Петто поглавје
Вистинскиот Бог претскажува избавување
1, 2. а) Кои прашања ги поставува Јехова? б) Како Јехова ќе докаже дека само тој е вистински Бог?
‚КОЈ е вистинскиот Бог?‘ Ова прашање било поставувано со векови. Тогаш, колку само изненадува тоа што во книгата Исаија Јехова лично го поставува ова прашање! Тој ги поттикнува луѓето да размислат: ‚Дали Јехова е единствениот вистински Бог или постои друг што може да ја оспори неговата положба?‘ Откако ја започнува дискусијата, Јехова дава разумен критериум за решавање на спорното прашање околу Божественоста. Резонирањето што следи ги води луѓето со чесни срца до еден непобитен заклучок.
2 Во деновите на Исаија, насекаде се обожаваат ликови. Во отворената и јасна дискусија запишана во 44. поглавје од пророчката книга Исаија, се покажува колку само залудно е обожавањето ликови! Сепак, Божјиот сопствен народ западнал во замката на обожавање идоли. Затоа, како што видовме во претходните поглавја од Исаија, Израелците ги чека строга дисциплина. Меѓутоа, Јехова љубезно ја уверува нацијата дека, иако ќе дозволи Вавилонците да го одведат неговиот народ во заробеништво, сепак ќе го избави во свое одредено време. Исполнувањето на пророштвата за избавување од заробеништво и за обновување на чистото обожавање ќе докаже, без никакво сомнение, дека само Јехова е вистински Бог, на срам на сите што ги обожаваат безживотните богови на нациите.
3. Како пророчките зборови од Исаија им помагаат на христијаните денес?
3 Пророштвата во овој дел од Исаија и нивното исполнување во древни времиња ја зајакнува верата на христијаните денес. Освен тоа, пророчките зборови од Исаија имаат исполнување во нашево време, а ќе имаат и во иднина. Овие настани вклучуваат еден избавител и едно избавување, кои се многу поголеми од оние што се претскажани за Божјиот древен народ.
Надеж за оние што му припаѓаат на Јехова
4. Како Јехова го охрабрува Израел?
4 Поглавје 44 започнува во позитивна нота со едно потсетување дека Израел е избран од страна на Бог, одвоен од околните народи за да стане негов слуга. Пророштвото вели: „Сега чуј, Јакове, Мој слуго, Израеле, кого го избрав. Вака вели Господ, Кој те создаде, Кој те створи во утробата и те помаза: ‚Не бој се, Јакове, Мој слуго, Ешуруне, кого го избрав“ (Исаија 44:1, 2). Јехова се грижи за Израел, така да се каже, уште од утробата на неговата мајка, уште откако Израел, по излегувањето од Египет, станал нација. Колективно, тој го нарекува својот народ „Ешурун“, што значи „Исправниот“, назив што изразува наклоност и нежност. Името исто така потсетува дека Израелците мораат да останат исправни, нешто во кое честопати промашиле.
5, 6. Кои освежувачки подготовки му ги обезбедува Јехова на Израел, и со каков резултат?
5 Колку само се пријатни и освежувачки следните Јеховини зборови! Тој вели: „Зашто ќе излеам вода врз жедна земја, и потоци по сувата почва. Ќе го излеам Својот Дух на твоето семе, и Својот благослов на твоето поколение. Ќе растат како трева покрај извор, како врби покрај води што течат“ (Исаија 44:3, 4). Дури и во жешка, сува земја, покрај водни извори можат да бујат дрвореди. Кога Јехова ќе ги обезбеди своите животодавни води на вистината и ќе го излее својот свет дух, Израел силно ќе буи, како дрвјата покрај канали за наводнување (Псалм 1:3; Еремија 17:7, 8). Јехова ќе им ја даде на припадниците на својот народ силата за да ја исполнат својата улога на сведоци за неговата Божественост.
6 Еден од резултатите на ова излевање свет дух ќе биде тоа што на поединци ќе им се обнови ценењето за односот меѓу Израел и Јехова. Така, читаме: „Еден ќе рече: ‚Јас сум Господов [Јеховин, NW],‘ друг ќе се наречува со Јакововото име. Третиот ќе си напише на раката: ‚Господов [Јеховин, NW]‘ и ќе се нарече со Израелевото име“ (Исаија 44:5). Да, ќе им биде чест да го носат името на Јехова, зашто ќе увидат дека тој е единствениот вистински Бог.
Предизвик за боговите
7, 8. Како Јехова ги предизвикува боговите на нациите?
7 Под Мојсеевиот закон, еден искупител — обично маж од најблиската рода — можел да купи некого од ропство (Левит 25:47—54; Рута 2:20). Сега Јехова се идентификува себеси како Искупител на Израел — оној што ќе ја откупи нацијата и со тоа ќе ги засрами Вавилон и сите негови богови (Еремија 50:34). Тој се соочува со лажните богови и нивните обожаватели, велејќи: „Вака зборува Израелевиот Цар и неговиот Искупител, Господ над Воинствата: ‚Јас Сум првиот и Јас Сум последниот: нема Бог освен Мене. Кој е како Јас? Нека стане и нека зборува, нека навестува и нека Ми изложи! Кој откри, од вечноста, што се случило? Нека ни навести уште што ќе дојде! Не плашете се, не бојте се: нели одамна ви го навестив тоа и ви го открив? Вие сте Ми сведоци: има ли Бог освен Мене? Има ли Стена? Јас за друга не знам!‘“ (Исаија 44:6—8).
8 Јехова ги предизвикува боговите да го изложат својот случај. Можат ли да зборуваат за работи што уште не се, како веќе да се, предвидувајќи идни настани со таква сигурност што изгледа како веќе да се случуваат? Само ‚првиот и последниот‘ — кој постоел пред да бидат измислени сите лажни богови и сѐ уште ќе биде тука кога тие веќе долго време ќе бидат заборавени — може да стори такво нешто. Неговиот народ не треба да се плаши да сведочи за оваа вистина, зашто ја има поддршката од Јехова, кој е толку цврст и стабилен како масивна стена! (Второзаконие 32:4; 2. Самоил 22:31, 32).
Ништожноста на обожавањето ликови
9. Дали било погрешно Израелците да прават каков и да било вид изработка на нешто живо? Објасни.
9 Јеховиниот предизвик на лажните богови потсетува на втората од десетте заповеди. Таа заповед јасно вели: „Не ќе си правиш резан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш“ (Излез 20:4, 5). Се разбира, оваа забрана не значи дека Израелците не смееле да прават украсни изработки на нештата. Јехова лично наредил во табернакулот да се стават такви изработки на билки и херувими (Излез 25:18, 33; 26:31). Меѓутоа, не требало да се возвишуваат, односно да се обожаваат. Никој не смеел да се моли ниту да принесува жртви на такви изработки. Божествено инспирираната заповед забранувала да се прави каков и да било лик за да се користи како предмет на обожавање. Обожавањето ликови или поклонувањето на нив во знак на длабока почит претставува идолопоклонство (1. Јованово 5:21).
10, 11. Зошто Јехова ги смета ликовите за срамни?
10 Исаија сега ја опишува бескорисноста на безживотните ликови и срамот што ги чека оние што ги прават: „Секој што прави кипови, ништожен е, и неговите скапоцености не се полезни за ништо. Нивните сведоци не гледаат ништо и не знаат ништо, да им бидат за срам. Кој прави бог и лее кип нема полза од тоа. Ете, сите почитувачи на ликовите ќе бидат засрамени, нивните изработувачи повеќе од било кога. Нека се соберат сите и нека се појават: одеднаш ќе се исплашат и ќе се засрамат“ (Исаија 44:9—11).
11 Зошто Бог ги смета овие ликови за толку срамни? Прво, невозможно е Семоќниот да се претстави точно со материјални работи (Дела 17:29). Освен тоа, обожавањето на творбите наместо на Творецот е навреда за Јеховината Божественост. И, зар не е тоа под достоинството на човекот, кој бил создаден „во Божјиот лик“? (Битие 1:27; Римјаните 1:23, 25).
12, 13. Зошто не може човекот да направи каков и да било лик што ќе биде достоен за обожавање?
12 Може ли физичката материја некако да постигне светост со тоа што ќе биде обликувана во нешто за обожавање? Исаија нѐ потсетува дека правењето ликови е чисто човечка замисла. Алатите и техниката на еден изработувач на ликови се исти како оние што ги користи кој и да било занаетчија: „Ковачот го изработува врз жив јаглен, го вообликува со чекан, го обработува со силна рака. Гладен е и изнемоштен; не пие вода, се исцрпува. Дрводелецот зема мерка, го оцртува ликот со писалка, го истружува со длето, го заокружува со пергел и го изделкува по углед на човечки лик, како убаво човечко обличје, за да стои во куќата“ (Исаија 44:12, 13).
13 Вистинскиот Бог ги создал сите живи суштества на Земјата, вклучувајќи го и човекот. Свесниот живот е прекрасно сведоштво за Јеховината Божественост, но се разбира, сѐ што создал Јехова е инфериорно во однос на него. Можно ли е човекот да може да направи нешто подобро? Може ли да направи нешто супериорно во однос на самиот себе — толку супериорно што е достојно за неговата оддаденост? Кога еден човек прави лик, се изморува, огладнува и ожеднува. Ова се човечки ограничувања, но барем покажуваат дека човекот е жив. Ликот што го прави тој може да изгледа како човек. Може дури и да биде убав. Но, безживотен е. Ликовите во никој случај не се божествени. Освен тоа, ниту еден резбан лик никогаш не ‚паднал од небо‘, што би покажало дека неговиот извор е нешто повеќе од смртен човек (Дела 19:35).
14. Како изработувачите на ликови се потполно зависни од Јехова?
14 Исаија продолжува, покажувајќи дека изработувачите на ликови се потполно зависни од природните процеси и од материјалите што Јехова ги создал: „Си насече за себеси кедри, зеде чемпрес или даб што ги одгледуваше за себе среде горските дрва; или посади бор што расте од дожд. На човека му се добри за оган; ги зема за да се огрее; ги пали за да испече леб. Но од нив делка и бог, пред кого паѓа ничкум, прави идол и му се клања. И така, [со] половина од тоа запалува оган, пече месо на жар, јаде печено и се сити: се грее и говори: ‚Ах, се греам и уживам покрај огнот.‘ Но од она што ќе остане си прави бог, свој идол, паѓа пред него ничкум и му се клања и моли: ‚Спаси ме, зашто ти си мој бог‘“ (Исаија 44:14—17).
15. Каков потполн недостиг на разбирање покажува еден изработувач на ликови?
15 Може ли едно незапалено парче огревно дрво да избави некого? Се разбира, не. Само вистинскиот Бог може да избави. Како можат луѓето да идолизираат неживи нешта? Исаија покажува дека вистинскиот проблем лежи во срцето на еден човек: „Не знаат тие и не разбираат: очите им се заслепени, па не гледаат, и срцето, па не сфаќаат. Таквиот не размислува, во него нема ни знаење ни разумност да си рече: ‚Со половината од ова запалив оган, испеков леб на жарта, го испржив месото што го изедов, па зар од останатото ќе направам гад? Зар ќе му се клањам на дел од дрво?‘ Тој ја сака [се храни со, NW] пепелта, измаменото срце го заведува. Не ќе го спаси својот живот и никогаш не ќе рече: ‚Не е ли измама ова во мојата десница?‘“ (Исаија 44:18—20). Да, да се замислува дека идолопоклонството може да обезбеди нешто духовно е исто толку добро колку и да се јаде пепел наместо хранливо јадење.
16. Од каде потекнало идолопоклонството, и што го овозможува?
16 Идолопоклонството, всушност, започнало на небесата, кога моќното духовно суштество што станало Сатана се полакомило за обожавањето што му припаѓа само на Јехова. Желбата на Сатана била толку силна што го отуѓила од Бог. Тоа, всушност, било почеток на идолопоклонството, бидејќи апостол Павле рекол дека лакомоста е исто што и идолопоклонство (Исаија 14:12—14; Езекиел 28:13—15, 17; Колошаните 3:5). Сатана го навел првиот човечки пар да негува себични мисли. Ева се полакомила по она што ѝ го понудил Сатана: „Ќе ви се отворат очите, и вие ќе бидете како Бог, распознавајќи го доброто и злото“. Исус навел дека лакомството излегува од срцето (Битие 3:5; Марко 7:20—23). До идолопоклонство доаѓа кога срцата се расипани. Тогаш, колку само е важно за нас ‚да го чуваме своето срце‘, никогаш не дозволувајќи некој или нешто да го заземе местото што Јехова со право го зазема таму! (Пословици 4:23; Јаков 1:14).
Јехова апелира на срцата
17. Што треба Израел да земе при срце?
17 Јехова понатаму апелира до Израелците да се сетат дека се во привилегирана, одговорна положба. Тие се негови сведоци! Тој вели: „Спомни си за тоа, Јакове, и ти, Израеле, зашто си Мој слуга! Јас те создадов, и слуга си Ми, Израеле, не ќе те заборавам! Како магла ги растерав [како со облак ќе ги избришам, NW] твоите престапи и како облак [како со маса облаци, NW] твоите гревови. Обрати Ми се Мене, зашто Јас те искупив.‘ Воскликнувајте, небеса, зашто Господ го направи тоа! Запејте, земни длабочини! Одекнувајте со радост, планини, и вие, гори, со сите свои дрва! Зашто Господ го откупи Јакова, се прослави во Израел!“ (Исаија 44:21—23).
18. а) Зошто Израел има причина да се радува? б) Како можат Јеховините слуги да го имитираат неговиот пример на милост денес?
18 Јехова не бил обликуван од Израел. Тој не е бог направен од човек. Наместо тоа, Јехова го обликувал Израел за да биде негов избран слуга. И тој уште еднаш ќе ја докаже својата Божественост кога ќе ја избави нацијата. Тој нежно му се обраќа на својот народ, уверувајќи го дека, ако се покае, гревовите ќе му бидат потполно покриени, и дека неговите престапи ќе бидат скриени како зад непробојни облаци. Каква само причина за радост за Израел! Јеховиниот пример ги мотивира неговите современи слуги да ја имитираат неговата милост. Тие можат да го сторат тоа настојувајќи да им помогнат на оние што грешат — обидувајќи се, ако е можно, повторно да ги зацврстат духовно (Галатите 6:1, 2).
Кулминација на тестот за Божественост
19, 20. а) На кој начин Јехова го доведува до кулминација својот случај? б) Кои восхитувачки работи ги пророкува Јехова за својот народ, и кој ќе биде неговиот застапник што ќе ги исполни?
19 Својата правна расправа Јехова ја доведува до моќна кулминација. Тој ќе го изнесе својот сопствен одговор на најстрогиот тест за Божественост — способноста точно да се претскаже иднината. Следните пет стиха од 44. поглавје од Исаија еден библиски изучувач ги нарекува „поема на надмоќноста на Богот на Израел“, единствениот Творец, единствениот Откривач на иднината и Израеловата надеж за избавување. Пасусот се засилува до драматичен крешендо кога е објавено името на човекот што ќе ја ослободи нацијата од Вавилон.
20 „Вака зборува Господ, твојот Искупител и твојот Творец во утробата: ‚Јас Сум Господ Кој Сум создал сѐ, Кој ги оптегна Сам небесата, и ја зацврстив земјата без ничија помош. Јас ги осуетувам знаците на вражалецот, и меѓесниците ги претворувам во безумници; ги присилувам мудреците да се повлечат и нивната мудрост ја претворувам во безумие, но го потврдувам словото на Својот слуга, го исполнувам наумот на Своите гласници. Јас му зборувам на Ерусалим: „Насели се!“ И на јудејските градови: „Изградете се!“ Јас ги издигам од урнатините. Јас му велам на морето: „Пресуши! Ти ги пресушувам реките.“ Јас му велам на Кира: „Пастиру мој!“ И тој ќе ги исполни сите Мои желби, велејќи му на Ерусалим: „Изгради се!“ И на Храмот: „Положи си ги основите!“‘“ (Исаија 44:24—28).
21. Каква гаранција даваат зборовите на Јехова?
21 Да, Јехова не само што има способност да претскаже идни настани туку ја има и моќта во потполност да ја спроведе својата откриена намера. Оваа објава ќе послужи како извор на надеж за Израел. Таа е гаранција дека, и покрај тоа што вавилонските војски ќе ја уништат земјата, Ерусалим и неговите околни градови повторно ќе се подигнат и вистинското обожавање во нив ќе биде повторно воспоставено. Но, како?
22. Опиши како пресушува реката Еуфрат.
22 Неинспирираните гатачи обично не се осмелуваат да бидат толку специфични во своите претскажувања од страв времето да не покаже дека немале право. За разлика од нив, преку Исаија, Јехова го открива дури и личното име на човекот кого ќе го употреби да го ослободи својот народ од заробеништво за да може да се врати дома и одново да го изгради Ерусалим и неговиот храм. Тој се вика Кир, а познат е како Кир Велики од Персија. Јехова исто така дава детали за стратегијата што Кир ќе ја употреби за да се пробие преку вавилонските масивни ѕидини и усовршениот одбранбен систем. Вавилон ќе биде заштитен со високи ѕидини и со водни патишта што минуваат низ и околу градот. Кир ќе го сврти во своја корист главниот елемент на овој систем — реката Еуфрат. Според древните историчари Херодот и Ксенофон, на едно место пред реката да влезе во Вавилон, Кир ги свртел водите на Еуфрат во друга насока, така што нивото на реката опаднало доволно за неговите војници да ја прегазат. Што се однесува до неговата способност да го заштити Вавилон, моќниот Еуфрат пресушува.
23. Каков извештај постои за исполнувањето на пророштвото дека Кир ќе го ослободи Израел?
23 А што е со ветувањето дека Кир ќе го ослободи Божјиот народ и ќе се погрижи Ерусалим и неговиот храм да бидат повторно изградени? Кир лично, во еден службен проглас зачуван во Библијата, објавува: „Вака вели персискиот цар Кир: Сите земни царства ми ги даде Господ, небесниот Бог. Тој ми нареди да Му изградам дом во Ерусалим, во Јудеја. Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, неговиот Бог нека биде со него! Нека оди во Ерусалим во Јудеја, и нека Му гради Дом на Господа, на Израелевиот Бог, на Бога Кој е во Ерусалим“ (Езра 1:2, 3). Јеховината реч преку Исаија потполно се исполнува!
Исаија, Кир и христијаните денес
24. Каква врска постои помеѓу излегувањето на заповедта од Артаксеркс ‚да се вратат и да го изградат пак Ерусалим‘ и доаѓањето на Месијата?
24 Поглавје 44 од Исаија го велича Јехова како единствен вистински Бог и Избавител на својот древен народ. Освен тоа, пророштвото има длабоко значење за сите нас денес. Декретот на Кир за повторна изградба на ерусалимскиот храм, донесен во 538/537 пр.н.е., задвижил настани што кулминирале во исполнувањето на друго истакнато пророштво. По декретот на Кир следел декретот на еден подоцнежен владетел, Артаксеркс, кој наредил градот Ерусалим повторно да се изгради. Книгата Даниел открива дека „од мигот кога ќе излезе словото: ‚Нека се вратат и нека го изградат пак Ерусалим‘ [во 455 пр.н.е.] па до Кнезот помазаник“ ќе поминат 69 „седмици“ од по седум години (Даниел 9:24, 25). Ова пророштво исто така се исполнило. Токму според распоредот, во 29 година н.е., 483 години откако во Ветената земја стапил на сила декретот на Артаксеркс, Исус бил крстен и започнал со својата земна служба.a
25. Што укажува за современа доба падот на Вавилон во рацете на Кир?
25 Ослободувањето на лојалните Евреи од изгнанство, овозможено со падот на Вавилон, го навестило ослободувањето на помазаните христијани од духовно изгнанство во 1919. Тоа ослободување било доказ дека друг Вавилон, опишан како блудница, Големиот Вавилон — симбол на сите светски лажни религии гледани колективно — доживеал пад. Како што е запишано во книгата Откровение, апостол Јован однапред го видел неговиот пад (Откровение 14:8). Тој, исто така, однапред го видел неговото ненадејно уништување. Јовановиот опис на уништувањето на таа светска империја полна со идоли, на некој начин потсетува на описот од Исаија за успешното освојување на древниот град Вавилон од страна на Кир. Исто како што заштитните водни патишта на Вавилон не успеале да го спасат од Кир, така ‚водите‘ на човештвото што го поддржуваат и го штитат Големиот Вавилон ќе бидат „исушени“ пред да биде праведно уништен (Откровение 16:12).b
26. Како пророштвото на Исаија и неговото исполнување ни ја зајакнуваат верата?
26 Од наша перспектива, по повеќе од два и пол милениума откако Исаија го дал своето пророштво, можеме да видиме дека Бог навистина ‚го исполнува наумот на Своите гласници‘ (Исаија 44:26). Затоа, исполнувањето на пророштвото на Исаија е истакнат пример за веродостојноста на сите пророштва во Светото писмо.
[Фусноти]
a Види 11. поглавје од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Види поглавја 35 и 36 од книгата Откривење — близу је величанствени врхунац!, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 63]
Може ли едно незапалено парче огревно дрво да избави некого?
[Слика на страница 73]
Мермерна глава од еден ирански цар, можеби Кир
[Слика на страница 75]
Кир го исполнува пророштвото со тоа што ги свртува водите на Еуфрат во друга насока