Четврто поглавје
Колку само си уникатен!
СЕКОЕ утро пред да започнеш со твоите активности, дали погледнуваш во огледало за да го провериш својот изглед? Можеби тогаш немаш многу време за да размислуваш. Но, одвој сега еден момент за да се восхитуваш на она што е вклучено додека фрлаш еден таков едноставен поглед.
Очите ти овозможуваат да се гледаш во сите бои, иако гледањето во боја не е витално за животот. Положбата на твоите уши ти овозможува стереофонично слушање; на тој начин можеш да го лоцираш изворот на звуците, како што е гласот на некој сакан. Тоа може да го сфаќаме како нешто само по себе разбирливо, но една книга за инженери за звук коментира: „Сепак, разгледувајќи го човечкиот систем за слушање во која и да било поединост, тешко би можело да се избегне заклучокот дека неговите сложени функции и структури укажуваат на некаква добротворна рака во својот дизајн“.
И твојот нос манифестира прекрасен дизајн. Преку него можеш да вдишуваш воздух што те одржува во живот. Исто така, има милиони сетилни рецептори кои ти овозможуваат да распознаваш околу 10.000 нијанси на мириси. Додека уживаш во оброкот, стапува во игра и едно друго сетило. Илјадници папили за вкус ти пренесуваат вкусови. Други рецептори на јазикот ти помагаат да почувствуваш дали забите ти се чисти.
Да, имаш пет сетила — вид, слух, мирис, вкус и допир. Се разбира, некои животни имаат попродорен ноќен вид, поосетливо чувство за мирис или поизострен слух, меѓутоа човековата урамнотеженост на овие сетила секако дека му овозможува да се истакне на многу начини.
Но, ајде да разгледаме зошто можеме да извлечеме корист од овие способности и својства. Сите тие зависат од еден орган сместен во нашата глава, со тежина од 1,4 килограми — нашиот мозок. И животните имаат мозоци кои функционираат. Сепак, човечкиот мозок е класа за себе, правејќи нѐ непобитно единствени. Како тоа? И како таа единственост се однесува на нашата заинтересираност да имаме смисловен и траен живот?
Твојот прекрасен мозок
Со години човечкиот мозок е споредуван со компјутер, но сепак поновите откритија покажуваат дека споредбата во голема мера промашува. „Како човекот почнува да го сфаќа функционирањето на еден орган со отприлика 50 милијарди неврони, со милион милијарди синапси (врски) и со севкупна стапка на празнење од можеби 10 милиони милијарди пати во секунда?“ прашал д-р Ричард М. Рестак. Неговиот одговор? „Перфомансата дури и на најнапредните од неврално-мрежните компјутери . . . има отприлика еден десетилјадити дел од умствениот капацитет на една домашна мува.“ Тогаш, размисли колку само е безуспешно еден компјутер да се рамни со човечкиот мозок, кој е толку забележително супериорен.
Кој компјутер направен од човек може самиот да се поправи, да го препише својот програм или да се усоврши низ годините? Кога еден компјутерски систем треба да се преиначи, програмерот мора да напише и да внесе нови кодирани упатства. Нашиот мозок автоматски ја прави таа работа, како во раните години од животот така и во староста. Не би претерал ако кажеш дека најнапредните компјутери се многу примитивни во споредба со мозокот. Научниците го нарекле „најкомплицираната позната структура“ и „најсложениот објект во универзумот“. Разгледај некои откритија кои многумина довеле до заклучок дека човечкиот мозок е производ на еден грижлив Творец.
Користи го или го губиш
Корисните изуми како што се автомобилите и авионите на млазен погон, во основа, се ограничени од фиксни механизми и електрични системи кои луѓето ги дизајнираат и инсталираат. За разлика од тоа, нашиот мозок, во најмала рака, е еден многу флексибилен биолошки механизам или систем. Може и понатаму да се менува според начинот на кој се употребува — или злоупотребува. Се чини дека два главни фактора се одговорни за тоа како нашиот мозок се развива во текот на нашиот животен век — што дозволуваме да влезе во него преку нашите сетила и за што избираме да размислуваме.
Иако наследните фактори можат да имаат улога во умствената перфоманса, современото истражување покажува дека нашиот мозок не е одреден од нашите гени за време на зачнувањето. „Никој не претпоставуваше дека мозокот е толку променлив како што сега науката го откри тоа“, пишува авторот Роналд Котулак, добитник на Пулицерова награда. Откако интервјуирал преку 300 истражувачи, тој заклучил: „Мозокот не е статичен орган; тој е маса клеточни врски кои постојано се менуваат, врз кои длабоко влијае искуството“ (Inside the Brain).
Сепак, нашите искуства не се единствените средства за обликување на нашиот мозок. Врз него влијае и нашето размислување. Научниците увидуваат дека мозокот кај луѓето кои остануваат умствено активни има 40 проценти повеќе врски (синапси) помеѓу нервните клетки (невроните) отколку мозокот кај умствено мрзливите. Невронаучниците заклучуваат: Морате да го користите или ќе го изгубите. Но, што е со постарите? Изгледа дека, како што старее човекот, постои извесен губиток на мозочни клетки, а поодминатата возраст може да донесе и губиток на меморијата. Сепак, губитокот е многу помал отколку што некогаш се веруваше. Еден извештај за човечкиот мозок од National Geographic кажал: „Постарите луѓе . . . го задржуваат капацитетот за создавање нови врски и за чување на старите само преку умствена активност“.
Поновите откритија во врска со флексибилноста на нашиот мозок се во согласност со советот најден во Библијата. Таа книга на мудрост ги поттикнува читателите да ‚се преобразат со променување на нивниот ум‘ или да бидат ‚обновени‘ преку „точно спознание“ кое се прима во умот (Римјаните 12:2; Колосјаните 3:10, обата NW). Јеховините сведоци виделе како се случува тоа додека луѓето ја проучуваат Библијата и го применуваат нејзиниот совет. Многу илјадници — од целиот спектар на социјални и образовни позадини — го направиле тоа. Тие ја задржуваат својата индивидуалност, но сепак стануваат посреќни и поурамнотежени, покажувајќи го она што еден писател од првиот век го нарекол „здрав разум“ (Дела 26:24, 25). Ваквите подобрувања во голема мера доаѓаат од доброто користење на дел од кората на големиот мозок која е сместена во предниот дел од главата.
Твојот челен резен
Повеќето неврони во надворешниот слој на мозокот, кората на големиот мозок, не се директно поврзани со мускулите и сетилните органи. На пример, разгледај ги милијардите неврони кои го сочинуваат челниот резен. (Види го цртежот на страница 56.) Скенерите на мозокот докажуваат дека челниот резен станува активен кога ќе помислиш на некој збор или кога ќе повикаш во сеќавање извесни спомени. Предниот дел од мозокот игра посебна улога во тоа да бидеш она што си.
„Предната мозочна кора . . . најмногу е вклучена во сложеноста на мислите, интелигенцијата, мотивацијата и личноста. Ги поврзува искуствата кои се потребни за производството на апстрактни идеи, просудување, упорност, планирање, грижа за другите и совест . . . Токму сложеноста на овој регион е тоа што ги одвојува човечките суштества од другите животни“ (Human Anatomy and Physiology од Мариеб). Секако дека гледаме докази за таа разлика по она што луѓето го постигнале во подрачја како што се математиката, филозофијата и правосудството кои првенствено ја вклучуваат предната мозочна кора.
Зошто луѓето имаат голема, флексибилна предна мозочна кора која придонесува за понапредни ментални функции додека кај животните ова подрачје е закржлавено или не постои? Разликата е толку голема што биолозите, кои тврдат дека сме еволуирале, говорат за „мистериозната експлозија на големината на мозокот“. Професорот по биологија, Ричард Ф. Томпсон, забележувајќи го необичното проширување на кората на нашиот голем мозок, признава: „Досега немаме некое многу јасно разбирање зошто се случило тоа“. Дали причината би можела да лежи во тоа дека човекот бил создаден со тој неспоредлив капацитет на мозокот?
Неспоредливи комуникациски вештини
Другите делови од мозокот, исто така, придонесуваат за нашата единственост. Зад нашата предна мозочна кора се наоѓа една лента која се протега низ главата — моторната мозочна кора. Таа содржи милијарди неврони кои се поврзани со нашите мускули. И таа има обележја кои придонесуваат да бидеме далеку поинакви од мајмуните или од другите животни. Примарната моторна мозочна кора ни ја овозможува „1) исклучителната способност да ги користиме раката, прстите и палецот за да извршуваме многу умешни мануелни задачи и 2) употребата на устата, усните, јазикот и мускулите на лицето за да зборуваме“ (Textbook of Medical Physiology од Гајтон).
Накратко разгледај како моторната мозочна кора влијае врз твојата способност да зборуваш. Повеќе од половина е посветена на органите за комуникација. Тоа помага да се објаснат неспоредливите комуникациски вештини на луѓето. Иако нашите раце играат улога во комуникацијата (во пишувањето, нормалните гестови или јазикот за глувонемите), устата обично го игра главниот дел. Човечкиот говор — од првиот збор на бебето до гласот на едно постаро лице — неоспорно е чудо. Околу 100 мускули на јазикот, усните, вилицата, грлото и градите соработуваат за да произведат безброј гласови. Забележи го овој контраст: Една мозочна клетка може да управува со 2.000 влакна во мускулниот лист на еден атлетичар, но мозочните клетки за ларинксот можат да се сконцентрираат само на 2 или 3 мускулни влакна. Зарем тоа не сугерира дека нашиот мозок е специјално опремен за комуникација?
Секоја кратка фраза која ја изговараш изискува конкретен образец на мускулни движења. Значењето на еден израз може да се промени во зависност од степенот на движењето и од ускладувањето на мноштво различни мускули во дел од секундата. „При нормална брзина“, објаснува стручњакот за говор д-р Вилијам Х. Перкинс, „изговараме околу 14 гласови во секунда. Тоа е двапати побрзо од она што можеме да го контролираме со нашиот јазик, усни, вилица или некои други делови од нашиот говорен механизам кога ги движиме одвоено. Но, кога ќе се состават сите заедно за да произведат говор, тогаш работат како што работат прстите на вешти дактилографи и концертни пијанисти. Нивните движења се вклопуваат во една симфонија со извонредно временско усогласување.“
Самата информација која е потребна за да се постави едноставното прашање: „Како си денес?“ сместена е во еден дел од челниот резен на твојот мозок, наречен Брокин центар кој некои го сметаат за центар на твојот говор. Нобеловиот лауреат, невронаучникот сер Џон Еклс, напишал: „Ниедно подрачје кое одговара на . . . Брокиниот говорен центар не е препознаено кај мајмуните“. Дури и да се најдат некои слични подрачја кај животните, факт е дека научниците не можат да ги натераат мајмуните да изговорат повеќе од неколку едноставни говорни гласови. Но, ти можеш да произведеш комплициран јазик. За да го правиш тоа, зборовите ги составуваш според граматиката на твојот јазик. Брокиниот центар ти помага да го правиш тоа, како во зборувањето така и во пишувањето.
Се разбира, не можеш да го вежбаш чудото на говорот доколку не знаеш барем еден јазик и не разбираш што значат неговите зборови. Тоа вклучува друг посебен дел од твојот мозок, познат како Верникеов центар. Овде милијарди неврони го распознаваат значењето на изговорените или напишаните зборови. Верникеовиот центар ти помага да ја сфатиш смислата на изјавите и да го разбереш она што го слушаш или читаш; на тој начин можеш да дознаеш извесни информации и можеш разумно да одговориш.
Твојот течен говор вклучува и нешто повеќе. За илустрација: Едно вербално „Здраво“ може да пренесе мноштво значења. Тонот на твојот глас рефлектира дали си среќен, возбуден, дали ти е здодевно, дали ти се брза, дали си изнервиран, тажен или исплашен, и може да открие дури и извесни степени на тие емоционални состојби. Едно друго подрачје од твојот мозок обезбедува информации за емоционалниот дел од говорот. Значи, различни делови од твојот мозок стапуваат во игра кога комуницираш.
Извесни шимпанза биле поучени на некаков ограничен знаковен јазик, но неговата употреба во суштина е ограничена на едноставни барања за храна и за други основни работи. Поради тоа што работел на тоа да ги поучи шимпанзата на едноставна невербална комуникација, д-р Дејвид Премак заклучил: „Човечкиот говор претставува срам за еволуционата теорија бидејќи е неизмерно помоќен отколку што може некој да објасни“.
Би можеле да си помислиме: ‚Зошто луѓето ја имаат таа прекрасна вештина да пренесуваат мисли и чувства, да прашуваат и да одговараат?‘ The Encyclopedia of Language and Linguistics наведува дека „[човечкиот] говор е посебен“ и признава дека „потрагата по претходници во животинската комуникација не помага многу во премостувањето на огромниот јаз кој ги одвојува јазикот и говорот од нечовечки однесувања“. Професор Лудвиг Коелер накратко ја резимирал разликата: „Човечкиот говор е тајна; тоа е божествен дар, чудо“.
Каква само разлика постои помеѓу користењето знаци од страна на мајмунот и комплицираната јазична способност на децата! Сер Џон Еклс се осврнал на она кое и повеќето од нас сме го забележале — способност „која ја покажуваат дури и 3-годишните деца со нивниот порој прашања од нивната желба да го разберат својот свет“. Тој додал: „За разлика од тоа, мајмуните не поставуваат прашања“. Да, само луѓето формираат прашања, вклучувајќи прашања и за смислата на животот.
Меморија — и повеќе од тоа!
Кога ќе погледнеш во огледало, можеш да помислиш на тоа како си изгледал кога си бил помлад, дури и да се споредиш со тоа каков би можел да биде твојот изглед во наредните години или како би изгледал откако би употребил козметика. Овие мисли можат да се појават скоро несвесно, но сепак нешто многу посебно се случува, нешто кое ниедно животно не може да го доживее.
За разлика од животните кои воглавно живеат и постапуваат според моменталните потреби, луѓето можат да размислуваат за минатото и да планираат за иднината. Еден клуч за да се прави тоа е скоро неограничениот капацитет на мозокот за меморија. Навистина, животните имаат извесен степен на меморија и според тоа можат да си го најдат патот до дома или да се сетат каде би можело да има храна. Човечката меморија е далеку поголема. Еден научник пресметал дека нашиот мозок може да складира информации кои „би исполниле околу дваесет милиони томови, колку што има во најголемите библиотеки во светот“. Некои невронаучници пресметуваат дека во текот на еден просечен животен век, човек користи само 1/100 од 1 процент (0,0001) од својот потенцијален капацитет на мозокот. Би можел да прашаш: ‚Зошто имаме мозок со толкав капацитет, а ние едвај користиме еден дел од него во еден нормален животен век?‘
Но, нашиот мозок не е само некакво пространо место за складирање информации, како еден супер компјутер. Професорите по биологија, Роберт Орнстајн и Ричард Ф. Томпсон, напишале: „Способноста на човечкиот ум да учи — да складира и да се сети на информации — е најзабележливиот феномен во биолошкиот универзум. Сѐ што нѐ прави луѓе — јазикот, мислата, знаењето, културата — е резултат на таа извонредна способност“.
Освен тоа, имаш ум што поседува свест. Оваа изјава можеби се чини едноставна, но резимира нешто што без сомнение те прави исклучителен. Умот е опишан како „недостижно битие каде што е сместена интелигенцијата, способноста за донесување одлуки, перцепцијата, свесноста и чувството за себеси“. Како што малите притоки, потоци и реки се влеваат во морето, така и сеќавањата, мислите, умствените слики, звуците и чувствата постојано течат во нашиот ум или низ него. Свесноста, вели една дефиниција, е „перцепција на она што поминува низ умот на човекот“.
Современите истражувачи направиле огромни чекори во разбирањето на физичкиот состав на мозокот и на некои од електрохемиските процеси што се случуваат во него. Тие можат да ја објаснат и шемата на струјното коло и функционирањето на еден напреден компјутер. Меѓутоа, постои неизмерна разлика помеѓу мозокот и компјутерот. Со твојот мозок ти си свесен за себеси и за своето постоење, но компјутерот секако дека не е. Зошто таа разлика?
Искрено речено, начинот и причината зошто се појавува свесноста при физичките процеси во нашиот мозок претставуваат мистерија. „Не гледам како некоја наука може да го објасни тоа“, коментирал еден невробиолог. Исто така, професор Џејмс Трефил забележал: „Што точно значи едно човечко суштество да биде свесно . . . е единственото главно прашање во науката, кое не знаеме дури ни како да го поставиме“. Една причина е поради тоа што научниците го користат самиот мозок во обидот да го објаснат мозокот. И можеби не е доволно само да се проучува физиологијата на мозокот. Свеста е „една од најдлабоките мистерии на постоењето“, забележал д-р Дејвид Чамерс, „но самото спознание на мозокот можеби нема да ги доведе [научниците] до негово одгатнување“.
Сепак, секој од нас ја доживува свесноста. На пример, нашите живи сеќавања од минатите настани не се само складирани факти, како компјутерски делови на информација. Ние можеме да размислуваме за нашите доживувања, да извлечеме поуки од нив и да ги користиме за да ја обликуваме нашата иднина. Во можност сме да разгледаме неколку идни сценарија и да ги процениме можните ефекти од секое од нив. Ја имаме способноста да анализираме, да создаваме, да цениме и да љубиме. Можеме да уживаме во пријатните разговори за минатото, сегашноста и иднината. Имаме етички вредности за однесување и можеме да ги користиме во донесувањето одлуки кои можеби ќе бидат или нема да бидат од непосредна корист. Привлечени сме кон убавината во уметноста и моралот. Во нашиот ум можеме да ги обликуваме и подобруваме нашите идеи и да претпоставуваме како другите луѓе ќе реагираат ако ги спроведеме истите.
Таквите фактори создаваат една свесност која ги одвојува луѓето од другите животни облици на Земјата. Кога куче, маче и птица гледаат во огледало, тие реагираат така како да гледаат друго суштество од својот вид. Но кога ти ќе погледнеш во огледало, свесен си за себеси како битие со својствата кои штотуку ги споменавме. Ти можеш да размислуваш за дилеми, како на пример: ‚Зошто некои желки живеат 150 години а некои дрвја живеат преку 1.000 години, но едно интелигентно човечко суштество е тема на вестите ако достигне 100 години?‘ Д-р Ричард Рестак наведува: „Човечкиот мозок, и само човечкиот мозок, го има својството да застане за момент, да ја преиспита сопствената работа, постигнувајќи на тој начин одреден степен на надмоќност. Навистина, нашето својство да го препишеме сопственото сценарио и да се преиспитуваме во светот е она што нѐ разликува од сите други суштества на светов“.
Човековата свесност претставува загатка за некои. Иако претпочита едно сосема биолошко објаснување, книгата Life Ascending признава: „Збркани сме кога ќе се запрашаме како можел еден процес [еволуцијата] кој личи на игра на случајноста, со страшни казни за губитниците, да создаде такви особини како што се љубов кон убавината и вистината, сочувство, слобода и, пред сѐ, опсежност на човечкиот дух. Колку повеќе се задлабочуваме во размислување за своите духовни способности толку повеќе се продлабочува нашето чудење“. Тоа е сосема точно. Врз основа на ова, би можеле да го комплетираме нашето гледиште за човечката единственост со неколку докази на нашата свесност, кои илустрираат зошто многумина се уверени дека мора да постои интелигентен Дизајнер, Творец, кој се грижи за нас.
Уметност и убавина
„Зошто луѓето толку страствено се стремат кон уметноста?“ прашал професор Мајкл Лејтон во Symmetry, Causality, Mind. Како што истакнал, некои би можеле да речат дека луѓето имаат јасни користи од умствената активност како што е математиката, но што имаат од уметноста? Лејтон ја илустрирал својата точка велејќи дека луѓето патуваат огромни растојанија за да посетат уметнички изложби и концерти. Какво внатрешно чувство е вклучено во тоа? Исто така, луѓето по Земјината топка ставаат привлечни цртежи или слики на ѕидовите од своите домови или канцеларии. Или помисли на музиката. Повеќето луѓе сакаат да слушаат извесен стил музика дома и во својот автомобил. Зошто? Тоа секако не е поради тоа што музиката некогаш придонела за преживување на најспособните. Лејтон вели: „Уметноста можеби е најнеобјаснивиот феномен на човечките видови“.
Сепак, сите ние знаеме дека уживањето во уметноста и убавината е дел од она што нѐ прави да се чувствуваме како „луѓе“. Едно животно би можело да седи на некое ритче и да гледа во обоеното небо, но дали е привлечено кон убавината како таква? Меѓутоа, ние се загледуваме во еден планински поток кој блеска на сончевата светлина, втренчено гледаме во сјајната разновидност на една тропска дождовна шума, се загледуваме во плажата наредена со палми или се восхитуваме на ѕвездите попрскани по црното кадифено небо. Честопати се чувствуваме исполнети со стравопочитување, зарем не? Таквата убавина предизвикува нашите срца да зрачат, го издигнува нашето расположение. Зошто?
Зошто имаме вроден копнеж по работите кои всушност малку придонесуваат за нашето преживување во материјален поглед? Од каде доаѓаат нашите естетски вредности? На овие прашања им недостасуваат задоволителни одговори ако не земеме предвид Создател кој ги обликувал овие вредности при создавањето на човекот. Тоа е случај и со убавината во моралот.
Морални вредности
Многумина признаваат дека највисокиот облик на убавина се извонредните дела. На пример, да бидеме лојални на принципи кога сме соочени со прогонство, да постапуваме несебично за да се олеснат страдањата на другите и да му простиме некому кој нѐ повредил, се постапки кои се привлечни за моралното чувство на луѓето кои размислуваат, ширум светот. Тоа е оној вид убавина која е споменета во древната библиска поговорка: „Увидот на човекот сигурно ја забавува неговата лутина, и убавина за него е да премине преку престапот“. Или, како што една друга поговорка забележува, „пожелното нешто кај земниот човек е неговата срдечна љубезност“ (Изреки 19:11, 22, NW).
Сите ние знаеме дека некои луѓе, дури и групи, го игнорираат или го подгазуваат возвишениот морал, но мнозинството не го прави тоа. Од кој извор доаѓаат моралните вредности кои се наоѓаат скоро во сите подрачја и во сите временски периоди? Ако нема никаков Извор на моралност, никаков Творец, дали тогаш исправното и неисправното едноставно потекнале од луѓето, од човечкото општество? Размисли за овој пример: Повеќето поединци и групи сметаат дека убиството е неисправно. Но некој би можел да праша: ‚Неисправно во споредба со што?‘ Очигледно дека постои некакво чувство на моралност кое лежи во основата на човечкото општество воопшто и кое е вклучено во законите на многу земји. Кој е изворот на ова мерило за моралност? Можно ли е тоа да биде еден ителигентен Творец кој има морални вредности и кој го ставил дарот на совеста, односно етичкото чувство во луѓето? (Спореди Римјаните 2:14, 15.)
Можеш да размислуваш за иднината и да ја планираш
Еден друг аспект на човековата свесност е нашата способност да размислуваме за иднината. Кога бил запрашан дали луѓето имаат особини кои ги разликуваат од животните, професор Ричард Докинс признал дека човекот навистина има единствени особини. Откако ја споменал „способноста однапред да планира користејќи свесно, замислено предвидување“, Докинс додал: „Краткорочната корист секогаш била единственото нешто кое вредело во еволуцијата; долгорочната корист никогаш не вредела. Никогаш не било можно нешто да еволуира и покрај тоа што е штетно за непосредното краткорочно добро на поединецот. Првпат од кога и да е порано, можно е барем на некои луѓе да им речат: ‚Заборави го фактот дека можеш да имаш краткорочен профит ако ја исечеш оваа шума; што е со долгорочната корист?‘ Е, мислам дека тоа навистина е нешто ново и единствено“.
Други истражувачи потврдуваат дека човечката способност за свесно, долгорочно планирање е неспоредлива. Неврофизиологот Вилијам Х. Калвин забележува: „Освен хормонално предизвиканите подготовки за зима и за парење, животните манифестираат необично мал доказ на планирање за повеќе од неколку минути однапред“. Животните можат да складираат храна пред ладната сезона, но тие не размислуваат темелно за работите и не ги планираат. За разлика од тоа, луѓето размислуваат за иднината, дури и за далечната иднина. Некои научници размислуваат за тоа што може да се случи со универзумот милијарда години подоцна. Дали некогаш си се запрашал зошто човекот — толку различен од животните — е во можност да размислува за иднината и да прави планови?
Библијата за луѓето вели: „Дури и недогледното време [Творецот] го ставил во нивните срца“ (NW). Радосна вест го преведува вака: „Тој . . . и мисла за вечноста вградил во човечките срца“ (Проповедник 3:11). Таа особена способност секојдневно ја користиме, дури и при еден толку вообичаен чин како што е погледнувањето во огледало и размислувањето за тоа каков ќе биде нашиот изглед за 10 или 20 години. Кога дури и накратко размислуваме за таквите поими како што се бесконечноста на времето и просторот, го потврдуваме она што го вели Проповедник 3:11. Самиот факт што ја имаме таа способност е во согласност со коментарот дека еден Творец вградил „мисла за вечноста во човечките срца“.
Привлечени кон Творец
Меѓутоа, многу луѓе не наоѓаат вистинско задоволство во тоа да уживаат во убавината, да им прават добро на ближните и да размислуваат за иднината. „Чудно е тоа што“, забележува професор К. Стивен Еванс, „дури и во нашите најсреќни и најценети моменти на љубов, честопати чувствуваме дека нешто недостига. Увидуваме дека сакаме повеќе, но не знаеме што е тоа повеќе кое го посакуваме.“ Навистина, свесните луѓе — за разлика од животните со кои ја делиме оваа планета — чувствуваат друга потреба.
„Религијата е длабоко вкоренета во човечката природа и се доживува во секое ниво од економскиот статус и образовна позадина.“ Тоа било резиме на истражувањето кое професор Алистер Харди го изложил во The Spiritual Nature of Man. Тоа го потврдува она што бројни други студии го утврдиле — човекот е свесен за постоењето на Бог. Иако поединци се атеисти, цели народи не се. Книгата Is God the Only Reality? забележува: „Религиозната потрага по смислата . . . е вообичаено искуство во секоја култура и во секој век уште од појавувањето на човечкиот род“.
Од каде доаѓа таа навидум вродена свесност за Бог? Кога човекот би бил само случајно групирање на нуклеинските киселини и протеинските молекули, зошто тие молекули би развиле љубов спрема уметноста и убавината, би станале религиозни и би размислувале за вечноста?
Сер Џон Еклс заклучил дека едно еволуционо објаснување за постоењето на човекот „промашува во еден многу важен аспект. Тоа не може да даде објаснување за постоењето на секој еден од нас како единствени самосвесни суштества“. Колку повеќе учиме за работата на нашиот мозок и ум толку полесно се гледа зошто милиони луѓе заклучиле дека човековото свесно постоење е доказ за Творец кој се грижи за нас.
Во следното поглавје ќе видиме зошто луѓе од сите општествени кругови откриле дека тој разумен заклучок ја положува основата за наоѓањето задоволувачки одговори на виталните прашања: Зошто сме овде и каде одиме?
[Рамка на страница 51]
Шаховски шампион против еден компјутер
Кога напредниот компјутер, Дип Блу, го победил светскиот шаховски шампион, се појавило прашањето: „Зарем не сме присилени да заклучиме дека Дип Блу мора да има ум?“
Професор Дејвид Гелентер од универзитетот Јејл одговорил: „Не. Дип Блу е само машина. Тој има онолкав ум колку што има и една саксија . . . Неговото главно значење е следново: човечките суштества се шампионски градители на машини“.
Професор Гелентер укажал на оваа основна разлика: „Мозокот е машина која е способна да создаде едно ‚јас‘. Мозоците можат да создадат умствени светови на постоење, додека компјутерите не можат“.
Тој заклучил: „Празнината помеѓу луѓето и [компјутерот] е трајна и никогаш нема да се премости. Машините ќе продолжат да го прават животот полесен, поздрав, побогат и позагадочен. А човечките суштества на крајот ќе продолжат да се грижат за истите работи за кои отсекогаш се грижеле: за себеси, еден за друг и многу од нив за Бог. Во таа смисла, машините никогаш не донеле некаква промена. И никогаш нема ни да донесат“.
[Рамка на страница 53]
Суперкомпјутерот е еднаков на полжав
„Денешните компјутери не се ни близу едно 4-годишно човечко суштество по нивната способност да гледаат, да зборуваат, да се движат или да користат здрав разум. Една причина за тоа, се разбира, е самата моќ на сметање. Пресметано е дека капацитетот за обработување информации, дури и на најмоќниот суперкомпјутер, еднаков е на нервниот систем на еден полжав — ситен дел од моќта која е достапна за суперкомпјутерот во [нашиот] череп“ (Стивен Пинкер, директор на Центарот за когнитивна невронаука при Институтот за технологија во Масачусетс).
[Рамка на страница 54]
„Човечкиот мозок е составен речиси од кората [на големиот мозок]. Мозокот на едно шимпанзо, на пример, исто така има мозочна кора, но во далеку помали размери. Мозочната кора ни овозможува да мислиме, да помниме и да си претставуваме. Во суштина, ние сме човечки суштества поради нашата мозочна кора“ (Едвардо Бончинели, директор за истражување на молекуларната биологија, Милано, Италија).
[Рамка на страница 55]
Од физиката на елементарните честици до твојот мозок
Професор Пол Дејвис размислувал за способноста на мозокот да се справи со апстрактното подрачје на математиката. „Математиката не е нешто што го наоѓате тукутака во вашиот двор. Таа е производ на човечкиот ум. Сепак, ако се запрашаме каде најдобро дејствува математиката, тогаш тоа е во подрачја како што се физиката на елементарните честици и астрофизиката — подрачја на фундаменталната наука кои се многу, многу оддалечени од секојдневните работи.“ На што укажува тоа? „Ми сугерира дека свесноста и нашата способност да работиме со математика не се чиста случајност, никаква тривијална поединост, никаков безначаен нуспроизвод на еволуцијата“ (Are We Alone?).
[Рамка/слики на страници 56 и 57]
(Види во публикацијата)
Моторна мозочна кора
Челен резен
Предна мозочна кора
Брокин центар
Верникеов центар
● Кората на големиот мозок е површинскиот предел на мозокот кој има најголема врска со интелигенцијата. Ако кората на големиот мозок на човек се распростре, би покрила четири страници хартија за чукање; од шимпанзото би покрила само една страница; а од стаорецот, пак, би покрила една поштенска марка (Scientific American).
[Рамка на страница 58]
Секој народ има свој
Низ историјата, секогаш кога еден народ се сретнувал со друг, секој откривал дека другиот зборува некој јазик. The Language Instinct коментира: „Никогаш не е откриено некакво немо племе и не постои никаков запис дека некој регион служел како ‚лулка‘ на јазикот од каде што се ширел јазикот на претходно безјазичните групи . . . Универзалноста на комплицираниот јазик е откритие кое ги исполнува лингвистите со стравопочитување, и тоа е првата причина за претпоставка дека јазикот е . . . производ на еден посебен човечки инстинкт“.
[Рамка на страница 59]
Јазикот и интелигенцијата
Зошто човечката интелигенција далеку ја надминува онаа на животните, како што се мајмуните? Клучот е во нашата употреба на синтаксата — поврзување на гласови за да се создадат зборови и користење на зборовите за да се создадат реченици. Теоретскиот неврофизиолог, д-р Вилијам Х. Калвин, објаснува:
„Дивите шимпанза користат околу триесет и шест различни вокализации за да пренесат околу триесет и шест различни значења. Тие можат да повторат некој глас за да го нагласат неговото значење, но не составуваат три гласа за да создадат нов збор во својот вокабулар.
И ние луѓето користиме околу триесет и шест вокализации, наречени фонеми. Но сепак, само нивните комбинации имаат содржина: составуваме беззначајни гласови за да создадеме зборови кои се полни со значење“. Д-р Калвин забележал дека „досега никој не го објаснил“ скокот од животинското „еден глас / едно значење“ до нашиот единствен човечки капацитет да користиме синтакса.
[Рамка на страница 60]
Можеш повеќе да направиш отколку само да шкрташ
„Дали само човекот, Хомо сапиенсот, е способен да комуницира со јазик? Јасно е дека одговорот мора да зависи од тоа што се подразбира под ‚јазик‘ — затоа што сите виши животни секако дека комуницираат со голема разновидност на знаци, како што се гестовите, мирисите, повиците, извиците и песните, па дури и танцот на пчелите. Сепак, освен човекот, изгледа дека животните немаат конструиран граматички јазик. Исто така, животните, што е многу значајно, не цртаат фигуративни слики. Во најмала рака, тие само шкртаат“ (професор Р. С. и Д. Х. Фаутс).
[Рамка на страница 61]
„Свртувајќи се кон човечкиот ум, исто така наоѓаме структури со чудесна сложеност“, забележува професор А. Ноам Чомски. „Јазикот е еден пример, но не и единствениот. Размислете за капацитетот за справување со апстрактните својства на еден нумеричен систем, [кој изгледа] е единствен за луѓето.“
[Рамка на страница 62]
„Обдарени“ да прашуваме
Во врска со иднината на нашиот универзум, физичарот Лоренс Краус напишал: „Ние имаме храброст да поставуваме прашања за работите кои можеби никогаш нема директно да ги видиме, затоа што можеме да ги поставуваме. Нашите деца, односно нивните деца, еден ден ќе ги одговорат. Ние сме обдарени со имагинација“.
[Рамка на страница 69]
Ако универзумот и самото тоа што живееме во него е случајност, нашите животи не можат да имаат трајна смисла. Но, ако нашиот живот во универзумот е резултат на дизајн, мора да има задоволувачка смисла во него.
[Рамка на страница 72]
Од избегнување на тигрите со сабјести заби?
Џон Полкингхорн од универзитетот Кембриџ (Англија), забележал:
„Теоретскиот физичар Пол Дирак открил нешто што е наречено теорија на квантното поле, кое е фундаментално за нашето разбирање на физичкиот свет. Не можам да поверувам дека способноста на Дирак да ја открие оваа теорија ниту дека Ајнштајновата способност да ја открие општата теорија на релативитет се еден вид нуспродукт од нашите предци кои морале да ги избегнуваат тигрите со сабјести заби. Се случува нешто многу подлабоко, многу помистериозно . . .
Кога гледаме на рационалниот ред и на очигледната убавина на физичкиот свет, откриени преку физичката наука, гледаме еден свет проткаен со знаци на присуство на ум. За еден религиозен верник, она што се распознава на тој начин е умот на Творецот“ (Commonweal).
[Слика на страница 63]
Само луѓето формираат прашања. Некои прашања се за смислата на животот
[Слика на страница 64]
За разлика од животните, луѓето се свесни за самите себе и за иднината
[Слика на страница 70]
Единствено луѓето ја ценат убавината, размислуваат за иднината и се привлечени кон Творецот