Шеснаесетто поглавје
Порака на надеж за потиштените заробеници
1. Опиши ја ситуацијата на еврејските изгнаници во Вавилон.
ТОА било мрачен период во историјата на Јуда. Божјиот народ на сојузот бил сосила одведен од својата татковина и сега чмаел во заробеништво во Вавилон. Се разбира, му била дозволена извесна мера слобода да ги извршува своите секојдневни работи (Еремија 29:4—7). Некои од народот стекнале професионални вештини или работеле во трговски претпријатијаa (Неемија 3:8, 31, 32). Сепак, животот за заробените Евреи не бил лесен. Тие биле во ропство, и физички и духовно. Да видиме како.
2, 3. Како влијаело изгнанството врз обожавањето на Јехова од страна на Евреите?
2 Кога во 607 пр.н.е. вавилонските војски го уништиле Ерусалим, сториле повеќе отколку што само ја уништиле нацијата; тие му задале удар и на вистинското обожавање. Го ограбиле Јеховиниот храм и го уништиле, осакатувајќи го свештеничкото уредување со тоа што некои од племето на Леви одвеле во заробеништво, а други убиле. Без дом за обожавање, без олтар и без организирано свештенство, за Евреите било невозможно да му принесуваат жртви на вистинскиот Бог како што било пропишано со Законот.
3 Верните Евреи сѐ уште можеле да го зачуваат својот религиозен идентитет со тоа што практикувале обрежување и го следеле Законот онолку колку што можеле. На пример, можеле да се воздржуваат од забранета храна и да го држат Сабатот. Но, правејќи го тоа, ризикувале да бидат исмејувани од своите поробувачи, зашто Вавилонците ги сметале за глупави религиозните ритуали на Евреите. Потиштеноста на изгнаниците може да се види од зборовите на псалмистот: „На бреговите на вавилонските реки седевме и плачевме, спомнувајќи си за Сион; на врбите наоколу ги обесивме нашите псалтири. И тогаш нашите поробувачи побараа од нас да пееме, нашите поробувачи [оние што нѐ исмејуваа, NW] побараа да се веселиме: ‚Испејте ни една од сионските песни!‘“ (Псалм 137:1—3).
4. Зошто било залудно Евреите да очекуваат од други нации да ги избават, но кому можеле да му се обратат за помош?
4 Тогаш, кому можеле еврејските заробеници да му се обратат за утеха? Од каде ќе дошло нивното спасение? Сигурно не од некоја од околните нации! Сите тие биле немоќни против вавилонските војски, и многу од нив биле непријателски настроени кон Евреите. Но, ситуацијата не била безнадежна. Јехова, против кого тие се бунтувале кога биле слободни луѓе, милостиво им упатил охрабрувачки повик, и покрај тоа што биле во изгнанство.
„Дојдете при водите“
5. Што значат зборовите „дојдете при водите“?
5 Преку Исаија, Јехова пророчки им зборува на заробените Евреи во Вавилон: „О сите вие, кои сте жедни, дојдете при водите; ако и немате сребреници, дојдете, купете и јадете. Да, дојдете, купете вино и млеко, без сребреници и без плаќање!“ (Исаија 55:1). Овие зборови изобилуваат со симболика. На пример, разгледај ја поканата: „Дојдете при водите“. Без вода животот не е возможен. Без таа драгоцена течност ние луѓето можеме да преживееме само околу една седмица. Според тоа, соодветно е тоа што Јехова користи вода како метафора за влијанието што ќе го имаат неговите зборови врз заробените Евреи. Неговата порака ќе ги освежи, како ладен пијалак во жежок ден. Ќе ги подигне од нивната малодушна состојба на умот, гаснејќи им ја жедта за вистина и праведност. И тоа ќе им влее надеж за ослободување од заробеништво. Сепак, за да извлечат корист, еврејските изгнаници ќе мораат да пијат од Божјата порака, да ѝ обрнат внимание и да постапуваат во склад со неа.
6. Како ќе извлечат корист Евреите ако купат „вино и млеко“?
6 Јехова, исто така, нуди „вино и млеко“. Млекото ги зајакнува младите тела и им помага на децата да растат. На сличен начин, Јеховините зборови ќе го зајакнат неговиот народ духовно и ќе го оспособат да го зацврсти својот однос со него. А што е со виното? Виното честопати се користи во празнични прилики. Во Библијата е поврзано со благосостојба и радост (Псалм 104:15). Со тоа што му вели на својот народ да ‚купи вино‘, Јехова го уверува дека ако му се врати на вистинското обожавање со сето срце, тоа ќе го направи „весел“ (Второзаконие 16:15; Псалм 19:8; Пословици 10:22).
7. Зошто Јеховиното сочувство кон изгнаниците е впечатливо, и што учиме од тоа за него?
7 Колку само милосрдно е од Јехова што им нуди такво духовно освежување на изгнаните Евреи! Неговото сочувство е уште повпечатливо кога ќе се сетиме на историјата на своеглавост и бунтовност на Евреите. Тие не заслужуваат Јеховино одобрување. Меѓутоа, со векови пред тоа псалмистот Давид напишал: „Жалостив и милостив е Господ, долготрпелив и многу милостив. Не е јаросен за вечни времиња, ниту Неговиот гнев пламнува довека“ (Псалм 103:8, 9). Јехова во никој случај не ги прекинува врските со својот народ; напротив, го презема првиот чекор кон помирување. Точно, тој е Бог што „ужива да искажува милост“ (Михеј 7:18).
Доверба на погрешно место
8. Во кого ја положиле својата доверба многу Евреи, и покрај кое предупредување?
8 Сѐ досега многу Евреи не ја положиле својата целосна доверба за спасение во Јехова. Пред падот на Ерусалим, на пример, неговите владетели очекувале поддршка од моќните нации, проституирајќи се, така да се каже, и со Египет и со Вавилон (Езекиел 16:26—29; 23:14). Еремија со добра причина ги предупредил: „Проклет да биде човек, кој се надева на човек и слабото тело го смета за своја мишка, и чие срце се одвратува од Господа“ (Еремија 17:5). Сепак, ова е токму она што го сторил Божјиот народ!
9. Веројатно како ‚ги трошеле сребрениците‘ многу Евреи „за она што не е леб“?
9 Сега се заробени од една од тие нации во кои ја положиле својата доверба. Дали ја научиле својата лекција? Можеби многумина не ја научиле, зашто Јехова прашува: „Зошто да ги трошите сребрениците за она што не е леб, и својата надница за она што не сити?“ (Исаија 55:2а). Ако заробените Евреи имаат доверба во некој друг освен во Јехова, тогаш ‚ги трошат сребрениците за она што не е леб‘. Вавилон, со својата политика да не им дозволи на заробениците да се вратат дома, сигурно нема да ги ослободи. Навистина, Вавилон, со својот империјализам, комерцијализам и лажно обожавање, нема што да им понуди на изгнаните Евреи.
10. а) Како ќе ги награди Јехова изгнаните Евреи ако го слушаат? б) Каков сојуз склопил Јехова со Давид?
10 Јехова го моли својот народ: „Послушајте Ме Мене, и ќе јадете добро, и ќе уживате во сочни јадења. Приклонете го увото и дојдете при Мене, послушајте Ме, и душата ќе ви живее. Ќе склучам со вас вечен Завет, Завет на милости, ветени на Давида“ (Исаија 55:2б, 3). Единствената надеж за овие духовно неисхранети луѓе е во рацете на Јехова, кој сега пророчки им се обраќа преку Исаија. Самиот живот им зависи од слушањето на Божјата порака, бидејќи тој вели дека со таквото постапување ‚душата ќе им живее‘. Тогаш, што е ‚вечниот Завет‘, кој Јехова ќе го склучи со оние што се одѕиваат? Тој завет е сојуз „на милости, ветени на Давида“. Со векови пред тоа, Јехова му ветил на Давид дека неговиот престол ќе „стои цврсто засекогаш“ (2. Самоил 7:16). Според тоа, ‚вечниот Завет‘, спомнат овде, се однесува на владетелство.
Траен наследник на едно вечно царство
11. Зошто би можело исполнувањето на Божјето ветување на Давид да им изгледа неверојатно на изгнаниците во Вавилон?
11 Мора да се признае дека идејата за владетелство од лозата на Давид на изгнаните Евреи би можела да им изгледа неверојатна. Тие ја изгубиле својата земја, па дури и својата националност! Но, ова е само привремено. Јехова не го заборавил својот сојуз со Давид. Сеедно колку неверојатно изгледа од човечка гледна точка, Божјата намера во врска со едно вечно Царство во лозата на Давид ќе успее. Но, како и кога? Во 537 пр.н.е. Јехова го ослободува својот народ од вавилонското заробеништво и го враќа во неговата татковина. Дали од ова произлегува установување на едно царство што ќе трае вечно? Не, тој и понатаму е потчинет на една друга паганска империја, Медо-Персија. „Одредените времиња“ за нациите да владеат сѐ уште не поминале (Лука 21:24). Без цар во Израел, ветувањето што Јехова му го дал на Давид ќе остане неисполнето во вековите што доаѓаат.
12. Каков чекор презел Јехова кон исполнувањето на својот сојуз на Царството, кој го склопил со Давид?
12 По повеќе од 500 години откако Израел бил ослободен од вавилонското заробеништво, Јехова презел голем чекор кон исполнувањето на сојузот на Царството кога го пренел животот на својот првороден Син, почетокот на своето творечко дело, од небесната слава во матката на еврејската девица Марија (Колошаните 1:15—17). Кога го соопштувал тој настан, Јеховиниот ангел ѝ рекол на Марија: „Тој ќе биде голем и ќе биде наречен Син на Највишиот; и Јехова Бог ќе му го даде престолот на Давида, неговиот татко, и тој ќе владее како цар над Јакововиот дом засекогаш, и неговото царство нема да има крај“ (Лука 1:32, 33). Така, Исус се родил во царската лоза на Давид и го наследил правото на царување. Откако е устоличен, Исус ќе владее „довека“ (Исаија 9:7; Даниел 7:14). Со тоа бил отворен патот за исполнување на Јеховиното со векови старо ветување да му даде на цар Давид траен наследник.
„Заповедник на народите“
13. Како Исус бил „сведок на племињата“ и во текот на својата служба и по своето вознесение?
13 Што ќе стори овој иден цар? Јехова вели: „Еве, те направив сведок на племињата, кнез [водач, NW] и заповедник на народите“ (Исаија 55:4). Кога пораснал, Исус бил Јеховин претставник на Земјата, Божји сведок на нациите. Додека живеел како човек, службата ја насочил кон „загубените овци од Израеловиот дом“. Меѓутоа, кратко пред своето вознесение на небото, на своите ученици им рекол: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации . . . Гледај, јас сум со вас во сите денови сѐ до завршетокот на системот на работи“ (Матеј 10:5, 6; 15:24; 28:19, 20). Така, со текот на времето, пораката за Царството била однесена до не-Евреите, и некои од нив учествувале во исполнувањето на сојузот склопен со Давид (Дела 13:46). На овој начин, дури и по својата смрт, воскресение и вознесение на небото, Исус останал Јеховин „сведок на племињата“.
14, 15. а) Како Исус се покажал како ‚водач и заповедник‘? б) Какви изгледи ги очекувале Исусовите следбеници во првиот век?
14 Исус ќе биде, исто така, ‚водач и заповедник‘. Доследно на овој пророчки опис, додека бил на Земјата, Исус потполно ги прифатил одговорностите на своето поглаварство и го презел водството во секој аспект. Привлекол огромни мноштва, ги поучувал за вистината и им ги покажал користите што ќе ги имаат оние што го следат неговото водство (Матеј 4:24; 7:28, 29; 11:5). Делотворно ги обучувал своите ученици, подготвувајќи ги да ја преземат проповедничката кампања што претстоела (Лука 10:1—12; Дела 1:8; Колошаните 1:23). За само три и пол години, Исус го положил темелот на едно обединето, меѓународно собрание со илјадници членови, кои потекнуваат од многу раси! Само вистинскиот ‚водач и заповедник‘ можел да изврши ваква монументална задача.b
15 Оние што биле собрани во христијанското собрание од првиот век, биле помазани со Божјиот свет дух и имале изглед да станат совладетели со Исус во неговото небесно Царство (Откровение 14:1). Меѓутоа, пророштвото на Исаија гледа подалеку од деновите на раното христијанство. Доказите покажуваат дека Исус Христос не започнал да владее како цар на Божјето Царство сѐ до 1914. Набрзо потоа, меѓу помазаните христијани на Земјата настанала ситуација која имала многу паралели со онаа на изгнаните Евреи во шестиот век пр.н.е. Всушност, она што им се случило на тие христијани претставува поголемо исполнување на пророштвото на Исаија.
Современо заробеништво и ослободување
16. Каква неволја следела по Исусовото устоличување во 1914?
16 Исусовото устоличување како цар во 1914 било одбележано со дотогаш невидени неволји во светот. Зошто? Поради тоа што Исус, откако станал Цар, ги исфрлил од небото Сатана и другите зли духовни суштества. Откако бил ограничен на Земјата, Сатана повел војна против преостанатите свети, остатокот од помазани христијани (Откровение 12:7—12, 17). Кулминацијата настапила во 1918 кога јавното дело на проповедање скоро запрело и некои одговорни службеници на Watch Tower Society биле затворени поради лажни обвиненија за побуна. На овој начин, Јеховините современи слуги отишле во духовно заробеништво, што потсетува на дословното заробеништво на древните Евреи. Голем срам надвиснал над нив.
17. Како се променила состојбата на помазаниците во 1919, и како биле зацврстени?
17 Меѓутоа, Божјите помазани следбеници не биле долго заробени. На 26 март 1919, затворените службеници биле ослободени, и подоцна сите обвиненија против нив биле повлечени. Јехова излеал свет дух врз својот ослободен народ, освежувајќи го за делото што стоело пред него. Неговите припадници радосно се одѕвале на повикот да ‚земат бесплатно од водата на животот‘ (Откровение 22:17). Купиле „вино и млеко, без сребреници и без плаќање“ и биле духовно зацврстени за чудесното проширување што се задало на хоризонтот, проширување кое помазаниот остаток не го предвидел.
Едно големо мноштво трча кон Божјиот помазаник
18. Кои две групи се наоѓаат меѓу учениците на Исус Христос, и што сочинуваат тие денес?
18 Исусовите ученици негуваат еден од двата вида надеж. Прво, собрани се сите 144.000 члена на ‚малото стадо‘ — помазани христијани и со еврејско и со нееврејско потекло, кои го сочинуваат „Израелот Божји“ и ја имаат надежта да владеат со Исус во неговото небесно Царство (Лука 12:32; Галатите 6:16; Откровение 14:1). Второ, во последните денови се појавило „едно големо мноштво“ од „други овци“. Овие ја имаат надежта да живеат засекогаш на рајска Земја. Пред да избувне големата неволја, ова мноштво — чијшто број не е предодреден — служи покрај малото стадо, и двете групи сочинуваат „едно стадо“ под „еден пастир“ (Откровение 7:9, 10; Јован 10:16).
19. Како реагирал еден „народ“, претходно непознат на Израелот Божји, на повикот што го упатила таа духовна нација?
19 Собирањето на ова големо мноштво може да се увиди од следниве зборови од пророштвото на Исаија: „Еве, ќе повикаш народ кого не го познаваш, и народ што не те знае ќе дотрча при тебе заради Господа, твојот Бог, и заради Израелевиот Светец, зашто Тој те прослави“ (Исаија 55:5). Во годините по неговото ослободување од духовно ропство, помазаниот остаток отпрво не разбрал дека пред Армагедон ќе биде средство за повикување на еден голем „народ“ во Јеховиното обожавање. Меѓутоа, како што минувало времето, многумина со искрено срце, кои немале небесна надеж, почнале да се дружат со помазаните и да му служат на Јехова со истата ревност како помазаните. Овие новодојдени ја увиделе прославената состојба на Божјиот народ, сфаќајќи дека Јехова бил со него (Захарија 8:23). Во 1930-тите, помазаниците го разбрале вистинскиот идентитет на оваа група во нивната средина, чијшто број растел. Тие сфатиле дека едно големо дело на собирање сѐ уште лежи пред нив. Големото мноштво итало да се поврзе со Божјиот народ на сојузот, и со добра причина.
20. а) Во нашево време, зошто е итно ‚да се бара Господ‘, и како се прави ова? б) Како ќе им одговори Јехова на оние што го бараат?
20 Во деновите на Исаија излегол повикот: „Барајте Го Господа додека може да се најде, повикувајте Го додека е близу!“ (Исаија 55:6). Во нашево време, овие зборови се соодветни и за оние што го сочинуваат Израелот Божји и за растечкото големо мноштво. Јеховиниот благослов не е безусловен ниту, пак, неговата покана ќе се упатува бесконечно. Сега е време да се бара Божјата наклоност. Кога ќе дојде одреденото време за Јеховиниот суд, ќе биде предоцна. Затоа, Исаија вели: „Безбожникот нека го остави својот пат, а неправедникот своите замисли. Нека се врати при Господа, Кој ќе му се смилува, кон нашиот Бог, зашто Тој ќе го умножи опростувањето“ (Исаија 55:7).
21. Како нацијата Израел се покажала неверна на изјавата што ја дале нејзините прататковци?
21 Фразата „нека се врати при Господа“ укажува дека оние што треба да се покаат порано биле во однос со Бог. Изразот нѐ потсетува дека многу аспекти од овој дел од пророштвото на Исаија најпрво се применуваат на еврејските заробеници во Вавилон. Со векови пред тоа, прататковците на овие заробеници ја изразиле својата решеност да му бидат послушни на Јехова кога рекле: „Од наша страна е незамисливо да го напуштиме Јехова за да им служиме на други богови“ (Исус Навин 24:16, NW). Историјата покажува дека тоа „незамисливо“ се случило — повеќепати! Недостигот на вера од страна на Божјиот народ е причината што тој е изгнан во Вавилон.
22. Зошто Јехова вели дека неговите мисли и патишта се повисоки од човечките?
22 Што ќе се случи ако се покае? Преку Исаија, Јехова ветува дека „ќе го умножи опростувањето“. И додава: „,Зашто вашите мисли не се Мои мисли, и Моите патишта не се ваши патишта,‘ слово е Господово. ‚Небото е високо над земјата, така Моите патишта се над вашите патишта, и Моите мисли над вашите мисли‘“ (Исаија 55:8, 9). Јехова е совршен, и неговите мисли и патишта се недостижно високи. Дури и неговата милост е на ниво кое ние луѓето немаме надеж некогаш да го достигнеме. Размисли: Кога ќе му простиме на некој ближен, тогаш грешник простува на грешник. Сфаќаме дека порано или подоцна некој ближен ќе треба и нам да ни прости (Матеј 6:12). Но Јехова, иако никогаш не треба да му биде простено, ‚го умножува опростувањето‘! Навистина, тој е Бог на голема срдечна љубезност. А во својата милост, Јехова ги отвора небесните брани и излева благослов врз оние што му се враќаат со сето свое срце (Малахија 3:10).
Благослови за оние што се враќаат кај Јехова
23. Како Јехова илустрира колку е сигурно исполнувањето на неговата реч?
23 Јехова му ветува на својот народ: „Како што паѓа дожд и снег од небото непрекинато додека земјата не се напои, не се оплоди и не се зазеленее, за да му даде семе на сејачот и леб за јадење, така Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив“ (Исаија 55:10, 11). Сѐ што кажува Јехова, сигурно ќе се исполни. Исто како што дождот и снегот, кои паѓаат од небото, си ја исполнуваат целта да ја напојат земјата и да донесат плод, така Јеховината реч што излегува од неговата уста е потполно доверлива. Она што тој го ветува, и ќе го исполни — со апсолутна сигурност (Броеви 23:19).
24, 25. Какви благослови ги чекаат еврејските изгнаници што постапуваат во склад со Јеховината порака дадена преку Исаија?
24 Според тоа, ако Евреите ги држат зборовите што пророчки им се кажани преку Исаија, без промашување ќе го добијат спасението, кое Јехова им го ветува. Како резултат на тоа, ќе доживеат голема радост. Јехова вели: „Ќе отидете со радост, и ќе бидете водени со мир. Горите и брдата ќе воскликнуваат од радост пред вас, и сите дрва во полето ќе плескаат. Место трње ќе растат чемпреси, место копривата ќе никнува мирта. И тоа ќе биде за славата на Господа, како вечен, непоминлив, знак“ (Исаија 55:12, 13).
25 Во 537 пр.н.е., еврејските изгнаници навистина излегуваат од Вавилон со радост (Псалм 126:1, 2). Кога пристигнуваат во Ерусалим, ја наоѓаат земјата задушена од трнови грмушки и коприви што жарат. Па, сети се, земјата лежи пуста со децении. Но, репатрираниот народ сега може да помогне да се создадат услови за прекрасно преобразување! Високи дрвја, како чемпресот и миртата, ќе ги заменат трњето и копривите. Јеховиниот благослов ќе стане лесно уочлив додека народот му служи „од радост“. Ќе биде како самата земја да се радува.
26. Каква благословена состојба ужива Божјиот народ денес?
26 Во 1919, остатокот од помазани христијани биле ослободени од нивното духовно заробеништво (Исаија 66:8). Заедно со големото мноштво од други овци, сега му служат на Бог со радост во еден духовен рај. Исчистени од секоја дамка на вавилонско влијание, тие уживаат одобрена состојба, која стана ‚за слава‘ на Јехова. Нивната духовна благосостојба го слави неговото име и го возвишува него како Бог на вистинските пророштва. Она што Јехова го постигна за нив ја покажува неговата Божественост и е доказ за неговата верност кон својата реч и неговата милост кон покајниците. Сите што продолжуваат да ‚купуваат вино и млеко, без сребреници и без плаќање‘ нека се радуваат додека му служат засекогаш!
[Фусноти]
a Многу еврејски имиња се пронајдени во древни вавилонски деловни записи.
b Исус продолжува да го надгледува делото на правење ученици (Откровение 14:14—16). Денес, христијаните и христијанките го сметаат Исус за Глава на собранието (1. Коринќаните 11:3). А во Божје одредено време, Исус ќе дејствува на друг начин како ‚водач и заповедник‘, кога ќе ја предводи решавачката битка против Божјите непријатели во војната Армагедон (Откровение 19:19—21).
[Слика на страница 234]
Духовно жедните Евреи се повикани да ‚дојдат при водите‘ и да ‚купат вино и млеко‘
[Слика на страница 239]
Исус се покажал како ‚водач и заповедник‘ на народите
[Слики на страници 244 и 245]
„Безбожникот нека го остави својот пат“