Осумнаесетто поглавје
Јехова го оживува духот на смирените
1. Какво уверување дал Јехова, и какви прашања наметнуваат неговите зборови?
„ВАКА зборува Вишниот и Возвишениот, Кој вечно живее, и Името Му е Светиот: ‚Престолувам во високо и свето место, но Јас Сум и со угнетуваните и со понижуваните [во духот, NW], за да го оживеам духот на смирените [понижуваните, NW], за да го оживеам срцето на скрушените‘“ (Исаија 57:15). Ова го напишал пророкот Исаија во осмиот век пр.н.е. Што се случувало во Јуда што придонело оваа порака да биде толку охрабрувачка? Како им помагаат овие инспирирани зборови на христијаните денес? Разгледувањето на 57. поглавје од Исаија ќе ни помогне да одговориме на овие прашања.
„Луѓе, пристапете поблизу“
2. а) На кој период изгледа се однесуваат зборовите од Исаија 57. поглавје? б) Каква е ситуацијата на праведните во деновите на Исаија?
2 Овој дел од пророштвото на Исаија изгледа дека се применува на деновите на самиот Исаија. Разгледај колку се утврдила злобата: „Праведникот загинува и никој не го зема тоа при срце. Ги отстрануваат побожните луѓе и никој не сфаќа. Да, заради злото отстранет е праведникот за да би влегол во мир. Секој што оди по прав пат се одморува на своето легло“ (Исаија 57:1, 2). Ако падне еден праведник, никој не се грижи. Неговата предвремена смрт поминува незабележано. Со тоа што заспива во смрт тој добива мир, ослободување од страдањата што му ги нанесувале безбожните, и наоѓа излез од неволјата. Божјата избрана нација потонала во бедна состојба. Но, колку мора оние што останале верни да се охрабрени од спознанието дека Јехова не само што гледа што се случува туку и ги поддржува!
3. Како ѝ се обраќа Јехова на злобната генерација на Јуда, и зошто?
3 Јехова ја свикува злобната генерација на Јуда, велејќи: „Што се однесува до вас луѓе, пристапете поблизу, вие синови на вражалка, семе на прељубник и на жена која врши проституција“ (Исаија 57:3, NW). Тие сосема го заслужиле тој срамен опис како синови на вражалка и потомство на прељубник и на проститутка. Лажното обожавање, кон кое се свртеле, вклучува одвратни чинови на идолопоклонство и спиритизам, како и неморални сексуални обичаи. Следствено, Јехова ги прашува овие грешници: „Со кого се потсмевате [имате весела забава, NW], против кого ја отворате устата широко и кому му го плазите јазикот? Не сте ли вие чеда на престап и рожба на лагата? Вие, кои се распалувате меѓу дабовите, под секое зелено дрво, жртвувајќи деца во долините и во расцепнатините на стените!“ (Исаија 57:4, 5).
4. За што се виновни злобните во Јуда?
4 Злобните во Јуда отворено го практикуваат своето паганско обожавање, и тоа им е „весела забава“. Тие презриво им се потсмеваат на Божјите пророци, кои се испратени да ги исправат, плазејќи им го јазикот, што претставува бесрамен, неучтив гест. Иако се деца на Авраам, нивното бунтовно постапување ги прави чеда на престапот и рожба на лагата (Исаија 1:4; 30:9; Јован 8:39, 44). Меѓу дабовите во околината, тие го разгоруваат религиозниот жар во своето идолопоклоничко обожавање. И колку само сурово е тоа обожавање! Дури ги жртвуваат своите сопствени деца, исто како нациите чиишто одвратни обичаи биле причина Јехова да ги истера од земјата! (1. Цареви 14:23; 2. Цареви 16:3, 4; Исаија 1:29).
Налевницата се излева на камења
5, 6. а) Што избрале да прават жителите на Јуда наместо да го обожаваат Јехова? б) Колку е бесрамно и раширено идолопоклоничкото обожавање на Јуда?
5 Види колку длабоко загазиле во идолопоклонство жителите на Јуда: „Твојот дел е меѓу поточните каменчиња, тие, тие се твое наследство. Ним им ја излеваш налевницата, ним им принесуваш дарови! Зар да се утешам Јас со тоа?“ (Исаија 57:6). Евреите се Божји народ на сојузот, а сепак, наместо да го обожаваат него, собираат камења од речното корито и од нив прават богови. Давид изјавил дека Јехова бил негов дел, а овие грешници избрале безживотни камени идоли како свое наследство и ним им ги излевале налевниците (Псалм 16:5; Хабакук 2:19). Каква утеха може да најде Јехова во таквото изопачено обожавање од страна на народот што го застапува неговото име?
6 Насекаде — под дабовите, во долините, на ридовите, во своите градови — Јуда врши идолопоклонство. Но, Јехова го гледа сето тоа и, преку Исаија, Тој ја разоткрива нејзината изопаченост: „На висока издигната планина си го поставила своето легло, и си се искачила онаму за да принесуваш жртва. Зад вратите и зад довратниците си го поставила својот спомен“ (Исаија 57:7, 8а). На високи места Јуда го поставува своето легло на духовна нечистота, и таму им принесува жртви на туѓи богови.a Дури и во приватните куќи, зад вратите и зад довратниците има идоли.
7. Со каков дух учествува Јуда во неморалното обожавање?
7 Некои можеби се прашуваат зошто Јуда толку се вовлекла во нечисто обожавање? Дали нешто помоќно ја присилило да го напушти Јехова? Одговорот е — не. Таа го прави тоа доброволно, со желба. Јехова вели: „Далеку од Мене го откриваш своето легло, се искачуваш на него и го шириш. Си се договарала со оние со кои сакаше да лежиш, сѐ повеќе блудничеше со нив, гледајќи го местото [машкиот орган, NW]“ (Исаија 57:8б). Јуда склучила сојуз со своите лажни богови, и таа го сака својот недозволен однос со нив. Особено ги сака неморалните сексуални обичаи — кои веројатно вклучуваат и симбол на фалус — што го карактеризира обожавањето на овие богови!
8. Под кој цар посебно цветало идолопоклонството во Јуда?
8 Описот на крајно неморалното, сурово обожавање на идоли се поклопува со она што го знаеме за неколку злобни цареви на Јуда. Манасиј, на пример, ги изградил високите места, му подигнал жртвеници на Ваал и поставил жртвеници на лажната религија во две предворја на храмот. Ги поминувал своите синови низ оган, практикувал магија, користел гатање и унапредувал спиритистички обичаи. Исто така, цар Манасиј поставил во Јеховиниот храм извајан лик на светиот стап, односно ашер што самиот го направил.b Ја завел Јуда да прави ‚уште полошо отколку народите што Господ ги откорнал‘ (2. Цареви 21:2—9). Некои веруваат дека Манасиј го убил Исаија, иако името Манасиј не се појавува во Исаија 1:1.
„Ги испрати своите гласници“
9. Зошто Јуда испратила гласници „далеку“?
9 Престапите на Јуда вклучуваат и повеќе отколку служење на лажни богови. Користејќи го Исаија како свој гласноговорник, Јехова вели: „Со масло трчаш по царот, со многу мирисливи масти, далеку ги испрати своите гласници, се понижи до Подземјето [Шеолот, NW]“ (Исаија 57:9). Неверното царство Јуда трча по „царот“, на еврејски „Мелех“ — веројатно царот на некоја странска сила — нудејќи му скапи и привлечни подароци, симболизирани со масло и мирисливи масти. Јуда испраќа пратеници далеку. Зошто? За да ги наговори нееврејските нации да стапат во политичка алијанса со неа. Откако му го свртела грбот на Јехова, ја полага својата доверба во странски цареви.
10. а) Како цар Ахаз бара алијанса со царот на Асирија? б) На кој начин Јуда ‚се понижува до Шеолот‘?
10 Еден ваков пример е од деновите на цар Ахаз. Чувствувајќи се загрозен од алијансата помеѓу Израел и Сирија, овој неверен цар на Јуда испраќа гласници кај царот на Асирија, Теглат Феласар III, велејќи: „Јас сум твој слуга и твој син! Дојди и избави ме од рацете на арамејскиот цар и на царот на Израел, кои се подигнаа против мене“. Ахаз му испраќа на царот на Асирија сребро и злато како поткуп, а царот поволно реагира, тргнувајќи во опустошувачки напад на Сирија (2. Цареви 16:7—9). Во своите постапки со нееврејските нации, Јуда се понижува до „Шеолот“. Поради тие постапки таа ќе умре, односно ќе престане да постои како независна нација со цар.
11. Какво лажно чувство на сигурност покажува Јуда?
11 Јехова продолжува да ѝ се обраќа на Јуда: „Исцрпена си од толкави скитања, но не рече: ‚Безнадежно е!‘ Наново ја најде својата сила, па не си папсала“ (Исаија 57:10). Да, нацијата напорно се труди на своите отпаднички патишта и не успева да ја види безнадежноста на своите настојувања. Напротив, се наведува себеси да верува дека постигнала успех со своја сопствена моќ. Се чувствува полна со сила и здрава. Колку глупаво!
12. Кои услови во христијанскиот свет одговараат на оние во Јуда?
12 Денес постои една организација што се однесува многу слично на Јуда во деновите на Исаија. Христијанскиот свет го користи името на Исус, но се стреми кон алијанси со нациите и своето место на обожавање го полни со идоли. Неговите приврзаници поставуваат идолопоклонички ликови дури и во своите сопствени домови. Христијанскиот свет ги жртвува своите млади луѓе во војните на нациите. Колку мора да е навредливо ова за вистинскиот Бог, кој им заповеда на христијаните: „Бегајте од идолопоклонство“! (1. Коринќаните 10:14). Вклучувајќи се во политиката, христијанскиот свет со ‚царевите на земјата врши блуд‘ (Откровение 17:1, 2). Тој, всушност, е главниот приврзаник на Обединетите нации. Што ја очекува оваа религиозна блудница? Па, што му вели Јехова на нејзиниот прототип, неверната Јуда, особено на главниот град Ерусалим како нејзин претставник?
,Киповите што си ги собрала нема да те избават‘
13. Кон какво „лажење“ прибегнува Јуда, и како реагира таа на Јеховината стрпливост?
13 „Од кого си се уплашила и си почнала да се плашиш, па прибегна кон лажење?“ прашува Јехова. Добро прашање! Јуда сигурно не покажува здрав, побожен страв од Јехова. Инаку не би станала нација на лажливци, обожаватели на лажни богови. Јехова продолжува со зборовите: „Јас не бев тој на кого ти се сеќаваше. Ништо не зеде при срце. Зар не молчев и не ги криев работите? Затоа дури и од мене не се плашеше“ (Исаија 57:11, NW). Јехова молчи, не казнувајќи ја веднаш Јуда. Дали Јуда го сфаќа ова? Не, напротив, Божјата воздржаност ја смета за рамнодушност. Го изгубила сиот страв од него.
14, 15. Што вели Јехова за делата на Јуда и за ‚киповите што си ги собрала‘?
14 Меѓутоа, периодот на Божјата долготрпеливост ќе заврши. Во исчекување на тоа време, Јехова изјавува: „Ќе објавам за твојата правда и твоите дела не ќе ти ползуваат. Кога ќе почнеш да викаш, нека те избават киповите што си ги собрала, сите ќе ги разнесе ветерот, виорот [една издишка, NW] ќе ги оддува“ (Исаија 57:12, 13а). Јехова ќе ја разоткрие лажната праведност на Јуда. Нејзините лицемерни дела нема да ѝ бидат од никаква корист. Нејзините ‚кипови што си ги собрала‘, нејзината колекција од идоли нема да ја избави. Кога ќе ја погоди несреќата, боговите во кои има доверба ќе бидат разнесени од едно слабо ветренце.
15 Јеховините зборови се исполнуваат во 607 пр.н.е. Тоа се случува кога вавилонскиот цар Навуходоносор го уништува Ерусалим, го запалува храмот и го води поголемиот дел од народот во заробеништво. „Така го одведоа јудејскиот народ од неговата родна земја“ (2. Цареви 25:1—21).
16. Што го очекува христијанскиот свет и остатокот од „Големиот Вавилон“?
16 На сличен начин, големата колекција од идоли нема да го избави христијанскиот свет во денот на Јеховиниот гнев (Исаија 2:19—22; 2. Солуњаните 1:6—10). Заедно со остатокот од „Големиот Вавилон“ — светскиот конгломерат на лажната религија — христијанскиот свет ќе биде сотрен. Симболичниот див ѕвер со скерлетна боја и неговите десет рога ‚ќе го опустошат [Големиот Вавилон] и разголат, и ќе ги изедат неговите месести делови и потполно ќе го изгорат со оган‘ (Откровение 17:3, 16, 17). Колку само ќе бидеме радосни што сме ја послушале заповедта: „Излезете од неа, народе мој, ако не сакате да учествувате со неа во нејзините гревови и ако не сакате да примите дел од нејзините неволји“! (Откровение 18:4, 5). Никогаш да не се вратиме во него или на неговите патишта.
„Кој се надева во Мене, ќе ја наследи земјата“
17. Какво ветување му е дадено на оној ‚кој се надева во Јехова‘, и кога се остварува тоа?
17 Сепак, што е со следните зборови од пророштвото на Исаија? „Кој се надева во Мене, ќе ја наследи земјата и ќе ја добие Мојата Света Гора“ (Исаија 57:13б). Кому му зборува Јехова сега? Тој гледа подалеку од претстојната катаклизма и претскажува за својот народ ослободување од Вавилон и обновување на чистото обожавање на неговата света гора, Ерусалим (Исаија 66:20; Даниел 9:16). Каков само извор на охрабрување мора да е ова за секој Евреин што останува верен! Освен тоа, Јехова вели: „Ќе се зборува: ‚Насипете, насипете, израмнете го патот! Отстранете ги пречките од патот на Мојот народ!‘“ (Исаија 57:14). Кога ќе дојде времето Бог да го избави својот народ, патот ќе биде спремен, бидејќи сите пречки ќе бидат отстранети од него (2. Летописи 36:22, 23).
18. Како е опишана Јеховината возвишеност, а сепак, каква љубезна грижа покажува тој?
18 На ова место пророкот Исаија се осврнува на зборовите цитирани во почетокот: „Вака зборува Вишниот и Возвишениот, Кој вечно живее, и Името Му е Светиот: ‚Престолувам во високо и свето место, но Јас Сум и со угнетуваните и со понижуваните, за да го оживеам духот на смирените, за да го оживеам срцето на скрушените‘“ (Исаија 57:15). Јеховиниот престол е во највисоките небеса. Нема повисока или повозвишена положба. Колку утешно е да се знае дека оттаму тој гледа сѐ — не само гревовите на злобните туку и праведните дела на оние што се трудат да му служат! (Псалм 102:19; 103:6). Освен тоа, ги слуша воздишките на угнетуваните и им го оживува срцето на скрушените. Овие зборови мора да ги трогнале срцата на покајничките Евреи во древно време. Тие сигурно ги трогнуваат и нашите срца.
19. Кога престанува Јеховиниот гнев?
19 Утешни се, исто така, Јеховините натамошни зборови: „Зашто нема да се препирам довека, ниту да се лутам вечно: пред Мене би подлегнале духот и душите [суштествата што дишат, NW] што Сум ги создал“ (Исаија 57:16). Ниедно од Божјите суштества не би можело да преживее кога Јеховиниот гнев би бил траен, без крај. Затоа, за среќа, Божјето негодување е само за ограничено време. Штом ќе ја исполни својата цел, престанува. Овој инспириран увид ни помага да развиеме длабоко ценење за љубовта што ја има Јехова кон своето творештво.
20. а) Како постапува Јехова со еден непокајнички престапник? б) На кој начин Јехова го теши покајникот?
20 Како што Јехова продолжува, стекнуваме поголем увид. Прво вели: „Заради гревот на неговата лакомост се разгневив, го удрив и се скрив разгневен. Но тој сврти по своето срце [Но тој продолжи да оди како одметник по патот на своето срце, NW]“ (Исаија 57:17). Грешките направени поради лакомост сигурно ја зголемуваат веројатноста Бог да се разгневи. Сѐ додека некој останува одметник во срцето, Јехова останува разгневен. Но, што ако одметникот реагира поволно на дисциплината? Тогаш Јехова покажува како неговата љубов и сочувство го поттикнуваат да дејствува: „Ги видов неговите патишта. Ќе го излечам, ќе го водам и ќе ги утешам оние што тагуваат со него“ (Исаија 57:18). Откако презема дисциплинска мерка, Јехова го лекува покајникот и го теши и него и оние што тагуваат со него. Токму затоа во 537 пр.н.е. Евреите можеле да се вратат дома. Точно, Јуда никогаш повеќе не била независно царство со цар од лозата на Давид. Сепак, храмот во Ерусалим бил повторно изграден, а вистинското обожавање било одново воспоставено.
21. а) Како го оживеал Јехова духот на помазаните христијани во 1919? б) Која особина е добро да ја негуваме како поединци?
21 Во 1919, „Вишниот и Возвишениот“, Јехова, исто така покажал грижа за благосостојбата на помазаниот остаток. Великиот Бог, Јехова, љубезно ја забележал маката на остатокот и го избавил од вавилонско ропство поради покајничкиот, понизен дух што го имал. Ги отстранил сите камења спрепиначи и го ослободил за да може да му принесува чисто обожавање. Со тоа, Јеховините зборови преку Исаија се исполниле тогаш. А зад овие зборови стојат вечни начела, кои важат за секого од нас. Јехова прифаќа обожавање само од оние што се со понизен ум. И ако еден Божји слуга погреши, треба брзо да ја признае својата грешка, да прифати укор и да ги поправи своите патишта. Никогаш да не заборавиме дека Јехова ги лекува и ги теши понизните, а „им се спротивставува на вообразените“ (Јаков 4:6).
„Мир на оној кој е далеку и кој е близу“
22. Каква иднина претскажува Јехова за а) покајниците? б) злите?
22 Правејќи контраст помеѓу иднината на оние што се каат и на оние што истрајуваат на своите зли патишта, Јехова изјавува: „,Ќе ставам пофалба во нивните усни [Јас создавам плод на усните, NW]. Мир, мир на оној кој е далеку и кој е близу . . . Јас ќе те излечам.‘ Но безбожниците се како разбранувано море, што не може да се смири, неговите бранови исфрлаат тиња и кал. ‚Нема мир за грешниците!‘“ (Исаија 57:19—21).
23. Што е плодот на усните, и на кој начин Јехова го ‚создава‘ овој плод?
23 Плодот на усните е жртвата на фалба принесена на Бог — јавна изјава за неговото име (Евреите 13:15). Како Јехова ја ‚создава‘ таа јавна изјава? За да му принесе жртва на фалба, поединецот прво мора да научи за Бог, а потоа да поверува во него. Верата — плод на Божјиот дух — го поттикнува тоа лице да им кажува на другите за она што го чуло. Со други зборови, дава јавна изјава (Римјаните 10:13—15; Галатите 5:22). Треба да се запомни и тоа дека, на крајот, Јехова е оној што им наложува на своите слуги да кажуваат фалба за него. И, Јехова е оној што го ослободува својот народ и со тоа му овозможува да му принесе таква жртва на фалба (1. Петрово 2:9). Според тоа, со право може да се рече дека Јехова го создава овој плод на усните.
24. а) Кој го запознава Божјиот мир, и со каков резултат? б) Кој не го запознава мирот, и каков е резултатот за таквите?
24 Каков само возбудлив плод на усните мора да принесуваат Евреите додека се враќаат во својата татковина пеејќи му фалби на Јехова! Мора да се радосни што го познаваат Божјиот мир, сеедно дали се „далеку“ — оддалечени од Јуда, сѐ уште чекајќи да се вратат — или „близу“ — веќе во својата татковина. Во споредба со нив, колку поинакви се работите за злите! Сите што пропуштаат да реагираат поволно на Јеховините дисциплински мерки, односно злобните, сеедно кои се и каде се, воопшто немаат мир. Разбранувани како немирно море, тие и понатаму создаваат, не плод на усните, туку „тиња и кал“, сѐ што е нечисто.
25. Како многумина насекаде го искусуваат мирот?
25 И денес, Јеховините обожаватели насекаде ја објавуваат добрата вест за Божјето Царство. Христијаните насекаде, во повеќе од 230 земји, принесуваат плод на своите усни, разгласувајќи фалба за единствениот вистински Бог. Фалбите кои тие ги пеат се слушаат „од крајот на земјата“ (Исаија 42:10—12). Оние што ги слушаат нивните изјави и се одѕиваат, ја пригрнуваат вистината од Божјата реч, Библијата. Таквите го искусуваат мирот што доаѓа од служењето на „Бог, кој дава мир“ (Римјаните 16:20).
26. а) Што лежи пред злите? б) Какво величествено ветување им е дадено на кротките, и на што треба да бидеме решени?
26 Точно, злите не обрнуваат внимание на пораката за Царството. Сепак, наскоро нема да им биде дозволено да им го нарушуваат мирот на праведните. „Уште малку и ќе го снема безбожникот“, ветува Јехова. Оние што се надеваат на Јехова ќе ја наследат земјата на прекрасен начин. „Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11, 29). Колку само убаво место ќе биде тогаш нашата Земја! Сите ние да бидеме решени никогаш да не го изгубиме Божјиот мир, за да можеме да му пееме фалба на Бог во сета вечност.
[Фусноти]
a Терминот „легло“ веројатно се однесува или на олтарот или на местото на паганско обожавање. Називот легло е потсетување дека таквото обожавање е духовна проституција.
b Светите стапови можеби го претставувале женскиот принцип, а светите столбови можеби биле симболи на фалус. Неверните жители на Јуда ги користеле и двата вида (2. Цареви 18:4; 23:14).
[Слика на страница 263]
Јуда практикува неморално обожавање под секое зелено дрво
[Слика на страница 267]
Јуда гради жртвеници по целата земја
[Слика на страница 275]
„Јас создавам плод на усните“