СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 25
„Јас ќе ги побарам своите овци“
Јас ќе ги побарам своите овци и ќе се погрижам за нив (ЕЗЕК. 34:11)
ПЕСНА 105 „Бог е љубов“
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Зошто Јехова се споредил себеси со мајка?
ВО ВРЕМЕТО на пророкот Исаија, Јехова го прашал својот народ: „Може ли жена да го заборави своето доенче“? А потоа додал: „Ако таа и го заборави него, јас нема да те заборавам тебе“ (Иса. 49:15). Бог ретко се споредува себеси со мајка. Но, во таа прилика го сторил тоа. Јехова ја употребил врската што постои помеѓу мајката и доенчето за да покаже колку многу ги сака своите слуги. Многу мајки сигурно ќе се сложат со една сестра по име Хасмин, која рекла: „Кога го доиш бебето, се приврзуваш за него на посебен начин, и таа врска трае цел живот“.
2. Како се чувствува Јехова кога некое од неговите деца ќе се оддалечи од него?
2 Јехова забележува кога макар и едно од неговите деца престанува да оди на христијанските состаноци и во служба. Замисли колку мора да му е тешко кога гледа дека секоја година многу негови слуги стануваат неактивни!b
3. Што сака Јехова?
3 Мнозина од овие драги браќа и сестри кои станале неактивни се враќаат во собранието, и ние сме многу среќни поради тоа! Јехова сака да се вратат, а истото го сакаме и ние (1. Пет. 2:25). Како може да им помогнеме во тоа? Пред да одговориме на ова прашање, да видиме зошто некои престануваат да одат на состаноци и да учествуваат во службата.
ЗОШТО НЕКОИ ПРЕСТАНУВААТ ДА МУ СЛУЖАТ НА ЈЕХОВА?
4. Какво влијание има работата врз некои?
4 Некои дозволиле работата да им стане најважното нешто во животот. Еден брат од Југоисточна Азија, кој се вика Хунг,c признава: „Поминував премногу време на работа. Се залажував дека, ако имам повеќе во материјален поглед, ќе можам да му служам на Јехова во поголема мера. Затоа работев прекувремено. Почнав да ги пропуштам состаноците, и на крајот престанав да ги посетувам. Се чини како светот да е создаден само за да ги оддалечи луѓето од Бог“.
5. Што се случило со една сестра која имала многу проблеми?
5 Некои браќа и сестри имаат многу проблеми. Ени од Англија е мајка со пет деца. Таа вели: „Едно од децата се роди со тежок хендикеп. Подоцна, една од моите ќерки беше исклучена, а кај постариот син се појави психичко заболување. Паднав во толку тешка депресија што престанав да одам на состаноци и во служба. На крајот, станав неактивна“. Навистина сочувствуваме со Ени и со нејзиното семејство, како и со сите други што имаат слични проблеми.
6. Зошто некој би можел да се оддалечи од Божјиот народ ако не го примени советот од Колошаните 3:13?
6 Прочитај Колошаните 3:13. Понекогаш може да се случи некој соверник да нѐ повреди. Апостол Павле рекол дека одвреме-навреме ќе имаме оправдана причина за „жалба против“ некој брат или сестра. Можеби некој дури и постапил неправедно со нас. Ако не внимаваме, може да станеме огорчени. Кога некој чувствува огорченост, на крајот може да се оддалечи од Јеховиниот народ. Размисли за она што му се случило на Пабло, еден брат од Јужна Америка. Тој бил лажно обвинет дека направил нешто неисправно и, како последица на тоа, му била одземена одговорноста што ја извршувал во собранието. Како влијаело ова врз него? Пабло вели: „Бев многу лут, и со текот на времето ги прекинав контактите со собранието“.
7. Како можат чувствата на вина да влијаат врз некого?
7 Ако некој го прекршил Божјиот закон во минатото, може да го измачува совеста, и поради тоа може да се чувствува недостоен за Јеховината љубов. Дури и да се покајал и да му била покажана милост, можеби си мисли дека повеќе не е доволно добар за да биде Божји слуга. Еден брат по име Франциско се чувствувал така. Тој вели: „Бев укорен затоа што направив неморал. Иако во почетокот продолжив да одам на состаноци, станав многу потиштен и си мислев дека веќе не заслужувам да бидам меѓу Јеховиниот народ. И понатаму ме гризеше совеста, и бев уверен дека Јехова не ми простил. На крајот, престанав да проповедам и да одам на состаноци“. Како гледаш на браќата и сестрите што минуваат низ некои од проблемите кои ги разгледавме досега? Дали имаш сочувство и разбирање за нив? Што е уште поважно, што чувствува Јехова кон нив?
ЈЕХОВА ГИ САКА СВОИТЕ СЛУГИ
8. Дали Јехова ги заборава оние што некогаш му служеле? Објасни.
8 Јехова не ги заборава оние кои порано му служеле, а кои сега, од некои причини, се оддалечиле од него. Тој не го заборава ни трудот што го вложувале додека му служеле (Евр. 6:10). Пророкот Исаија дал една прекрасна споредба за да покаже како Јехова се грижи за својот народ. Тој напишал: „Како овчар ќе го пасе своето стадо. Со рака ќе ги собере јагнињата, ќе ги носи во пазувите“ (Иса. 40:11). Како се чувствува Големиот Пастир кога некоја негова овчичка ќе залута од стадото? Исус ни го дал одговорот. Тој им го кажал следново на своите ученици: „Што мислите, ако некој човек има сто овци и една од нив залута, нема ли да ги остави оние деведесет и девет в планина и да тргне да ја бара залутаната? И ако успее да ја најде, вистина, ви велам, повеќе ќе се радува поради неа отколку поради оние деведесет и девет што не залутале“ (Мат. 18:12, 13).
9. Како добрите пастири се грижат за своите овци? (Види ја сликата на насловната страница.)
9 Зошто Јехова е спореден со пастир? Затоа што еден добар пастир многу се грижи за своите овци. На пример, Давид се борел со лав и со мечка за да го заштити своето стадо (1. Сам. 17:34, 35). Добриот пастир ќе забележи ако му снема макар и една овца (Јован 10:3, 14). Тој ќе ги остави другите 99 на безбедно во трлото или ќе им ги довери на други пастири, и ќе појде да ја бара залутаната овца. Исус ја употребил оваа споредба за да ни пренесе една многу важна вистина. Тој рекол: „Мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниту еден од овие маливе“ (Мат. 18:14).
ЈЕХОВА ГИ БАРА СВОИТЕ ОВЦИ
10. Според Езекиел 34:11-16, што ветил Јехова дека ќе направи за своите изгубени овци?
10 Јехова го сака секого од нас, вклучувајќи ги и „малите“ кои залутале од неговото стадо. Преку пророкот Езекиел, Бог ветил дека ќе ги побара своите изгубени овци и ќе им помогне да закрепнат во духовен поглед. Исто така, навел кои чекори ќе ги направи за да ги спаси. Истите работи ги правеле и пастирите во Израел кога ќе се изгубела некоја овца. (Прочитај Езекиел 34:11-16.) Најпрво пастирот ќе тргнел да ја бара овцата. За ова понекогаш требало да вложи многу време и труд. Потоа, откако ќе ја нашол, тој ја враќал во стадото. Ако била повредена или изгладнета, тој со љубов се грижел за неа така што ѝ ги преврзувал раните, ја земал в раце и ѝ давал да јаде. Старешините, кои се грижат за „Божјето стадо“, треба да ги преземат истите чекори за да им помогнат на сите кои се оддалечиле од Божјето собрание (1. Пет. 5:2, 3). Тие ги бараат, им помагаат да се вратат во собранието и им покажуваат љубов така што им ја даваат потребната помош за да закрепнат во духовен поглед.d
11. За што бил свесен еден добар пастир?
11 Еден добар пастир бил свесен дека овците можат да се изгубат. Кога ќе се случело некоја овца да заскита од стадото, тој не постапувал грубо со неа. Да разгледаме каков пример ни дал Јехова со тоа што им помогнал на некои свои слуги кои во одреден момент од животот се исплашиле или биле обесхрабрени.
12. Како постапил Јехова со Јона?
12 Во една прилика, пророкот Јона не го послушал Јехова и не ја извршил задачата што ја добил од него. И покрај тоа, Бог не кренал веднаш раце од овој свој слуга. Како добар пастир, Јехова го избавил и му ја дал потребната сила за да ја исполни својата задача (Јона 2:7; 3:1, 2). Подоцна Бог употребил една тиква за да му помогне на Јона да сфати колку вреди секој човечки живот (Јона 4:10, 11). Која е поуката за нас? Старешините не смеат брзо да се откажат од оние што станале неактивни. Наместо тоа, треба да се обидат да разберат зошто некоја овца залутала од стадото. А кога некој ќе се врати кај Јехова, тие и понатаму му покажуваат грижа и љубов.
13. Што учиме од тоа како Јехова гледал на писателот на Псалм 73?
13 Писателот на Псалм 73 се обесхрабрил кога гледал како злите луѓе напредуваат. Тој се прашувал дали вреди човек да живее во склад со Божјата волја (Пс. 73:12, 13, 16). Како гледал Јехова на него? Тој не го осудил. Всушност, Бог дозволил неговите зборови да бидат запишани во Библијата. На крајот, овој псалмист сфатил дека добриот однос со Јехова вреди најмногу од сѐ, и дека тоа му дава вистинска смисла на животот (Пс. 73:23, 24, 26, 28). Која е поуката од ова? Старешините не треба веднаш да им судат на оние што можеби почнале да се прашуваат дали вреди да му служат на Јехова. Наместо да ги осудат, старешините мора да се обидат да сфатат зошто тие браќа и сестри зборуваат или постапуваат на одреден начин. Само тогаш ќе можат да им го дадат потребното охрабрување на темел на Библијата.
14. Зошто на Илија му била потребна помош, и како Јехова му помогнал?
14 Пророкот Илија побегнал од царицата Језавела (1. Цар. 19:1-3). Тој мислел дека е единствениот што останал да служи како пророк на Јехова, и заклучил дека сѐ што правел било залудно. Илија паднал во толку голем очај што посакал да умре (1. Цар. 19:4, 10). Наместо да го осуди, Јехова го уверил дека не е сам, дека може да има доверба во Божјата моќ и дека го чека уште многу работа. Бог сочувствително слушал додека Илија му ги изнесувал своите грижи, а потоа му доверил нови задачи (1. Цар. 19:11-16, 18). Која е поуката за нас? Сите ние, а особено старешините, треба да постапуваме сочувствително едни со други. Без разлика дали некој зборува со огорченост или се чувствува недостоен за Јеховината милост, старешините треба да го сослушаат кога ќе им каже што го мачи. А потоа треба да се потрудат да го уверат дека Јехова навистина го сака и го цени.
КАКО ТРЕБА ДА ГЛЕДАМЕ НА БОЖЈИТЕ ОВЧИЧКИ ШТО СЕ ИЗГУБИЛЕ?
15. Според Јован 6:39, како гледал Исус на овчичките на својот Татко?
15 Како сака Јехова да гледаме на неговите изгубени овчички? Исус ни дал добар пример во овој поглед. Тој знаел дека сите слуги на Јехова се скапоцени за него. Затоа правел сѐ што можел за да им помогне на „загубените овци на домот Израелов“ да се вратат кај Бог (Мат. 15:24; Лука 19:9, 10). Освен тоа, како добар пастир, Исус давал сѐ од себе за да не изгуби ниту една од Јеховините овчички. (Прочитај Јован 6:39.)
16-17. Каква одговорност имаат старешините во однос на оние што се оддалечиле од Јехова, и како треба да гледаат на неа? (Види ја рамката „Како можеби се чувствува една изгубена овчичка“.)
16 Апостол Павле ги поттикнал старешините во собранието во Ефес да го следат примерот на Исус. Тој им рекол: „Морате да им помагате на слабите и да ги имате на ум зборовите на Господарот Исус, кој рече: ’Повеќе усреќува давањето отколку примањето‘“ (Дела 20:17, 35). Од ова јасно се гледа дека старешините имаат посебна одговорност во овој поглед. Салвадор, еден старешина од Шпанија, вели: „Кога размислувам за тоа колку Јехова се грижи за своите изгубени овчички, тоа ме поттикнува да сторам сѐ што можам за да им помогнам. Знам дека Јехова очекува да се грижам за нив“.
17 Во оваа статија беа спомнати неколку браќа и сестри кои се оддалечиле од Јехова, но ја добиле потребната помош за да се вратат кај него. Во овој момент, уште многу други наши браќа и сестри кои се оддалечиле од Бог сакаат да му се вратат. Во следната статија ќе разгледаме кои конкретни чекори може да ги преземеме за да им помогнеме во тоа.
ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?
a Зошто некои што со години верно му служеле на Јехова стануваат неактивни? Што чувствува Бог кон нив? Во оваа статија ќе го дознаеме одговорот на овие прашања. Освен тоа, ќе видиме што може да научиме од начинот на кој Јехова им помогнал на некои свои слуги во минатото.
b ПОЈАСНУВАЊЕ: Неактивен објавител е оној што не дал извештај за служба најмалку шест месеци. И покрај тоа, неактивните лица и понатаму се наши браќа и сестри, и ние ги сакаме.
c Некои имиња се сменети.
d Во следната статија ќе биде објаснето како старешините можат да ги прават овие три работи.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Исто како што еден пастир во Израел ја барал изгубената овца и ја враќал во стадото затоа што многу се грижел за неа, така и старешините во собранијата го прават истото денес.
f ОПИС НА СЛИКАТА: Додека чека автобусот да тргне, една неактивна сестра гледа како двајца Сведоци учествуваат во служба на јавни места.