Книга на пророштва
Луѓето се заинтересирани за иднината. Тие бараат веродостојни предвидувања на многу теми, од временски прогнози до економски показатели. Меѓутоа, кога постапуваат според таквите прогнози, тие честопати се разочаруваат. Библијата содржи многу предвидувања, односно пророштва. Колку се точни таквите пророштва? Дали се тие историја напишана однапред? Или, пак, историја која се маскира како пророштво?
СЕ ВЕЛИ дека римскиот државник Катон (234—149 пр. н. е.) рекол: „Се чудам како еден гаталец не се смее кога ќе здогледа друг гаталец“.1 Навистина, до денешно време многу луѓе се скептични во поглед на претскажувачите, астролозите и другите гаталци. Честопати нивните предвидувања се изразени со нејасни термини и се предмет на најразлични толкувања.
Но, што е со библиските пророштва? Постои ли причина за скептицизам? Или, пак, основа за доверба?
Не само претпоставки врз основа на информации
Добро информираните луѓе може да се обидуваат да ги употребат видливите трендови за да направат точни шпекулации за иднината, но тие не се секогаш во право. Книгата Future Shock забележува: „Секое општество не се соочува само со еден редослед на веројатни иднини туку и со низа возможни иднини, како и со конфликт поради претпочитани иднини“. Таа додава: „Се разбира, никој не може да ја ‚знае‘ иднината во некаква апсолутна смисла. Можеме само да ги систематизираме и да ги продлабочиме нашите претпоставки и да се обидеме да им припишеме веројатности“.2
Но, писателите на Библијата едноставно не ‚припишувале веројатности‘ на ‚претпоставките‘ за иднината ниту, пак, нивните предвидувања можат да се отфрлат како нејасни изјави отворени за најразлични толкувања. Напротив, многу нивни пророштва биле изговорени со извонредна јасност и биле необично конкретни, честопати предвидувајќи го токму спротивното од она што можеби се очекувало. Земете го за пример она што Библијата однапред го рекла за древниот град Вавилон.
Да биде ,изметен со истребувачка метла‘
Древниот Вавилон станал „скапоцен камен на царствата“ (Исаија 13:19, The New American Bible). Овој град кој се проширил бил стратешки сместен на трговскиот пат од Персискиот Залив до Медитеранското Море, служејќи како комерцијално складиште за копнената и за поморската трговија помеѓу Истокот и Западот.
До седмиот век пр. н. е., Вавилон бил навидум несовладлива престолнина на Вавилонската Империја. Градот се протегал крај реката Еуфрат, а водите на реката биле искористени за да формираат еден широк, длабок опкоп и мрежа од канали. Освен тоа, градот бил штитен и од еден масивен систем од двојни ѕидови, потпрен од бројни одбрамбени кули. Не е ни чудо што неговите жители се чувствувале сигурни.
Меѓутоа, во осмиот век пр. н. е., пред Вавилон да се издигне на врвот на својата слава, пророкот Исаија прорекол дека Вавилон ќе биде ‚изметен со истребувачка метла‘ (Исаија 13:19; 14:22, 23). Исаија го опишал и самиот начин на кој ќе падне Вавилон. Освојувачите ќе ги „исушат“ неговите реки — изворот на неговата заштита во вид на опкоп — правејќи го градот отворен за напад. Исаија го навел дури и името на освојувачот — ‚Кир‘, еден голем персиски цар, ‚пред кого вратите ќе се отворат и портите нема да бидат затворени‘ (Исаија 44:27—45:2).
Ова биле смели предвидувања. Но, дали се обистиниле? Историјата дава одговор.
„Без битка“
Два века откако Исаија го запишал своето пророштво, ноќта на 5 октомври 539 пр. н. е., војските на Медоперсија под управа на Кир Велики биле влогорени во близината на Вавилон. Но, Вавилонците биле уверени. Според грчкиот историчар Херодот (петти век пр. н. е.), тие имале складирано доволно залихи што ќе траат со години.3 Исто така, ја имале реката Еуфрат и моќните ѕидови на Вавилон за да ги штитат. Сепак, истата таа ноќ, според Набонидовата хроника, „војската на Кир влегла во Вавилон без битка“.4 Како било можно тоа?
Херодот објаснува дека луѓето во градот „танцувале и се веселеле на некоја прослава“.5 Меѓутоа, надвор Кир ги свртел водите на Еуфрат. Штом нивото на водата се спуштило, неговата војска зацапала низ речното корито со вода до нивните бедра. Тие промарширале покрај високите ѕидови и влегле низ она што Херодот го нарекол „порти кои се отвориле кон реката“, порти кои невнимателно биле оставени отворени.6 (Спореди Даниил 5:1—4; Јеремија 50:24; 51:31, 32.) Други историчари, вклучувајќи го и Ксенофон (о. 431 — о. 352 пр. н. е.), како и плочите со клинесто писмо што ги пронашле археолозите, го потврдуваат ненадејниот пад на Вавилон под Кир.7
Со тоа се исполнило Исаииното пророштво за Вавилон. Но, дали се исполнило? Можно ли е ова да не било предвидување, туку да било, всушност, напишано дури после настанот? Навистина, истото прашање може да се постави и за други библиски пророштва.
Историја која се маскира како пророштво?
Доколку библиските пророци — вклучувајќи го и Исаија — едноставно ја напишале историјата да изгледа како пророштво, тогаш тие луѓе не биле ништо друго туку паметни измамници. Но, кој би бил нивниот мотив за едно такво лукавство? Вистинските пророци спремно дале до знаење дека не можат да бидат подмитени (1. Царства 12:3; Даниил 5:17). И веќе разгледавме силни докази дека писателите на Библијата (од кои многумина биле пророци) биле мажи достојни за доверба кои биле спремни да ги откријат дури и сопствените непријатни грешки. Не изгледа веројатно дека мажи од ваков ков би биле склони да направат детализирани измами, маскирајќи ја историјата како пророштво.
Треба да се разгледа уште нешто. Многу библиски пророштва содржеле остри осуди против сопствениот народ на пророците, во кој спаѓале свештениците и владетелите. На пример, Исаија ја изнел на видело бедната морална состојба на Израелците од неговото време — како на водачите така и на народот (Исаија 1:2—10). Други пророци остро ги разоткриле гревовите на свештениците (Софонија 3:4; Малахија 2:1—9). Тешко е да се сфати зошто би измислиле пророштва што ги содржат најострите осуди кои воопшто можат да ги замислат против нивниот сопствен народ и зошто свештениците би соработувале во една таква измама.
Покрај тоа, како можеле пророците — ако не биле ништо друго освен измамници — да изведат едно такво лукавство? Во Израел се охрабрувало на писменост. Од најрана возраст, децата биле поучувани да читаат и да пишуваат (5. Мојсеева 6:6—9). Се поттикнувало на приватно читање на Писмото (Псалм 1:2). Имало јавно читање на Писмото во синагогите на седмичниот сабат (Дела 15:21). Изгледа неверојатно дека една цела писмена нација, добро упатена во Писмото, би можела да биде излажана со таква измама.
Освен тоа, Исаииното пророштво за падот на Вавилон содржи нешто повеќе. Во него е вклучен еден детаљ кој едноставно не можел да биде напишан после исполнувањето.
„Нема да се насели никогаш“
Што ќе се случело со Вавилон после неговиот пад? Исаија прорекол: „Нема да се насели никогаш, во него нема да има жители од род во род; нема Арабиец да го распне шаторот свој, овчари таму со стадата свои нема да пладнуваат“ (Исаија 13:20). Можеби изгледало чудно, најблаго речено, да се предвиди дека еден толку поволно сместен град ќе стане трајно ненаселен. Дали би можеле зборовите на Исаија да бидат напишани дури откако го набљудувал опустошениот Вавилон?
По заземањето од страна на Кир, со векови продолжил да постои еден населен Вавилон — иако поинфериорен. Сети се дека свитоците од Мртвото Море вклучуваат препис на комплетната книга на Исаија која датира од вториот век пр. н. е. Отприлика во времето кога се препишувал тој свиток, Партијците ја презеле контролата над Вавилон. Во првиот век н. е., во Вавилон постоела една населба Евреи која библискиот писател Петар ја посетил (1. Петрово 5:13). До тоа време, Исаииниот свиток од Мртвото Море постоел речиси два века. Затоа, до првиот век н. е. Вавилон сѐ уште не бил потполно уништен, но сепак книгата на Исаија била завршена долго време пред тоа.a
Како што било проречено, Вавилон на крајот станал само „купиште на урнатини“ (Јеремија 51:37). Според хебрејскиот научник Ероним (четвртти век н. е.), во негово време Вавилон бил ловиште во кое талкале „секакви ѕверови“.9 Вавилон е пуст до денешен ден.
Исаија не доживеал да го види Вавилон ненаселен. Но, урнатините од тој некогаш моќен град, на околу 80 километри јужно од Багдад, во денешен Ирак, даваат немо сведоштво за исполнувањето на неговите зборови: „Нема да се насели никогаш“. Секаква обнова на Вавилон како туристичка атракција може да ги привлекува посетителите, но вавилонскиот „син, и внук“ ги нема засекогаш (Исаија 13:20; 14:22, 23).
Значи, пророкот Исаија не изговорил нејасни предвидувања кои едноставно би можеле да се вклопат во секој иден настан. Ниту, пак, ја напишал историјата за да изгледа како пророштво. Размисли за тоа: Зошто некој измамник би ризикувал да „прорекува“ нешто врз кое не би имал апсолутно никаква контрола — дека моќниот Вавилон никогаш повторно нема да биде населен?
Ова пророштво за падот на Вавилон е само еден пример од Библијата.b Во исполнувањето на нејзините пророштва многу луѓе гледаат еден показател дека Библијата мора да доаѓа од извор повисок од човекот. Можеби ќе се согласите дека, во најмала рака, оваа книга на пророштва вреди да се испита. Една работа е сигурна: Постои огромна разлика помеѓу нејасните или сензационални предвидувања на современите гаталци и јасните, трезвени и конкретни пророштва на Библијата.
[Фусноти]
a Постои цврст доказ дека книгите на Хебрејските списи — вклучувајќи ја и Исаија — биле напишани долго време пред првиот век н. е. Историчарот Јосиф (првиот век н. е.) укажал дека канонот на Хебрејските списи бил утврден долго пред неговото време.8 Освен тоа, грчката Септуагинта, превод на Хебрејските списи на грчки јазик, била започната во третиот век пр. н. е. и била комплетирана во вториот век пр. н. е.
b За натамошна дискусија за библиските пророштва и за историските факти кои го документираат нивното исполнување, Ве молиме видете во книгата The Bible—God’s Word or Man’s? (Библијата — Реч Божја или човечка?), издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., страници 117—133.
[Истакната мисла на страница 28]
Дали библиските писатели биле точни пророци или паметни измамници?
[Слика на страница 29]
Урнатините на древниот Вавилон