Единаесетто поглавје
„Не надевајте се на кнезовите“
1, 2. а) Кој инспириран совет не го послушале Евреите, и со каков резултат? б) Зошто Јехова прашува: „Каде е разводното писмо?“
„НЕ НАДЕВАЈТЕ се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение! . . Блажен е оној, кому му е помошник: Јакововиот Бог, чија надеж е во Господа, неговиот Бог, Кој ги создаде: небото и земјата“ (Псалм 146:3—6). Само кога Евреите што живееле во деновите на Исаија би постапувале според советот на псалмистот! Само кога би ја положиле својата доверба не во Египет ниту во некоја друга паганска нација, туку во „Јакововиот Бог“! Тогаш, кога непријателите на Јуда би дошле против неа, Јехова би дејствувал за да ја заштити. Меѓутоа, Јуда одбила да му се обрати на Јехова за помош. Како резултат на тоа, Јехова ќе дозволи Ерусалим да биде уништен, а жителите на Јуда да бидат одведени во заробеништво во Вавилон.
2 Јуда нема кого друг да обвинува освен себеси. Таа не може со право да тврди дека ќе биде уништена затоа што Јехова постапил измамнички со неа или затоа што го занемарил својот сојуз со нацијата. Творецот не ги прекршува сојузите (Еремија 31:32; Даниел 9:27, NW; Откровение 15:4). Подвлекувајќи го овој факт, Јехова ги прашува Евреите: „Каде е разводното писмо на вашата мајка, со кое ја отпуштив?“ (Исаија 50:1а). Под Мојсеевиот закон, маж што се разведува од својата жена мора да ѝ даде разводно писмо. Тогаш е слободна да му стане жена на друг маж (Второзаконие 24:1, 2). Во преносна смисла, Јехова му дал такво писмо на Јудиното сестринско царство, Израел, но не го сторил тоа и со Јуда.a Тој сѐ уште ѝ е „сопружнички Сопственик“ (Еремија 3:8, 14, NW). Јуда сигурно не е слободна да се соединува со пагански нации. Јеховиниот однос со неа ќе продолжи „додека не дојде Шило [Месијата]“ (Битие 49:10, NW).
3. Од која причина Јехова го ‚продава‘ својот народ?
3 Јехова исто така ја прашува Јуда: „Кој е тој од Моите заемодавци кому ве продадов?“ (Исаија 50:1б). Евреите нема да бидат испратени во вавилонско заробеништво како покритие за некој наводен долг што Јехова си го навлекол. Тој не е сиромашен Израелец, кој мора да му ги продаде своите деца на некој заемодавец за да ги расчисти сметките (Излез 21:7). Наместо тоа, Јехова укажува на вистинската причина за заробувањето на неговиот народ: „Заради своите беззаконија сте продадени, заради невера е отпуштена вашата мајка“ (Исаија 50:1в). Евреите се тие што го напуштиле Јехова; не ги напуштил тој нив.
4, 5. Како ја покажува Јехова својата љубов кон својот народ, но како реагира Јуда?
4 Следното прашање на Јехова јасно ја истакнува неговата љубов кон својот народ: „Зошто не најдов никого кога дојдов? Зошто не се одѕва никој кога повикав?“ (Исаија 50:2а). Преку своите слуги, пророците, Јехова, така да се каже, е дојден во домот на својот народ за да го моли да му се врати со сето срце. Но, се одговара со молчење. Евреите претпочитаат да се надеваат на поддршка од човек, а повремено дури се свртуваат и кон Египет (Исаија 30:2; 31:1—3; Еремија 37:5—7).
5 Дали Египет е подоверлив спасител од Јехова? Овие неверни Евреи изгледа ги имаат заборавено настаните што воделе до раѓањето на нивната нација пред неколку века. Јехова ги прашува: „Зар ми е раката прекуса за да избавам, или нема сила во Мене за да ослободам? Ете, со Својата закана го пресушувам морето, реките ги претворам во пустина; нивните риби се распаѓаат зашто нема вода, и гинат од жед. Ги облекувам небесата во темнина и им давам вреќиште за покривка“ (Исаија 50:2б, 3).
6, 7. Како Јехова ја покажал својата спасувачка моќ наспроти египетската закана?
6 Во 1513 пр.н.е., Египет бил угнетувачот на Божјиот народ, а не очекуваниот избавител. Израелците биле робови во таа паганска земја. Но, Јехова ги избавил, и колку само возбудливо избавување било тоа! Прво, тој ѝ нанел десет неволји на земјата. По особено опустошувачката десетта неволја, фараонот на Египет ги натерал Израелците да ја напуштат земјата (Излез 7:14—12:31). Меѓутоа, набрзо откако го сториле тоа, фараонот го сменил ставот. Ги собрал своите трупи и тргнал да ги присили да се вратат во Египет (Излез 14:5—9). Со толпа египетски војници зад себе и со Црвеното Море пред себе, Израелците биле во стапица! Но, Јехова бил тука да се бори за нив.
7 Јехова ги запрел Египќаните на самото место со тоа што поставил столб од облак помеѓу нив и Израелците. Од страната на облакот каде што биле Египќаните било темнина, а од страната на Израелците — светлина (Излез 14:20). Потоа, држејќи ги египетските војски на растојание, Јехова ‚цела ноќ, ги валал водите со силен источен ветер и го пресушил морето‘ (Излез 14:21). Откако водите се разделиле, целиот народ — мажи, жени и деца — можел да го премине Црвеното Море и да стигне на безбедно. Кога неговиот народ поминал приличен дел од патот до спротивниот брег, Јехова го подигнал облакот. Бидејќи му биле зад петици, Египќаните главечки јурнале во морскиот басен. Кога неговиот народ стигнал безбедно на брегот, Јехова ги пуштил водите, и го удавил фараонот со неговите војски. Така, Јехова се борел за својот народ. Какво само охрабрување е тоа за христијаните денес! (Излез 14:23—28).
8. Кои предупредувања ги игнорираат жителите на Јуда поради кои конечно одат во изгнанство?
8 Од таа божествена победа до времето на Исаија поминале седумстотини години. Јуда сега е нација сама за себе. Понекогаш таа стапува во дипломатски преговори со странски влади, како што се Асирија и Египет. Но, во водачите на овие пагански нации не може да се има доверба. Тие секогаш ќе ги стават сопствените интереси пред кој и да е сојуз што го склучиле со Јуда. Зборувајќи во Јеховино име, пророците го предупредуваат народот да не ја полага својата доверба во такви луѓе, но зборовите на пророците наидуваат на глуви уши. На крајот, Евреите ќе бидат изгонети во Вавилон и ќе поминат 70 години во слугување (Еремија 25:11). Меѓутоа, Јехова нема да го заборави својот народ ниту да го отфрли засекогаш. Во одредено време, тој ќе се сети на него, и ќе му го отвори патот за да се врати во својата татковина и да го обнови чистото обожавање. Со која цел? Со цел да се подготви за доаѓањето на Шило, оној кому му припаѓа послушноста на сите народи!
Доаѓа Шило
9. Кој е Шило, и каков учител е тој?
9 Минуваат векови. „Навршува времето“, и оној што е наречен Шило, Господ Исус Христос, се појавува на земната сцена (Галатите 4:4; Евреите 1:1, 2). Фактот дека Јехова го назначил својот најблизок придружник за Говорник на Евреите покажува колку многу Јехова го сака својот народ. Како каков говорник се покажува Исус? Како говорник од највисок ранг! Исус е повеќе отколку само говорник, тој е учител — Вешт Учител. Тоа не е за изненадување затоа што самиот има извонреден Учител — Јехова Бог лично (Јован 5:30; 6:45; 7:15, 16, 46; 8:26). Ова е потврдено со она што Исус пророчки го вели преку Исаија: „Господ Господ ми даде вешт јазик за да знам да ги закрепнувам уморните со зборови. Секое утро тој ми го буди увото за да го чујам како учениците [за да слушам како поучените, NW]“ (Исаија 50:4).b
10. Како ја одразува Исус љубовта што Јехова ја има кон Својот народ, и на каков одѕив наидува?
10 Пред да дојде на Земјата, Исус работел покрај својот Татко на небесата. Срдечниот однос помеѓу Таткото и Синот поетски е опишан во Пословици 8:30: „Бев покрај Него, како градежничка [вешт работник, NW] . . . радувајќи се пред Него сето време“. Тоа што го слушал својот Татко му донело голема радост на Исус. Тој ја има истата љубов кон „човечките синови“ како својот Татко (Пословици 8:31). Кога доаѓа на Земјата, Исус им одговара на „уморните со зборови“. Својата служба ја започнува со читање на еден утешен пасус од пророштвото на Исаија: „Јеховиниот дух е врз мене, зашто ме помаза да им објавувам добра вест на сиромасите . . . да ги пуштам на слобода здробените“ (Лука 4:18; Исаија 61:1). Добра вест за сиромасите! Освежување за истоштените! Каква само радост му носи на народот таа објава! Некои се радуваат — но не сите. На крајот, многумина одбиваат да ги прифатат овластувањата што ги има Исус како поучен од Јехова.
11. Кој влегува во јаремот со Исус, и што доживува таквиот?
11 Меѓутоа, некои сакаат да чујат повеќе. Тие радо се одѕиваат на Исусовиот охрабрувачки повик: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам. Земете го мојот јарем на себе и учете од мене, зашто јас сум со благ нарав и понизен во срце, и ќе најдете освежување за своите души“ (Матеј 11:28, 29). Меѓу оние што се приближуваат кон Исус се мажите кои стануваат негови апостоли. Тие знаат дека влегувањето во истиот јарем со Исус за нив значи напорна работа. Оваа работа вклучува, меѓу другото, проповедање на добрата вест за царството до краевите на Земјата (Матеј 24:14). Кога се вклучуваат во оваа работа, апостолите и другите ученици увидуваат дека таа навистина им носи освежување на душата. Истата работа ја вршат верните христијани денес, и учеството во неа им донесува слична радост.
Тој не се противи
12. На кои начини Исус ја покажува својата послушност кон својот небесен Татко?
12 Исус никогаш не ја губи од вид целта за која е дојден на Земјата — да ја врши Божјата волја. Неговото гледиште за работите е претскажано: „Господ Бог ми ги отвори ушите: не се противев, ниту се повлекував“ (Исаија 50:5). Исус секогаш е послушен на Бог. Навистина, тој оди дотаму што вели: „Синот не може ништо да прави на своја иницијатива, туку само она што гледа дека Таткото го прави“ (Јован 5:19). Во своето претчовечко постоење, Исус веројатно работел покрај својот Татко милиони, па дури и милијарди години. По доаѓањето на Земјата, продолжува да ги следи Јеховините упатства. Колку повеќе треба ние, Христовите несовршени следбеници, да внимаваме да постапуваме онака како што нѐ упатува Јехова!
13. Што лежи пред Исус, а како, сепак, се покажува храбар?
13 Некои од оние што го отфрлаат Јеховиниот единороден Син го прогонуваат, и ова е исто така претскажано: „Им го подметнав грбот на оние кои ме удираа, а образите на оние што ми ја кубеа брадата, и своето лице не го скрив од навредите и од плукањето“ (Исаија 50:6). Според пророштвото, Месијата ќе трпи болка и понижување од рацете на противниците. Исус го знае ова. Знае и до каде ќе оди ова прогонство. Сепак, додека привршува неговото време на Земјата, тој не покажува страв. Со решеност тврда како кремен се упатува кон Ерусалим каде што ќе заврши неговиот човечки живот. На патот до таму, Исус им вели на своите ученици: „Еве, се искачуваме во Ерусалим, и Синот човечки ќе биде предаден на главните свештеници и на книжниците, и тие ќе го осудат на смрт и ќе го предадат на луѓето од нациите, и ќе му се исмеваат и ќе го плукаат и ќе го камшикуваат и ќе го убијат, но по три дена ќе стане“ (Марко 10:33, 34). Сето ова злобно малтретирање ќе биде подбуцнато од луѓе кои би требало добро да знаат дека Исус е Месијата — главните свештеници и книжниците.
14, 15. Како се исполниле зборовите на Исаија дека Исус ќе биде удиран и понижуван?
14 Ноќта на 14 нисан 33 н.е., Исус е во градината Гетсиманија со некои свои следбеници. Се моли. Наеднаш се појавува толпа и го води во притвор. Но, тој не се плаши. Знае дека Јехова е со него. Исус ги уверува исплашените апостоли дека би можел, кога би сакал, да го замоли својот Татко да му испрати повеќе од дванаесет легии ангели за да го спасат, но додава: „Во тој случај, како би се исполнило Писмото?“ (Матеј 26:36, 47, 53, 54).
15 Сѐ што било претскажано во врска со искушенијата и смртта на Месијата се исполнило. По едно наместено судење пред Синедрионот, Исус Христос е испитуван од Понтиј Пилат, кој наредува да го камшикуваат. Римските војници ‚го удираат со трска по главата и плукаат на него‘. Со тоа се исполнуваат зборовите на Исаија (Марко 14:65; 15:19; Матеј 26:67, 68). Иако Библијата не вели дека буквално му кубат влакна од брадата — гест на краен презир — ова без сомнение се случува, исто како што претскажал Исаијаc (Неемија 13:25).
16. И покрај огромниот притисок, какво е држењето на Исус, и зошто не се чувствува посрамен?
16 Кога Исус застанува пред Пилат, не моли да му биде поштеден животот, туку задржува смирено достоинство, знаејќи дека мора да умре за да се исполни Писмото. Кога римскиот управител укажува дека ја има власта да го осуди на смрт или да го ослободи, Исус бестрашно му одговара: „Не ќе имаше никаква власт над мене ако не ти беше дадена одозгора“ (Јован 19:11). Војниците на Пилат го подложуваат Исус на нечовечно постапување, но не успеваат да го посрамат. Зошто да се чувствува посрамен? Тој не е оправдано казнет за некој престап. Напротив, прогонет е поради праведност. Во тој поглед, исполнети се натамошните пророчки зборови на Исаија: „Суверениот Господ Јехова лично ќе ми помогне. Затоа нема да се чувствувам понижен. Затоа го поставив лицето како кремен, и знам дека нема да бидам посрамен“ (Исаија 50:7, NW).
17. На кои начини Јехова бил со Исус во текот на целата негова служба?
17 Храброста на Исус е вкоренета во неговата потполна доверба во Јехова. Неговото држење покажува дека е во потполн склад со зборовите на Исаија: „Близу е оној Кој ми дава право [ме прогласува за праведен, NW]. Кој ќе се правда со мене? Да излеземе заедно! Кој е мојот противник во парницата? Нека ми се приближи! Ете, Господ Бог ми помага, кој ќе ме осуди? Сите тие ќе се истенчат како облека, молец ќе ги изеде“ (Исаија 50:8, 9). На денот кога Исус се крштава, Јехова го прогласува за праведен како духовен Божји син. Всушност во таа прилика се слуша Божјиот сопствен глас, кој вели: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив“ (Матеј 3:17). Кон крајот на неговиот земен живот, додека клечи во молитва во градината Гетсиманија, на Исус ‚му се појавува ангел од небото и го зајакнува‘ (Лука 22:41—43). Така Исус знае дека Татко му го одобрува неговиот правец во животот. Овој совршен Божји Син нема направено грев (1. Петрово 2:22). Неговите непријатели лажно го обвинуваат дека го прекршува Сабатот, дека е пијаница и демонизиран, но Исус не е обесчестен поради нивните лаги. Бог е со него, па затоа, кој може да биде против него? (Лука 7:34; Јован 5:18; 7:20; Римјаните 8:31; Евреите 12:3).
18, 19. Кои искуства слични на Исусовите ги имале помазаните христијани?
18 Исус ги предупредува своите ученици: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Јован 15:20). Наскоро настаните потврдуваат дека ова е вистина. На Пентекост 33 н.е., светиот дух слегува врз Исусовите верни ученици, и се раѓа христијанското собрание. Скоро веднаш религиозните водачи се обидуваат да го задушат делото на проповедање што го вршат овие верни мажи и жени, кои сега се поврзани со Исус како дел од ‚Авраамовото семе‘ и се посвоени како духовни Божји синови (Галатите 3:26, 29; 4:5, 6). Од првиот век досега, помазаните христијани, иако заземаат цврст став за праведноста, мораат да се борат со лажната пропаганда и со горкото противење од страна на Исусовите непријатели.
19 Сепак, се сеќаваат на Исусовите охрабрувачки зборови: „Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас. Радувајте се и потскокнувајте од радост, бидејќи голема е вашата награда на небесата“ (Матеј 5:11, 12). Според тоа, дури и кога се изложени на најогорчени напади, помазаните христијани чекорат со високо крената глава. Што и да кажат противниците, тие знаат дека се прогласени за праведни од страна на Бог. Во негови очи тие се „неизвалкани и без обвинение“ (Колошаните 1:21, 22).
20. а) Кој ги поддржува помазаните христијани, и што доживеале тие? б) Како помазаните христијани и ‚другите овци‘ го учат јазикот на поучените?
20 Во современа доба, помазаните христијани ги поддржува „големо мноштво“ од „други овци“. И овие заземаат став за праведноста. Како последица од тоа, страдаат заедно со своите помазани браќа и ги ‚испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘. Јехова ги прогласил за праведни со изглед да ја преживеат „големата неволја“ (Откровение 7:9, 14, 15; Јован 10:16; Јаков 2:23). Дури и ако нивните противници сега изгледаат силни, пророштвото на Исаија вели дека во Божје одредено време, тие противници ќе се покажат како облека изедена од молци, што може само да се фрли. Во меѓувреме, и помазаниците и ‚другите овци‘ остануваат цврсти преку редовна молитва, проучување на Божјата реч и присуствување на состаноците за обожавање. Така, поучени се од Јехова и учат да го зборуваат јазикот на поучените.
Надевај се на Јеховиното име
21. а) Кои се тие што одат во светлината, и каков исход ги чека? б) Што се случува со оние што одат во темнина?
21 Сега, забележи еден впечатлив контраст: „Кој од вас се бои од Господа, нека го послуша гласот на Неговиот слуга! Кој оди во темнина, без зрак на светлина нека се надева на Господовото име, нека се потпре на својот Бог“ (Исаија 50:10). Оние што го слушаат гласот на Божјиот Слуга, Исус Христос, одат во светлината (Јован 3:21). Тие не само што го користат божественото име, Јехова, туку и се надеваат на оној што го носи тоа име. Дури и ако некогаш оделе во темнина, сега не се плашат од луѓе. Се потпираат на Бог. Меѓутоа, оние што упорно одат во темнина се наоѓаат во стисокот на стравот од човек. Таков е случајот со Понтиј Пилат. Иако знае дека Исус не е виновен за она за коешто лажно го обвинуваат, стравот го спречува овој римски службеник да го ослободи. Римските војници го убиваат Божјиот Син, но Јехова го воскреснува и го крунисува со слава и чест. А што е со Пилат? Според еврејскиот историчар Јосиф Флавиј, само четири години по Исусовата смрт, Пилат е сменет од положбата на римски управител и добива наредба да се врати во Рим за да одговора на обвиненијата за сериозен престап. Што се случува со Евреите што ја предизвикале Исусовата смрт? По помалку од четири децении, римските војски го уништуваат Ерусалим, а неговите жители ги колат или ги водат во ропство. Нема никаков зрак светлина за оние што ја претпочитаат темнината! (Јован 3:19).
22. Зошто е крајна лудост да се очекува спасение од луѓе?
22 Да се очекува спасение од луѓе е крајна лудост. Пророштвото на Исаија објаснува зошто: „Гледај! Сите вие што потпалувате оган, правејќи да засветлат искри, одете во светлината на својот оган, и среде искрите што сте ги распалиле. Од мојата рака сигурно ќе го добиете ова: Ќе легнете во чиста мака“ (Исаија 50:11, NW). Човечките лидери доаѓаат и си одат. Некое харизматично лице може извесно време да им ја зароби фантазијата на луѓето. Но, дури и најискрениот човек е ограничен во она што може да го постигне. Наместо да распали силен оган, како што очекуваат оние што го поддржуваат, тој успева да распали само неколку „искри“, кои даваат малку светлина и топлина, но брзо згаснуваат. Од друга страна, оние што ја полагаат својата доверба во Шило, Божјиот ветен Месија, Исус Христос, никогаш нема да бидат разочарани.
[Фусноти]
a Во првите три стиха од Исаија 50. поглавје, Јехова ја опишува нацијата Јуда во целина како сопруга, а нејзините жители поединечно како нејзини деца.
b Од 4. стих до крајот на поглавјето се чини дека писателот зборува за себе. Можеби лично Исаија доживеал некои од искушенијата што ги спомнува во овие стихови. Меѓутоа, во најпотполна смисла, пророштвото се исполнува на Исус Христос.
c Интересно, во Септуагинтата, Исаија 50:6 гласи: „Им го дадов грбот на камшиците, а моите образи на ударите“.
[Слика на страница 155]
Евреите се потпирале на човечки владетели наместо на Јехова
[Слика на страници 156 и 157]
Кај Црвеното Море, Јехова го заштитил својот народ поставувајќи столб од облак помеѓу него и Египќаните