Дванаесетто поглавје
Утеха за Божјиот народ
1. Какви мрачни изгледи лежат пред Ерусалим и пред неговите жители, но сепак, каква надеж постои?
СЕДУМДЕСЕТ години — еден нормален човечки животен век — е времето што нацијата Јуда ќе го помине заробена во Вавилон (Псалм 90:10; Еремија 25:11; 29:10). Повеќето заробени Израелци ќе остареат и ќе умрат во Вавилон. Замисли колку понижени ќе бидат од исмејувањата и подбивот на своите непријатели. Помисли и на срамот што ќе се натрупа врз нивниот Бог, Јехова, кога градот на кој му го дал своето име толку долго ќе лежи опустошен (Неемија 1:9; Псалм 132:13; 137:1—3). Саканиот храм, кој се исполнил со Божја слава кога Соломон му го посветил на Бог, повеќе ќе го нема (2. Летописи 7:1—3). Какви мрачни изгледи! Но Јехова, преку Исаија, пророкува обнова (Исаија 43:14; 44:26—28). Во 51. поглавје од книгата Исаија, наоѓаме натамошни пророштва на оваа утешна и охрабрувачка тема.
2. а) Кому му ја упатува Јехова, преку Исаија, својата порака на утеха? б) Како верните Евреи ‚се стремат кон правда‘?
2 За оние во Јуда што ги наклониле своите срца кон него, Јехова вели: „Послушајте ме, вие кои се стремите кон правдата, кои Го барате Господа“ (Исаија 51:1а). ‚Стремење кон правда‘ подразбира акција. Оние што ‚се стремат кон правда‘ нема само да тврдат дека се Божји народ. Тие ревносно ќе настојуваат да бидат праведни и да живеат во склад со Божјата волја (Псалм 34:15; Пословици 21:21). Тие ќе гледаат на Јехова како на единствениот Извор на праведност, и ќе ‚Го бараат Господа‘ (Псалм 11:7; 145:17). Не дека тие веќе не знаат кој е Јехова или како да му пристапат во молитва. Напротив, ќе настојуваат да му се приближат, обожавајќи го, молејќи му се и барајќи го неговото водство во сѐ што прават.
3, 4. а) Кој е „стената“ од која се отсечени Евреите и која е ‚јамата‘ од која се извадени? б) Зошто ќе се утешат Евреите ако се потсетат на своите корени?
3 Меѓутоа, оние што навистина се стремат кон правда се сразмерно малку во Јуда, и ова може да ги наведе да бидат слабодушни и очајни. Затоа, користејќи илустрација за каменолом, Јехова ги охрабрува: „Погледајте ја стената од која сте отсечени, и длабоката јама од која сте извадени. Погледајте го својот татко Авраам и Сара, која ве роди! Да, сам беше кога го повикав, но го благословив и го размножив“ (Исаија 51:1б, 2). „Стената“ од која Евреите биле отсечени е Авраам, историски лик со кого нацијата Израел многу се гордее (Матеј 3:9; Јован 8:33, 39). Тој е предокот, човечкиот извор на нацијата. „Длабоката јама“ е Сара, од чијашто утроба излегол предокот на Израел, Исак.
4 На Авраам и Сара веќе им поминале годините кога можеле да раѓаат, а останале без деца. Сепак, Јехова ветил дека ќе го благослови Авраам и ‚ќе го размножи‘ (Битие 17:1—6, 15—17). Преку божествено обновување на нивните способности за раѓање, Авраам и Сара на старост добиле дете од кое потекнала Божјата нација на сојузот. Така Јехова го направил тој еден човек татко на голема нација чиј број не ќе може да се изброи исто како што не можат да се избројат ѕвездите на небесата (Битие 15:5; Дела 7:5). Ако можел Јехова да го земе Авраам од далечна земја и од него да направи моќна нација, тогаш сигурно ќе може да го исполни и своето ветување да ослободи еден верен остаток од ропството во Вавилон, да го врати во неговата татковина и уште еднаш од него да направи голема нација. Божјето ветување на Авраам било исполнето; неговото ветување на тие заробени Евреи исто така ќе се исполни.
5. а) Кого го претставуваат Авраам и Сара? Објасни. б) Во конечното исполнување, кој води потекло од „стената“?
5 Симболичното вадење камења во Исаија 51:1, 2 веројатно има и натамошна примена. Второзаконие 32:18 го нарекува Јехова „Стената“ која станала татко на Израел и оној ‚Кој го родил [Израел]‘. Во вториот израз, хебрејскиот глагол што е употребен се појавува и во Исаија 51:2 во врска со Сара, која го раѓа Израел. Според тоа, Авраам претставува пророчка слика на Јехова, Поголемиот Авраам. Жена му на Авраам, Сара, добро ја претставува Јеховината универзална небесна организација од духовни суштества, прикажана во Светото писмо како Божја сопруга, или жена (Битие 3:15; Откровение 12:1, 5). Во конечното исполнување на овие зборови од пророштвото на Исаија, нацијата што произлегува од „стената“ е „Израелот Божји“, собранието од христијани помазани со дух, кои се родиле на Пентекост 33 н.е. Како што дискутиравме во претходните поглавја од оваа книга, таа нација отишла во вавилонско заробеништво во 1918, а во 1919 била вратена во состојба на духовен просперитет (Галатите 3:26—29; 4:28; 6:16).
6. а) Што лежи пред земјата Јуда, и каква обнова ќе биде потребна? б) На која современа обнова нѐ потсетува Исаија 51:3?
6 Јеховината утеха за Сион, односно Ерусалим, вклучува повеќе отколку само ветување дека ќе се роди многубројна нација. Читаме: „Господ се сожали за [ќе го утеши, NW] Сион, се сожали за неговите урнатини. Неговата пустота ќе ја направи како Едем, а степата како Господовата Градина. Воскликнувања и радост ќе одекнуваат низ неа и благодарници и глас на пофална песна“ (Исаија 51:3). Во текот на 70-те години разурнатост, земјата Јуда ќе се претвори во пустота, прекриена со трнливи грмушки, капини и друга дива вегетација (Исаија 64:10; Еремија 4:26; 9:10—12). Така, освен повторното населување на Јуда, обновата ќе мора да вклучува и обновување на земјата, која ќе биде претворена во Еденска градина со добро наводнети плодни полиња и родни овоштарници. Ќе изгледа како почвата да се радува. Во споредба со опустошената состојба за време на изгнанството, земјата ќе изгледа рајски. Помазаниот остаток на Израелот Божји влегол токму во таков рај во духовна смисла во 1919 (Исаија 11:6—9; 35:1—7).
Причини за доверба во Јехова
7, 8. а) Што значи Јеховиниот повик да го сослушаат? б) Зошто е важно Јуда да му обрне внимание на Јехова?
7 Јехова одново бара да обрнат внимание, па вели: „Слушај ме внимателно, народе Мој, послушајте [сослушајте, NW] ме народи! Зашто Законот доаѓа од Мене и Моето право за светлина на народите. Брзо ќе стигне Мојата правда, Моето спасение ќе дојде како светлина. Мојата мишка ќе им суди на народите. Мене ме чекаат островите и се надеваат во мојата мишка“ (Исаија 51:4, 5).
8 Јеховиниот повик да го сослушаат значи повеќе отколку да се слуша неговата порака. Тоа значи да се посвети внимание со цел да се постапува според чуеното (Псалм 49:1; 78:1). Нацијата мора да сфати дека Јехова е Изворот на поука, правда и спасение. Само тој е Изворот на духовно просветлување (2. Коринќаните 4:6). Тој е конечниот Судија на човештвото. Законите и судските одлуки што потекнуваат од Јехова се светлина за оние што дозволуваат тој да ги води (Псалм 43:3; 119:105; Пословици 6:23).
9. Освен Божјиот народ на сојузот, кој ќе извлече корист од Јеховините спасувачки дела?
9 Сето ова не треба да важи само за Божјиот народ на сојузот туку и за исправно настроените луѓе насекаде, па дури и на најдалечните морски острови. Нивната доверба во Бог и во неговата способност да дејствува во корист на своите верни слуги и да ги спаси, нема да биде изневерена. Неговата сила, односно моќ, претставена со неговата мишка, е сигурна; и не може никој да ја запре (Исаија 40:10; Лука 1:51, 52). Слично и денес, ревносното дело на проповедање на преостанатите членови на Израелот Божји навело милиони поединци, мнозина од далечни морски острови, да се свртат кон Јехова и да положат вера во него.
10. а) Која вистина ќе биде принуден да ја научи цар Навуходоносор? б) На кои „небеса“ и „земја“ ќе им биде ставен крај?
10 Јехова понатаму се осврнува на вистината што ќе мора да ја научи вавилонскиот цар Навуходоносор. Ништо на небото ниту на Земјата не може да го запре Јехова да ја изврши својата волја (Даниел 4:34, 35). Читаме: „Подигнете ги очите кон небото погледајте долу на земјата. Небесата ќе се расплинат како дим, Земјата ќе остарее како облека, ќе ѝ ги снема жителите како комарци. Но Моето спасение ќе трае довека, и Мојата правда не ќе има крај“ (Исаија 51:6). Иако политиката на вавилонските монарси не дозволувала заробениците да се вратат дома, Јехова нема да биде спречен да го спаси својот народ (Исаија 14:16, 17). Вавилонските „небеса“, односно владејачки сили, ќе бидат поразително разбиени. На вавилонската „земја“, односно на поданиците на тие владејачки сили постепено ќе им дојде крајот. Да, дури и најголемата сила на тоа време не ќе може да застане против Јеховината моќ ниту да ги спречи неговите дела на спасение.
11. Зошто е охрабрувачки за христијаните денес потполното исполнување на пророштвото дека на вавилонските „небеса“ и „земја“ ќе им биде ставен крај?
11 Колку само охрабрувачки е за христијаните денес да знаат дека овие пророчки зборови биле потполно исполнети! Зошто? Затоа што апостол Петар користел слични изрази во врска со еден настан кој допрва следел. Тој зборувал за брзото приближување на Јеховиниот ден, „преку кој небесата ќе се распаднат во оган и елементите ќе се растопат од силна вжареност!“ Потоа, рекол: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја, и во нив ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:12, 13; Исаија 34:4; Откровение 6:12—14). Иако моќните нации и нивните возвишени владетели слични на ѕвезди можеби му пркосат на Јехова, во Божје одредено време ќе бидат уништени — смачкани како обичен комарец (Псалм 2:1—9). Само Божјата праведна влада ќе владее засекогаш над едно праведно човечко општество (Даниел 2:44; Откровение 21:1—4).
12. Зошто не треба Божјите слуги да се плашат кога се оцрнувани од страна на човечките противници?
12 Зборувајќи за оние ‚кои се стремат кон правдата‘, Јехова сега вели: „Послушајте Ме, вие кои ја познавате правдата, народе, во чие срце е Мојот Закон. Не бојте се од човечките хули [презирот на смртните луѓе, NW], не плашете се од навреди! Зашто молецот ќе ги разјаде како облека, црвот ќе ги изеде како волна. Но Мојата правда ќе трае довека, и Моето спасение од род до род“ (Исаија 51:7, 8). Оние што имаат доверба во Јехова ќе бидат оцрнети и презрени поради својот храбар став, но не треба да се плашат. Сите што ги презираат се обични смртници, кои ќе бидат ‚разјадени‘ исто како што една волнена облека е изедена од молец.a Како верните Евреи од старо време, вистинските христијани денес немаат причина да се плашат од кој и да е противник. Јехова, вечниот Бог, е нивно спасение (Псалм 37:1, 2). Презирот од Божјите непријатели е доказ дека Јеховиниот народ го има неговиот дух (Матеј 5:11, 12; 10:24—31).
13, 14. Што е претставено со изразите „Рав“ и „змев“, и како е тоа ‚исечено‘ и ‚прободено‘?
13 Како да го повикува Јехова да стори нешто во корист на Својот заробен народ, Исаија вели: „Разбуди се! Разбуди се! Препаши се со сила, Господова мишко! Разбуди се како во старите денови на дамнешните поколенија. Не си ли ти, што го исече Рав и што го прободе змевот? Не си ли ти што го исуши морето, водата на големата бездна, и што направи пат од морските длабочини, за да поминуваат по него искупените?“ (Исаија 51:9, 10).
14 Историските примери за кои зборува Исаија се добро избрани. Секој Израелец знае за избавувањето на нацијата од Египет и за преминувањето на Црвеното Море (Излез 12:24—27; 14:26—31). Изразите „Рав“ и „змевот“ се однесуваат на Египет под фараонот што се противел на Израеловото излегување од Египет (Псалм 74:13; 87:4; Исаија 30:7). Со главата кај делтата на Нил и со издолжено тело што се протегало стотици километри во плодната долина на Нил, древниот Египет личел на чудовишна змија (Езекиел 29:3). Но, ова чудовиште било исечено на парчиња кога Јехова му ги нанел десетте неволји. Било прободено, тешко рането и ослабено кога неговата војска била уништена во водите на Црвеното Море. Да, Јехова ја покажал моќта на својата мишка во постапките со Египет. Ќе биде ли помалку спремен да се бори за својот народ изгнан во Вавилон?
15. а) Кога и како ќе ги снема тагата и воздишките на Сион? б) Кога ги снемало тагата и воздишките на Израелот Божји во современа доба?
15 Сега, гледајќи напред кон Израеловото избавување од Вавилон, пророштвото продолжува: „Ќе се вратат оние кои ги ослободи [искупи, NW] Господ, и со радосни извици ќе дојдат на Сион. Вечна веселба ќе им биде над главите, ќе ги придружуваат: воскликнувања и радост, ќе ги снема тагата и воздивнувањата“ (Исаија 51:11). Колку и да е жална нивната ситуација во Вавилон, оние што ја бараат Јеховината праведност ги очекуваат славни изгледи. Ќе дојде време кога повеќе нема да има тага и воздишки. Радосни извици, веселба, воскликнување — сето ова ќе се слуша од усните на искупените, односно откупените. Во современото исполнување на овие пророчки зборови, Израелот Божји бил ослободен од вавилонско заробеништво во 1919. Тој се вратил на својот духовен имот со голема радост — радост која трае до денес.
16. Која цена е платена за да се искупат Евреите?
16 Која ќе биде цената за искупувањето на Евреите? Пророштвото на Исаија веќе откри дека Јехова го дава ‚Египет за нивна откупнина, Етиопија и Сева место нив‘ (Исаија 43:1—4). Ова ќе се случи подоцна. По освојувањето на Вавилон и ослободувањето на еврејските заробеници, Персиската Империја ќе ги освои Египет, Етиопија и Сева. Тие ќе бидат дадени наместо душите на Израелците. Ова е во склад со принципот наведен во Пословици 21:18: „Нечесниот човек е откуп за праведникот, и безбожникот стапува на местото на праведникот“.
Натамошно уверување
17. Зошто нема потреба Евреите да се плашат од гневот на Вавилон?
17 Јехова понатаму го уверува својот народ: „Јас Сум вашиот Утешител. Кој си ти за да се боиш од смртен човек и од човечки син, кој е како трева? Го заборави Господа, својот Создател, Кој ги распростре небесата и Кој ја основа земјата: непрекратно трепериш, секој ден, од гневот на угнетувачот. Како да се приготвува за да се уништи. Но каде е сега гневот на угнетувачот [оној што те опколува, NW]?“ (Исаија 51:12, 13). Претстојат долги години изгнанство. Сепак, нема причина за страв од гневот на Вавилон. Иако таа нација, трета светска сила од библискиот извештај, ќе го освои Божјиот народ и ќе сака да го ‚опколи‘, односно да му го блокира излезот, верните Евреи ќе знаат дека Јехова го претскажал падот на Вавилон од раката на Кир (Исаија 44:8, 24—28). За разлика од Творецот — вечниот Бог, Јехова — жителите на Вавилон ќе исчезнат како што тревата се суши под силните сончеви зраци во сушна сезона. Каде ќе бидат тогаш нивните закани и гнев? Колку е немудро човек да се плаши од човек и да го заборави Јехова, единствениот што ги создал небото и Земјата!
18. Иако некое време ќе бидат затвореници, кое уверување им го дава Јехова на припадниците на својот народ?
18 Иако припадниците на Јеховиниот народ некое време ќе бидат ‚заробеници‘, нивното ослободување ќе биде ненадејно. Нема да бидат истребени во Вавилон ниту ќе умрат од изгладнетост како затвореници — оставени безживотни во Шеолот, јамата (Псалм 30:3; 88:3—5, NW). Јехова ги уверува: „Скоро [Набрзина, NW] ќе биде слободен заробеникот, нема да умре во јама, ниту ќе му недостига леб“ (Исаија 51:14).
19. Зошто можат верните Евреи да имаат потполна доверба во Јеховините зборови?
19 Сѐ уште тешејќи го Сион, Јехова продолжува: „Зашто, Јас Сум Господ, твојот Бог, Кој го раздвижувам морето за да му бучат брановите, Името Ми е Господ [Јехова, NW] над Војските. Своите зборови ги ставив во твојата уста, во сенката на Својата рака те скрив кога ги распрострев небесата, кога ја основав земјата и кога му реков на Сион: ‚Ти си Мој народ!‘“ (Исаија 51:15, 16). Библијата често ја спомнува Божјата способност да ја протегне својата сила над морето и да го контролира (Јов 26:12; Псалм 89:9; Еремија 31:35). Тој има потполна контрола над природните сили, како што покажал кога го избавил својот народ од Египет. Кој може да се спореди со „Јехова над Војските“ дури и во најмалото нешто? (Псалм 24:10, NW).
20. Какви „небеса“ и „земја“ ќе настанат кога Јехова ќе го обнови Сион, и какви утешни зборови ќе каже тој?
20 Евреите остануваат Божји народ на сојузот, и Јехова ги уверува дека ќе се вратат во својата татковина за да живеат уште еднаш под неговиот Закон. Таму повторно ќе ги изградат Ерусалим и храмот и одново ќе ги преземат своите одговорности што ги имаат под сојузот што е склучен со нив преку Мојсеј. Кога репатрираните Израелци и нивната стока ќе почнат одново да ја населуваат земјата, ќе настане „нова земја“. Над неа ќе бидат поставени „нова небеса“, нов владејачки систем (Исаија 65:17—19; Агеј 1:1, 14). Јехова повторно ќе му рече на Сион: „Ти си Мој народ!“
Повик на акција
21. Каков повик на акција упатува Јехова?
21 Откако го уверува Сион, Јехова упатува повик на акција. Зборувајќи му како веќе да стигнал до крајот на своите страдања, тој вели: „Разбуди се, разбуди се, стани Ерусалиме! Ти кој ја пиеше од Господовата рака чашата на Неговиот гнев. Ја испи опојната чаша, ја испразни до дното“ (Исаија 51:17). Да, Ерусалим мора да стане од својата несреќна состојба и да ја врати својата поранешна положба и раскош. Ќе дојде време кога до дно ќе ја испразни симболичната чаша на божествената казна. Нема да остане ништо од Божјиот гнев кон него.
22, 23. Што ќе доживее Ерусалим кога ќе ја испие чашата на Јеховиниот гнев?
22 Сепак, додека Ерусалим ја трпи казната, ниеден од неговите жители, неговите „синови“, нема да може да го спречи она што се случува (Исаија 43:5—7; Еремија 3:14). Пророштвото вели: „Од сите синови што ги роди, немаше ниеден за да го води; од сите синови што ги подигна немаше никој за да го придружи“ (Исаија 51:18). Колку само ќе страда од рацете на Вавилонците! „Овие две те погодија — кој те пожали? — разурнувањето и гибелта, гладот и мечот — кој те утеши? Твоите синови лежат изнемоштени по аглите на сите улици, како антилопа во мрежата, полни со Господовиот гнев, со закана на твојот Бог“ (Исаија 51:19, 20).
23 Кутриот Ерусалим! Ќе претрпи ‚разурнување и гибел‘, како и ‚глад и меч‘. Неспособни да го водат и да го држат на нозе, неговите „синови“ ќе стојат отстрана беспомошни, истоштени и недоволно силни да ги одбијат вавилонските напаѓачи. Впечатливо, на аглите од улиците, тие ќе лежат изнемоштени, слаби и исцрпени (Плач Еремиин 2:19; 4:1, 2). Ќе ја испијат чашата на Божјиот гнев и ќе бидат исто толку беспомошни колку едно животно фатено во мрежа.
24, 25. а) Што нема да се повтори за Ерусалим? б) По Ерусалим, кој ќе биде следниот што ќе пие од чашата на Јеховиниот гнев?
24 Но оваа жалосна ситуација ќе заврши. Исаија утешно вели: „Затоа, чуј го ова беднику, пијан, но не од вино. Вака зборува Господ, твојот Господ, твојот Бог, бранителот на твојот народ: ‚Еве, од твојата рака ја земам опојната чаша, чашата на Својот гнев: не ќе го пиеш веќе. Ќе ја ставам во рацете на твоите угнетувачи, на оние кои ти зборуваа: „Наведни се за да поминеме!“ И ти им ги подметнуваше плеќите како почва, како пат за минувачи‘“ (Исаија 51:21—23). Откако го дисциплинира Ерусалим, Јехова е спремен да постапува со сожалување и да покаже дух на простување кон него.
25 Јехова сега ќе го одврати својот гнев од Ерусалим и ќе го насочи кон Вавилон! Вавилон го разорил и понижил Ерусалим (Псалм 137:7—9). Но, Ерусалим не ќе мора повторно да пие од таква чаша од рацете на Вавилон или на неговите сојузници. Наместо тоа, чашата ќе биде земена од рацете на Ерусалим и ќе им биде дадена на оние што се радуваат на неговиот срам (Плач Еремиин 4:21, 22). Вавилон ќе падне, мртов пијан (Еремија 51:6—8). Во меѓувреме, Сион ќе стане! Каков пресврт! Навистина Сион може да се утеши од таков изглед. А Јеховините слуги можат да бидат уверени дека неговото име ќе биде посветено преку неговите спасувачки дела.
[Фуснота]
a Молецот спомнат овде очигледно е сукнен молец, особено во неговиот деструктивен ларвен стадиум.
[Слика на страница 167]
Јехова, Поголемиот Авраам, е „стената“ од која неговиот народ бил „отсечен“
[Слика на страница 170]
Противниците на Божјиот народ ќе исчезнат, како парче облека изедено од молци
[Слика на страници 176 и 177]
Јехова покажал дека има моќ да ги контролира природните сили
[Слика на страница 178]
Чашата од која Ерусалим мора да пие ќе му биде дадена на Вавилон и на неговите сојузници