„Славата“ на ѕвездите
СИ СЕ ВОСХИТУВАЛ ЛИ некогаш гледајќи ги илјадниците ѕвезди распослани по јасното ноќно небо? Стоејќи под тие треперливи светилки, можеби си забележал дека се разликуваат по сјајот, па дури и по бојата. Тоа го потврдува и Библијата: „Ѕвезда од ѕвезда се разликува по славата“ (1. Коринќаните 15:41).
Зошто ѕвездите се разликуваат по својата слава, односно сјај? На пример, зошто некои изгледаат бели, а други сини, жолти или црвени? И зошто трепкаат?
Јадрото на ѕвездите е џиновска нуклеарна печка што произведува огромни количини енергија. Оваа енергија достига до надворешните слоеви на ѕвездата, од каде се емитува низ вселената, главно како видлива светлина и инфрацрвени зраци. Можеби ќе се изненадиш, но пожешките ѕвезди се сини, а поладните црвени. Зошто има разлика во бојата?
Светлината може да се објасни како сноп од честички, наречени фотони, кои може да се однесуваат и како бранови. Ѕвездите со повисока температура емитуваат фотони со поголема енергија, кои имаат помала бранова должина, карактеристична за синиот дел од спектарот. И обратно, поладните ѕвезди зрачат фотони со помала енергија, и имаат бранова должина типична за црвениот дел од спектарот. Нашата ѕвезда, Сонцето, е некаде во средината, затоа што емитува поголема количина светлина која се наоѓа во зелениот и жолтиот дел од спектарот. Тогаш, зошто Сонцето не е со зеленикава боја? Затоа што емитува и голема количина светлина од другите бои од видливиот спектар. Како резултат на тоа, гледано од вселената, Сонцето има бела боја.
Земјината атмосфера „го обојува“ Сонцето
Ние го гледаме Сонцето преку атмосферата, која дејствува како филтер, поради што се менува неговиот изглед во зависност од тоа во кое време од денот го набљудуваме. На пример, напладне Сонцето обично има светложолта нијанса. Но, при изгрејсонце и на зајдисонце, кога е ниско на хоризонтот, може да има портокалова, па дури и црвена боја. До ваквата промена во бојата доаѓа поради молекулите на гасовите, водата, пареата и разните микроскопски честички во Земјината атмосфера.
Поради својот состав, атмосферата ја распрснува сината и виолетовата сончева светлина, а резултатот од тоа е прекрасно сино небо во јасен ден. Напладне, сината и виолетовата боја ги снемува од видливиот спектар на Сонцето, па така, директната сончева светлина е главно со жолта боја. Но, кога Сонцето е многу ниско на хоризонтот, светлината од него минува низ атмосферата под остар агол пред да стигне до нас. Како резултат на тоа, сончевата светлина патува низ поголем дел од атмосферата, која во тој случај распрснува уште повеќе сина, како и зелена светлина. Затоа, додека заоѓа, Сонцето може да изгледа како величествена црвена или пурпурна топка.
Боите на ноќното небо
Врз нашата претстава за ноќното небо во голема мера влијае нашето сетило за вид — окото. Очите ја примаат светлината преку два вида рецептори — чепчиња и стапчиња. Чепчињата препознаваат бои, но при многу придушено светло, не функционираат. Меѓутоа, иако стапчињата не регистрираат боја, тие се многу ефикасни фоторецептори. Впрочем, во оптимални услови, едно стапче може да регистрира и еден единствен фотон! Но, стапчињата се поосетливи на светлина со пократка бранова должина која се наоѓа во синиот дел од спектарот. Затоа, кога со голо око гледаме ѕвезди со придушена светлина, а кои имаат ист сјај, најверојатно ќе ги видиме само сините, но не и црвените ѕвезди. За среќа, не мора да ги гледаме ѕвездите само со голо око.
Со двогледите и телескопите можеме да видиме и нејасни тела на ноќното небо, како што се ѕвезди, галаксии, комети и маглини. Сепак, атмосферата влијае врз тоа што и колку можеме да видиме. Решение за овој проблем е вселенскиот телескоп Хабл, кој орбитира околу Земјата. Ова вистинско технолошко чудо може да забележи небесни тела што испуштаат и до десет милијарди пати послаба светлина од онаа што ја зрачат ѕвездите кои нашето око ги регистрира! Благодарение на оваа карактеристика, Хабл има направено некои навистина неверојатни снимки на небесни тела длабоко во вселената, меѓу кои и галаксии и облаци од меѓуѕвездена прашина и гасови, наречени маглини.
Сепак, во извесни аспекти новите телескопи поставени на Земјата сега му се достојна конкуренција на Хабл, па дури и го надминуваат. На пример, користејќи генијални техники со кои се коригираат ефектите што ги создава атмосферата, овие нови телескопи им овозможуваат на астрономите да добијат многу подетални снимки со поголема резолуција отколку снимките направени со Хабл. Пример за тоа е опсерваторијата Кек на островот Хаваи, во која се наоѓа телескопот Кек I, еден од најголемите оптички телескопи во светот. Со помош на овој телескоп, астрономот Питер Татхил од Универзитетот во Сиднеј (Австралија), забележал облаци прав што излегуваат од двојните ѕвезди во соѕвездието Стрелец, кои гледани од Земјата се чини дека се во близина на центарот на нашата галаксија Млечен Пат.
Колку подлабоко успеваат астрономите да ѕирнат во вселената толку повеќе ѕвезди и галаксии откриваат. А колку, всушност, ги има? Можеме само да нагаѓаме. Но, не е така и со нашиот Творец, Јехова Бог. Во Псалм 147:4 пишува дека тој „ги пребројува ѕвездите, сите ги вика по име“.
И пророкот Исаија кажал нешто слично. Всушност, тој отишол и малку подалеку — со неверојатна научна точност кажал дека материјалниот универзум е производ на бескрајната енергија на Бог. „Подигнете ги очите угоре и гледајте“, напишал Исаија. „Кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име. Поради изобилството енергија со која задвижува сѐ и неговата огромна сила не изостанува ниту едно“ (Исаија 40:26, фуснота).
Но, како Исаија, кој живеел пред околу 2.700 години, знаел дека вселената е производ на бескрајната енергија на Бог? Сигурно не дошол сам до тој заклучок! Тој го напишал она што Јехова му го открил (2. Тимотеј 3:16). Затоа, Исаија, како и другите писатели на Библијата, направил нешто што не можат да го направат ниеден учебник и ниеден телескоп. Тие откриле кој е Оној што ги закитил ѕвездите со убавина и слава.
[Рамка/слика на страница 16]
ЗОШТО ЅВЕЗДИТЕ ТРЕПКААТ?
Ѕвездите трепкаат, односно се чини дека доаѓа до промена во нивниот сјај и местоположба, поради разните процеси во Земјината атмосфера. Да го објасниме тоа со пример: да речеме дека на дното од еден базен има мали сијалички. Што се случува ако над нив минуваат бранчиња? Трепкаат, исто како и ѕвездите. Од друга страна, ако во базенот има поголеми светилки, бранчињата нема многу да влијаат врз светлото. Планетите се како тие поголеми светилки, не затоа што се поголеми од ѕвездите, туку затоа што се многу поблизу до Земјата и изгледаат поголеми.
[Рамка/слики на страница 17]
ДАЛИ БОИТЕ СЕ ВИСТИНСКИ?
Благодарение на телескопот Хабл, веројатно си видел импресивни слики од галаксии, маглини и ѕвезди со прекрасни бои. Но, дали боите се вистински? Вистината е дека сликите се ретуширани, спој на уметност и наука. Снимките што се добиваат од Хабл се монохроматски (црно-бели), а потоа минуваат низ филтри за боја. Астрономите и стручњаците за обработка на добиените снимки користат современа технологија и компјутерски програми за да ги добијат конечните снимки, кои понекогаш се само нивна претстава за тоа каква боја се небесните тела.a Во други случаи астрономите намерно прават снимки на кои боите се сменети за да истакнат некои детали, на пример, за научна анализа.
[Фуснота]
a Кога користиме телескоп за да набљудуваме слабо видливи небесни тела на ноќното небо, гледаме само со стапчињата во нашето око, кои не регистрираат боја.
[Слики]
Монохроматска
Црвена
Зелена
Сина
Конечниот производ по комбинирањето на трите бои
[Извор на слика]
J. Hester and P. Scowen (AZ State Univ.), NASA
[Слика на страница 16]
Ѕвездата V838 Монокеротис
[Слика на страница 16]
Arp 273, галаксии што се судираат
[Извор на слика на страница 15]
NASA, ESA, and the Hubble Heritage (STScI/AURA) -ESA/Hubble Collaboration
[Извори на слики на страница 16]
V838: NASA, ESA, and H. Bond (STScI); Arp 273: NASA, ESA, and the Hubble Heritage Team (STScI/AURA)