Дали некои делови од Библијата се противречни?
Што вели Библијата:
Не, Библијата е складна од почеток до крај. Иако на прв поглед може да ни изгледа дека некои делови си противречат, обично можеме точно да ги разбереме ако земеме предвид некои од следниве принципи:
Ако се земе предвид контекстот. Ако ги вадиме зборовите од контекст, кој и да било извештај од кој и да било писател може да ни изгледа противречен.
Ако се земе предвид од која гледна точка писателот го опишал настанот. На пример, неколкумина очевидци можат точно да опишат еден ист настан, но секој од нив да го опише од различен агол и да вклучи различни детали.
Ако се земат предвид историските факти и обичаите.
Ако се направи разлика помеѓу симболична и дословна употреба на зборовите.
Понекогаш некое дејство може да му се припише на некое лице иако во суштина тоа лично не го извршило. a
Потребен е точен превод на Библијата.
Библијата не треба да се прилагодува на погрешни религиозни учења и догми.
Следниве примери покажуваат како овие принципи можат да ни помогнат исправно да разбереме некои библиски извештаи што навидум си противречат.
Принцип 1: Контекст
Ако Бог почнал да одмора на седмиот ден, тогаш како работи сѐ до сега? Контекстот од извештајот за создавањето во 1. Мојсеева покажува дека изјавата „во седмиот ден почна да почива од сето свое дело што го беше направил“ конкретно се однесува на работата поврзана со создавањето на живиот свет и Земјата (1. Мојсеева 2:2-4). Но, дали Исус кажал нешто спротивно на тие зборови кога рекол: „Мојот татко работи сѐ досега“? Не. Во таа прилика Исус не зборувал за делото на создавање, туку за други Божји дела (Јован 5:17). На пример, Бог работел и кога го водел пишувањето на Библијата. Освен тоа, и до ден-денес се грижи за луѓето (Псалм 20:6; 105:5; 2. Петрово 1:21).
Принципи 2 и 3: Гледна точка на писателот и историјата
Каде Исус го излекувал слепиот човек? Во евангелието според Лука пишува дека Исус излекувал еден слеп човек додека се приближувал кон Ерихон. Меѓутоа, паралелниот извештај од Матеј ни кажува дека Исус излекувал двајца слепи мажи кога излегувал од Ерихон (Лука 18:35-43; Матеј 20:29-34). Овие два извештаи се опишани од различна гледна точка и не си противречат туку, напротив, се надополнуваат. Матеј е подетален и кажува дека Исус излекувал двајца слепи мажи, додека Лука го ставил акцентот на човекот со кој Исус зборувал. Што се однесува до местото каде што се случил настанот, археолозите откриле дека, во времето на Исус, градот Ерихон бил поделен на два дела — на стар и на нов. Новиот, односно римскиот дел од градот, бил оддалечен околу еден и пол километар од стариот еврејски дел. По сѐ изгледа, Исус го направил тоа чудо кога бил некаде помеѓу двата дела на градот.
Принцип 4: Симболична и дословна употреба на зборовите
Дали Земјата ќе биде уништена? Во Проповедник 1:4 Библијата вели дека „земјата останува засекогаш“. Од друга страна, во 2. Петрово 3:10 стои дека „земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори“ (Превод на МПЦ). Овие изјави навидум си противречат. Но, зборот „земја“ во Библијата може да има дословно значење и да се однесува на нашата планета, а може да има и симболично значење и да се однесува на луѓето што живеат на неа (1. Мојсеева 1:1; 11:1). Уништувањето кое е спомнато во 2. Петрово 3:10 не значи дека нашата планета ќе биде уништена со оган, туку дека ќе бидат уништени безбожниците (2. Петрово 3:7).
Принцип 5: Дали дејството му се припишува на некој друг?
Кој упатил молба до Исус — стотникот или еврејските старешини? Во Матеј 8:5, 6 пишува дека стотникот (воен заповедник) лично дошол кај Исус, додека во Лука 7:3 пишува дека стотникот ги испратил еврејските старешини за да го замолат Исус да дојде. Дали овие стихови се противречни? Не. Еврејските старешини биле тие што отишле кај Исус и му ја пренеле молбата, но тоа го направиле во името на воениот заповедник.
Принцип 6: Точен превод
Дали сите грешиме? Библијата вели дека сите сме наследиле грев од првиот човек, Адам (Римјаните 5:12). Но, во некои преводи пишува дека добриот човек „не греши“ (1. Јованово 3:6, Превод на МПЦ). На изворниот јазик, односно на грчки јазик, глаголот „греши“ во 1. Јованово 3:6 е во сегашно време. Сегашното време во грчкиот јазик обично се употребува за дејства што траат. Има разлика помеѓу наследениот грев, кој е нешто неизбежно, и кога некој свесно и постојано не ги почитува Божјите закони. Затоа, во некои преводи глаголот „греши“ во 1. Јованово 3:6 се преведува со изрази како „не оди во грев“ или „нема да продолжи да греши“ (Светото писмо — превод Нов свет; Радосна вест).
Принцип 7: Библијата, а не лажни учења
Дали Исус е еднаков со Бог или е помал од Бог? Во една прилика Исус рекол: „Јас и Таткото сме едно“, а во една друга прилика рекол: „Таткото е поголем од мене“. Овие две изјави изгледаат противречно (Јован 10:30; 14:28). За да ги сфатиме овие зборови на исправен начин, мора да дознаеме што точно вели Библијата за Јехова и за Исус. Притоа, не треба да се обидуваме да ги ускладиме тие стихови со учењето за тројство, кое не се темели на Библијата. Во Библијата, не само што пишува дека Јехова му е Татко на Исус туку и дека е негов Бог (Матеј 4:10; Марко 15:34; Јован 17:3; 20:17; 2. Коринќаните 1:3). Штом Исус му служи на Јехова и го прифаќа за свој Бог, логично е да заклучиме дека тој не е еднаков со Бог.
Пред да ги каже зборовите „јас и Таткото сме едно“, Исус зборувал за тоа дека тој и неговиот Татко, Јехова Бог, се во единство, односно дека имаат исти цели и намери. Подоцна Исус рекол: „Таткото е во единство со мене и јас во единство со Таткото“ (Јован 10:38). Исус рекол дека е во единство и со своите ученици бидејќи и тие имале иста цел со него. Кога му се молел на Бог за нив, тој рекол: „И им ја дадов славата што ми ја даде ти мене, за да бидат едно, како што сме ние едно, јас во единство со нив и ти во единство со мене“ (Јован 17:22, 23).
a На пример, во една енциклопедија пишува дека музејот Таџ Махал „го изградил могулскиот владетел Ша Џахан“. Но, секако дека не го изградил тој лично. Статијата понатаму додава дека за градењето тој „најмил повеќе од 20.000 работници“ (Encyclopædia Britannica).