Гледиште на Библијата
Што се случува по смртта?
ЛУЃЕТО, како Божји деца, не требало да умираат (Римјаните 8:20, 21). Всушност, кога Јехова за првпат зборувал со Адам за смртта, не рекол дека ќе биде нормално луѓето да умираат, туку дека смртта ќе биде казна за Адам доколку му биде непослушен на Бог (1. Мојсеева 2:17). На Адам му било јасно што е тоа смрт, бидејќи имал видено како умираат животните.
Адам направил грев и за тоа платил со својот живот — умрел на 930 години (1. Мојсеева 5:5; Римјаните 6:23). Поради непослушноста, бил исфрлен од Божјето семејство и повеќе не бил Божји син (5. Мојсеева 32:5). Во врска со тешките последици што го снашле човештвото, во Библијата пишува: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе“ (Римјаните 5:12).
Што се случува со нашите мисли?
Во Библијата уште пишува: „Каков што е крајот на синовите човечки таков е и крајот на животните — сите имаат ист крај. Како што умираат едните така умираат и другите. И сите имаат ист дух, така што човекот не е подобар од животното, зашто сѐ е суета. Сите одат на едно место. Сите настанале од прав и сите се враќаат во прав“ (Проповедник 3:19, 20). Што значи тоа човек да се врати во прав?
Изразот „се враќаат во прав“ нѐ потсетува на она што Бог му го рекол на првиот човек: „Прав [си], и во прав ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19). Ова значи дека ние луѓето, исто како животните, сме суштества од крв и месо, а не духови што само живеат во телото. Нашите мисловни способности престануваат со смртта. Библијата вели дека кога човек ќе умре, „тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:4, Превод на МПЦ).
Ако е така, тогаш во каква состојба се мртвите? Божјата реч ни дава јасен одговор: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5). Смртта не е како некој пријател што ни отвора врата кон поубав живот, напротив, во Библијата таа е наречена „последен непријател“, затоа што со неа завршуваат сите наши активности (1. Коринќаните 15:26; Проповедник 9:10). Дали тоа значи дека мртвите се во безнадежна состојба?
Добри вести во врска со смртта
За милиони луѓе што умреле, смртта е како сон од кој ќе се разбудат. Во врска со еден нивен пријател кој умрел, Исус еднаш им рекол на своите апостоли: „Нашиот пријател Лазар заспа, но јас одам да го разбудам“. Додека одел накај гробот, Исус наишол на група луѓе што плачеле. Кога стигнале таму, им рекол да го отворат гробот и викнал: „Лазаре, излези!“ Лазар, кој веќе четири дена бил мртов, излегол од гробот (Јован 11:11-14, 39, 43, 44). Бидејќи телото на Лазар веќе почнало да се распаѓа, со овој чин Исус покажал дека Бог го памти секој детаљ за мртвите — нивниот карактер, нивните спомени и нивниот изглед. Тој може повторно да ги врати во живот. Во една друга прилика, Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот [односно, Исусовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).
Од Библијата дознаваме уште една добра вест: „Како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:26). Никогаш повеќе нема да има ужалени луѓе што мора да одат на гробишта за да погребат некој свој близок. Библијата вели: „Смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:4). Сигурно ќе се согласиш дека она што Библијата ни кажува дека се случува по смртта ни носи голема утеха.
СИ СЕ ПРАШАЛ ЛИ НЕКОГАШ?
◼ Дали мртвите се свесни? (Проповедник 9:5).
◼ Дали мртвите се во безнадежна состојба? (Јован 5:28, 29).
[Истакната мисла на страница 29]
„Тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 145:4, Превод на МПЦ).