Јехова го разубавува својот народ со светлина
„Стани [о жено, NW] засвети, зашто твојата светлина доаѓа [дојде, NW], над тебе блеска Господовата Слава“ (ИСАИЈА 60:1).
1, 2. а) Каква е состојбата на човештвото? б) Кој стои зад темнината на човештвото?
„ОХ, камо да беше тука Исаија или свети Павле!“ Таков бил тажниот извик на американскиот претседател Хари Труман во 1940-тите. Зошто ги кажал овие зборови? Затоа што ја почувствувал потребата од морални водачи од највисок калибар за светот од неговото време. Човештвото штотуку минало низ најмрачниот период од 20 век, Втората светска војна. Меѓутоа, иако војната завршила, во светот немало мир. И понатаму постоела темнина. Навистина, 57 години по завршувањето на таа војна, светот сѐ уште се наоѓа во темнина. Да бил жив претседателот Труман денес, несомнено сѐ уште ќе ја гледал потребата од морални водачи од калибарот на Исаија или на апостол Павле.
2 Сеедно дали претседателот Труман го знаел тоа или не, апостол Павле зборувал за темнината што го измачува човештвото, и во своите списи предупредил на неа. На пример, тој ги предупредил соверниците: „Ние не водиме борба против крв и месо, туку против владите, против властите, против светските владетели на оваа темнина, против злите духовни сили на небесните места“ (Ефешаните 6:12). Со овие зборови Павле не само што покажал дека бил свесен за духовната темнина што го обвиткувала светот туку и дека го знаел нејзиниот вистински извор — моќните демонски сили опишани како ‚светски владетели‘. Со оглед на тоа што зад темнината на светот стојат моќни духови, што можат да сторат обичните луѓе за да ја растераат?
3. И покрај мрачната состојба на човештвото, што претскажал Исаија за верните?
3 Исаија на сличен начин зборувал за темнината што го измачува човештвото (Исаија 8:22; 59:9). Меѓутоа, гледајќи кон нашево време, тој под инспирација претскажал дека дури и во овие мрачни времиња, Јехова ќе го осветли гледиштето на оние што ја љубат светлината. Да, иако Павле или Исаија не се лично со нас, ги имаме нивните инспирирани записи за да нѐ водат. За да видиме каков благослов е тоа за оние што го љубат Јехова, да ги разгледаме пророчките зборови на Исаија, кои се наоѓаат во 60. поглавје од неговата книга.
Една пророчка жена фрла светлина
4, 5. а) Што ѝ заповеда Јехова на една жена, и какво ветување дава тој? б) Какви возбудливи информации содржи Исаија 60. поглавје?
4 Првите зборови од Исаија 60. поглавје ѝ се упатени на една жена што се наоѓа во многу жалосна состојба — во темнина, лежејќи спружена на земја. Одеднаш, во мракот продира светлина, и Јехова повикува: „Стани, [о жено, NW] засвети, зашто твојата светлина доаѓа [дојде, NW], над тебе блеска Господовата Слава“ (Исаија 60:1). Дошло време жената да стане и да ја одразува Божјата светлина, неговата слава. Зошто? Одговорот го гледаме во следниот стих: „Еве, темнината ја покрива земјата, и мракот народите! А тебе те осветлува Господ, и Неговата Слава се јавува над тебе“ (Исаија 60:2). Кога жената ја послушува Јеховината заповед, уверена е во еден прекрасен резултат. Јехова вели: „Народите чекорат кон твојата светлина, и царевите кон исток на твојот сјај“ (Исаија 60:3).
5 Возбудливите зборови во овие три стиха се и увод и резиме на она што го содржи останатиот дел од Исаија 60. поглавје. Во него се претскажуваат доживувањата на една пророчка жена и се објаснува како можеме да живееме во Јеховината светлина и покрај темнината што се спуштила врз човештвото. Но, што претставуваат симболите во овие три воведни стиха?
6. Која е жената од Исаија 60. поглавје, и кој ја застапува на Земјата?
6 Жената од Исаија 60:1—3 е Сион, Јеховината небесна организација од духовни суштества. Денес, Сион е застапен на Земјата од преостанатите од „Израелот Божји“, меѓународното собрание на духовно помазани христијани, кои имаат надеж да владеат со Христос на небото (Галатите 6:16). Оваа духовна нација на крајот брои вкупно 144.000 членови, а современото исполнување на Исаија 60. поглавје се сосредоточува на оние што се живи на Земјата во текот на „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1; Откровение 14:1). Пророштвото исто така има да каже многу за придружниците на овие помазани христијани, ‚големото мноштво‘ од „други овци“ (Откровение 7:9; Јован 10:16).
7. Каква била состојбата на Сион во 1918, и како било проречено ова?
7 Имало ли време кога „Израелот Божји“ лежел во темнина, како што е навестено со таа пророчка жена? Да, ова се случило пред повеќе од 80 години. Во текот на Првата светска војна, помазаните христијани напорно се бореле за да продолжи делото на сведочење. Но, во 1918, последната година од војната, организираното дело на проповедање практично престанало. На Џозеф Ф. Ратерфорд, кој го надгледувал светското проповедничко дело, и на други истакнати христијани, им биле изречени долги затворски казни под измислени обвиненија. Во книгата Откровение, помазаните христијани што биле тогаш на Земјата биле пророчки опишани како трупови што лежат „на широката улица од големиот град кој во духовна смисла е наречен Содом и Египет“ (Откровение 11:8). Тоа било навистина еден мрачен период за Сион, кој го застапувале неговите помазани деца на Земјата!
8. Каква драматична промена се случила во 1919, и со каков резултат?
8 Меѓутоа, во 1919 година се случила една драматична промена. Јехова фрлил светлина врз Сион! Преживеаните од Израелот Божји станале да ја одразуваат Божјата светлина, бестрашно продолжувајќи повторно да ја објавуваат добрата вест (Матеј 5:14—16). Благодарение на обновената ревност на овие христијани, и други биле привлечени кон Јеховината светлина. Во почетокот, новодојдените биле помазани како додатни членови на Израелот Божји. Во Исаија 60:3 тие се наречени цареви, бидејќи треба да бидат сонаследници со Христос во Божјето небесно Царство (Откровение 20:6). Подоцна, кон Јеховината светлина било привлечено и едно големо мноштво од други овци. Овие се „народите“ спомнати во пророштвото.
Децата на жената си доаѓаат дома!
9, 10. а) На каква извонредна глетка наидува жената, и што предочувало тоа? б) Каква причина за радост имал Сион?
9 Сега, Јехова почнува да ги дополнува информациите изнесени во Исаија 60:1—3. На жената ѝ дава една друга заповед. Слушни што вели тој: „Подигни ги очите, обѕрни се“. Жената послушува, и на каква само пријатна глетка наидува! Нејзините деца си доаѓаат дома. Стихот понатаму вели: „Сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Твоите синови доаѓаат од далеку, ти ги носат ќерките во прегратки“ (Исаија 60:4). Светското објавување на Царството што почнало во 1919 привлекло илјадници нови лица во Јеховината служба. И тие станале „синови“ и „ќерки“ на Сион, помазани членови на Израелот Божји. На тој начин Јехова го разубавел Сион донесувајќи ги кон светлината последните членови од 144.000-те.
10 Можеш ли да си ја замислиш радоста на Сион што ги имал со себе своите деца? Сепак, Јехова му дава на Сион додатни причини за радост. Читаме: „Тогаш ќе гледаш и ќе блескаш од радост, срцето ќе ти игра и ќе се шири, зашто кон тебе ќе затече богатството на морето, богатството на народите ќе дојде кон тебе“ (Исаија 60:5). Во согласност со овие пророчки зборови, од 1930-тите кон Сион се слеваат мноштва христијани чија надеж е да живеат засекогаш на Земјата. Тие излегуваат од „морето“ на човештвото отуѓено од Бог и го претставуваат богатството на народите. Тие се „пожелните работи од сите нации“ (Агеј 2:7, NW; Исаија 57:20). Забележи го и тоа дека „пожелните работи“ не почнуваат да му служат на Јехова на свој сопствен начин. Не, тие придонесуваат за убавината на Сион така што доаѓаат да вршат обожавање во поврзаност со своите помазани браќа, станувајќи со нив „едно стадо“ под „еден пастир“ (Јован 10:16).
Трговци и пастири доаѓаат на Сион
11, 12. Опиши ги мноштвата што можат да се видат како се движат кон Сион.
11 Резултатот од ова претскажано собирање е извонреден пораст во бројот на фалители на Јехова. Ова е претскажано со следниве зборови од пророштвото. Замисли си дека стоиш на гората Сион со пророчката жена. Погледнуваш кон исток, и што гледаш? „Мноштво камили ќе те покријат, едногрби камили од Мадијам и Ефа. Сите ќе дојдат од Сава, донесувајќи злато и темјан и ќе ја навестат Господовата слава“ (Исаија 60:6). Мноштвата трговци ги водат своите каравани од камили по патеките што водат до Ерусалим. Па камилите се како поплава што ја прекрива земјата! Трговците носат драгоцени дарови, „злато и темјан“. А овие трговци доаѓаат во Божјата светлина за да го фалат јавно, да „ја навестат Господовата слава“.
12 На пат не се само трговците. И пастири се слеваат кон Сион. Пророштвото понатаму вели: „Сите кидарски стада ќе се соберат во тебе, наваотските овнови ќе ти бидат за служба“ (Исаија 60:7а). Сточарските племиња доаѓаат во светиот град за да му го принесат на Јехова најдоброто од своите стада. Дури се нудат и себеси за да служат на Сион! Како ги прима Јехова овие странци? Бог лично одговара: „Ќе се искачуваат, како угодна жртва, на Мојот жртвеник, ќе го прославам [разубавам, NW] Домот на Мојата Слава“ (Исаија 60:7б). Јехова љубезно ги прифаќа приносите и службата на овие странци. Нивната присутност го разубавува неговиот храм.
13, 14. Што доаѓа од запад, според она што може да се види?
13 Сега, сврти ја главата и набљудувај го западниот хоризонт. Што гледаш? Некаде во далечината има нешто што личи на бел облак распослан над морската површина. Јехова го поставува прашањето што го имаш на ум: „Кои се оние што треперат во воздухот како облаци, како гулаби на своите прозорци?“ (Исаија 60:8). Јехова самиот одговара на своето прашање: „Да, Мене Ме чекаат островите, а тарсиските кораби се пред нив, за да ги доведат твоите синови од далеку, а со нив нивното сребро и злато, заради Името на Господа, твојот Бог, заради Израелевиот Светец, Кој те прослави [разубави, NW]“ (Исаија 60:9).
14 Можеш ли да си ја претставиш сцената? Тој бел облак доаѓа поблизу и сега изгледа како купче точки далеку на запад. Изгледа како јато птици што прелетуваат над самите бранови. Но, како што сѐ повеќе се приближуваат, можеш да видиш дека тоа се бродови чии едра се распнуваат да го фатат ветрот. Кон Ерусалим пловат толку многу бродови што личат на јато гулаби. Од далечни пристаништа, флотата патува со најголема брзина, донесувајќи верници во Ерусалим за да го обожаваат Јехова.
Јеховината организација се шири
15. а) Каков пораст претскажуваат зборовите од Исаија 60:4—9? б) Каков дух покажуваат вистинските христијани?
15 Каква само жива пророчка слика прикажуваат стиховите 4 до 9 за светското ширење што се случува од 1919! Зошто Јехова го благословил Сион со таков пораст? Затоа што од 1919, Израелот Божји послушно и постојано ја испушта Јеховината светлина. Но, дали забележа дека, според стих 7, новодојденците ‚се искачуваат на [Божјиот] жртвеник‘? Жртвеник е место каде што се принесуваат жртви, а ова обележје на пророштвото нѐ потсетува дека Јеховината служба вклучува жртви. Апостол Павле напишал: „Ве преколнувам . . . да ги принесувате своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог, како света служба со вашата сила на разумот“ (Римјаните 12:1). Во согласност со Павловите зборови, вистинските христијани не се задоволни само со тоа еднаш седмично да присуствуваат на религиозни служби. Тие го посветуваат своето време, енергија и средства за да го унапредуваат чистото обожавање. Зарем присуството на такви оддадени обожаватели не го разубавува Јеховиниот дом? Пророштвото на Исаија рекло дека ќе биде така. И можеме да бидеме сигурни дека таквите ревносни обожаватели се, од своја страна, убави во Јеховините очи.
16. Кој придонесувал за делото на повторна изградба во древни времиња, и кој го прави тоа во денешно време?
16 Новодојдените сакаат да работат. Пророштвото понатаму вели: „Странци ќе ги обноват твоите ѕидови, и нивните цареви ќе ти служат“ (Исаија 60:10). Во првото исполнување на овие зборови за време на враќањето од вавилонско изгнанство, цареви и други луѓе од нациите буквално помагале во повторната изградба на храмот и на градот Ерусалим (Езра 3:7; Неемија 3:26, ПСП). Во денешното исполнување, големото мноштво го поддржува помазаниот остаток во градењето на вистинското обожавање. Тоа помага да се градат христијански собранија и на тој начин да се зајакнат ‚ѕидовите‘ на Јеховината организација слична на град. Тоа учествува и во буквално дело на градба — изградба на Сали на Царството, Собирни сали и бетелски објекти. На сите овие начини, ги поддржува своите помазани браќа во грижата за потребите на Јеховината организација што се шири!
17. Кој е еден начин на кој Јехова го разубавува својот народ?
17 Колку се само охрабрувачки последните зборови од Исаија 60:10! Јехова вели: „Јас те удрив во Својот гнев, но пак ти се смилував со Својата наклоност“. Да, во 1918/1919 година Јехова го дисциплинирал својот народ. Но, тоа е минато. Сега е време Јехова да покаже милост кон своите помазани слуги и кон нивните придружници, другите овци. Доказ за тоа е извонредниот пораст со кој ги благословува, ‚разубавувајќи ги‘, така да се каже.
18, 19. а) Какво ветување дава Јехова во врска со новите што доаѓаат во неговата организација? б) Што ни кажуваат преостанатите стихови од Исаија 60. поглавје?
18 Секоја година, стотици илјади додатни „странци“ се поврзуваат со Јеховината организација, а патот ќе остане отворен за уште многумина да дојдат по нив. Јехова му вели на Сион: „Твојата врата ќе биде отворена секогаш, не ќе се затвора ни дење ни ноќе, за да ги пропушти кон тебе богатствата на народите, со царевите кои ги водат“ (Исаија 60:11). Некои противници се обидуваат да ја затворат таа „врата“, но знаеме дека не можат да успеат. Самиот Јехова рекол дека на еден или на друг начин вратата ќе остане отворена. Порастот ќе продолжи.
19 Постојат и други начини на кои Јехова го благословува својот народ, правејќи го убав, во овие последни денови. Преостанатите стихови од Исаија 60. поглавје пророчки откриваат кои се тие начини.
Можеш ли да објасниш?
• Која е Божјата „жена“, и кој ја застапува на Земјата?
• Кога децата на Сион лежеле спружени, и кога и како ‚станале‘?
• Како Јехова го претскажал денешниот пораст на проповедници на Царството користејќи различни симболи?
• На кои начини Јехова предизвикал неговата светлина да светли врз неговиот народ?
[Слика на страница 10]
На Јеховината „жена“ ѝ е заповедано да стане
[Слика на страница 12]
Флотата бродови личи на гулаби на хоризонтот