Десетто поглавје
,Време на добра волја‘
1, 2. а) Каков благослов уживал Исаија? б) Кој е вклучен во пророчките зборови запишани во првата половина од Исаија 49. поглавје?
СИТЕ верни луѓе долго уживале Божје одобрување и заштита. Но, Јехова не покажува добра волја непребирливо. Човек мора да се квалификува за таков неспоредлив благослов. Исаија бил еден од оние што се квалификувале. Тој ја уживал Божјата наклоност и Јехова го употребил како инструмент за објавување на Својата волја на другите. Еден пример за ова е запишан во првата половина од 49. поглавје од пророштвото на Исаија.
2 Овие зборови пророчки му се упатени на семето на Авраам. Во првобитното исполнување, тоа семе е нацијата Израел, која потекнала од Авраам. Меѓутоа, поголемиот дел од она што е речено јасно се однесува на долгоочекуваното Семе на Авраам, ветениот Месија. Инспирираните зборови исто така се однесуваат на духовните браќа на Месијата, кои станале дел од духовното семе на Авраам и од „Израелот Божји“ (Галатите 3:7, 16, 29; 6:16). Овој дел од пророштвото на Исаија специфично го опишува посебниот однос што постои помеѓу Јехова и неговиот љубен Син, Исус Христос (Исаија 49:26).
Наименуван и заштитен од Јехова
3, 4. а) Каква поддршка има Месијата? б) Кому му зборува Месијата?
3 Месијата ја ужива Божјата добра волја, односно одобрување. Јехова му ги дава авторитетот и овластувањата што му се потребни за да ја исполни својата мисија. Така, на место е тоа што идниот Месија вели: „Чујте ме, острови, слушајте внимателно, далечни народи! Господ ме повика од мајчиното крило, уште од утробата на мојата мајка го спомна моето име“ (Исаија 49:1).
4 Овде Месијата ги упатува своите зборови на „далечни“ народи. Иако Месијата му е ветен на еврејскиот народ, неговата служба ќе послужи за благослов на сите нации (Матеј 25:31—33). ‚Островите‘ и ‚народите‘, дури и ако не се во сојузен однос со Јехова, треба да му обрнат внимание на Израелевиот Месија бидејќи е испратен да му донесе спасение на целото човештво.
5. Какво име му е дадено на Месијата уште пред да се роди како човек?
5 Пророштвото вели дека Јехова ќе му даде на Месијата име пред да се роди како човек (Матеј 1:21; Лука 1:31). Долго пред да се роди, на Исус му е дадено името „Чудесен Советник, Силен Бог, Вечен Татко, Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6). Исто така, испаѓа дека Емануел, веројатно името на еден од синовите на Исаија, е пророчко име на Месијата (Исаија 7:14; Матеј 1:21—23). Дури и името што му е дадено, а по кое Месијата ќе стане познат — Исус — е проречено пред да се роди (Лука 1:30, 31). Ова име потекнува од хебрејскиот збор што значи „Јехова е Спасение“. Јасно, Исус не е самонаименуван Христос.
6. На кој начин устата на Месијата е како остар меч, и како е скриен, односно засолнет?
6 Месијата продолжува со пророчките зборови: „Од мојата уста направи остар меч, ме скри во сенката на Својата рака, од мене направи остра [светната, NW] стрела, ме засолна во Својот тул“ (Исаија 49:2). Во 29 н.е., кога доаѓа времето Јеховиниот Месија да започне со својата земна служба, Исусовите зборови и постапки навистина потврдуваат дека се како остро, светнато оружје, способно да продре во срцата на неговите слушатели (Лука 4:31, 32). Неговите зборови и постапки предизвикуваат гнев кај Јеховиниот голем непријател, Сатана, со неговите застапници. Од моментот кога Исус е роден, Сатана се обидува да му го одземе животот, но Исус е како стрела скриена во Јеховиниот сопствен тул.a Тој може со доверба да смета на заштитата од својот Татко (Псалм 91:1; Лука 1:35). Во одреденото време, Исус го дава својот живот во корист на човештвото. Но, ќе дојде време кога ќе излезе како моќен небесен воин вооружен во поинаква смисла, со остар меч што му излегува од устата. Овој пат, остриот меч го претставува Исусовиот авторитет да изрече и да изврши суд над Јеховините непријатели (Откровение 1:16).
Трудот на Божјиот слуга не е залуден
7. На кого се применуваат Јеховините зборови од Исаија 49:3, и зошто?
7 Сега Јехова ги кажува следниве пророчки зборови: „Ти си Мој слуга, Израеле, во кого ќе се прославам [ќе ја покажам својата убавина, NW]!“ (Исаија 49:3). Јехова се осврнува на нацијата Израел како на свој слуга (Исаија 41:8). Но, Исус Христос е Божји најистакнат Слуга (Дела 3:13). Ниедна од Божјите творби не може да ја одрази Јеховината „убавина“ подобро од Исус. Затоа, иако дословно му се упатени на Израел, овие зборови имаат вистинска примена на Исус (Јован 14:9; Колошаните 1:15).
8. Како реагира на Месијата неговиот сопствен народ, но од кого Месијата очекува да го оцени неговиот успех?
8 Сепак, зар не е вистина дека Исус е презрен и отфрлен од повеќето свои сонародници? Да. Општо земено, нацијата Израел не го прифаќа Исус како Божји помазан Слуга (Јован 1:11). Сѐ што Исус постигнува додека е на Земјата, на неговите современици може да им изгледа како нешто од мала вредност, дури и безначајно. На овој привиден неуспех во неговата служба Месијата алудира понатаму со зборовите: „Напразно се измачував, за ништо ја напрегнував силата“ (Исаија 49:4а). Овие изјави Месијата не ги кажал поради тоа што бил обесхрабрен. Разгледај што вели тој понатаму: „Сепак, моето право е во Господа, мојата награда е кај мојот Бог“ (Исаија 49:4б). Успехот на Месијата нема да го оценува човек, туку Бог.
9, 10. а) Кој е налогот од Јехова за Месијата, и какви резултати постигнува тој? б) Како можат искуствата на Месијата да ги охрабрат денешните христијани?
9 Исус е главно заинтересиран за Божјето одобрување, односно добра волја. Во пророштвото, Месијата вели: „А сега зборува Господ, кој уште од утробата ме направи Свој Слуга, за да му го вратам назад Јакова, за да се собере Израел. Се прославив во Господовите очи, мојот Бог ми беше сила“ (Исаија 49:5). Месијата доаѓа да ги врати срцата на синовите на Израел кај нивниот небесен Татко. Повеќето не се одѕиваат, но некои се одѕиваат. Меѓутоа, неговата вистинска плата е од Јехова Бог. Неговиот успех не се мери со човечки мерки, туку според Јеховините сопствени мерила.
10 Денес Исусовите следбеници можат понекогаш да се чувствуваат како да се мачат напразно. На некои места, резултатите од нивната служба можеби изгледаат безначајни кога ќе се споредат со вложената работа и труд. Сепак, истрајуваат, охрабрени од примерот на Исус. Исто така, зајакнати се од зборовите на апостол Павле, кој напишал: „Затоа, браќа мои љубени, бидете цврсти, непоколебливи, секогаш обилно вработени во делото Господово, знаејќи дека вашиот труд во врска со Господ не е залуден“ (1. Коринќаните 15:58).
„Светлина на народите“
11, 12. Како Месијата бил „светлина на народите“?
11 Во пророштвото на Исаија, Јехова го охрабрува Месијата така, што го потсетува дека не е „мала работа“ (NW) да се биде Божји Слуга. Исус треба ‚да ги подигне Јакововите племиња и да го врати Израелевиот Остаток‘. Јехова додатно објаснува: „Ќе те поставам за светлина на народите, за да го донесеш Моето спасение до крајот на земјата“ (Исаија 49:6). Како Исус ги просветлува народите „до крајот на земјата“ кога неговата земна служба е ограничена на Израел?
12 Библискиот извештај покажува дека Божјата „светлина на народите“ не била изгасната кога Исус си заминал од земната сцена. Околу 15 години по Исусовата смрт, мисионерите Павле и Варнава го цитирале пророштвото од Исаија 49:6 и го примениле на Исусовите ученици, односно на неговите духовни браќа. Тие објасниле: „Јехова ни даде заповед со овие зборови: ‚Те поставив за светлина на нациите, да бидеш спасение до најоддалечениот дел од земјата‘“ (Дела 13:47). Пред својата смрт, Павле видел како добрата вест за спасение им станува достапна не само на Евреите туку и на „сето создание што е под небото“ (Колошаните 1:6, 23). Денес, остатокот од Христовите помазани браќа продолжуваат со ова дело. Поддржани од едно „големо мноштво“, кое брои на милиони, тие служат како „светлина на народите“ во повеќе од 230 земји во светот (Откровение 7:9).
13, 14. а) На каква реакција на проповедничкото дело наишле Месијата и неговите следбеници? б) До каков пресврт на настаните дошло?
13 Јехова навистина покажал дека е силата што стои зад неговиот Слуга, Месијата, зад помазаните браќа на Месијата и зад сите оние од големото мноштво што, заедно со нив, го продолжуваат делото на проповедање на добрата вест. Вистина, исто како Исус, неговите ученици се соочуваат со презир и противење (Јован 15:20). Но, во свое време, Јехова секогаш предизвикува пресврт на настаните за да ги спаси и награди своите лојални слуги. Во врска со Месијата, кој е „презрен во душата“ и им е „одбивен на нациите“ (NW), Јехова ветува: „Ќе се кренат царевите, ќе се фрлат ничкум кнезовите, заради Господа, Кој ја покажа Својата верност, Израелевиот Светец, Кој те избра“ (Исаија 49:7).
14 Апостол Павле им пишал на христијаните во Филипи за овој претскажан пресврт на настаните. Тој го опишува Исус како некој што бил понижен на маченички столб, но потоа бил возвишен од Бог. Јехова му дал на својот Слуга ‚повисока положба и љубезно му дал име кое е над секое друго име, во Исусово име да се свитка секое колено‘ (Филипјаните 2:8—11). Христовите верни следбеници се предупредени дека и тие ќе бидат прогонувани. Но, како и Месијата, уверени се во Јеховината добра волја (Матеј 5:10—12; 24:9—13; Марко 10:29, 30).
„Особено прифатливо време“
15. Какво посебно „време“ е спомнато во пророштвото на Исаија, и на што се укажува со ова?
15 Пророштвото продолжува со една изјава од големо значење. Јехова му вели на Месијата: „Во времето на милоста [добрата волја, NW] Јас ќе те послушам, во денот на спасението Јас ќе ти помогнам. Те создадов и те поставив за Завет на народот“ (Исаија 49:8а). Слично пророштво е запишано во Псалм 69:13—18 (NW). Псалмистот зборува за „време на добра волја“, користејќи го изразот „прифатливо време“. Овие термини укажуваат дека Јеховината добра волја и заштита се дадени на посебен начин, но само во специфичен и привремен период.
16. Што било Јеховиното време на добра волја за древниот Израел?
16 Кога било тоа време на добра волја? Во својот прв контекст, зборовите биле дел од пророштвото за обнова и го претскажувале враќањето на Евреите од изгнанство. Нацијата Израел доживеала време на добра волја кога можела да ја ‚врати земјата во поранешната состојба‘ и повторно да го заземе „запустениот наследен имот“ (Исаија 49:8б, NW). Евреите повеќе не биле „затвореници“ (NW) во Вавилон. На патот до дома, Јехова се погрижил тие да не „гладуваат“ ниту да „жеднеат“ ниту да „ги мачат жегата ни сонцето“. Распрснатите Израелци се собрале пак во својата татковина „од далеку . . . од север и од запад“ (Исаија 49:9—12). И покрај ова првобитно драматично исполнување, Библијата покажува дека постои и друга примена на ова пророштво.
17, 18. Какво време на добра волја одредил Јехова во првиот век?
17 Прво, кога се раѓа Исус, ангелите објавуваат мир и Божја добра волја, односно благонаклоност кон луѓето (Лука 2:13, 14). Оваа добра волја не им била понудена на луѓето воопшто, туку само на оние што практикувале вера во Исус. Подоцна Исус јавно го прочитал пророштвото од Исаија 61:1, 2 и го применил на себеси како на објавител на „Јеховината прифатлива година“ (Лука 4:17—21). Апостол Павле зборувал за Христос како за таков што од Јехова добивал посебна заштита во текот на деновите во тело (Евреите 5:7—9). Значи, ова време на добра волја се однесува на Божјата наклоност кон Исус во текот на неговиот живот како човек.
18 Меѓутоа, ова пророштво има и понатамошна примена. Откако ги цитирал зборовите од Исаија во врска со времето на добра волја, Павле продолжил со зборовите: „Гледај! Сега е особено прифатливото време. Гледај! Сега е денот на спасението“ (2. Коринќаните 6:2). Павле ги напишал овие зборови 22 години по Исусовата смрт. Се чини, со раѓањето на христијанското собрание на Пентекост 33 н.е., Јехова ја продолжил својата година на добра волја за да ги вклучи и Христовите помазани следбеници.
19. Како можат денешните христијани да извлечат корист од Јеховиното време на добра волја?
19 А што е со Исусовите денешни следбеници што не се помазани за наследници на Божјето небесно царство? Можат ли оние со земна надеж да извлечат корист од ова прифатливо време? Да. Библиската книга Откровение покажува дека ова е времето на добра волја од страна на Јехова кон големото мноштво, кое ќе дојде „од големата неволја“ за да ужива живот на рајската Земја (Откровение 7:13—17). Според тоа, сите христијани можат да го искористат овој ограничен период во кој Јехова им ја нуди својата добра волја на несовршените луѓе.
20. На кој начин христијаните можат да избегнат да ја промашат целта на Јеховината незаслужена љубезност?
20 Пред да го објави Јеховиното прифатливо време, апостол Павле дал едно предупредување. Тој ги преколнувал христијаните ‚да не ја прифатат Божјата незаслужена љубезност и да ја промашат нејзината цел‘ (2. Коринќаните 6:1). Според тоа, христијаните ја користат секоја прилика за да му угодат на Бог и да ја вршат неговата волја (Ефешаните 5:15, 16). Ќе им биде од корист да го следат Павловиот совет: „Браќа, чувајте се во некого од вас некогаш да не се развие злобно срце на кое му недостига вера, отстапувајќи од живиот Бог; туку опоменувајте се еден со друг секој ден, сѐ додека може да се каже ‚денес‘, за некој од вас да не отврдне поради измамничката моќ на гревот“ (Евреите 3:12, 13).
21. Со каква радосна изјава завршува првиот дел од Исаија 49. поглавје?
21 Откако завршуваат пророчките изјави помеѓу Јехова и неговиот Месија, Исаија ја дава следнава радосна изјава: „Воскликнувајте, небеса, весели се земјо, подвикнувајте од веселба планини; зашто Господ го теши Својот народ, Тој им е милостив на страдалниците“ (Исаија 49:13). Колку убави зборови на утеха за Израелците од старо време и за Јеховиниот голем Слуга, Исус Христос, како и за Јеховините помазани слуги и нивните придружници, „други овци“, денес! (Јован 10:16).
Јехова не го заборава својот народ
22. Како Јехова нагласува дека тој никогаш нема да го заборави својот народ?
22 Исаија сега продолжува да известува за Јеховините објави. Претскажува дека изгнаните Израелци ќе бидат склони да се изморуваат и ќе губат надеж. Исаија вели: „Сион рече: ‚Господ ме остави, Господ ме заборави‘“ (Исаија 49:14). Дали е ова точно? Дали Јехова го напуштил и заборавил својот народ? Во улога на Јеховин говорник, Исаија продолжува: „Може ли жена да го заборави своето доенче, да не му се смилува на чедото на својата утроба? Па кога некоја и би заборавила, Јас нема да те заборавам тебе“ (Исаија 49:15). Каков само со љубов полн одговор од Јехова! Љубовта што ја има Бог кон својот народ е поголема од љубовта што една мајка ја има кон своето дете. Тој постојано мисли на своите лојални. Се сеќава на нив како нивните имиња да му се врежани на дланките: „Ете, те врежав во Своите дланки, твоите ѕидови секогаш Ми се пред очите“ (Исаија 49:16).
23. Како Павле ги охрабрува христијаните да имаат доверба дека Јехова нема да ги заборави?
23 Во своето писмо до Галатите, апостол Павле ги поттикнал христијаните: „Да не се откажуваме да го правиме она што е добро, бидејќи во свое време ќе пожнееме ако не се умориме“ (Галатите 6:9). За Евреите ги напишал следниве охрабрувачки зборови: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10). Никогаш не треба да мислиме дека Јехова го заборавил својот народ. Како древниот Сион, христијаните имаат добра причина да се радуваат и стрпливо да чекаат на Јехова. Тој цврсто се придржува кон условите на својот сојуз и кон ветувањата.
24. На кој начин Сион ќе биде обновен, и какви прашања ќе поставува тој?
24 Јехова, преку Исаија, дава додатна утеха. ‚Разурнувачите‘ на Сион, било да се Вавилонците било отпадничките Евреи, не се повеќе закана. ‚Синовите‘ (NW) на Сион, изгнаните Евреи што му остануваат лојални на Јехова, „итаат“. Тие ќе ‚се соберат‘. Откако брзо ќе се вратат во Ерусалим, репатрираните Евреи ќе бидат украс за својот главен град, исто како што една „невеста“ е украсена со „накит“ (Исаија 49:17, 18). Местата на Сион се ‚урнатини‘. Замисли го неговото изненадување кога одеднаш има толку многу жители што неговите живеалишта изгледаат пренатрупани. (Прочитај Исаија 49:19, 20.) Нормално, тој прашува од каде се дојдени сите овие деца: „И ти ќе се запрашаш во своето срце: ‚Кој ми ги роди сите овие? Бев без деца, неплодна, протерана и отфрлена, па кој ги гледаше? Ете, бев останата сама, а тие каде беа?‘“ (Исаија 49:21). Каква само среќна состојба за претходно неплодниот Сион!
25. Каква обнова доживеал духовниот Израел во современа доба?
25 Овие зборови имаат современо исполнување. Во тешките години на Првата светска војна, духовниот Израел доживеал период на опустошеност и заробеништво. Но, бил обновен и се нашол во духовен рај (Исаија 35:1—10). Слично на некогаш запустениот град што Исаија го опишал, тој — така да се каже — бил воодушевен што во него врие од радосни, активни обожаватели на Јехова.
,Сигнал на народите‘
26. Какво упатство обезбедува Јехова за својот ослободен народ?
26 Пророчки, Јехова сега го пренесува Исаија во времето кога Неговиот народ ќе биде ослободен од Вавилон. Дали ќе добие некакви божествени упатства? Јехова одговара: „Еве, ви давам знак со рака на народите и го кревам Своето знаме [сигнал, NW] пред племињата. Ќе ти ги вратам синовите во прегратка, ќе ти ги носам ќерките на плеќи“ (Исаија 49:22). Во првобитното исполнување, Ерусалим, поранешното седиште на владата и локација на Јеховиниот храм, станува Јеховин „сигнал“. Дури и угледни и моќни луѓе од другите нации, како „царевите“ и „цариците“, ќе им помагаат на Израелците на нивниот пат до таму (Исаија 49:23а). Персиските цареви Кир и Артаксеркс Лонгиманус со нивните домаќинства покажале дека се меѓу тие помагачи (Езра 5:13; 7:11—26). Но, зборовите на Исаија имаат и натамошна примена.
27. а) Во поголемото исполнување, кај кој „сигнал“ ќе се собираат народите? б) Каков ќе биде резултатот кога сите нации ќе бидат принудени да му се поклонат на владетелството на Месијата?
27 Исаија 11:10 (NW) зборува за „сигнал на народите“. Апостол Павле ги применил овие зборови на Христос Исус (Римјаните 15:8—12). Според тоа, во поголемото исполнување, Исус и неговите со дух помазани совладетели се Јеховин „сигнал“ кај кој се собираат народите (Откровение 14:1). Во точно одредено време, сите народи на Земјата — дури и денешните владејачки класи — ќе мораат да му се поклонат на владетелството на Месијата (Псалм 2:10, 11; Даниел 2:44). Со каков резултат? Јехова вели: „И ќе знаат дека Јас Сум Господ: кои се надеваат во Мене, не ќе се засрамат“ (Исаија 49:23б).
„Сега нашето спасение е поблиску“
28. а) Со кои зборови Јехова уште еднаш го уверува својот народ дека ќе биде ослободен? б) Каква обврзаност сѐ уште чувствува Јехова кон својот народ?
28 Некои изгнаници во Вавилон можеби се прашуваат: ‚Дали е навистина можно Израел да биде ослободен?‘ Јехова го зема во обѕир ова прашање со тоа што самиот прашува: „Може ли да му биде одземен пленот на јунак? Може ли да му избега заробениот на победникот?“ (Исаија 49:24). Одговорот е — да. Јехова ги уверува: „На јунакот ќе му биде одземен пленот, заробениот ќе му избега на победникот!“ (Исаија 49:25а). Колку утешно уверување! Освен тоа, Јеховината добра волја кон неговиот народ вклучува и цврста обврзаност да го заштити. Без каква и да е несигурност, тој вели: „Со оние што се спорат со тебе, Јас ќе се спорам, Јас ќе ги избавам твоите деца“ (Исаија 49:25б). Таа обврзаност сѐ уште важи. Како што е запишано во Захарија 2:8, Јехова му вели на својот народ: „Кој ве допира, Ми ја допира зеницата на окото“. Навистина, сега уживаме период на добра волја во кој народите на Земјата имаат прилика да се соберат кај духовниот Сион. Меѓутоа, тој период на добра волја ќе заврши.
29. Каков мрачен изглед ги очекува оние што одбиваат да го слушаат Јехова?
29 Што ќе се случи со оние што тврдоглаво одбиваат да го послушаат Јехова, па дури и ги прогонуваат неговите обожаватели? Тој вели: „На твоите угнетувачи ќе им го дадам за јадење нивното месо, и ќе се испијанат со својата крв како со ново вино“ (Исаија 49:26а). Мрачен изглед! Таквите тврдоглави противници немаат долгорочна иднина. Ќе бидат уништени. Така, и со тоа што го спасува својот народ и со тоа што ги уништува неговите непријатели, на Јехова ќе гледаат како на Спасител. „Секое тело ќе знае дека Јас сум Господ, твој Спасител, и дека Твојот Откупител е Моќниот Јаковов“ (Исаија 49:26б).
30. Какви спасувачки дела има извршено Јехова во корист на својот народ, и што ќе направи допрва?
30 Овие зборови за првпат нашле примена кога Јехова го употребил Кир за да го ослободи Својот народ од вавилонското ропство. Подеднакво се примениле и во 1919 кога Јехова го употребил својот устоличен Син, Исус Христос, за да го ослободи Својот народ од духовно заробеништво. Според тоа, Библијата и за Јехова и за Исус зборува како за спасители (Тит 2:11—13; 3:4—6). Јехова е нашиот Спасител, а Исус, Месијата, е негов „Главен Застапник“ (Дела 5:31). Навистина, Божјите спасувачки дела преку Исус Христос се чудесни. Со помош на добрата вест, Јехова ги ослободува луѓето со исправно настроени срца од ропството на лажната религија. Преку откупната жртва, ги избавува од ропството на гревот и смртта. Во 1919, тој ги избавил Исусовите браќа од духовно заробеништво. А во војната Армагедон, која брзо се приближува, тој ќе избави едно големо мноштво верни луѓе од уништувањето што ќе ги снајде грешниците.
31. Како треба да реагираат христијаните на тоа што ја примаат Божјата добра волја?
31 Тогаш, каква само привилегија е ние да ја примиме Божјата добра волја! Сите ние мудро да го користиме ова прифатливо време. И сите да постапуваме во склад со итноста на нашево време, посветувајќи им внимание на Павловите зборови до римјаните: „Го знаете ова временско раздобје, дека веќе ви дошол часот да се разбудите од сонот, зашто нашето спасение сега е поблиску отколку во времето кога станавме верници. Ноќта прилично одмина; денот се приближи. Затоа, да ги соблечеме делата кои ѝ припаѓаат на темнината и да го облечеме оружјето на светлината. Да одиме пристојно како по ден, не во лумпувања и пијанки, не во недопуштени односи и распуштено однесување, не во кавга и љубомора. Туку облечете се во Господ Исус Христос, и не планирајте однапред за желбите на телото“ (Римјаните 13:11—14).
32. Каква гаранција има Божјиот народ?
32 Јехова ќе продолжи да им покажува наклоност на оние што го применуваат неговиот совет. Ќе ги обезбеди со силата и способноста што се потребни за да го извршат проповедањето на добрата вест (2. Коринќаните 4:7). Јехова ќе ги користи своите слуги како што го користи нивниот Водач, Исус. Ќе им ја направи устата „како остар меч“ за да ги достигнат срцата на кротките со пораката на добрата вест (Матеј 28:19, 20). Ќе го заштити својот народ „во сенката на својата рака“. Како „светната стрела“, тие ќе бидат скриени ‚во неговиот тул‘. Навистина, Јехова нема да го напушти својот народ! (Псалм 94:14; Исаија 49:2, 15, NW).
[Фуснота]
a „Сатана, кој без сомнение го препознал Исус како Божји Син и како оној за кој било проречено дека ќе му ја повреди главата (Би 3:15), сторил сѐ што можел за да го уништи Исус. Но, кога на Марија ѝ го соопштил зачнувањето на Исус, ангелот Гавриел ѝ рекол: ‚Светиот дух ќе дојде на тебе и силата на Највишиот ќе те засени. Затоа и она што ќе се роди, ќе се нарече свето, Божји Син‘ (Лу 1:35). Јехова го заштитил својот Син. Напорите да биде уништен Исус како мало дете биле неуспешни“ (Insight on the Scriptures — Увид во Писмото, том 2, 868. страница, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.)
[Слика на страница 139]
Месијата е како „светната стрела“ во Јеховиниот тул
[Слика на страница 141]
Месијата бил „светлина на народите“
[Слика на страница 147]
Љубовта на Бог кон својот народ е поголема од љубовта на една мајка кон своето дете