Негувај присност со Јехова
„ПРИБЛИЖЕТЕ се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас“, напишал ученикот Јаков (Јаков 4:8). А псалмистот Давид пеел: „Присноста со Јехова им припаѓа на оние кои се плашат од него“ (Псалм 25:14, NW). Јасно, Јехова Бог сака да имаме присен однос со него. Сепак, не мора да значи дека секој што го обожава Бог и што е послушен на неговите закони се чувствува близок со него.
Како е со тебе? Дали имаш близок личен однос со Бог? Несомнено, ти сакаш да му се приближиш уште повеќе. Како можеме да негуваме присност со Бог? Што би значело тоа за нас? Одговорите се наоѓаат во третото поглавје од библиската книга Изреки.
Покажувај срдечна љубезност и чесност
Цар Соломон од древниот Израел го започнува третото поглавје од Изреки со зборовите: „Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои; зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир“ (Изреки 3:1, 2). Бидејќи Соломон пишувал под божествена инспирација, овој татковски совет навистина доаѓа од Јехова Бог и е упатен до нас. Овде ние сме советувани да се држиме за Божјите потсетувања — неговиот закон, или поука, и неговите заповеди — запишани во Библијата. Ако го правиме тоа, ќе ни се ‚придадат долги дни, години на живот и мир‘. Да, уште сега можеме да уживаме во мирен живот и да ги избегнуваме стремежите кои нѐ изложуваат на опасност од прерана смрт која честопати ги снаоѓа злодејците. Освен тоа, можеме да ја негуваме надежта за вечен живот во еден мирољубив нов свет (Изреки 1:24—31; 2:21, 22).
Во продолжение, Соломон вели: „Милостињата и верата [Срдечната љубезност и чесноста, NW] да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги на плочите на срцето свое, — па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето“ (Изреки 3:3, 4).
Зборот за „срдечна љубезност“ од оригиналниот јазик наизменично е преведен со „лојална љубов“ и подразбира верност, солидарност и лојалност. Дали сме одлучни да останеме приврзани кон Јехова без оглед на тоа што може да се случи? Дали покажуваме срдечна љубезност во нашите односи со соверниците? Дали работиме на тоа да останеме блиски со нив? Во секојдневните постапки со нив, дали ‚законот на срдечната љубезност е на нашиот јазик‘, па дури и под испитувачки околности? (Изреки 31:26, NW).
Бидејќи изобилува со срдечна љубезност, Јехова е „спремен да прости“ (Псалм 86:5, NW). Ако сме се покајале за нашите минати гревови и сега ги исправаме патеките на нашите нозе, дадено ни е уверување дека од Јехова ќе дојдат „времиња за освежување“ (Дела 3:20). Зарем не треба да го имитираме нашиот Бог со тоа што ќе им ги простуваме престапите на другите? (Матеј 6:14, 15).
Јехова е ‚Богот на вистината‘ и тој бара „чесност“ од оние кои сакаат да бидат присни со него (Псалм 30:5). Дали навистина можеме да очекуваме Јехова да биде наш Пријател ако водиме двоен живот — постапувајќи на еден начин кога сме со нашите христијански другари, а на друг кога не нѐ гледаат — како „луѓе неискрени“ кои кријат какви се? (Псалм 26:4, NW). Колку само би било глупаво ова, со оглед на тоа што „сѐ е голо и откриено за очите“ на Јехова! (Евреите 4:13).
Срдечната љубезност и чесноста треба да бидат ценети како бесценет ѓердан ‚обесен на нашиот врат‘, зашто тие ни помагаат да ‚најдеме милост пред очите на Бога и на луѓето‘. Овие особини не треба да ги покажуваме само надворешно, туку треба и да ги врежеме ‚на плочите на своето срце‘ со тоа што ќе ги направиме составен дел на нашата личност.
Негувај безрезервна доверба во Јехова
Мудриот цар продолжува: „Надевај се на [Имај доверба во, NW] Господа од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за [внимавај на, NW] Него, и Он ќе ти ги покаже [исправи, NW] твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6).
Јехова сигурно е достоен за нашата целосна доверба. Како Творец, тој е „силен во моќта“ и е Извор на „динамична енергија“ (Исаија 40:26, 29, NW]. Може да изврши сѐ што наумил. Па, самото негово име дословно значи „Тој предизвикува да стане“, и ја гради нашата доверба во неговата способност да го исполни она што го ветил! Фактот дека „не е можно Бог да излаже“ го прави да биде самото олицетворение на вистината (Евреите 6:18). Негова доминантна особина е љубовта (1. Јованово 4:8). Тој е ‚праведен во сите Свои патишта и свет [лојален, NW] во сите Свои дела‘ (Псалм 144:17). Ако не можеме да имаме доверба во Бог, тогаш во кого можеме да имаме? Секако, за да негуваме доверба во него, треба да ‚вкусиме и да видиме колку е добар Јехова‘ така што она што го учиме од Библијата лично ќе го применуваме во својот живот и ќе размислуваме за доброто што произлегува од него (Псалм 34:8, NW).
Како можеме ‚да внимаваме на Јехова по сите наши патишта‘? Инспирираниот псалмист вели: „Сигурно ќе медитирам за целата твоја активност, и ќе се занимавам со твоите постапки“ (Псалм 77:12, NW). Бидејќи Бог е невидлив, медитирањето за неговите величествени дела и постапките со неговиот народ е животоважно за да негуваме присност со него.
Важен начин да се внимава на Јехова е и молитвата. Цар Давид продолжил да го повикува Јехова „секој ден“ (Псалм 85:3). Давид честопати се молел по цела ноќ, како тогаш кога бил бегалец во пустелијата (Псалм 62:6, 7). „Молете се со духот во секое време“, поттикнал апостол Павле (Ефесјаните 6:18). Колку често се молиме? Дали уживаме што имаме лична срдечна комуникација со Бог? Дали го молиме за помош кога се соочуваме со тешки ситуации? Дали во молитва бараме негово водство пред да донесеме важни одлуки? Нашите искрени молитви до Јехова нѐ прават мили пред него. А ја имаме и гаранцијата дека тој ќе ја сослуша нашата молитва и дека ‚ќе ни ги исправи патеките‘.
Колку само е глупаво да ‚се потпираме врз својот разум‘ или врз разумот на угледните луѓе во светот кога можеме целата наша доверба да ја положиме во Јехова! „Не се сметај за мудрец“, вели Соломон. Спротивно на тоа, тој опоменува: „Бој се од Господа и бегај од злото: тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски“ (Изреки 3:7, 8). Здравиот страв да не не му угодиме на Бог треба да ги води сите наши постапки, мисли и емоции. Таквиот побожен страв нѐ спречува да го правиме она што е зло и претставува духовен лек и освежување.
Дај му го на Јехова своето најдобро
На кој друг начин можеме да му се приближиме на Бог? „Укажи му чест на Јехова со своите скапоцени работи и со првите плодови од сиот твој принос“, советува царот (Изреки 3:9, NW). Да му укажуваме чест на Јехова значи да му оддаваме длабока почит и јавно да го возвишуваме така што ќе учествуваме и ќе го поддржуваме јавното објавување на неговото име. Скапоцените работи со кои му укажуваме чест на Јехова се нашето време, нашите таленти, нашата сила и нашите материјални поседи. Тие мора да бидат првите плодови — нашето најдобро. Зарем начинот на кој користиме сѐ што имаме не треба да ја одразува нашата решеност да ‚продолжиме да го бараме најнапред царството и Божјата правда‘? (Матеј 6:33, NW).
Укажувањето чест на Јехова со нашите скапоцени работи не останува без награда. „Та твоите житници да се исполнат до врвот“, уверува Соломон, „твоите бочви да се прелеваат од [ново, NW] вино“ (Изреки 3:10). Иако духовниот просперитет сам по себе не води до материјален просперитет, великодушното користење на сѐ што имаме за да му укажеме чест на Јехова донесува богати благослови. Вршењето на Божјата волја било „храна“ која го поткрепувала Исус (Јован 4:34). На сличен начин, уделот во делото на проповедање и правење ученици кое го слави Јехова, нѐ храни. Ако истраеме во тоа дело, нашите духовни складишта ќе бидат полни во изобилство. Нашата радост — симболизирана со ново вино — ќе се прелева.
Зарем не се ослонуваме и ние на Јехова и не го молиме за доволно физичка храна за секој ден? (Матеј 6:11). Всушност, сѐ што поседуваме доаѓа од нашиот љубезен небесен Татко. Јехова и понатаму ќе излева благослови до онаа мера до која ние ги користиме нашите скапоцени работи на негова фалба (1. Коринтјаните 4:7).
Прифати ја со задоволство Јеховината стега
Забележувајќи колку е важна стегата во стекнувањето присност со Јехова, царот на Израел нѐ советува: „Не занемарувај ја, синко, казната [стегата, NW] од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување [укор, NW]; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој, што го љуби“ (Изреки 3:11, 12).
Но, можеби нема да биде лесно да се прифати стегата. „Секоја казна [стега, NW] однапред не се покажува дека е за радост, туку за жалост“, напишал апостол Павле, „но потоа на свикнатите на неа таа ќе им принесе мирен род на праведност“ (Евреите 12:11). Укорот и стегата се неопходен дел од обуката која уште повеќе нѐ приближува кон Бог. Исправањето од Јехова — било да го добиваме од родителите, преку христијанското собрание или преку медитирање за Писмото во текот на личната студија — е израз на неговата љубов кон нас. Ќе бидеме мудри ако со задоволство ја прифатиме.
Држи се цврсто за мудроста и проникливоста
Потоа Соломон ја нагласува важноста на мудроста и проникливоста во негувањето близок однос со Бог. Тој изјавува: „Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум [проникливост, NW]; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато . . . Таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, кои ја запазуваат“ (Изреки 3:13—18).
Потсетувајќи нѐ на манифестацијата на мудроста и проникливоста во Јеховините чудесни дела на создавање, царот вели: „Господ [Јехова, NW] со премудроста ја основа земјата, со разум [проникливост, NW] ги утврди небесата . . . Синко, не ги испуштај од предвид овие работи; запази ја мудроста и разумот; тие ќе бидат живот за душата твоја и украс на вратот твој“ (Изреки 3:19—22).
Мудроста и проникливоста се побожни особини. Ние не само што треба да ги негуваме, туку и цврсто да се држиме за нив со тоа што никогаш нема да го занемариме марливото проучување на Писмото и примената на она што го учиме. „Тогаш ќе одиш без опасност по патот свој“, продолжува Соломон, „и ногата твоја нема да се сопне.“ Тој додава: „Кога ќе легнеш да спиеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, сонот ќе ти биде пријатен“ (Изреки 3:23, 24).
Да, можеме да одиме во безопасност и да спиеме со мир во мислите додека го чекаме денот на ‚ненадејна погибел‘ кој врз сатанскиот зол свет ќе дојде како крадец (1. Солунјаните 5:2, 3; 1. Јованово 5:19, NW). Дури и во текот на претстојната голема неволја, можеме да ја имаме оваа гаранција: „Нема да се исплашиш од ненадеен страв, ниту од напад, кој доаѓа од безбожниците, бидејќи Господ ќе биде на сите твои патишта и ќе ја запази ногата твоја од препнување“ (Изреки 3:25, 26; Матеј 24:21).
Прави го она што е добро
„Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба“, опоменува Соломон, „кога раката твоја има сила да му помогне“ (Изреки 3:27). Правењето добро на другите вклучува великодушно користење на сѐ што имаме во нивна корист, а тоа има многу фасети. Но, зарем помагањето на другите да стекнат близок однос со вистинскиот Бог не е најдоброто нешто што можеме да го сториме за нив во ова „време на крајот“? (Даниил 12:4, NW). Значи, ова се денови за покажување ревност во делото на проповедање на Царството и правење ученици (Матеј 28:19, 20).
Исто така, мудриот цар набројува некои практики кои треба да се избегнуваат, велејќи: „Не му вели на пријателот свој: ‚Оди си, дојди пак; утре ќе ти дадам‘ кога си во состојба да му помогнеш, зашто не знаеш што ќе роди утрешниот ден. Не крои зло против ближниот свој, кој е придојден и кој со доверба живее при тебе. Не се карај со човек без причина, кога не ти направил никакво зло. Не завидувај му на човек што постапува насилно, и не избирај ни еден од патиштата негови“ (Изреки 3:28—31).
Резимирајќи ја причината за својот совет, Соломон вели: „Зашто на Господа му е одвратен безбожникот, а близок е со праведникот. Проклетството Господово е врз домот на нечесниот, а живеалиштето на праведникот Бог го благословува. Над оние што се подигруваат, Он се потсмева, а на смирените им дава благодат. Мудрите ќе наследат слава, а безумните — срам“ (Изреки 3:32—35).
Ако сакаме да уживаме присност со Јехова, не смееме да кроиме зли и штетни сплетки (Изреки 6:16—19). Само ако го правиме она што е исправно во Божји очи ќе ја имаме неговата наклоност и благослов. Исто така, можеме да добиеме неочекувана чест кога другите ќе забележат дека постапуваме во склад со божествената мудрост. Затоа, да ги отфрлиме препредените патишта на овој злобен и насилнички свет. Всушност, да се стремиме кон чесен пат и да негуваме присност со Јехова!
[Слики на страница 25]
„Укажувај му чест на Јехова со своите скапоцени работи“