Седмо поглавје
Вратете се на обожавањето на Јехова
1. Како се викаат два главни бога на Вавилон, и што претскажува Јехова за нив?
ВО ТЕКОТ на изгнанството во Вавилон, Израел ќе биде опкружен со лажно обожавање. Во времето на Исаија, Јеховиниот народ сѐ уште е во својата сопствена земја и го има храмот и свештенството. Сепак, многумина од Божјата предадена нација му имаат подлегнато на идолопоклонството. Со оглед на тоа, битно е однапред да бидат подготвени за да не бидат премногу застрашени од лажните богови на Вавилон ниту да бидат искушани да им служат. Затоа, зборувајќи пророчки за два од главните вавилонски богови, Исаија вели: „Бел падна, Небо се урна; нивните идоли станаа товар за дивите ѕверови и за домашните животни, парчиња багаж, бреме за изморените животни“ (Исаија 46:1, NW). Бел е главниот идолски бог на Халдејците. Небо е обожаван како бог на мудроста и учењето. Почитта што многумина ја имаат кон овие два бога се гледа од фактот што нивните имиња влегуваат во составот на голем број лични имиња на Вавилонците — Белшазар, Набополасар, Навуходоносор и Небузардан, и тоа се само неколку.
2. Како е нагласена беспомошноста на вавилонските богови?
2 Исаија вели дека Бел ‚паднал‘, а Небо ‚се урнал‘. Овие лажни богови ќе бидат соборени. Кога Јехова ќе ги спроведе своите судски одлуки над Вавилон, овие богови не ќе можат да им дојдат на помош на своите обожаватели. Овие богови не ќе можат да се спасат дури ни себеси! Бел и Небо повеќе нема да бидат носени на почесно место во процесии, како за време на вавилонскиот Новогодишен празник. Наместо тоа, оние што ги обожаваат ќе мораат да ги пренесуваат како обичен багаж. Фалбите и обожавањето ќе им отстапат место на потсмевот и презирот.
3. а) Што ќе ги шокира Вавилонците? б) Што може да се научи денес од она што им се случило на вавилонските богови?
3 Каков само шок ќе биде за Вавилонците кога ќе сфатат дека нивните ценети идоли не се ништо друго освен товар што треба да го носат изморени животни! На сличен начин и денес, боговите на светот — работите во кои луѓето ја полагаат својата доверба и во чијашто корист ја трошат својата енергија, па дури го даваат и својот живот — се илузија. Богатството, вооружувањето, задоволствата, владетелите, татковината или нивните симболи, како и многу други работи станале предмет на оддаденост. Бескорисноста на таквите богови ќе биде разоткриена во Јеховиното одредено време (Даниел 11:38; Матеј 6:24; Дела 12:22; Филипјаните 3:19; Колошаните 3:5; Откровение 13:14, 15).
4. Во која смисла вавилонските богови ќе „паѓаат“ и ќе „се рушат“?
4 Истакнувајќи го понатаму крајниот неуспех на вавилонските богови, пророштвото продолжува: „Паѓаат, се рушат сите заедно, не можат да ги спасат оние кои ги носат, туку и самите заминуваат во ропство“ (Исаија 46:2). Се чини дека вавилонските богови „паѓаат“ и „се рушат“ како да се ранети во битка или изнемоштени од старост. Не можат ниту да им го олеснат товарот ниту, пак, да им помогнат на нижите животни што ги носат. Според тоа, треба ли Јеховиниот народ на сојузот, и покрај тоа што е во заробеништво во Вавилон, да им оддава некаква чест ним? Не! На сличен начин, Јеховините помазани слуги, дури и кога биле во духовно заробеништво, не им оддавале чест на лажните богови на „Големиот Вавилон“, кои не биле способни да го спречат неговиот пад во 1919, а нема да бидат способни ни да го спасат од несреќата што ќе го снајде за време на ‚големата неволја‘ (Откровение 18:2, 21; Матеј 24:21).
5. Како избегнуваат денешните христијани да ги повторуваат грешките на Вавилонците, кои обожавале идоли?
5 Вистинските христијани денес не се клањаат на никакви идоли (1. Јованово 5:21). Распетијата, молитвените бројници и ликовите на светци не им го приближуваат Творецот. Тие не можат да се залагаат во наша корист. Во првиот век, Исус ги поучил своите ученици за исправниот начин на обожавање на Бог кога рекол: „Јас сум патот и вистината и животот. Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене. Ако замолите за нешто во мое име, јас ќе го направам тоа“ (Јован 14:6, 14).
,Носени од мајчината утроба‘
6. Како се разликува Јехова од боговите на нациите?
6 Откако ја изложува ништожноста на обожавањето на вавилонските идолски богови, Јехова на својот народ му вели: „Слушај Ме, Јаковов доме, и сите што останавте од Израелевата куќа! Јас ве понесов туку што се родивте и ве носев од мајчиното крило [мајчината утроба, NW]“ (Исаија 46:3). Каква само разлика постои меѓу Јехова и режаните ликови на Вавилон! Боговите на Вавилон не можат ништо да сторат за своите обожаватели. Ако треба да се поместат, мора да ги носи некое товарно животно. За разлика од нив, Јехова го носи својот народ. Тој го поддржува ‚од мајчината утроба‘, од времето кога нацијата е формирана. Нежните спомени на времињата кога Јехова ги носел треба да ги охрабрат Евреите да го отфрлат обожавањето на идоли и својата доверба да ја положат во него како во свој Татко и Пријател.
7. Како нежната грижа на Јехова за своите обожаватели е уште поголема од грижата на човечките родители за своите деца?
7 Јехова има уште нежни зборови за својот народ: „Јас ќе останам ист до вашата старост, ќе ве потпирам до вашето побелување. Тоа го правев; ќе ве носам и натаму, ќе ви помагам, ќе ве избавувам“ (Исаија 46:4). Грижата на Јехова за својот народ ја засенува грижата и на највнимателниот човечки родител. Како што децата растат, родителите можеби се чувствуваат сѐ помалку одговорни за нив. Кога родителите ќе остарат, честопати децата се грижат за нив. Но такво нешто никогаш нема да се случи со Јехова. Тој никогаш не престанува да се грижи за своите човечки деца — дури ни во нивната старост. Обожавателите на Бог денес имаат доверба и љубов кон својот Творец, и наоѓаат голема утеха во овие зборови од пророштвото на Исаија. Тие не треба да бидат тегобно загрижени за преостанатите денови или години што ќе мораат да ги поминат во овој систем на работи. Јехова ветува дека ќе ги „потпира“ оние што се во поодминати години, давајќи им ја потребната сила да истрајат и да останат верни. Тој ќе ги носи, ќе ги зајакнува и ќе ги избавува (Евреите 6:10).
Чувај се од современите идоли
8. Кој непростлив грев го направиле некои сонародници на Исаија?
8 Замисли си го разочарувањето што ги чека Вавилонците, кои ја полагаат својата доверба во идоли што ќе се покажат потполно бескорисни! Треба ли Израел да верува дека тие богови можат да се споредат со Јехова? Се разбира, не. Јехова со право прашува: „Со кого би сте Ме споредиле и изедначиле, со кого би сте Ме споредиле, кому Сум му сличен?“ (Исаија 46:5). Колку е само непростливо што некои од сонародниците на Исаија се свртеле кон обожавање на неми, безживотни и беспомошни кипови! За нација што го познава Јехова, потпирањето на безживотни ликови, кои не можат да се бранат и се направени од човечки раце, навистина е глупаво.
9. Опиши го празноглавото резонирање на некои обожаватели на идоли.
9 Разгледај го празноглавото резонирање на обожавателите на идоли. Пророштвото продолжува: „Вадат злато од ќесето, и со мерилка мерат сребро, па наемаат златар да направи бог од него, па пред него паѓаат ничкум и му се клањаат“ (Исаија 46:6). Небаре еден поскап идол има поголема спасувачка сила од оној што е направен од дрво, обожавателите не штедат пари за да го изработат своето божество. Сепак, сеедно колку многу напор е вложен или колку се скапи материјалите, еден безживотен идол останува безживотен идол и ништо повеќе.
10. Како е опишана апсолутната ништожност на обожавањето идоли?
10 Истакнувајќи ја уште повеќе глупавоста на обожавањето идоли, пророштвото продолжува: „Го креваат на рамо и го носат, тогаш го ставаат на неговото место; тој стои и не се помрднува од него. Го повикуваат, тој не одговара, и никого не го спасува од неговата неволја“ (Исаија 46:7). Колку само е апсурдно човек да се моли на лик на кој му недостига и способноста да слуша и способноста да дејствува! Псалмистот добро ја опишува бескорисноста на таквите предмети за обожавање: „Нивните идоли се сребро и злато, дело на човечките раце. Уста имаат, а не говорат; очи имаат, а не гледаат; уши имаат, а не слушаат; ноздри имаат, а не мирисаат; раце имаат, а не фаќаат; нозе имаат, а не одат; глас не излегува од нивното грло. Такви се и оние, што ги направија, и сите кои се надеваат на нив“ (Псалм 115:4—8).
„Соберете храброст“
11. Што ќе им помогне на оние што се колебаат да ‚соберат храброст‘?
11 Откако ја покажува ништожноста на обожавањето идоли, Јехова сега на својот народ му ја кажува причината поради која треба да му служи: „Спомнете си за тоа и бидете луѓе [соберете храброст, NW], земете го тоа на срце, отпадници [престапници, NW], спомнете си за минатото: Јас Сум Бог, и нема друг Бог, никој не Ми е сличен!“ (Исаија 46:8, 9). Оние што се колебаат помеѓу вистинското обожавање и идолопоклонството треба да си спомнат за минатите настани. Треба да ги имаат на ум работите што Јехова ги направил. Ова ќе им помогне да соберат храброст и да го прават она што е исправно. Ќе им помогне да се вратат на обожавањето на Јехова.
12, 13. Во какви борби се фатени христијаните, и како можат да излезат како победници?
12 Ова охрабрување е потребно до ден-денес. Како и Израелците, искрените христијани мораат да се борат против искушенијата и против своите сопствени несовршености (Римјаните 7:21—24). Освен тоа, духовно се фатени во костец со невидлив, но крајно моќен непријател. Апостол Павле вели: „Ние не водиме борба против крв и месо, туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесните места“ (Ефешаните 6:12).
13 Сатана и неговите демони ќе сторат сѐ што можат да ги одвратат христијаните од вистинското обожавање. За да водат успешна борба, христијаните треба да го следат советот од Јехова и да соберат храброст. Како? Апостол Павле објаснува: „Облечете ја потполната воена опрема од Бог за да можете цврсто да стоите против Ѓаволовите сплетки“. Јехова не ги испраќа своите слуги во битка слабо опремени. Нивното духовно оружје го вклучува ‚големиот штит на верата, со кој ќе можат да ги изгаснат сите огнени стрели на злобниот‘ (Ефешаните 6:11, 16). Израелците биле престапници бидејќи ги игнорирале духовните подготовки што Јехова ги направил за нив. Да размислувале за моќните дела што Јехова секогаш одново ги правел во нивна корист, никогаш немало да се свртат кон одвратното обожавање идоли. Да учиме од нивниот пример и да бидеме решени никогаш да не се колебаме во борбата да го правиме она што е исправно (1. Коринќаните 10:11).
14. На која способност укажува Јехова со цел да покаже дека тој е единствениот вистински Бог?
14 Јехова е ‚оној Кој од почетокот го открива свршетокот и јавува однапред за она што уште не се збиднало! Тој вели: „Мојата одлука ќе се исполни, ќе извршам сѐ што Ми е по волја“‘ (Исаија 46:10). Кој друг бог може да се спореди со Јехова во овој поглед? Способноста да ја претскажува иднината е истакнат доказ за Божественоста на Творецот. Меѓутоа, потребно е повеќе од далековидост за исполнувањето на работите што се претскажани да биде сигурно. Изјавата „Мојата одлука ќе се исполни“ ја нагласува непроменливоста на Божјата утврдена намера. Бидејќи Јехова има неограничена моќ, ништо во универзумот не може да го спречи да ја исполни својата волја (Даниел 4:35). Затоа, можеме да бидеме сигурни дека секое пророштво што допрва треба да се исполни, во Божје одредено време навистина ќе се исполни (Исаија 55:11).
15. Кој забележлив пример на Јеховината способност да ја претскаже иднината ни е откриен?
15 Еден впечатлив пример за Јеховината способност да претскаже идни настани, а потоа да ги исполни своите зборови, е откриен во продолжение на пророштвото на Исаија: „Од исток ја повикувам грабливата птица, од далечна земја го повикувам човекот на Својот наум [што ќе ја спроведе мојата одлука, NW]. Реков — ќе исполнам, наумив — ќе извршам“ (Исаија 46:11). Како ‚Оној Кој од почетокот го открива свршетокот‘, Јехова Бог ќе ги обликува околностите во човечките работи со цел да ја спроведе својата одлука. Тој ќе го повика Кир „од исток“, односно од Персија, каде што ќе се наоѓа омилениот главен град на Кир, Пасаргада. Кир ќе биде како ‚граблива птица‘, која нагло и неочекувано ќе се нафрли на Вавилон.
16. Како Јехова ја потврдува сигурноста на своето претскажување во врска со Вавилон?
16 Сигурноста на Јеховиното претскажување во врска со Вавилон е потврдена со зборовите „реков — ќе исполнам“. Додека несовршениот човек е склон импулсивно да дава ветувања, Творецот никогаш не пропушта да го одржи својот збор. Бидејќи Јехова е Бог „кој не може да лаже“, можеме да бидеме сигурни дека она што го ‚наумил‘ и ќе го ‚изврши‘ (Тит 1:2).
Безверни срца
17, 18. Кој може да се опише како ‚моќен на срце‘ а) во дамнешни времиња? б) денес?
17 Уште еднаш, Јехова пророчки го свртува своето внимание кон Вавилонците, велејќи: „Слушајте ме, вие што сте моќни на срце, вие што сте далеку од праведноста“ (Исаија 46:12, NW). Изразот „вие што сте моќни на срце“ ги опишува оние што тврдоглаво и упорно се противат на Божјата волја. Без сомнение, Вавилонците се далеку од Бог. Нивната омраза кон Јехова и кон неговиот народ ги наведува да го уништат Ерусалим и неговиот храм, а неговите жители да ги одведат во изгнанство.
18 Денес, оние со скептични и безверни срца, тврдоглаво одбиваат да ја слушаат пораката за Царството, која се проповеда по целата населена Земја (Матеј 24:14). Тие не сакаат да го признаат Јехова како законски Суверен (Псалм 83:18; Откровение 4.11). Со срца „далеку од праведноста“, се спротивставуваат и се противат на неговата волја (2. Тимотеј 3:1—5). Како Вавилонците, и тие одбиваат да го слушаат Јехова.
Божјето спасение не ќе се забави
19. На кој начин Јехова ќе изврши чин на праведност за Израел?
19 Завршните зборови од Исаија 46. поглавје нагласуваат некои аспекти од Јеховиниот карактер: „Ја приближувам Својата победа [праведност, NW], не е веќе далеку, Моето спасение не ќе се забави. Ќе го ставам спасението на Сион, Својата Слава во Израел“ (Исаија 46:13). Божјето ослободување на Израел ќе биде чин на праведност. Тој нема да дозволи неговиот народ и понатаму да остане во изгнанство. Спасението на Сион ќе дојде во одреденото време, „не ќе се забави“. По своето ослободување од заробеништво, Израелците ќе станат спектакл за околните нации. Јеховиното избавување на неговата нација ќе биде сведоштво за неговата спасувачка моќ. Бескорисноста на вавилонските богови Бел и Небо ќе биде изложена пред сите, нивната немоќ ќе биде разоткриена (1. Цареви 18:39, 40).
20. Како можат христијаните да бидат сигурни дека Јеховиното „спасение не ќе се забави“?
20 Во 1919, Јехова го ослободил својот народ од духовно заробеништво. Не се забавил. Тој настан, како и настаните од дамнешни времиња кога Вавилон паднал под Кир, нѐ охрабруваат денес. Јехова ветил дека ќе стави крај на овој зол систем на работи, вклучувајќи го и неговото лажно обожавање (Откровение 19:1, 2, 17—21). Гледајќи на работите од човечка гледна точка, некои христијани би можеле да мислат дека нивното спасение се одолжува. Меѓутоа, тоа што Јехова покажува стрпливост сѐ додека не дојде неговото одредено време за да го исполни тоа ветување е навистина чин на праведност. Впрочем, „[Јехова] не сака никој да биде уништен, туку сака сите да дојдат до покајание“ (2. Петрово 3:9). Затоа биди сигурен дека ‚спасението не ќе се забави‘, исто како што не се забавило во деновите на древниот Израел. Навистина, додека денот на спасението наближува, Јехова љубезно продолжува да ја упатува поканата: „Барајте Го Господа додека може да се најде, повикувајте Го додека е близу! Безбожникот нека го остави својот пат, а неправедникот своите замисли. Нека се врати при Господа, Кој ќе му се смилува, кон нашиот Бог, зашто Тој ќе го умножи опростувањето“ (Исаија 55:6, 7).
[Слики на страница 94]
Боговите на Вавилон не го штитат од уништување
[Слики на страница 98]
Денешните христијани мораат да се чуваат од современите идоли
[Слики на страница 101]
Собери храброст да го сториш она што е исправно