се простира од Бразил до Германија, од Соединетите Држави до Аргентина, од Шпанија до Перу, од Италија до Мексико, од Ватикан до Русија“. Бидејќи се темели на омраза, алчност и недоверба, човековиот таканаречен нов светски поредок не жнее ништо друго освен поголеми страдања за човештвото.
9 Спротивно на политичките народи, Јеховините сведоци се среќни што се „народот чиј Бог е Јехова“. Само тие можат со доверба да речат: „Се надеваме на Бог“. Секој од нив може радосно да извика: „Во заедница со Бог ќе ја фалам неговата реч. . . . Во Бог сум ја ставил својата доверба. Нема да се плашам“ (Псалм 33:12; 56:4, 11, сите НС).
10. Што зајакнало многумина млади христијани да ја чуваат беспрекорноста?
10 Во една азиска земја, каде што илјадници млади Сведоци трпеле брутални тепања и затворања, довербата во Јехова му овозможила на поголемото мнозинство да истрае. Една ноќ, додека бил в затвор, еден млад Сведок кој бил подложен на ужасни тортури, мислел дека повеќе не може да издржи. Но еден друг младич дошол кришум кај него во мракот. Му прошепотил: „Не попуштај; јас направив компромис и оттогаш немам никаков душевен мир“. Првиот младич ја обновил својата одлучност да остане цврст. Можеме да имаме потполна доверба во Јехова дека тој ќе ни помогне да го совладаме секој напор од Сатана да ја поткопа нашата беспрекорност (Јеремија 7:3-7; 17:1-8; 38:6-13, 15-17).
11. Како сме стимулирани да имаме доверба во Јехова?
11 Првата заповед делумно гласи: „Возљуби Го Господа [Јехова, НС], твојот Бог, со сето свое срце“ (Марко 12:30). Додека медитираме за Божјата Реч, големите вистини што ги учиме продираат длабоко во нашето срце, така што сме мотивирани да вложиме сѐ од себе во службата за нашиот прекрасен Бог, Суверениот Господ Јехова. Нашето срце е полно со ценење кон него — за сето она што нѐ поучил, што го сторил за нас и што допрва ќе го стори за нас — така што нѐ стимулира да имаме безусловна доверба во неговото спасение (Исаија 12:2).
12. Како многу христијани низ годините ја покажале својата доверба во Јехова?
12 Оваа доверба може да се негува низ годините. Еден понизен Сведок на Јехова кој верно служел преку 50 години во централата на Watch Tower Society во Бруклин, почнувајќи во април 1927, напишал: „На крајот од тој месец добив надоместок од 5 долари приложени во плико со прекрасна картичка на која беше истакнат библискиот текст од Изреките 3:5, 6 . . . Ја имав секоја причина да имам доверба во Јехова, бидејќи во централата наскоро почнав да сфаќам дека Јехова има ‚верен и разумен роб‘ кој верно се грижи за сите интереси на Царството овде на Земјата (Матеј 24:45-47, НС).b Срцето на овој христијанин било усмерено не на љубовта кон парите, туку кон постигнувањето на „неисцрпливо богатство на небесата“. На сличен начин денес, илјадниците кои служат во бетелските домови на Watch Tower Society по целата Земја, го прават тоа под еден вид законски завет за сиромаштво. Тие имаат доверба во Јехова дека тој ќе се погрижи за нивните секојдневни потреби (Лука 12:29-31, 33, 34).
Потпри се на Јехова
13, 14. а) Само каде може да се најде зрел совет? б) Што мора да се избегнува за да се преживее прогонство?
13 Нашиот небесен Татко нѐ опоменува: „Надевај се на Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум“ (Изреки 3:5). Световните советници и психолози не можат никогаш да се надеваат да ѝ се приближат на мудроста и разбирањето коишто ги покажува Јехова. „Мудроста негова — неизмерлива е“ (Псалм 146:5). Наместо да се потпираме на мудроста на угледните луѓе од светот или на нашите неупатени емоции, да бараме зрел совет од Јехова, од неговата Реч и од старешините во христијанското собрание (Псалм 54:22; 1. Коринтјаните 2:5).
14 Човечката мудрост или угледна положба нема нигде да нѐ одведе во денот на тешко искушение кој брзо се приближува (Исаија 29:14; 1. Коринтјаните 2:14). Во Јапонија, за време на II Светска војна, еден способен но горд пастир на Божјиот народ избрал да се потпре на своето сопствено разбирање. Под притисок тој отпаднал, а повеќемина од стадото исто така потклекнале под прогонство. Една лојална сестра Јапонка која храбро преживеала ужасен третман во гнасни затворски ќелии, коментирала: „Оние кои останаа верни немаа некакви посебни способности и беа незабележителни. Сигурно дека секој од нас мора секогаш да има доверба во Јехова со сето свое срце“.c
15. Која божествена особина е битна ако сакаме да му се допаднеме на Јехова?
15 За да се има доверба во Јехова наместо во своето сопствено разбирање, потребна е понизност. Колку е важна оваа особина за сите оние коишто сакаат да му се допаднат на Јехова! Зашто, дури и нашиот Суверен Господ на сиот универзум покажува понизност во своите постапки со своите интелигентни творби. Можеме да бидеме благодарни за тоа. „Тој се наведнува за да погледне на небото и земјата, го крева од прав ништожниот“ (Псалм 113:6, 7, НС). Поради својата голема милост тој ни ги простува слабостите на темел на неговиот најголем дар на човештвото, скапоцената откупна жртва на неговиот возљубен Син, Христос Исус. Колку благодарни треба да бидеме за оваа незаслужена доброљубивост!
16. Како можат браќата да тежнеат по предности во собранието?
16 Исус самиот нѐ потсетува: „Кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат“ (Матеј 23:12). Во понизност, крстените браќа треба да тежнеат по одговорности во христијанското собрание. Но, надгледниците треба да го сметаат нивното наименување не како симбол на статусот, туку како прилика да извршат дело, понизно, со ценење, желно, како што правел Исус, кој рекол: „Мојот Отец досега работи, и Јас работам“ (Јован 5:17; 1. Петрово 5:2, 3).
17. Што треба да цени секој од нас, и до која активност ќе доведе тоа?
17 Секогаш да бидеме понизни и во молитва да признаваме дека во Јеховини очи не сме ништо повеќе од прав. Тогаш, колку можеме да бидеме среќни што „милоста на Господа е од век до век спрема оние, кои се бојат од Него“! (Псалм 102:14, 17). Затоа, секој од нас треба да биде ревносен проучувач на Божјата Реч. Времето што се поминува за лична и семејна студија и на собраниските состаноци, треба да спаѓа во нашите најскапоцени часови секоја седмица. На овој начин изградуваме „спознание за Најсветиот“. Тоа е „разбирање“ (Изреки 9:10, НС).
„По сите твои патишта . . .“
18, 19. Како можеме да ги примениме Изреките 3:5, 6 во нашиот живот, и со каков резултат?
18 Упатувајќи нѐ на Јехова, божествениот Извор на разбирањето, Изреки 3:6 потоа наведуваат: „По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже [ќе ги исправи, НС] твоите патеки“. Да се размислува за Јехова вклучува да се остане близок со него во молитва. Каде и да сме и сеедно каква ситуација може да настане, имаме директен пристап до него во молитва. Додека се бавиме со нашите секојдневни задачи, додека се подготвуваме за служба на проповедање, додека одиме од куќа до куќа објавувајќи го неговото Царство, наша постојана молитва може да биде тој да ја благослови нашата активност. Така, можеме да ја имаме непроценливата предност и радост да ‚одиме според волјата Божја‘, уверени дека тој ќе ги ‚исправи нашите патеки‘, како што направил за богобојазливите Енох, Ное и верните Израелци, како Исус Навин и Даниел (1. Мојсеева 5:22; 6:9; 5. Мојсеева 8:6; Исус Навин 22:5; Даниил 6:23; види и Јаков 4:8, 10).
19 Кога му ги изнесуваме нашите молби на Бог, можеме да бидеме уверени дека ‚мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази нашите срца и нашите мисли во Исуса Христа‘ (Филипјаните 4:7). Овој мир Божји, кој се одразува во радосниот израз на лицето, може да им ја препорача нашата порака на станарите кои ги среќаваме во текот на нашето проповедничко дело (Колосјаните 4:5, 6). Тоа може исто така да ги охрабри оние кои можеби се ожалостени поради стресовите или неправдите што се вообичаени во денешниот свет, како што покажува следниот извештај.d
20, 21. а) Како беспрекорноста на Јеховините сведоци ги охрабрувала другите за време на нацистичкиот терор? б) Каква решеност треба да подбуди во нас Јеховиниот глас?
20 Макс Либстер, роден Евреин кој преку наизгледно чудо го преживеал Холокаустот, своето патување до еден нацистички логор за погубување го опишува со следните зборови: „Бевме заклучени во вагони кои беа преправени во повеќе мали ќелии за двајца. Шутнат во една од нив, сретнав еден затвореник чии очи одразуваа смиреност. Беше таму поради своето почитување на Божјиот закон, и порадо избрал затвор и веројатно смрт, отколку да ја пролее крвта на други луѓе. Беше Јеховин сведок. Децата му беа одведени, а неговата сопруга погубена. Очекуваше и него да го погубат. Ова 14-дневно патување донесе одговор на моите молитви, бидејќи токму за време на ова патување во смрт ја најдов надежта за вечен живот“.
21 По неговото ослободување од Аушвиц, којшто тој го нарекол „лавја дупка“, и крштевањето, овој брат се оженил со една сестра која самата била затворена и чиј татко страдал во концентрациониот логор во Дахау. Додека татко ѝ бил таму, слушнал дека жена му и младата ќерка исто така биле уапсени. Тој ја опишал неговата реакција: „Бев длабоко загрижен. Тогаш, еден ден, додека чекав во ред за туширање, чув еден глас како ги цитира Изреките 3:5, 6 . . . Одекна како да доаѓаше од небесата. Тоа беше токму она што ми требаше за да си ја повратам рамнотежата“. Всушност, гласот бил на некој друг затвореник кој го цитирал овој текст, но настанот истакнува колкава моќ може да има Божјата Реч врз нас (Евреите 4:12). Нека Јеховиниот глас денес ни говори силно преку зборовите на нашиот годишен стих за 1994: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце“!
[Фусноти]
a Види ја статијата „Доверба во Јехова со сето свое срце“, раскажано од Клод С. Гудмен, Стражарска кула од 15.12.1973 (англ.), стр. 760–765.
b Види ја статијата „Одлучни да го фалат Јехова“, раскажано од Хари Петерсон, Стражарска кула, 15.7.1968 (англ.), стр. 437-440.
c Види ја статијата „Јехова не ги напушта своите слуги“, раскажала Мацуе Ишии, Стражарска кула, 1.5.1988 (англ.), стр. 21-25.
d Види ја и статијата „Ослободување! Да се покажеме благодарни“, раскажано од Макс Либстер, Стражарска кула, 1.10.1978 (англ.), стр. 20-24.
Да повториме
◻ Каков совет е изнесен во Изреките?
◻ Како ни користи довербата во Јехова?
◻ Што е вклучено во тоа да се потпираш на Јехова?
◻ Зошто би требало да размислуваме за Јехова на сите наши патишта?
◻ Како Јехова ги исправа нашите патишта?
[Слики на страница 15]
Радосната порака за Царството ги привлекува луѓето со искрени срца