Слугата кој е по волја на Јехова
„Еве го мојот слуга... кој е по волја на мојата душа!“ (ИСА. 42:1)
1. На што е поттикнат Јеховиниот народ, особено додека наближува Спомен-свеченоста, и зошто?
ДОДЕКА наближува времето за одбележување на Христовата смрт, Божјиот народ е поттикнат да го послуша советот што го дал апостол Павле и да го ‚впери погледот во Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера, Исус‘. Павле додал: „Значи, добро погледнете го оној што поднесе такво противење од устата на оние што грешеа против себе, за да не се уморите и душите да не ви папсаат“ (Евр. 12:2, 3). Подлабокото размислување за Христовата верност, која кулминирала со неговата жртва, ќе им помогне и на помазаните христијани и на нивните придружници, ‚другите овци‘, да продолжат да му служат верно на Јехова и ‚душите да не им папсаат‘. (Спореди со Галатите 6:9.)
2. Што можеме да научиме од пророштвата на Исаија кои се однесуваат на Божјиот Син?
2 Преку пророкот Исаија, Јехова дал повеќе пророштва што се директно поврзани со неговиот Син. Овие пророштва ќе ни помогнат „да го впериме погледот во Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера“, Исус Христос.a Тие фрлаат светлина на неговата личност, на неговите страдања и на фактот дека Бог го возвишил како наш Цар и Откупител. Исто така, можат да ни помогнат подобро да го разбереме значењето на Спомен-свеченоста, која оваа година ќе се одржи во четврток на 9 април, по зајдисонце.
Утврдено е кој е Слугата
3, 4. а) На кого се однесува зборот „слуга“, спомнат во книгата на Исаија? б) Како самата Библија открива кој е Слугата од Исаија, поглавја 42, 49, 50, 52 и 53?
3 Зборот „слуга“ се појавува многу пати во книгата Исаија. Понекогаш се однесува на самиот пророк (Иса. 20:3; 44:26). Некогаш го означува и целиот народ Израел, или Јаков (Иса. 41:8, 9; 44:1, 2, 21). Но, на кого се однесува овој збор во извонредните пророштва за слугата кои се запишани во Исаија, поглавја 42, 49, 50, 52 и 53? Во Христијанските грчки списи јасно е кажано кој е тој Слуга на Јехова. Интересно е што етиопскиот службеник спомнат во книгата Дела читал токму едно од овие пророштва кога духот го упатил проповедникот Филип да му пристапи. Службеникот, кој штотуку го прочитал делот од Библијата кој сега се наоѓа во Исаија 53:7, 8, го прашал Филип: „Те молам, кажи ми за кого пророкот го вели ова? За себе или за некој друг?“ Филип веднаш му објаснил дека Исаија зборувал за Месијата, Исус (Дела 8:26-35).
4 Додека Исус бил уште бебе, еден праведен човек по име Симеон изјавил под водство на светиот дух дека „детето Исус“ ќе стане „светлина за просветлување на незнабошците“, односно „на народите“, како што е проречено во Исаија 42:6 и 49:6 (Лука 2:25-32). Освен тоа, понижувањата што Исус ги претрпел ноќта кога му било судено исто така биле проречени во Исаија 50:6-9 (Мат. 26:67; Лука 22:63). По Педесетница 33 год. од н.е., апостол Петар јасно потврдил дека Исус е Јеховиниот „Слуга“ (Иса. 52:13; 53:11; прочитај Дела 3:13, 26). Што учиме од овие пророштва за Месијата?
Јехова го поучува својот Слуга
5. Каква поука добил Слугата?
5 Едно пророштво на Исаија за Божјиот Слуга фрла светло врз блискиот однос што постоел меѓу Јехова и неговиот првороден Син уште пред Синот да стане човек на Земјата. (Прочитај Исаија 50:4-9.) Самиот Слуга ни открива дека Јехова постојано го поучувал, кога вели: „Ми го буди увото за да го слушам како што слушаат учениците“ (Иса. 50:4). За сето тоа време, овој Слуга го слушал својот Татко, Јехова, и учел од него, и на тој начин станал послушен ученик. Каква огромна чест имал тој да биде поучен од Творецот на вселената!
6. Како покажал Слугата дека совршено му е подложен на својот Татко?
6 Во ова пророштво, Слугата го нарекува својот Татко „Севишниот Господар Јехова“. Од тоа се гледа дека го признавал Јехова како Севишен Владетел на вселената. Тој покажал дека совршено му се подложува на својот Татко, кога рекол: „Севишниот Господар Јехова ми го отвори увото, а јас не се бунев. Не се свртев на другата страна“ (Иса. 50:5). Слугата бил „крај [Јехова] како вешт градител“ во создавањето на материјалната вселена и на човекот. Овој „вешт градител“ ‚се веселел пред Јехова за сето време, ѝ се радувал на плодната почва на неговата земја и им се радувал на синовите човечки‘ (Изр. 8:22-31).
7. Од каде можеме да видиме дека Слугата имал доверба во помошта од својот Татко додека трпел неволји?
7 Поуките што ги добил овој Слуга, Исус, како и неговата љубов кон луѓето, добро го подготвиле за доаѓањето на Земјата и му помогнале да се соочи со сурово противење. И како човек, тој со радост ја вршел волјата на својот Татко, иако наишол на жестоко прогонство (Пс. 40:8; Мат. 26:42; Јован 6:38). Низ сите неволји што ги претрпел на Земјата, Исус бил уверен дека Татко му го одобрува и му помага. Како што било претскажано во пророштвото на Исаија, Исус можел да каже: „Близу е оној што ме прогласува за праведен. Кој може да се правда со мене?.. Гледај, Севишниот Господар Јехова ќе ми помогне“ (Иса. 50:8, 9). Јехова навистина му помагал на својот верен Слуга во текот на целата негова служба на Земјата, како што покажува и едно друго пророштво од Исаија.
Слугата и неговата служба на Земјата
8. Што докажува дека Исус е Јеховиниот „избраник“, кој бил проречен во Исаија 42:1?
8 Библијата ни кажува што се случило кога Исус се крстил во 29 год. од н.е.: „Светиот дух слезе на него... и од небото се чу глас: ‚Ти си мојот сакан Син, ти си по мојата волја!‘“ (Лука 3:21, 22). На тој начин Јехова јасно покажал кој е неговиот „избраник“ што се спомнува во пророштвото на Исаија. (Прочитај Исаија 42:1-7.) Со својата служба на Земјата, Исус го исполнил ова пророштво на извонреден начин. Во своето евангелие, Матеј ги цитирал зборовите од Исаија 42:1-4 и ги поврзал со Исус (Мат. 12:15-21).
9, 10. а) Како Исус го исполнил пророштвото од Исаија 42:3 со својата служба? б) Во која смисла Христос ‚донел правда‘ додека живеел како човек, и кога ќе „воспостави правда на земјата“?
9 Еврејските верски водачи го презирале обичниот еврејски народ (Јован 7:47-49). Тие се однесувале грубо со него, и затоа луѓето личеле на ‚згазена трска‘ или на ‚фитил што тлее‘ и само што не згаснал. Но, Исус покажал сочувство кон сиромашните и измачените (Мат. 9:35, 36). Токму ним им упатил една љубезна покана кога рекол: „Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам“ (Мат. 11:28). Освен тоа, ‚донел правда‘ така што поучувал за Јеховините мерила за исправно и погрешно (Иса. 42:3). Покажал и дека Божјиот закон треба да се применува разумно и милосрдно (Мат. 23:23). Исус, исто така, покажал правда со тоа што им проповедал без предрасуди и на богатите и на сиромасите (Мат. 11:5; Лука 18:18-23).
10 Според пророштвото на Исаија, Јеховиниот „избраник“ треба да „воспостави правда на земјата“ (Иса. 42:4). Ова ќе го стори наскоро кога, како Цар на месијанското Царство, ќе ги уништи сите политички царства и ќе ги замени со својата праведна влада. Тој ќе воспостави еден нов свет во кој „ќе живее праведноста“ (2. Пет. 3:13; Дан. 2:44).
„Светлина“ и „сојуз“
11. Во која смисла Исус бил „светлина на народите“ во првиот век, и како е светлина сѐ до ден-денес?
11 Во исполнување на Исаија 42:6, Исус навистина докажал дека е „светлина на народите“. Во текот на својата служба на Земјата, тој им донел духовна светлина главно на Евреите (Мат. 15:24; Дела 3:26). Но, Исус изјавил: „Јас сум светлината на светот“ (Јован 8:12). Тој не станал светлина и на Евреите и на народите само со тоа што донел духовно просветлување туку и со тоа што го принел својот совршен човечки живот како откупнина за сите луѓе (Мат. 20:28). По своето воскресение, им заповедал на своите ученици да му бидат сведоци „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Во текот на својата служба, Павле и Варнава го цитирале изразот ‚светлината на народите‘ и го примениле на проповедничкото дело кое го извршувале кај не-Евреите (Дела 13:46-48; спореди со Исаија 49:6). Ова дело сѐ уште го вршат Исусовите помазани браќа на Земјата и нивните придружници, кои ја шират духовната светлина и им помагаат на луѓето да веруваат во Исус, кој е „светлина на народите“.
12. На кој начин Јехова го поставил својот Слуга „за сојуз на народот“?
12 Во истото тоа пророштво, Јехова му рекол на својот избран Слуга: „Ќе те чувам и ќе те поставам за сојуз на народот“ (Иса. 42:6). Сатана упорно се обидувал да го уништи Исус и да го спречи да ја изврши својата служба на Земјата, но Јехова го чувал сѐ додека не дошло одреденото време да умре (Мат. 2:13; Јован 7:30). Потоа го воскреснал и го поставил како „сојуз“, или завет за луѓето. Овој свечен завет бил гаранција дека Божјиот верен Слуга и понатаму ќе биде „светлина на народите“ и ќе ги ослободи оние што се наоѓаат во духовна темнина. (Прочитај Исаија 49:8, 9.)b
13. Во која смисла Исус ги избавил „оние што седат во темнина“ во текот на својата служба на Земјата, и како го прави тоа до ден-денес?
13 Во склад со овој завет, Јеховиниот избран Слуга требало да ‚ги отвори очите на слепите, да ги изведе од темницата затворениците‘ и да ги избави „оние што седат во темнина“ (Иса. 42:7). Во текот на својата служба на Земјата, Исус го сторил ова така што ги разоткрил лажните верски традиции и ја проповедал добрата вест за Царството (Мат. 15:3; Лука 8:1). На тој начин ги избавил од духовно ропство Евреите кои станале негови ученици (Јован 8:31, 32). На сличен начин, Исус им донел духовно избавување на милиони не-Евреи. Тој им заповедал на своите следбеници да ‚одат и да прават ученици од луѓето од сите народи‘ и им ветил дека ќе биде со нив „до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20). Од својата положба на небото, Христос Исус го надгледува меѓународното проповедничко дело.
Јехова го возвишил Слугата
14, 15. Зошто и како Јехова го возвишил својот Слуга?
14 Во едно друго пророштво за својот Слуга, Месијата, Јехова вели: „Гледај, мојот слуга ќе постапува разборито. Ќе биде на високо место, ќе биде воздигнат и многу возвишен“ (Иса. 52:13). Јехова го воздигнал својот Син затоа што тој верно ѝ се подложил на неговата неприкосновена власт и му останал верен и покрај најтешкиот испит.
15 Апостол Петар го напишал следново за Исус: „Тој е од десната страна на Бог бидејќи отиде на небото, и нему му се подложени ангелите и властите и силите“ (1. Пет. 3:22). И апостол Павле напишал за него нешто слично: „Се понизи и стана послушен сѐ до смртта, и тоа смрт на маченички столб. Токму затоа Бог го возвиши и му подари име кое е над секое друго име, за во Исусово име да се свитка секое колено на оние што се на небото и на оние што се на земјата и на оние што се под земјата, и секој јазик јавно да го признае Исус Христос за Господар, на слава на Бог, Таткото“ (Фил. 2:8-11).
16. Како Исус бил „многу возвишен“ во 1914 год., и што прави оттогаш наваму?
16 Во 1914 год., Јехова уште повеќе го воздигнал Исус. Тој бил „многу возвишен“ кога Јехова го поставил за Цар на месијанското Царство (Пс. 2:6; Дан. 7:13, 14). Оттогаш наваму, Христос војува со ‚своите непријатели и ги покорува‘ (Пс. 110:2). Најпрво ги покорил Сатана и неговите демони, така што ги исфрлил во близината на Земјата (Отк. 12:7-12). Потоа, во улога на Поголемиот Кир, Христос го избавил од стисокот на „Големиот Вавилон“ остатокот од своите помазани браќа на Земјата (Отк. 18:2; Иса. 44:28). Оттогаш раководи со едно меѓународно проповедничко дело со кое се собираат „преостанатите“ од неговите духовни браќа, а потоа и милиони „други овци“, верни придружници на ‚малото стадо‘ (Отк. 12:17; Јован 10:16; Лука 12:32).
17. Што научивме досега од проучувањето на пророштвата на Исаија за „слугата“?
17 Проучувањето на овие извонредни пророштва од книгата Исаија сигурно го зголеми нашето ценење за нашиот Цар и Откупител, Исус Христос. Неговата послушност како Божји Син додека служел на Земјата била во склад со поуката што ја добил од својот Татко пред да дојде овде. Тој докажал дека е „светлина на народите“ со службата што самиот ја извршил, како и со проповедничкото дело кое го надгледува до денешен ден. Меѓутоа, има уште едно пророштво за месијанскиот Слуга кое открива дека тој требало да страда и да го даде својот живот за нас. Тоа ќе го разгледаме подетално во следната статија, пред да ја одржиме Спомен-свеченоста по повод неговата смрт (Евр. 12:2, 3).
[Фусноти]
a Овие пророштва се запишани во Исаија 42:1-7; 49:1-12; 50:4-9 и 52:13 — 53:12.
b Разработка на пророштвото од Исаија 49:1-12 можеш да најдеш во книгата Пророштвото на Исаија — светлина за целото човештво, том 2, страници 136-145.
За повторување
• Кој е „слугата“ што се спомнува во пророштвата на Исаија, и од каде знаеме?
• Каква поука добил Слугата од Јехова?
• Во кој поглед е Исус „светлина на народите“?
• Како бил возвишен Слугата?
[Слика на страница 21]
Филип јасно кажал дека „слугата“ што го спомнал Исаија е Исус, Месијата
[Слика на страница 23]
Како Јеховин избран Слуга, Исус покажал сочувство кон сиромасите и измачените
[Слика на страница 24]
Исус бил возвишен од својот Татко и бил поставен за Цар на месијанското Царство