Лојални на Христос и на неговиот верен роб
„Неговиот господар... ќе го постави над целиот свој имот“ (МАТЕЈ 24:45-47).
1, 2. а) Што ни покажува Светото писмо, кој е нашиот Водач? б) Што покажува дека Христос активно го води христијанското собрание?
„НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ ниту да ве нарекуваат водачи, зашто еден е вашиот Водач — Христос“ (Матеј 23:10). Со овие зборови Исус јасно им покажал на своите следбеници дека ниеден човек на Земјата нема да биде нивен водач. Нивниот единствен Водач ќе биде на небото — лично Исус Христос, кого на таа положба го поставил Бог. Јехова „го подигна од мртвите и... му подложи сѐ под нозете и го направи глава над сѐ за доброто на собранието, кое е негово тело“ (Ефешаните 1:20-23).
2 Бидејќи Христос е „глава над сѐ“ што се однесува до христијанското собрание, тој има власт над сѐ што се случува во собранието. Ништо од сето тоа не е скриено за него. Внимателно ја набљудува духовната состојба на секоја група христијани, односно на секое собрание. Ова јасно се гледа од откровението што го добил апостол Јован на крајот на првиот век од н.е. Исус им се обратил на седум собранија, а на пет од нив им рекол дека ги знае нивните дела, нивните јаки страни и нивните слабости, и во склад со тоа им дал совети и охрабрување (Откровение 2:2, 9, 13, 19; 3:1, 8, 15). Навистина можеме да веруваме дека Христос бил подеднакво добро запознаен и со духовната состојба на другите собранија во Мала Азија, Палестина, Сирија, Вавилонија, Грција, Италија и на други места (Дела 1:8). А како стојат работите денес?
Еден верен роб
3. Зошто е на место да се спореди Христос со глава, а неговото собрание со тело?
3 Откако воскреснал и кратко пред да се вознесе на небото кај својот Татко, Исус им рекол на своите ученици: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“. Исто така, им рекол: „Еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Матеј 28:18-20). Тој ќе бил и понатаму со нив како нивен Поглавар кој активно ги води. Во писмата што им ги испратил на христијаните во Ефес и Колоси, апостол Павле го споредил христијанското собрание со „тело“, на кое Глава му е Христос (Ефешаните 1:22, 23; Колошаните 1:18). The Cambridge Bible for Schools and Colleges наведува дека оваа метафора „укажува не само на витално единство со Главата, туку дека волјата на Главата ја извршуваат сите делови на телото. Тие се Нејзини алатки“. Која група ја користи Христос како своја алатка откако почнал да владее како цар во 1914 год.? (Даниел 7:13, 14).
4. Како што е проречено во пророштвото на Малахија, што нашле Јехова и Исус Христос кога дошле да го проверат духовниот храм?
4 Во пророштвото на Малахија е проречено дека Господарот Јехова, во придружба на својот ‚гласник на сојузот‘, неговиот новоустоличен Син Христос Исус, ќе дојде да суди и да го провери Својот „храм“, односно духовен дом каде што луѓето го обожаваат Бог. ‚Времето да започне судот на домот Божји‘ очигледно настапило во 1918 год.a (Малахија 3:1; 1. Петрово 4:17). Редно било да се проверат оние што тврделе дека го обожаваат Бог на Земјата на исправен начин. Црквите на христијанскиот свет, кои со векови ги учеле луѓето доктрини што не се на чест на Бог и кои биле масовно вклучени во масакрот во Првата светска војна, биле отфрлени. Еден верен остаток од духовно помазани христијани биле испитани, прочистени како со оган и прифатени од Бог, и почнале да „му принесуваат на Јехова жртвен дар во праведност“ (Малахија 3:3).
5. Во склад со Исусовото пророштво во врска со неговата „присутност“, кој се покажал како ‚верен и разборит роб‘?
5 Во склад со пророштвото на Малахија, комбинираниот знак што им го дал Исус на своите ученици за да можат да го препознаат времето на неговата „присутност и на свршетокот на овој поредок“ го вклучувал и описот на една група што ќе служи како „роб“. Исус рекол: „Значи, кој е верниот и разборит роб кого неговиот господар го поставил над своите слуги за да им дава храна во вистинско време? Среќен е тој роб ако неговиот господар, кога ќе дојде, го најде да прави така! Вистина, ви велам, ќе го постави над целиот свој имот“ (Матеј 24:3, 45-47). ‚Кога дошол‘ да го провери ‚робот‘ во 1918 год., Христос нашол еден остаток од верни ученици помазани со дух, кои од 1879 год. го користат ова списание и други библиски публикации за да даваат духовна „храна во вистинско време“. Ги прифатил како своја алатка, или „роб“, и во 1919 год. им доверил да управуваат со целиот негов имот на Земјата.
Управување со Христовиот имот на Земјата
6, 7. а) Со кои други зборови зборувал Исус за својот верен „роб“? б) На што мислел Исус кога го употребил зборот „управител“?
6 Неколку месеци пред Исус да го каже своето пророштво за знакот на неговата присутност, вклучувајќи го и постоењето на еден „роб“ што ќе го претставува на Земјата, тој се осврнал на овој „роб“ со малку поинакви зборови што ни помагаат да разбереме кои се должностите на тој роб. Исус рекол: „Кој е, всушност, верниот и разборит управител кого неговиот господар ќе го постави над своите слуги за да им ја дава храната во право време? Вистина, ви велам, ќе го постави над целиот свој имот“ (Лука 12:42, 44).
7 Овде робот е наречен управител, збор што е преведен од еден грчки збор со значење „настојник на домаќинство или на имот“. Овој „управител“ нема да биде само група интелектуалци што објаснуваат интересни мисли од Библијата. Освен тоа што ќе обезбедува квалитетна духовна храна „во право време“, ‚верниот управител‘ ќе биде поставен над сите што му служат на Христос и ќе има задача да управува со сѐ што му припаѓа на Христос на Земјата, со ‚целиот негов имот‘. Што спаѓа во тој имот?
8, 9. Со кој „имот“ е задолжен да управува робот?
8 Одговорностите на робот вклучуваат надгледување на објектите што ги користат Христовите следбеници за да ги извршуваат своите христијански активности, како што е главното седиште и подружниците на Јеховините сведоци, како и објектите каде што го обожаваат Бог — Салите на Царството и Конгресните сали во целиот свет. Што е уште поважно, робот ги надгледува и духовно изградувачките програми за проучување на Библијата на седмичните состаноци и редовните собири и конгреси. На овие собири се кажуваат информации за исполнувањето на библиските пророштва и се дава навремено водство за тоа како да се применат библиските начела во секојдневниот живот.
9 Во одговорностите на управителот спаѓа и надгледувањето на важното дело на проповедање на „оваа добра вест за царството“ и правење „ученици од луѓето од сите народи“. Тоа вклучува да се поучуваат луѓето да држат сѐ што Христос, кој е Глава на собранието, заповеда да се прави во ова време на крајот (Матеј 24:14; 28:19, 20; Откровение 12:17). Резултат од делото на проповедање и поучување е едно „големо мноштво“ лојални придружници на помазаниот остаток. Овие ‚скапоцености од сите народи‘ несомнено треба да бидат вброени во скапоцениот „имот“ на Христос со кој управува верниот роб (Откровение 7:9; Агеј 2:7).
Водечкото тело како претставник
10. Која група луѓе што донесувале одлуки постоела во првиот век, и како влијаело тоа врз собранијата?
10 Големите одговорности што ги има верниот роб очигледно вклучуваат донесување на многу одлуки. Во раното христијанско собрание, апостолите и старешините во Ерусалим дејствувале како претставници на класата на робот, донесувајќи одлуки за целото христијанско собрание (Дела 15:1, 2). Одлуките што ги донесувало ова водечко тело од првиот век им се пренесувале на собранијата преку писма и преку патувачките претставници. Првите христијани биле среќни што добивале вакво јасно водство, а нивната спремна соработка со водечкото тело водела до мир и единство (Дела 15:22-31; 16:4, 5; Филипјаните 2:2).
11. Кого го користи Христос денес за да го води неговото собрание, и како треба да гледаме на оваа група помазани христијани?
11 Исто како во почетокот на христијанската ера, една мала група духовно помазани надгледници го сочинуваат Водечкото тело од Христови следбеници на Земјата денес. Со својата „десна рака“, со која симболично е претставена неговата власт, Христос, кој е Глава на собранието, ги води овие верни мажи додека го надгледуваат делото за Царството (Откровение 1:16, 20). Во својата животна приказна, Алберт Шредер, долгогодишен член на Водечкото тело што неодамна заврши со својот живот на Земјата, напишал: „Водечкото тело одржува состанок секоја среда, и состанокот го започнува со молитва со која бара водство од Јеховиниот дух. Се вложуваат големи напори секоја работа што се решава и секоја одлука што се донесува да бидат во склад со Божјата реч, Библијата“.b Можеме да имаме доверба во таквите верни помазани христијани. Особено во врска со нив, треба да ја послушаме заповедта што ја дал апостол Павле: „Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни — зашто тие бдеат над вашите души“ (Евреите 13:17).
Да покажуваме должна почит кон верниот роб
12, 13. Кои библиски причини ги имаме за да покажуваме почит кон класата на робот?
12 Една од главните причини зошто треба да покажуваме исправна почит кон верниот роб е тоа што на тој начин покажуваме почит и кон нивниот Господар, Исус Христос. Павле им напишал на помазаните: „Кој бил повикан како слободен, роб е Христов. Скапо сте купени“ (1. Коринќаните 7:22, 23; Ефешаните 6:6). Според тоа, кога лојално се подложуваме на водството што го даваат верниот роб и неговото Водечко тело, ние се подложуваме на Христос, Господарот на тој роб. Тоа што ќе покажуваме должна почит кон средството што го користи Христос за да управува со сиот свој имот на Земјата е еден начин на кој ‚јавно го признаваме Исус Христос за Господар, на слава на Бог, Таткото‘ (Филипјаните 2:11).
13 Друга библиска причина за да покажуваме почит кон верниот роб е тоа што за помазаните христијани на Земјата симболично е речено дека се „храм“ во кој Јехова престојува „со духот“. Затоа, тие се ‚свети‘ (1. Коринќаните 3:16, 17; Ефешаните 2:19-22). На оваа класа, претставена како свет храм, Исус ѝ го доверил својот имот на Земјата, што значи дека извесни права и одговорности во христијанското собрание му припаѓаат само на овој роб. Од таа причина, сите во собранието сметаат дека им е света должност да го следат водството што доаѓа од верниот роб и неговото Водечко тело. Всушност, ‚другите овци‘ сметаат дека е голема чест да ѝ се помага на класата на робот во грижата за имотот на Господарот (Јован 10:16).
Да даваме лојална поддршка
14. Како што пророкувал Исаија, на кој начин другите овци одат зад класата на помазаниот роб и служат како ‚неплатени работници‘?
14 Понизната подложност на другите овци кон помазаните членови на духовниот Израел била проречена во пророштвото на Исаија: „Вака вели Јехова: ‚Неплатените египетски работници, етиопските трговци и Савејците, високи луѓе, самите ќе дојдат кај тебе и ќе бидат твои. Ќе одат по тебе, ќе доаѓаат во окови и ќе ти се клањаат. Тебе ќе ти се молат и ќе велат: „Навистина Бог е со вас, и нема друг, нема друг Бог!“‘“ (Исаија 45:14). Симболично, другите овци денес одат зад класата од помазаници и нејзиното Водечко тело, следејќи го неговото водство. Како ‚неплатени работници‘, другите овци спремно ја даваат својата физичка сила и своите средства за да го поддржат светското проповедничко дело што Христос им го доверил на своите помазани следбеници на Земјата (Дела 1:8; Откровение 12:17).
15. На кој начин со пророштвото од Исаија 61:5, 6 е проречен односот што постои помеѓу другите овци и духовниот Израел?
15 Другите овци радосно и благодарно му служат на Јехова под водство на верниот роб и неговото Водечко тело. Тие признаваат дека помазаниците се членови на „Израелот Божји“ (Галатите 6:16). Како симболични „странци“ и „туѓинци“ поврзани со духовниот Израел, тие радосно служат како „земјоделци“ и „лозари“ под водството на помазаниците, кои се „свештеници на Јехова“ и „слуги на Бог“ (Исаија 61:5, 6). Ревносно ја проповедаат оваа добра вест за Царството и прават ученици од луѓето од сите народи. Од сѐ срце ѝ помагаат на класата на робот во грижата и негата за новите лица што имаат особини слични на овци.
16. Што ги мотивира другите овци лојално да му помагаат на верниот и разборит роб?
16 Другите овци признаваат дека извлекуваат голема корист од марливите напори на верниот роб, кој им дава навремена духовна храна. Понизно признаваат дека, да не беше класата на верниот и разборит роб, ќе знаеја малку или немаше да знаат ништо за скапоцените библиски вистини, како што е Јеховината севишност, посветувањето на неговото име, Царството, новото небо и новата Земја, душата, состојбата на мртвите и вистината за тоа кој е Јехова, кој е неговиот Син и што е светиот дух. Од вистинска благодарност и лојалност, другите овци со љубов им помагаат на Христовите помазани „браќа“ на Земјата во ова време на крајот (Матеј 25:40).
17. Што сметало дека е неопходно Водечкото тело, и што ќе разгледаме во следната статија?
17 Со оглед на тоа што нивниот број сѐ повеќе се намалува, помазаниците не можат да бидат присутни во сите собранија за да управуваат со Христовиот имот. Затоа, Водечкото тело поставува мажи од другите овци да служат на положби на надгледување на подружниците, областите, покраините и собранијата на Јеховините сведоци. Дали нашиот став кон овие потпастири има врска со нашата лојалност кон Христос и неговиот верен роб? Ова ќе го разгледаме во следната статија.
[Фусноти]
a За подетална дискусија на оваа тема, види Стражарска кула од 1 март 2004, страници 13-18, и 1 декември 1992, страница 13.
b Објавена во англиското издание на ова списание од 1 март 1988, страници 10-17.
За повторување
• Кој е нашиот Водач, и што покажува дека е запознаен со условите што владеат во собранијата?
• При проверката на ‚храмот‘, за која група било утврдено дека дејствува како верен роб, и кој имот им бил доверен?
• Кои библиски причини ги имаме за да му помагаме лојално на верниот роб?
[Слики на страница 23]
‚Имотот‘ што го надгледува „управителот“ вклучува материјални поседи, програми за духовно охрабрување и проповедничка активност
[Слика на страница 25]
Припадниците на другите овци ѝ помагаат на класата на верниот роб со тоа што ревносно проповедаат