Второ поглавје
Утешни пророчки зборови што те вклучуваат и тебе
1. Зошто треба да бидеме заинтересирани за пророштвото на Исаија?
ИСАИЈА ја напишал книгата што го носи неговото име пред скоро 3.000 години, но таа има вистинска вредност за нас денес. Од историските настани што ги запишал можеме да научиме важни начела. И можеме да ја градиме нашата вера проучувајќи ги пророштвата што ги запишал во Јеховино име. Да, Исаија бил пророк на живиот Бог. Јехова го инспирирал да ја запише историјата однапред — да опише настани пред тие да се случат. Со тоа Јехова покажал дека може и да ја претскаже и да ја обликува иднината. Откако ќе ја проучат книгата Исаија, вистинските христијани се уверени дека Јехова ќе исполни сѐ што ветил.
2. Каква е ситуацијата во Ерусалим кога Исаија ја напишал својата пророчка книга, и до каква промена ќе дојде?
2 До времето кога Исаија завршува со пишувањето на своето пророштво, Ерусалим веќе ја има преживеано асирската закана. Храмот сѐ уште стои, а народот си ги врши секојдневните работи исто како што го прави тоа веќе стотици години. Меѓутоа, ситуацијата ќе се промени. Ќе дојде време кога богатството на еврејските цареви ќе биде однесено во Вавилон, а младите Евреи ќе бидат дворски службеници во тој градa (Исаија 39:6, 7). Ова ќе се случи по повеќе од 100 години (2. Цареви 24:12—17; Даниел 1:19).
3. Каква порака содржи Исаија 41. поглавје?
3 Меѓутоа, Божјата порака преку Исаија не е само порака на коба. Поглавје 40 од неговата книга започнува со зборот „Утешете“.b Евреите ќе бидат утешени од уверувањето дека или тие или нивните деца ќе можат да се вратат во својата татковина. Поглавје 41 продолжува со таа утешна порака и претскажува дека Јехова ќе подигне моќен цар, кој ќе ја исполни божествената волја. Тоа нѐ поддржува и нѐ охрабрува да имаме доверба во Бог. Исто така ги разоткрива како немоќни лажните богови во кои луѓето од нациите ја полагаат својата доверба. Во сето ова има многу нешта што служеле за зајакнување на верата во времето на Исаија, а служат како такви и во нашево време.
Јехова ги предизвикува нациите
4. Со кои зборови Јехова ги предизвикува нациите?
4 Јехова преку својот пророк вели: „Молкнете пред Мене острови, народите нека соберат нова сила. Нека се приближат и нека проговорат; да пристапиме заедно на суд“ (Исаија 41:1). Со овие зборови Јехова ги предизвикува нациите што му се противат на неговиот народ. Нека застанат пред него и нека бидат готови да проговорат! Како што ќе видиме подоцна, Јехова изискува, како да е судија на суд, тие нации да изнесат докази дека нивните идоли навистина се богови. Можат ли тие богови да претскажат дела на спасение за своите обожаватели или суд против нивните непријатели? Ако можат, дали се способни да ги исполнат таквите пророштва? Одговорот е — не. Само Јехова може да ги стори овие работи.
5. Објасни како пророштвата на Исаија имаат повеќе од едно исполнување.
5 Додека го разгледуваме пророштвото на Исаија, да имаме на ум дека, како и во случајот со многу библиски пророштва, неговите зборови имаат повеќе од едно исполнување. Во 607 пр.н.е., Јуда ќе отиде во изгнанство во Вавилон. Меѓутоа, пророштвото на Исаија открива дека Јехова ќе ги ослободи Израелците што ги држат таму како заробеници. Ова се случува во 537 пр.н.е. Тоа ослободување има своја паралела во раните години на 20 век. Во текот на Првата светска војна, Јеховините помазани слуги на Земјата поминале низ период на неволји. Во 1918, притисокот од светот на Сатана — поттикнат од христијанскиот свет како водечки дел од Големиот Вавилон — скоро дословно го запрел организираното проповедање на добрата вест (Откровение 11:5—10). Некои водечки службеници на Watch Tower Society биле испратени в затвор врз основа на лажни обвиненија. Навидум, светот триумфирал во својата битка против Божјите слуги. Тогаш, како што се случило во 537 пр.н.е., Јехова неочекувано предизвикал да бидат ослободени. Во 1919, затворените службеници биле ослободени, а обвиненијата против нив подоцна биле повлечени. Еден конгрес во Седар Поинт, Охајо, во септември 1919, им ја обновил силата на Јеховините слуги за повторно да се зафатат со делото на проповедање на добрата вест за Царството (Откровение 11:11, 12). Оттогаш па сѐ досега, опсегот на тоа проповедничко дело значајно се зголеми. Освен тоа, многу зборови на Исаија ќе имаат прекрасно исполнување на рајската Земја што ќе дојде. Според тоа, зборовите на Исаија, кажани многу одамна, ги вклучуваат сите нации и народи денес.
Повикан е избавител
6. Како пророкот го опишува идниот освојувач?
6 Преку Исаија, Јехова претскажува дека еден освојувач и ќе го спаси Божјиот народ од Вавилон и ќе изврши суд над неговите непријатели. Јехова прашува: „Кој подигна некого откај изгрејсонцето? Кој го повикува во праведност да ги следи Неговите стапки за да му ги предаде нациите, а потоа да му дава да потчинува дури и цареви? Кој му ги даваше на неговиот меч како прав, така што со неговиот лак беа разнесувани како обична слама? Кој ги гонеше постојано, минуваше мирољубиво покрај нив со своите нозе по патеката по која не дојде? Кој беше активен и го стори ова, повикувајќи ги генерациите од почетокот? Јас, Јехова, Првиот; и со последните Јас сум истиот“ (Исаија 41:2—4, NW).
7. Кој е идниот освојувач, и што постигнува тој?
7 Кој е тој што ќе биде подигнат откај изгрејсонцето, откај источните краеви? Земјите на Медо-Персија и Елам се сместени источно од Вавилон. Оттаму маршира Кир Персиецот, заедно со своите моќни војски (Исаија 41:25; 44:28; 45:1—4, 13; 46:11). Иако не е обожавател на Јехова, Кир постапува во склад со волјата на Јехова, праведниот Бог. Кир потчинува цареви, а тие пред него се расфрлени како прав. Во својот освојувачки поход, тој поминува „мирољубиво“, или безбедно, по патеки по кои обично никој не оди, совладувајќи ги сите препреки. До 539 пр.н.е., Кир стигнува до моќниот град Вавилон и го соборува. Како резултат на тоа, Божјиот народ е ослободен за да може да се врати во Ерусалим и повторно да го воспостави чистото обожавање (Езра 1:1—7).c
8. Што може да стори само Јехова?
8 Така, преку Исаија, Јехова го претскажува подемот на Кир уште долго пред тој цар да се роди. Само вистинскиот Бог може точно да прорече такво нешто. Никој меѓу лажните богови на нациите не му е рамен на Јехова. Со добра причина, Јехова вели: „Не му ја давам Мојата Слава на друг“. Само Јехова може со право да рече: „Јас Сум првиот и Јас Сум последниот: нема Бог освен Мене“ (Исаија 42:8; 44:6, 7).
Уплашените народи имаат доверба во идоли
9-11. Како реагираат нациите на напредувањето на Кир?
9 Исаија сега опишува како реагираат нациите на овој иден освојувач: „Островите гледаат и страв ги обзема, треперат земните краишта, тие наближуваат и веќе се тука. Секој му помага на својот другар, и на својот брат му вели: ‚Храбро!‘ Леарот го насрчува златарот, тој кој кове со чекан го бодри оној кој удира на наковалната. Тој зборува за спојувањето: ‚Добро е‘, и со клинци го зацврстува кипот за да не се помрднува“ (Исаија 41:5—7).
10 Гледајќи во иднината околу 200 години однапред, Јехова ја испитува светската сцена. Моќните војски под Кир брзо се движат, освојувајќи ги сите противници. Народи — па дури и жители на островите, оние што се во најоддалечените краишта — треперат поради неговото приближување. Во страв се обединуваат за да му се спротивстават на оној што Јехова го повикал од исток за да изврши суд. Тие се обидуваат меѓусебно да се охрабрат, велејќи: „Храбро!“
11 Занаетчиите работат заедно за да обликуваат идолски богови да го избават народот. Дрводелецот прави дрвена рамка, а потоа го охрабрува златарот да ја обложи со метал, можеби злато. Вајарот мазно го кове металот и го одобрува залемувањето. Можеби со извесен сарказам е спомнато дека кипот е зацврстен со клинци за да не се помрднува, односно да не покаже слабост, како што се случило со кипот на Дагон, кој се урнал пред ковчегот на Јехова (1. Самоил 5:4).
Не плашете се!
12. Какво уверување му дава Јехова на Израел?
12 Сега Јехова го свртува вниманието кон својот народ. За разлика од нациите, кои имаат доверба во безживотни идоли, оние што имаат доверба во вистинскиот Бог никогаш не треба да се плашат. Јеховиното уверување започнува со потсетувањето дека Израел е потомок на неговиот пријател Авраам. Во еден пасус што изобилува со нежност, Исаија ги наведува Јеховините зборови: „Ти, Израелу, слуго Мој, Јакове, кого го избрав, потомок на Авраама, Мојот љубимец [пријател, NW]! Ти, кого го зедов од краиштата на земјата, и го повикав од нејзините рабови, ти кому реков: ‚Ти си Мој слуга, те избрав и не те отфрлив.‘ Не бој се, зашто Јас Сум со тебе; не обрнувај се исплашено, зашто Јас Сум твој Бог. Јас те крепам и ти помагам, те потпирам со победничка десница“ (Исаија 41:8—10).
13. Зошто зборовите на Јехова ќе бидат утешни за заробените Евреи?
13 Колку само утешни ќе бидат овие зборови за верните Евреи што ги држат во заробеништво во една туѓинска земја! Колку само охрабрувачки ќе биде да се чуе како Јехова ги нарекува „слуго Мој“ во време кога тие се изгнаници, слуги на царот на Вавилон! (2. Летописи 36:20). Иако ќе ги дисциплинира поради нивната неверност, Јехова нема да ги отфрли. Израел му припаѓа на Јехова, а не на Вавилон. Ќе нема причина Божјите слуги да треперат поради тоа што се приближува освојувачот Кир. Јехова ќе биде со својот народ за да му помогне.
14. Како зборовите на Јехова до Израел ги тешат Божјите слуги денес?
14 Овие зборови им го зацврстувале уверувањето и ги зајакнувале Божјите слуги сѐ до нашево време. Уште во 1918 тие копнееле да ја дознаат Јеховината волја за нив. Копнееле по избавување од својата состојба на духовно заробеништво. Денес ние копнееме по ослободување од притисоците што ни ги нанесуваат Сатана, светот и нашата сопствена несовршеност. Но, разбираме дека Јехова точно знае кога и како да дејствува во корист на својот народ. Како мали деца, се држиме за неговата моќна рака, уверени дека тој ќе ни помогне да излеземе на крај со работите (Псалм 63:7, 8, NW). Јехова ги смета за драгоцени оние што му служат. Тој нѐ поддржува нас денес исто како што го поддржувал својот народ низ тешкиот период во 1918/1919 и исто како што ги поддржувал верните Израелци од дамнина.
15, 16. а) Што ќе се случи со непријателите на Израел, и во кој поглед Израел личи на црвче? б) Со оглед на кој неизбежен напад се особено охрабрувачки Јеховините зборови денес?
15 Разгледај што вели Јехова понатаму преку Исаија: „Ете, ќе се засрамат и ќе се смутат, сите кои беснееја на тебе, ќе бидат уништени и ќе пропаднат оние кои се спореа со тебе! Ќе ги бараш твоите противници, но не ќе ги најдеш. Ќе бидат уништени, како да не постоеле оние кои војуваат против тебе. Зашто Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница и ти велам: ‚Не бој се, Јас ти помагам.‘ Не бој се, Јакове, црвче, Израелу, ларво, Јас Сум твоја помош — говори Господ — Израелевиот Светец е твој искупител“ (Исаија 41:11—14).
16 Непријателите на Израел нема да превладаат. Оние што беснеат против Израел ќе се засрамат. Оние што се борат против него ќе пропаднат. Иако заробените Израелци изгледаат толку слабо и незаштитено како црвче кое се влече по прашината, Јехова ќе им помогне. Какво само охрабрување е ова низ овие „последни денови“ додека вистинските христијани се соочуваат со непопустливото непријателство од страна на толку многу луѓе во светот! (2. Тимотеј 3:1). И колку само е зајакнувачко Јеховиното ветување со оглед на неизбежниот напад од Сатана, на кого пророштвото се осврнува како на ‚Гог, од земјата Магог‘! Кога Гог свирепо ќе нападне, Јеховиниот народ ќе изгледа беспомошно како црвче — народ што „живее . . . без ѕидови“, па дури и „без лостови, и без врати“. Сепак, оние што се надеваат на Јехова не ќе треба да се тресат од страв. Самиот Семоќен ќе се бори за да ги избави (Езекиел 38:2, 11, 14—16, 21—23; 2. Коринќаните 1:3).
Утеха за Израел
17, 18. Како Исаија го опишува овластувањето на Израел, и во кое исполнување можеме да бидеме уверени?
17 Јехова продолжува да го теши својот народ: „Ете, те правам остра брана [вршачка санка, NW] со нови, двојни запци; ќе ги вршиш и ќе ги сотреш планините, ќе ги претвориш бреговите во прав. Ќе ги вееш, ветерот ќе ги однесе, виорот ќе ги распрсне. А ти ќе воскликнуваш во Господа, и ќе се фалиш со Израелевиот Светец“ (Исаија 41:15, 16).
18 На Израел ќе му биде дадена сила да тргне во напад и, во духовна смисла, да ги совлада своите непријатели што се како планина. Кога ќе се врати од изгнанство, Израел ќе триумфира над непријателите, кои се обидуваат да ја спречат повторната изградба на храмот и на ерусалимските ѕидини (Езра 6:12; Неемија 6:16). Меѓутоа, Јеховините зборови ќе се исполнат во пошироки рамки на „Израелот Божји“ (Галатите 6:16). Исус им ветува на помазаните христијани: „А на оној кој ќе победи и кој ќе се држи за моите дела сѐ до крајот, ќе му дадам власт над нациите, и ќе ги пасе луѓето со железна палица, така што ќе бидат разбиени на парчиња како глинени садови, како што и јас примив од својот Татко“ (Откровение 2:26, 27). Сигурно ќе дојде времето кога Христовите браќа, воскреснати во небесна слава, ќе учествуваат во уништувањето на непријателите на Јехова Бог (2. Солуњаните 1:7, 8; Откровение 20:4, 6).
19, 20. Што пишува Исаија во врска со обновувањето на Израел во место на убавина, и како се исполнило ова?
19 Со симболичен јазик, Јехова сега го потврдува своето ветување дека ќе му помогне на својот народ. Исаија пишува: „Немоќните и бедните бараат вода, а неа ја нема! Јазикот им се осуши од жед. Јас, Господ, ќе ги послушам нив [ќе им одговорам, NW], Јас, Израелевиот Бог, нема да ги оставам. Ќе отворам реки на голите брегови, и извори среде доловите. Ќе ја претворам пустината во езеро, а сувата земја во кладенци. Ќе посадам во пустината: кедар, багрем, мирта и маслинка. Степата ќе ја пошумам со чемпрес, со јавор и со бука заедно. Сите нека видат и нека знаат, нека размислат и нека сфатат: Господовата рака го направи тоа, Израелевиот Светец создаде сѐ“ (Исаија 41:17—20).
20 Иако живеат во главниот град на една богата светска сила, за изгнаните Израелци таа е како безводна пустина. Се чувствуваат како Давид кога се криел од цар Саул. Во 537 пр.н.е., Јехова им го отвора патот да се вратат во Јуда и повторно да го изградат храмот во Ерусалим, и со тоа да го обноват чистото обожавање. Заради тоа, Јехова ги благословува. Во едно подоцнежно пророштво, Исаија претскажува: „Господ се сожали за [ќе го утеши, NW] Сион, се сожали за [ќе ги утеши, NW] неговите урнатини. Неговата пустота ќе ја направи како Едем, а степата како Господовата Градина“ (Исаија 51:3). Ова навистина се случува откако Евреите се враќаат во својата татковина.
21. До каква обнова дошло во современа доба, и што ќе се случи во иднина?
21 Нешто слично се случило во современа доба, кога Поголемиот Кир, Христос Исус, ги ослободил своите помазани следбеници од духовно заробеништво за да можат да работат на обновата на чистото обожавање. Тие верни поединци биле благословени со изобилен духовен рај, фигуративна градина Еден (Исаија 11:6—9; 35:1—7). Наскоро, кога Бог ќе ги уништи своите непријатели, целата Земја ќе биде претворена во дословен рај, токму како што Исус му ветил на злосторникот на столбот (Лука 23:43).
Предизвик за непријателите на Израел
22. Со кои зборови Јехова повторно ги предизвикува нациите?
22 Сега Јехова се навраќа на својот спор со нациите и со нивните идолски богови: „,Изнесете го својот спор,‘ вели Господ, ‚предочете ги доказите,‘ вели Израелевиот Цар. ‚Нека пристапат и нека ни јават [за] она што ќе се збидне. Па зошто ни открија за она што беше, што се исполнило, за да мислиме за тоа? Или известете што ќе биде, за да дознаеме за она што доаѓа? Откријте ни што ќе се случи после и ќе познаеме дека сте богови. Направете нешто, добро или зло, за да се зачудиме и да се исплашиме заедно. Но вие не сте ништо и вашите дела се ништожни, гнасен е кој ќе ве избере“ (Исаија 41:21—24). Дали боговите на нациите се способни точно да пророкуваат и со тоа да докажат дека имаат натприродно спознание? Ако се, сигурно треба да има некакви резултати, било добри било лоши, кои би ги поддржале нивните тврдења. Значи, идолските богови всушност не можат да постигнат ништо, и самите се нешто што не постои.
23. Зошто Јехова, преку своите пророци, толку упорно ги осудува идолите?
23 Во нашево време, некои би можеле да се прашуваат зошто Јехова, преку Исаија и останатите пророци, троши толку време за да ја осуди глупоста на идолопоклонството. Бескорисноста на идоли направени од човек се чини дека им е очигледна на многумина денес. Меѓутоа, кога еднаш ќе се изгради лажен систем на верувања и нашироко ќе се прифати, тешко е да се искорени од умовите на оние што веруваат во тоа. Голем број современи верувања се исто толку бесмислени колку и верувањето дека безживотните ликови се навистина богови. Па сепак, луѓето се држат за таквите верувања и покрај убедливите противаргументи. Само ако секогаш одново се слуша вистината, човек е поттикнат да увиди дека е мудро да има доверба во Јехова.
24, 25. Како Јехова повторно се осврнува на Кир, и на кое друго пророштво нѐ потсетува ова?
24 Јехова повторно се осврнува на Кир: „Го кренав од север за да дојде, го повикав по име од исток [од изгрејсонце, NW]. Ги газеше кнезовите како кал, како што грнчарот гази по глината“ (Исаија 41:25).d За разлика од боговите на нациите, Јехова може да ги исполни работите. Кога ќе го доведе Кир од исток, од „изгрејсонце“, Бог ќе ја покаже својата способност да прорече, а потоа да ја обликува иднината за да го исполни своето претскажување.
25 Овие зборови нѐ потсетуваат на пророчкиот опис на апостол Јован за царевите што ќе бидат поттикнати на акција во нашево време. Во Откровение 16:12 читаме дека ќе биде подготвен патот „за царевите од изгрејсонце“. Овие цареви не се никој друг освен Јехова Бог и Исус Христос. Исто како што Кир пред многу време го избавил Божјиот народ, така овие далеку помоќни цареви ќе ги уништат Јеховините непријатели и како пастири ќе го пренесат својот народ преку големата неволја во еден нов свет на праведност (Псалм 2:8, 9; 2. Петрово 3:13; Откровение 7:14—17).
Јехова е Врховен!
26. Какво прашање поставува сега Јехова, и дали е даден одговор?
26 Повторно, Јехова ја објавува вистината дека само тој е вистински Бог. Тој прашува: „Кој го соопшти тоа од старини да би сме го знаеле, кој прорече од напред да би сме рекле: ‚вистина е?‘ Но нема никој кој би го јавил, ниту некој што би го навестил, ниту некој за да [ги] чуе вашите зборови“ (Исаија 41:26). Ниеден идолски бог не објавил доаѓање на освојувач кој ќе ги ослободи оние што имаат доверба во него. Сите такви богови се безживотни, неми. Тие воопшто и не се богови.
27, 28. Која важна вистина е нагласена во завршните стихови од Исаија 41, и само кој го објавува ова?
27 Откако известува за овие подбудувачки зборови од Јехова, Исаија нагласува една важна вистина: „Јас прв му реков на Сион: ‚Ете, еве го‘; прв му го испратив на Ерусалим гласникот на Радосната вест. Гледав, ама немаше никој, ниеден од нив за да даде совет, за да ги прашам и да одговорат. Еве, сите заедно се ништо, ништожни се нивните дела, ветер и празнина нивните идоли“ (Исаија 41:27—29).
28 Јехова е прв. Тој е врховен! Тој е вистинскиот Бог, кој го објавува избавувањето на својот народ, носејќи му радосна вест. И само неговите Сведоци им ја објавуваат неговата величественост на нациите. Јехова презирно ги осудува оние што имаат доверба во обожавањето на идоли, отфрлајќи ги нивните идоли како „ветер и празнина“. Каква само силна причина да се држиме цврсто за вистинскиот Бог! Само Јехова е достоен за нашата непоколеблива доверба.
[Фусноти]
c Поголемиот Кир, кој во 1919 го ослободил „Израелот Божји“ од духовно заробеништво, не е никој друг освен Исус Христос, кој од 1914 седи устоличен како Цар на Божјето небесно Царство (Галатите 6:16).
d Иако земјата од која потекнува Кир била источно од Вавилон, кога го извршил својот конечен напад врз градот, тој дошол од север, од Мала Азија.
[Слика на страница 19]
Кир, иако паганин, е избран да го врши Божјето дело
[Слика на страница 21]
Нациите имаат доверба во безживотни идоли
[Слики на страница 27]
Израел, како „вршачка санка“ ќе ги ‚сотре планините‘