Што му дава вистинска смисла на животот?
„Бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди“ (ПРОП. 12:13).
1, 2. Како може да ни помогне разгледувањето на книгата Проповедник?
ЗАМИСЛИ СИ еден човек кој на прв поглед има сѐ што некој би можел да посака. Тој е познат државник, еден од најбогатите луѓе на светот и најмудрата личност во своето време. Сепак, и покрај сите свои достигнувања, сѐ уште се прашува: ‚Што му дава вистинска смисла на животот?‘
2 Овој човек навистина постоел пред околу 3.000 години. Се викал Соломон и, во книгата Проповедник, ја опишал својата потрага по среќата (Проп. 1:13). Можеме многу да научиме од животот на Соломон. Всушност, мудроста што се наоѓа во книгата Проповедник може да ни помогне да си поставиме цели што ќе му дадат вистинска смисла на нашиот живот.
„Трчање по ветар“
3. Со кој отрезнувачки факт во врска со човечкиот живот мора да се соочиме сите?
3 Соломон објаснува дека Бог создал безброј прекрасни творби на Земјата — творби кои постојано нѐ зачудуваат и неизмерно нѐ радуваат. Сепак, бидејќи нашиот живот е толку краток, немаме време скоро ни да почнеме да го истражуваме Божјето создание (Проп. 3:11; 8:17). Библијата вели дека нашиот животен век е краток и дните ни поминуваат многу брзо (Јов 14:1, 2; Проп. 6:12). Овој факт треба да нѐ отрезни и да ни помогне мудро да го живееме секој ден. Но, ова воопшто не е лесно бидејќи светот на Сатана се обидува да нѐ сврти во сосема спротивна насока.
4. а) Што значи зборот „суета“? б) Кои работи, што обично им се многу важни на луѓето, ќе ги разгледаме?
4 За да нагласи колку е реална опасноста залудно да си го потрошиме животот, во книгата Проповедник Соломон го користи зборот „суета“ околу 30 пати. Хебрејскиот збор што е преведен со „суета“ означува нешто празно, залудно, бесмислено, нешто без суштина и без трајна вредност (Проп. 1:2, 3). Понекогаш Соломон го користи зборот „суета“ напоредно со изразот „трчање по ветар“ (Проп. 1:14; 2:11). Се разбира, секој обид да се фати ветрот е залуден. Секој што ќе се обиде да го стори тоа, на крајот ќе остане со празни раце. Исто толку може да се разочараме и ако си поставиме немудри цели. Животот во сегашниов свет е прекраток за да го потрошиме на работи кои на крајот ќе нѐ остават со празни раце. За да не ја направиме таа грешка, да разгледаме какви примери ни дава Соломон во врска со работите кои обично им се многу важни на луѓето. Прво, ќе ја разгледаме потрагата по задоволства и по материјални работи. А потоа ќе зборуваме за вредноста на работата која му се допаѓа на Бог.
Дали потрагата по задоволства ќе ни донесе среќа?
5. Во што барал задоволство Соломон?
5 Исто како многу луѓе денес, и Соломон се обидел да најде среќа трагајќи по задоволства. Тој вели: „Не му скратив никаква веселба... на срцето мое“ (Проп. 2:10). Во што го барал задоволството? Според 2. поглавје од книгата Проповедник, тој ‚го веселел телото со вино‘ — иако не се опивал — и истовремено се занимавал со уредување на паркови и градини, проектирал палати, слушал музика и уживал во добра храна.
6. а) Зошто не е погрешно да се ужива во убавите работи во животот? б) Како да најдеме рамнотежа во однос на рекреацијата?
6 Дали Библијата забранува да уживаме во дружење со пријателите? Во никој случај! На пример, Соломон вели дека е дар од Бог кога човек може да јаде во опуштена атмосфера откако цел ден напорно работел. (Прочитај Проповедник 2:24; 3:12, 13.) Освен тоа, самиот Јехова ги повикува младите да ‚се радуваат и да им се весели срцето‘, иако тоа треба да го прават на одговорен начин (Проп. 11:9). Секој од нас има потреба да се опушти и да се забавува. (Спореди Марко 6:31.) Но, рекреацијата не треба да ни биде најважното нешто во животот. Напротив, треба да ни биде како десерт на крајот од ручекот, а не главно јадење. Сигурно ќе се сложиш дека, сеедно колку многу сакаш десерт, ако не јадеш ништо друго, наскоро ќе ти се здосади, а нема да ги добиеш ни хранливите состојки што ти се неопходни. До сличен заклучок дошол и Соломон. Тој сфатил дека оној што трча по задоволства исто како да ‚трча по ветар‘ (Проп. 2:10, 11).
7. Зошто треба внимателно да избираме како се рекреираме?
7 Освен тоа, не се корисни сите видови рекреација. Многу од нив се крајно штетни, и во духовен и во морален поглед. Зарем не е огромен бројот на оние што се довеле во очајна ситуација само затоа што сакале ‚добро да се забавуваат‘, па затоа се оддале на алкохол, дрога или коцкање? Јехова љубезно нѐ предупредува дека, ако им дозволиме на срцето и на очите да нѐ водат во погрешна насока, мора да очекуваме и лоши последици (Гал. 6:7).
8. Зошто е мудро да размислиме што правиме со својот живот?
8 Освен тоа, ако претерано се оддадеме на задоволства, нема да можеме да обрнеме доволно внимание на поважните работи. Не заборавај, животот брзо поминува, и немаме гаранција дека во нашиот краток животен век здравјето секогаш добро ќе нѐ служи и ќе немаме проблеми. Од таа причина, како што советува Соломон, можеби е покорисно да одиме на погреб — особено ако починал некој верен христијанин — отколку да одиме во „куќа каде што се веселат“. (Прочитај Проповедник 7:2, 4.) Зошто? Додека го слушаме погребниот говор и размислуваме за животот на тој починат верен слуга на Јехова, можеби ќе бидеме поттикнати да се преиспитаме што правиме ние со својот живот. Така можеби ќе сфатиме дека треба да ги промениме своите цели за мудро да го искористиме времето што ни преостанува (Проп. 12:1).
Дали материјалните работи ќе ни донесат среќа?
9. Што сфатил Соломон во врска со богатството?
9 Кога ја напишал книгата Проповедник, Соломон бил еден од најбогатите луѓе на Земјата (2. Лет. 9:22). Можел да има сѐ што му душа сака. „Што и да ми посакаа очите, не им скратував“, напишал тој (Проп. 2:10). Сепак, сфатил дека, сами по себе, материјалните работи не носат задоволство. На крајот заклучил: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка“ (Проп. 5:10).
10. Што ќе ни донесе вистинско задоволство и вистинско богатство?
10 Интересно е што, и покрај минливата вредност на материјалните работи, богатството сепак може да биде многу привлечно. Во една неодамнешна анкета во САД, 75 отсто од студентите на прва година факултет се изјасниле дека главна цел во животот им е да станат „многу богати“. Но, дури и да ја постигнат таа цел, дали навистина ќе бидат среќни? Не мора да значи. Истражувачите забележуваат дека, кога некој ги става материјалните работи на прво место во животот, всушност, потешко наоѓа среќа и задоволство. Соломон уште одамна дошол до истиот заклучок. Тој напишал: „Си натрупав сребро и злато, и богатство какво што имаат царевите и... сѐ беше суета и трчање по ветар“a (Проп. 2:8, 11). Меѓутоа, ако го користиме животот за да му служиме на Јехова со сета душа и, поради тоа, имаме благослов од него, ние ќе стекнеме вистинско богатство. (Прочитај Изреки 10:22.)
Што носи вистинско задоволство?
11. Што вели Библијата во врска со вредноста на работата?
11 Исус рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега, па и јас работам“ (Јован 5:17). Нема сомнение дека Јехова и Исус уживаат во работата. Библијата покажува дека Јехова бил задоволен со своите дела на создавање. Таа вели: „Бог го погледна сето она што го беше направил, и гледај, беше многу добро“ (1. Мој. 1:31). Кога виделе што сѐ направил Бог, ангелите ‚радосно извикувале заедно‘ (Јов 38:4-7). И Соломон ја ценел вредноста на смисловната работа (Проп. 3:13).
12, 13. а) Како две лица изразиле задоволство од својата чесна работа? б) Зошто понекогаш може да имаме нервози на работното место?
12 Многу луѓе се свесни колку е скапоцена чесната работа. На пример, Хозе, еден успешен сликар, вели: „Кога ќе ти појде од рака да ја ставиш на платно сликата што ја имаш во главата, се чувствуваш како да си освоил некој висок планински врв“. Мигел,b кој е бизнисмен, вели: „Задоволен си кога работиш затоа што така можеш да го издржуваш семејството. Освен тоа, имаш чувство дека навистина си постигнал нешто“.
13 Од друга страна, има и многу видови работа кои се здодевни и не бараат некоја креативност. А понекогаш на самото работно место може да доживееме многу нервози, па дури и неправди. Како што истакнува и Соломон, понекогаш мрзливиот — можеби затоа што има врски со шефовите — би можел да ја добие наградата што ја заслужил вредниот работник (Проп. 2:21). Човек може да се разочара и од други работи. Можеби нешто во почетокот ни се чини како одлична зделка, но на крајот пропаѓа поради влошената економска состојба во земјата или поради други непредвидени настани. (Прочитај Проповедник 9:11.) Честопати, оној што дава сѐ од себе за да успее, на крајот останува огорчен и разочаран бидејќи сфаќа дека „трудот му отишол во ветар“ (Проп. 5:16).
14. Која работа секогаш носи вистинско задоволство?
14 Има ли работа од која човек никогаш нема да се разочара? Хозе, сликарот што беше спомнат погоре, вели: „Низ годините, сликите можат да се изгубат или да се оштетат. Но, такво нешто не може да им се случи на делата што ги правиме во службата за Бог. Кога од послушност кон Јехова ја проповедам добрата вест, им помагам на луѓето да станат добри, богобојазливи христијани. Тоа е нешто од трајна, непроценлива вредност“ (1. Кор. 3:9-11). И Мигел вели дека проповедањето на пораката за Царството му носи многу поголемо задоволство отколку световната работа. „Ништо не може да се спореди со радоста што ја чувствуваш кога некому ќе му објасниш некоја библиска вистина и ќе почувствуваш дека таа го допрела до срце“, вели тој.
„Фрли го лебот свој“
15. Што му дава вистинска смисла на животот?
15 На крајот, да заклучиме: Што му дава вистинска смисла на животот? Вистинско задоволство наоѓаме ако го користиме нашето кратко постоење во сегашниов поредок за да правиме добро и да му угодиме на Јехова. Можеме да изградиме блиско пријателство со Бог, можеме да всадиме духовни вредности во своите деца, можеме да им помогнеме на другите да го запознаат Јехова и можеме да имаме цврсти пријателства со нашите браќа и сестри (Гал. 6:10). Сите овие работи се од трајна вредност и им носат благослов на оние што ги прават. Со една многу интересна споредба, Соломон опишал колку вреди да им се прави добро на другите. Тој рекол: „Фрли го лебот свој на површината на водата, и по многу дни пак ќе го најдеш“ (Проп. 11:1). Исус ги поттикнал своите апостоли: „Давајте, и ќе ви се даде“ (Лука 6:38). Освен тоа, лично Јехова ветува дека ќе ги награди оние што им прават добро на другите (Изр. 19:17; прочитај Евреите 6:10).
16. Кога е најдобро време да размислиме на што ќе го посветиме животот?
16 Библијата нѐ советува уште како млади мудро да одлучиме на што ќе го посветиме својот живот. Така нема да бидеме разочарани подоцна (Проп. 12:1). Колку жално би било да ги потрошиме најубавите години од животот трчајќи по работите што ги нуди светот за, на крајот, да откриеме дека тие не се ништо друго освен ветар и магла!
17. Што ќе ти помогне да го избереш најдобриот животен пат?
17 Како и секој добар татко, Јехова сака да уживаш во животот, да правиш добро и да ги избегнеш непотребните маки и болки (Проп. 11:9, 10). Што ќе ти помогне во тоа? Постави си духовни цели, и потоа давај сѐ од себе за да ги постигнеш. Пред 20-тина години, Хавиер се нашол пред избор — успешна лекарска кариера или полновремена служба. „Иако работата на лекар носи задоволство, ништо не може да се спореди со радоста што ја чувствував кога им помогнав на неколку лица да ја дознаат вистината“, вели тој. „Полновремената служба ми даде можност да уживам во животот во потполна мера. Жалам само што не почнав порано.“
18. Зошто животот на Исус на Земјата имал вистинска смисла?
18 Значи, што е највредното нешто кое треба да се потрудиме да го стекнеме? Книгата Проповедник вели: „Подобро е добро име отколку добро масло, и смртниот ден е подобар од денот на раѓањето“ (Проп. 7:1). Животот на Исус ни е најдобар доказ за ова. Тој навистина си стекнал извонредно име кај Јехова. Кога умрел верен на Бог, Исус докажал дека неговиот Татко има право да владее и го дал животот како откупна жртва, со што го отворил патот да бидеме спасени (Мат. 20:28). Во текот на краткото време што го поминал на Земјата, Исус ни дал совршен пример за тоа што значи некој да има вистинска смисла во животот, и токму тој пример се трудиме да го следиме (1. Кор. 11:1; 1. Пет. 2:21).
19. Кој мудар совет го дал Соломон?
19 И ние можеме да си стекнеме добро име кај Бог. Добриот глас кај Јехова е поскапоцен од какво и да било богатство. (Прочитај Матеј 6:19-21.) Секој ден можеме да најдеме начин да го правиме она што е добро во Јеховини очи и со тоа да си го збогатиме животот. На пример, можеме да им ја пренесуваме добрата вест на другите, можеме да си го зајакнеме бракот и семејството, и можеме да го зацврстуваме својот однос со Јехова со тоа што ќе ја проучуваме Библијата и ќе одиме на состаноците (Проп. 11:6; Евр. 13:16). Па, сега, што би рекол: дали сакаш твојот живот да има вистинска смисла? Ако твојот одговор е ‚да‘, тогаш и понатаму следи го советот на Соломон: „Бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди. Зашто, тоа е целата должност на човекот“ (Проп. 12:13).
[Фусноти]
a Соломон имал годишен бруто приход од 666 таланти (над 22 тони) злато (2. Лет. 9:13).
b Името е сменето.
Како би одговорил?
• Што треба да нѐ натера сериозно да размислиме за своите цели во животот?
• Како треба да гледаме на потрагата по задоволства и по материјални работи?
• Која работа ќе ни донесе трајно задоволство?
• Кое вредно нешто треба да се потрудиме да го стекнеме?
[Слика на страница 23]
На кое место треба да ни биде рекреацијата во животот?
[Слика на страница 24]
Зошто проповедањето ни носи големо задоволство?