Што да се чита — мудриот совет на Соломон
„ДА ПИШУВАШ многу книги — тоа нема крај, а да читаш многу — и тоа е заморно за телото“ (Проповедник 12:12, ПСП). Кога ги запишал овие зборови, пред околу 3.000 години, мудриот цар Соломон од Израел не зборувал против читањето. Наместо тоа, зборувал за потребата да се биде избирлив. Ова потсетување е сосем погодно за денес, зашто секоја година во светот се печатат милијарди страници материјал за читање!
Очигледно е дека ‚многуте книги‘ на коишто се осврнал Соломон не охрабрувале и не освежувале. Затоа, тој образложил дека да се биде посветен на такви книги не донесува позитивни и трајни користи туку дека тоа е „заморно за телото“.
Меѓутоа, дали Соломон рекол дека нема книги што даваат здраво, доверливо водство што може да му биде од корист на читателот? Не, зашто напишал и: „Зборовите на мудреците се како остени, и како забиени клинци; зборовите на оние што ги напишаа, дадени се од единствениот Пастир“ (Проповедник 12:11, ПСП). Навистина, има пишани зборови што „како остени“ можат позитивно да го мотивираат човек. Тие можат да поттикнат некого да оди по правиот пат. Освен тоа, „како забиени клинци“, тие можат да помогнат решеноста да стане посилна и можат да имаат стабилизирачки ефект.
Каде можеме да најдеме такви мудри зборови? Според Соломон, најистакнати се оние што потекнуваат од единствениот Пастир, Јехова (Псалм 23:1). Затоа, најдобрата книга на којашто некој може да ѝ се обрати е онаа што е инспирирана од Бог — Библијата. Тоа што редовно ќе чита такви инспирирани зборови може да му помогне на човек да стане „потполно способен, целосно опремен за секое добро дело“ (2. Тимотеј 3:16, 17).