ТРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Го сакам Таткото“
1, 2. Што ни открил апостол Јован во врска со последната вечер која апостолите ја поминале заедно со Исус?
ЕДЕН старец ја спушта раката за да го натопи перото во мастилницата. Во сеќавањето му навираат дамнешни спомени. Овој речиси стогодишен старец е Јован, последниот жив апостол на Исус Христос. Тој сега се навраќа во мислите на една незаборавна вечер пред околу седум децении — последната вечер која Исус ја поминал заедно со своите апостоли пред да биде убиен. Воден од Божјиот свет дух, Јован може да се сети на тие настани и да ги запише во најситен детаљ.
2 Таа ноќ Исус јасно кажал дека наскоро ќе го убијат. Но, само Јован ни открива зошто Исус рекол дека ќе дозволи да биде убиен на таков страшен начин: „Јас правам така како што ми заповеда Таткото, за да знае светот дека го сакам Таткото. Станете, да одиме одовде!“ (Јован 14:31).
3. Како покажал Исус дека го сака својот Татко?
3 „Го сакам Таткото.“ Ништо друго не му било поважно на Исус! Тоа не значи дека постојано ја повторувал оваа изјава. Всушност, Јован 14:31 е единствениот стих во Библијата во кој Исус толку отворено кажал дека го сака својот Татко. Но, Исус ја покажал својата љубов со начинот на кој живеел. Неговата љубов кон Јехова можела да се види во секоја негова постапка. Храброста, послушноста и истрајноста на Исус биле доказ дека тој навистина го сака Бог. Оваа љубов му била движечка сила во текот на целата негова служба.
4, 5. За каква љубов зборува Библијата, и што може да се каже за љубовта што Исус ја чувствувал кон Јехова?
4 Денес некои мислат дека оној што покажува љубов е слаб карактер. Дури и кога само ќе се спомне зборот „љубов“, можеби веднаш помислуваат на љубовните песни и на минливиот занес што го чувствуваат вљубените. Точно е дека во Библијата е спомната и оваа љубов, иако на многу подостоинствен начин отколку што е вообичаено денес (Изреки 5:15-21). Меѓутоа, Божјата реч зборува многу повеќе за една поинаква љубов. Љубовта за која зборува Библијата не е само страст или некое краткотрајно чувство. Но, не е ни нешто што човек може да го објасни со крута дефиниција, повикувајќи се само на разумот. Во неа се вклучени и срцето и умот. Таквата љубов извира од длабочините на душата; се темели на возвишени начела и се води по нив; и се покажува со убави постапки. Таа во никој случај не е ниту површна ниту минлива. Напротив, „љубовта никогаш не престанува“, стои во Божјата реч (1. Коринќаните 13:8).
5 Ниту еден друг човек на Земјата не го сакал Јехова повеќе од Исус. И никој друг освен Исус не живеел поцелосно во склад со најголемата Божја заповед која и самиот ја цитирал: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Марко 12:30). Како Исус развил таква љубов? Како неговата љубов кон Бог останала силна додека бил на Земјата? И, како можеме и ние да бидеме како него во овој поглед?
Најдолготрајната и најсилна љубов
6, 7. Од каде знаеме дека описот од Изреки 8:22-31 се однесува на Божјиот Син?
6 Дали некогаш си работел заедно со некој пријател и си сфатил дека поради тоа сте станале уште подобри и поблиски пријатели? Ако ти се случило такво нешто, тогаш можеш подобро да сфатиш каква љубов се развила помеѓу Јехова и неговиот единороден Син. Иако веќе неколку пати се осврнавме на Изреки 8:30, да го разгледаме повнимателно овој стих во контекст на околните стихови. Од 22. до 31. стих ни е даден вдахновен опис на олицетворената мудрост. Од каде знаеме дека овие зборови се однесуваат на Божјиот Син?
7 Во 22. стих, мудроста вели: „Јехова ме создаде. Јас сум почетокот на неговиот творечки пат, првото од неговите дамнешни дела“. Овде не може да станува збор само за мудроста како особина, бидејќи таа никогаш не била ‚создадена‘. Мудроста нема почеток затоа што Јехова постои отсекогаш, а Тој отсекогаш бил мудар (Псалм 90:2). Но, Божјиот Син е „првороден од сѐ што е создадено“. Тој е првата творба што ја создал Јехова (Колошаните 1:15). Како што стои во Изреки, Синот постоел пред да бидат создадени Земјата и небото. А со оглед на тоа што е наречен Речта, односно Божји личен Гласноговорник, тој совршено ја одразувал Јеховината мудрост (Јован 1:1).
8. Што правел Синот пред да дојде на Земјата, и на што би можеле да помислиме додека му се восхитуваме на творештвото?
8 Што правел Синот во неизмерно долгиот период пред да дојде на Земјата? Стих 30 ни кажува дека тој бил покрај Бог како негов „вешт градител“. Што значи ова? Колошаните 1:16 објаснува: „Преку него е создадено сѐ на небесата и на земјата... Сѐ е создадено преку него и за него“. Ова значи дека Јехова, Творецот, го користел својот Син, Вештиот Градител, за да создаде сѐ друго — од духовните суштества на небото до неизмерната материјална вселена, вклучувајќи ја и Земјата, која обилува со најразновиден растителен и животински свет, како и човекот, кој е круната на земното творештво. Во некој поглед, оваа соработка помеѓу Таткото и Синот е слична на соработката што постои помеѓу еден архитект и градежникот, односно изведувачот на градежниот проект, чија главна задача е да ги реализира генијалните градежни планови на архитектот. Кога некоја творба во природата ќе нѐ остави без здив, ние, всушност, му се восхитуваме и му оддаваме признание на Големиот Архитект (Псалм 19:1). Но, тоа нѐ потсетува и на долгата и успешна соработка помеѓу Творецот и неговиот „вешт градител“.
9, 10. а) Што ја зацврстило врската помеѓу Јехова и неговиот Син? б) Што може да ја зацврсти твојата врска со небесниот Татко?
9 Кога двајца несовршени луѓе работат заедно, понекогаш не им оди баш лесно. Но, ова во никој случај не важи за Јехова и неговиот Син! Синот милијарди години работел заедно со Таткото и ‚се веселел пред него за сето време‘ (Изреки 8:30). Тој уживал во друштвото на својот Татко, а и Таткото уживал во негово друштво. Нормално, Синот сѐ повеќе заличувал на својот Татко бидејќи учел како да ги покажува Божјите особини. Затоа воопшто не е чудно што Таткото и Синот се зближиле толку многу! Со право може да се каже дека нив ги поврзува најсилната и најдолготрајна љубов во целата вселена.
10 Но, што може да значи ова за нас? Можеби си мислиш дека ти никогаш не би можел толку да се зближиш со Јехова. Се разбира, никој од нас не е на таква возвишена положба како Синот. Сепак, нам ни е дадена една извонредна можност. Сети се, Исус се зближил со својот Татко додека работел заедно со Него. Јехова со љубов нѐ повикува да бидеме Негови „соработници“ (1. Коринќаните 3:9). Додека го следиме примерот на Исус во службата, треба да имаме на ум дека ние сме Божји соработници. На тој начин, љубовта што нѐ обединува со Јехова станува сѐ посилна. Зар има поголема чест од тоа да бидеме негови соработници?
Како љубовта на Исус кон Јехова останала жива и силна
11-13. а) Зошто е добро да ја сметаме љубовта за нешто живо, и како љубовта на малиот Исус кон Јехова останала силна? б) Како Божјиот Син, и пред да дојде на Земјата а и подоцна кога станал човек, покажал дека сака да учи за Јехова?
11 Добро е да размислуваме за љубовта во нашето срце како за нешто живо. Таа е како едно убаво собно цвеќе кое мора да се потхранува и да се негува за да може да расте и да цвета. Ако ја занемаруваме и не ја храниме, таа ќе овене и ќе умре. Исус не ја сметал својата љубов кон Јехова за едно најобично чувство. Додека бил на Земјата, љубовта кај него горела постојано — тој не дозволил ни за момент да се намали. Да видиме како.
12 Спомни си уште еднаш за приликата кога малиот Исус зборувал во храмот во Ерусалим. Сети се што им кажал на своите загрижени родители: „Зошто сте ме барале? Зарем не знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ (Лука 2:49). Иако, по сѐ изгледа, како мал Исус не се сеќавал на своето претчовечко постоење, тој многу го сакал својот Татко, Јехова, и знаел дека најдобро може да му го покаже тоа ако му служи. Затоа, ниедно друго место на Земјата не му било помило на Исус од Божјиот дом. Тој копнеел да биде во храмот и не сакал да си оди оттаму. Освен тоа, Исус не бил само пасивен набљудувач. Имал горлива желба да учи за Јехова и да им го кажува на другите она што го знае за Бог. Но, овие чувства не се родиле кај него кога имал 12 години ниту, пак, престанале на таа возраст.
13 Уште пред да стане човек на Земјата, Синот со жар учел од својот Татко. Од едно пророштво во Исаија 50:4-6 откриваме дека Јехова посебно го поучил својот Син за неговата улога на Месија. Иако, меѓу другото, морал да дознае и какви сѐ неволји ќе го снајдат како Јеховин Помазаник, Синот бил спремен да учи. Подоцна, откако дошол на Земјата и станал возрасен човек, Исус и понатаму копнеел да оди во домот на својот Татко за да го слави и да учи за Него, бидејќи токму тоа Јехова сакал да се прави таму. Затоа Библијата ни кажува дека Исус редовно одел во храмот и во синагогата (Лука 4:16; 19:47). Ако сакаме и нашата љубов кон Јехова да биде жива и силна, не смееме да ги пропуштаме христијанските состаноци, каде што го славиме Јехова и го продлабочуваме нашето знаење и ценење за него.
14, 15. а) Зошто Исус понекогаш сакал да биде сам? б) Како од молитвите на Исус може да се види дека тој бил близок со својот Татко и дека го почитувал?
14 Љубовта на Исус кон Јехова останала силна и затоа што тој редовно се молел. Иако бил срдечен, друштвен човек, вредно е да се забележи дека на моменти сакал да биде и сам. На пример, во Лука 5:16 се вели: „Исус се повлече на едно осамено место во пустината и се молеше“. Нешто слично стои и во Матеј 14:23: „Штом го распушти народот, се качи на гората сам за да се моли. А кога се свечери, тој сѐ уште беше таму сам“. Исус не сакал да биде сам во овие и во други пригоди затоа што бил пустиник или недружељубив по природа, туку затоа што сакал да биде насамо со Јехова и слободно да зборува со својот Татко во молитва.
15 Кога се молел, Исус понекогаш го користел изразот „Ава, Татко“ (Марко 14:36). Во тоа време, зборот „Ава“ имал слично значење како „тато“ или „тате“, изрази кои се користат во семејниот круг. Тоа бил еден од првите зборови што ги изговарало едно дете. Сепак, бил и збор што се кажувал со почит. Според тоа, овој збор откривал колку бил близок Синот со својот сакан Татко, но истовремено покажувал и дека Исус длабоко го почитува авторитетот што Јехова го има како родител. Оваа комбинација на блискост и почит може да се види во сите молитви на Исус што се запишани. На пример, во Јован 17. поглавје, апостол Јован ја запишал долгата молитва што Исус од срце ја кажал последната вечер од својот живот на Земјата. Кога ја читаме таа молитва, навистина сме трогнати. Затоа е многу важно и ние да се молиме на таков начин. Се разбира, притоа нема да ги повторуваме зборовите на Исус, туку ќе најдеме начин да му зборуваме од срце на нашиот небесен Татко, и тоа ќе го правиме колку што е можно почесто. Само така нашата љубов кон Него ќе остане жива и силна.
16, 17. а) Како Исус ја изразил со зборови љубовта што ја чувствувал кон својот Татко? б) Како Исус ја опишал великодушноста на својот Татко?
16 Како што веќе спомнавме, Исус не повторувал постојано: „Јас го сакам Таткото“. Сепак, честопати ја изразувал љубовта кон својот Татко со зборови. Како? Во една прилика рекол: „Те славам, Татко, Господару на небото и на земјата“ (Матеј 11:25). Од проучувањето на вториот дел од оваа книга видовме дека Исус многу сакал да го слави својот Татко со тоа што им помагал на луѓето да Го запознаат. На пример, тој го споредил Јехова со татко кој бил толку спремен да му прости на својот бунтовен син што едвај чекал овој покајнички млад човек да се врати. А кога го здогледал уште оддалеку, потрчал да го пречека и да го прегрне (Лука 15:20). Кој може да го прочита овој стих без да му затрепери срцето од начинот на кој Исус ја прикажал Јеховината љубов и простување?
17 Исус честопати го славел својот Татко за Неговата великодушност. Тој ги навел како пример несовршените родители за да покаже колку можеме да бидеме сигурни дека нашиот Татко ќе ни даде свет дух сеедно колку ни треба (Лука 11:13). Исус зборувал и за надежта што Таткото толку великодушно ни ја нуди. Тој со копнеж зборувал и за надежта што самиот ја имал — еден ден да се врати кај својот Татко на небото (Јован 14:28; 17:5). На своите следбеници им кажал за надежта што Јехова му ја понудил на Христовото „мало стадо“ — да живеат на небото и да владеат заедно со месијанскиот Цар (Лука 12:32; Јован 14:2). Исто така, го утешил злосторникот што умирал покрај него кажувајќи му дека сепак има надеж да живее во Рајот (Лука 23:43). Тоа што Исус им зборувал на луѓето за големата великодушност на својот Татко, сигурно уште повеќе ја продлабочило неговата љубов кон Јехова. И многу Христови следбеници увиделе дека нивната љубов кон Јехова и нивната вера во Него најмногу се зајакнуваат кога им кажуваат на другите за Бог и за надежта што им ја дава на оние кои го сакаат.
Дали ќе го сакаш Јехова како што го сака Исус?
18. Во која работа е најважно да бидеме како Исус, и зошто?
18 Од сите работи во кои треба да бидеме како Исус, ниту една не е поважна од оваа: мора да го сакаме Јехова со сето свое срце, душа, ум и сила (Лука 10:27). Колку го сакаме Јехова не се мери само со тоа колку се силни нашите чувства, туку и колку ја покажуваме таа љубов на дело. Исус не бил задоволен само да чувствува љубов кон својот Татко ниту, пак, само да рече: „Го сакам Таткото“. Тој изјавил: „Јас правам така како што ми заповеда Таткото, за да знае светот дека го сакам Таткото“ (Јован 14:31). Сатана изнел обвинение дека ниту еден човек нема да му служи на Јехова од несебична љубов (Јов 2:4, 5). За да даде непобитен одговор на оваа злобна клевета на Сатана, Исус храбро истапил и му покажал на светот колку многу го сака својот Татко. Тој му бил послушен до тој степен што го дал својот живот. Ќе бидеш ли и ти како Исус? Ќе му покажеш ли на светот дека навистина го сакаш Јехова Бог?
19, 20. а) Од која важна причина сакаме да бидеме редовни на христијанските состаноци? б) Како треба да гледаме на нашето лично проучување, размислување и молитва?
19 Ние имаме длабока внатрешна потреба да ја покажеме таа љубов. Затоа Јехова ни овозможил да му служиме на начин што ќе ни помогне да ја негуваме и да ја зајакнуваме нашата љубов кон Него како наш Татко. Кога одиш на христијанските состаноци, мисли на тоа дека си дојден да го славиш својот Бог. Тоа го правиш кога од срце се придружуваш во молитвите, кога пееш песни на фалба, кога слушаш внимателно и учествуваш кога тоа е можно. Освен тоа, овие состаноци ти овозможуваат и да ги охрабриш сохристијаните (Евреите 10:24, 25). Ако редовно учиш за Јехова на христијанските состаноци, твојата љубов кон Него ќе станува сѐ посилна.
20 Речиси истово може да се каже и за личното проучување, размислувањето и молитвата. Гледај на нив како на можност да бидеш насамо со Јехова. Кога ја проучуваш Божјата пишана реч и длабоко размислуваш за неа, Јехова ти ги пренесува своите мисли. Кога се молиш, ти му го отвораш своето срце нему. Не заборавај дека молитвата не служи само за да бараме нешто од Бог. Во неа можеме да му благодариме на Јехова за благословите што ги добиваме и да го славиме за неговите чудесни дела (Псалм 146:1). Освен тоа, најдобро може да му благодариме на Јехова и да му покажеме дека го сакаме кога со радост и со воодушевување го славиме пред другите луѓе.
21. Колку е важна љубовта кон Јехова, и што ќе разгледаме во наредните поглавја?
21 Љубовта кон Бог е клучот за нашата вечна среќа. Само таква љубов требало да имаат Адам и Ева за да успеат, и токму таа љубов не успеале да ја развијат. Љубовта кон Бог е најважното нешто што ти е потребно и тебе за да го пребродиш секој испит на верата, за да му се спротивставиш на секое искушение и за да ја издржиш секоја неволја. Токму таа љубов е знак дека сме вистински следбеници на Исус. Се разбира, љубовта кон Бог е поврзана и со љубовта кон ближниот (1. Јованово 4:20). Во наредните поглавја ќе видиме како Исус покажал љубов кон луѓето. Во следното поглавје ќе разгледаме зошто многу луѓе сметале дека Исус е пристаплив човек.