Седум пастири, осум кнезови — кои се тие денес?
„Ќе подигнеме против него седум пастири, осум кнезови од луѓето“ (МИХ. 5:5)
1. Зошто планот на царевите на Сирија и Израел бил осуден на неуспех?
НЕКАДЕ меѓу 762 и 759 год. пр.н.е., царот на Израел и царот на Сирија му објавиле војна на царството Јуда. Која била нивната цел? Тие сакале да го нападнат Ерусалим, да го тргнат цар Ахаз од престолот и на негово место да постават друг цар кој најверојатно немало да потекнува од лозата на Давид (Иса. 7:5, 6). Но, овој план бил осуден на неуспех. Јехова ветил дека еден потомок на цар Давид засекогаш ќе седи на Неговиот престол, а Тој секогаш си стои на зборот (Ис. Нав. 23:14; 2. Сам. 7:16).
2-4. Објасни како пророштвото од Исаија 7:14, 16 се исполнило а) во осмиот век пр.н.е. б) во времето на Исус?
2 Во почетокот се чинело дека Сирија и Израел ќе извојуваат победа. Само во една битка, цар Ахаз изгубил 120.000 храбри воини! Освен тоа, бил убиен и неговиот син, Маасија (2. Лет. 28:6, 7). Но, Јехова го гледал сето тоа. Тој не го заборавил ветувањето што му го дал на Давид. Затоа го испратил пророкот Исаија со една многу охрабрувачка порака.
3 Исаија рекол: „Еве, девојка ќе забремени и ќе роди син и ќе му го даде името Емануел... Пред детето да научи да го отфрла злото и да го избира доброто, ќе опусти земјата на двајцата цареви [на Сирија и на Израел] од кои ти многу се плашиш“ (Иса. 7:14, 16). Точно е дека првиот дел од ова пророштво се однесува на раѓањето на Месијата (Мат. 1:23). Но, бидејќи „двајцата цареви“ на Сирија и на Израел не ја нападнале Јуда во времето на Исус, пророштвото за Емануел сигурно имало прво исполнување во деновите на Исаија.
4 Наскоро откако Исаија ја дал оваа значајна изјава, неговата жена забременила и му родила син, на кого му дале име Махер-Шалал-Хаш-Баз. Можеби ова дете било истиот Емануел за кој зборувал Исаија.a Во библиски времиња, на детето му било давано име при раѓањето, можеби во поврзаност со некој посебен настан, но понекогаш неговите родители и роднини го нарекувале со друго име (2. Сам. 12:24, 25). Сепак, дури и ако Махер-Шалал-Хаш-Баз не бил познат како Емануел, можно е најпрво пророштвото на Исаија да се исполнило на него. Зошто го велиме тоа? Па, иако нема докази дека Исус некогаш го викале Емануел, знаеме со сигурност дека тој го исполнил ова пророштво. (Прочитај Исаија 7:14; 8:3, 4.)
5. Каква неразумна одлука донел цар Ахаз?
5 Додека Израел и Сирија се подготвувале да ја нападнат Јуда, едно друго царство исто така се спремало да тргне во поход на тој регион. Тоа било Асирското Царство, кое тогаш било во подем како светска сила. Според Исаија 8:3, 4, било проречено дека, пред да го нападне Ерусалим, Асирија ќе ја нападне Самарија, и ‚ќе го однесе богатството на Дамаск и пленот на Самарија‘. Наместо да има доверба во Божјата порака што му ја пренел Исаија, неверниот Ахаз постапил неразумно и склучил сојуз со Асирците, кои на крајот безмилосно завладеале со Јуда (2. Цар. 16:7-10). Ахаз навистина се покажал како лош пастир на Јуда! Имајќи го на ум неговиот пример, добро е да се прашаме: ‚На кого се потпирам кога треба да донесам важни одлуки — на Бог или на луѓе?‘ (Изр. 3:5, 6).
ЕДЕН ДРУГ ПАСТИР ПОСТАПУВА ПОИНАКУ
6. По што се разликувал Езекија од Ахаз?
6 Ахаз умрел во 746 год. пр.н.е., и на негово место се зацарил неговиот син Езекија. Во тоа време, народот во Јуда живеел во немаштија и бил во лоша духовна состојба. Што било првото нешто кое го направил Езекија откако станал цар? Дали се обидел да ја подобри економската состојба на Јуда? Не. Како духовна личност, Езекија бил добар пастир на својот народ. Најважно од сѐ му било да им помогне на своите сонародници повторно да му служат на Јехова на исправен начин. Кога сфатил што е Божјата волја за него, тој презел решителни чекори. Со тоа ни дал одличен пример (2. Лет. 29:1-19).
7. Зошто на левитите им била потребна поддршка од новиот цар?
7 Левитите требало да имаат клучна улога во обновата на обожавањето на вистинскиот Бог. Затоа Езекија ги собрал за да им каже дека во потполност ќе ги поддржува. Замисли си ги верните левити кои биле присутни во таа прилика. По лицата сигурно им се слевале солзи радосници додека слушале како нивниот цар им вели: „Јехова вас ве избра да стоите пред него и да му служите“ (2. Лет. 29:11). Тие добиле јасна заповед да му помагаат на народот да му служи на вистинскиот Бог!
8. Кои други чекори ги презел Езекија за да му помогне на народот да му се врати на Јехова, и со каков резултат?
8 Езекија ги повикал сите жители на Јуда и на Израел да дојдат на големата прослава на Пасхата, по која следел седумдневниот Празник на бесквасните лебови. Луѓето толку се радувале на празникот, што го славеле уште седум дена. Библијата вели: „Во Ерусалим владееше голема веселба, зашто уште од времето на Соломон, Давидовиот син, царот на Израел, не беше така во Ерусалим“ (2. Лет. 30:25, 26). Овој празник навистина многу го охрабрил целиот народ! Во 2. Летописи 31:1 пишува: „Кога заврши сето тоа, сите Израелци... почнаа да ги кршат обредните столбови, да ги сечат обредните диреци и да ги рушат обредните височинки и жртвениците“. Со тоа Јудејците покажале дека се решени да му се вратат на Јехова. Ова духовно очистување на многу добар начин ги подготвило за неволјите што им претстоеле.
ЦАРОТ ПОЛАГА ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА
9. а) Како биле осуетени намерите на Израел? б) Каков успех имал Сенахирим во почетокот на својот освојувачки поход на Јуда?
9 Токму како што прорекол Исаија, Асирците го освоиле северното царство Израел и ги одвеле неговите жители во изгнанство. Со тоа ја осуетиле намерата на Израел да постави во Јуда цар кој не бил од лозата на Давид. Но, каква намера имале Асирците? Сега тие се свртеле кон Јуда. Библијата вели: „Во четиринаесеттата година од царувањето на Езекија, дојде Сенахирим, асирскиот цар, против сите утврдени градови на Јуда и ги освои“ (2. Цар. 18:13). Се смета дека Сенахирим освоил вкупно 46 градови во Јуда. Замисли како би се чувствувал да си живеел во тоа време во Ерусалим и да си слушал дека асирската војска ги освојува јудејските градови еден по еден! (2. Цар. 18:13).
10. Зошто пророштвото на Михеј можело да го охрабри Езекија?
10 Се разбира, Езекија бил свесен дека опасноста сѐ повеќе наближува. Но, наместо очајно да бара помош од некој пагански народ, како што направил неговиот татко, отпадникот Ахаз, тој ја положил својата доверба во Јехова (2. Лет. 28:20, 21). Можеби му било познато она што го кажал пророкот Михеј, кој живеел во тоа време. Тој го претскажал следново во врска со Асирија: „Кога Асирецот ќе дојде... ќе подигнеме против него седум пастири, осум кнезови од луѓето. Тие ќе ја пасат земјата Асирија со меч“ (Мих. 5:5, 6). Овие зборови сигурно можеле да го охрабрат Езекија, бидејќи од нив се гледа дека против Асирците ќе се кренела една многу необична војска и дека непријателите на крајот ќе биле поразени.
11. Кога ќе има главно исполнување пророштвото за седумте пастири и осумте кнезови?
11 Пророштвото за седумте пастири и осумте кнезови требало да има главно исполнување долго по раѓањето на Исус, ‚владетелот во Израел, кој потекнува од дамнини‘. (Прочитај Михеј 5:1, 2.) Всушност, тоа треба да се исполни во иднина, кога современиот „Асирец“ ќе ги нападне Јеховините слуги со цел да ги истреби во потполност. Каква „војска“ ќе користи Јехова преку својот Син, кој сега владее како Цар, за да му се спротивстави на страшниот непријател? Пред да го дознаеме одговорот на ова прашање, да видиме што може да научиме од она што го направил Езекија кога асирските непријатели го опколиле Ерусалим.
ЕЗЕКИЈА ПРЕЗЕМА ПРАКТИЧНИ МЕРКИ
12. Кои мерки ги презеле Езекија и оние што биле со него за да го заштитат Божјиот народ?
12 Јехова е секогаш спремен да го направи за нас она што самите не можеме да го направиме. Сепак, очекува и ние да го дадеме својот дел, односно да направиме сѐ што можеме. Езекија направил сѐ што можел. Библијата вели: „Во договор со своите кнезови и јунаци, [тој реши] да ги затрупа изворите на вода што беа надвор од градот... Потоа се охрабри и го обнови целиот разурнат ѕид и подигна кули на него. Однадвор изгради друг ѕид... и направи многу копја и штитови“ (2. Лет. 32:3-5). За да го заштити својот народ во оваа прилика, Јехова искористил повеќе храбри луѓе — Езекија, неговите кнезови и верните пророци.
13. Кој бил најважниот чекор што го презел Езекија за да го подготви народот за претстојниот напад? Објасни.
13 Но, освен што ги затрупал изворите и што ги утврдил ѕидовите на градот, Езекија направил нешто уште поважно. Како грижлив пастир, тој го собрал народот и го охрабрил со следниве зборови: „Не бојте се и не плашете се... од асирскиот цар... зашто наши има повеќе отколку нивни! Со него е телесна рака, а со нас е Јехова, нашиот Бог, за да ни помага и да ги води нашите битки“. Колку охрабрувачко потсетување — Јехова ќе се бори за својот народ! Кога го чуле тоа, Евреите ‚положиле доверба во зборовите на Езекија, царот на Јуда‘. Значи, токму зборовите на царот ја зајакнале нивната вера и им влеале храброст. Во склад со она што го претскажал Јехова, Езекија и неговите јунаци, како и пророците Михеј и Исаија, покажале дека се добри пастири (2. Лет. 32:7, 8; прочитај Михеј 5:5, 6).
14. Што рекол рапшакот, и како постапил народот?
14 Царот на Асирија се улогорил во Лахис, југозападно од Ерусалим. Оттаму испратил тројца гласници за да му порача на Езекија да го предаде градот. Неговиот главен гласник, чиј службен назив бил рапшак, применил неколку тактики за да го постигне тоа. Тој им се обратил на луѓето на хебрејски поттикнувајќи ги да го предадат царот и да им се покорат на Асирците. Притоа им дал лажно ветување дека ќе ги пресели во земја каде што ќе можат да водат удобен живот. (Прочитај 2. Царевите 18:31, 32.) Потоа им рекол дека, исто како што боговите на другите народи не можеле да ја избават својата земја од асирскиот цар, така и Јехова нема да може да ги избави Евреите од раката на Асирците. Луѓето мудро молчеле и не одговориле на неговите подмолни лаги. Денес Јеховините слуги честопати го следат нивниот пример кога противниците шират невистини за нив. (Прочитај 2. Царевите 18:35, 36.)
15. Што се барало од жителите во Ерусалим, и како Јехова го избавил градот?
15 Се разбира, Езекија со право се вознемирил. Но, наместо да бара помош од некоја друга земја, тој побарал совет од Јехова преку пророкот Исаија. А Исаија му ја испратил следнава порака: „Тој [Сенахирим] нема да влезе во овој град и нема да фрли ваму своја стрела“ (2. Цар. 19:32). Што се барало од жителите на Ерусалим? Тие само требало да останат храбри и да не попуштат пред заканите на непријателот. Јехова ветил дека ќе се бори за Јуда. И, тој навистина го сторил тоа! Библијата вели: „Во истата таа ноќ излезе Јеховин ангел и уби сто осумдесет и пет илјади луѓе во асирскиот логор“ (2. Цар. 19:35). Иако Езекија направил сѐ што можел за да го заштити градот, на крајот избавувањето дошло од Јехова.
ПОУКИ ЗА НАС ДЕНЕС
16. Кој е претставен денес со: а) жителите на Ерусалим? б) „Асирецот“? в) седумте пастири и осумте кнезови?
16 Пророштвото за седумте пастири и осумте кнезови има главно исполнување во нашево време. Жителите на древниот Ерусалим биле нападнати од Асирците. Во блиска иднина, Јеховините слуги, кои ќе изгледаат како лесен плен, ќе бидат нападнати од современиот „Асирец“ — непријателот кој ќе сака да ги истреби. Библијата зборува за тој напад, како и за нападот на ‚Гог од Магог‘, на „царот на северот“ и на „земните цареви“ (Езек. 38:2, 10-13; Дан. 11:40, 44, 45; Отк. 17:14; 19:19). Дали станува збор за различни напади? Не мора да значи. Библијата може да користи различни имиња за да го опише истиот напад. Според пророштвото на Михеј, кое „тајно оружје“ ќе го употреби Јехова против овој суров непријател, „Асирецот“? Едно многу необично „оружје“ — „седум пастири“ и „осум кнезови“! (Мих. 5:5). Пастирите и кнезовите кои ја сочинуваат оваа неверојатна војска се собраниските старешини (1. Пет. 5:2). Денес Јехова користи голем број верни старешини за да се грижи за својот народ и да го зајакне за претстојниот напад на „Асирецот“.b Пророштвото на Михеј вели дека тие „ќе ја пасат земјата Асирија со меч“ (Мих. 5:6). Едно ‚оружје на нивното војување‘ е „мечот на духот“, односно Божјата Реч (2. Кор. 10:4; Еф. 6:17).
17. Кои четири поуки можат да ги извлечат старешините од извештајот што го разгледавме?
17 Старешини, можете да извлечете неколку важни поуки од извештајот што беше разгледан во оваа статија. 1) Најдобро ќе можете да се подготвите за претстојниот напад на „Асирецот“ така што ќе ја зајакнете вашата вера во Бог и ќе им помагате на браќата да го сторат тоа. 2) Кога „Асирецот“ ќе нападне, мора да имате потполна доверба дека Јехова ќе нѐ спаси. 3) Во тоа време, животоспасувачките упатства што ќе ги добиете од Јеховината организација можеби ќе изгледаат чудни од човечка гледна точка. Меѓутоа, сите мора да бидеме спремни да ги послушаме упатствата кои ќе ги добиеме, сеедно дали нам ни изгледаат разумни и логични или не. 4) Сега е време да си го исправат размислувањето сите што можеби полагаат доверба во световното образование, во материјалните работи или во човечките организации. Како старешини, вие мора да бидете спремни да им помогнете на сите што можеби не покажуваат целосна доверба во Јехова.
18. Каква корист ќе имаме во иднина од поуките што ги разгледавме во библискиот извештај за Езекија?
18 Ќе дојде време кога денешните Божји слуги ќе изгледаат исто толку беспомошни како што изгледале Евреите кои биле во опсадениот Ерусалим во времето на Езекија. Кога ќе се случи тоа, зборовите на овој цар можат да ни помогнат да ја зајакнеме нашата вера. Да не заборавиме, со нашите непријатели „е телесна рака, а со нас е Јехова, нашиот Бог за да ни помага и да ги води нашите битки“! (2. Лет. 32:8).
a Хебрејскиот збор кој во Исаија 7:14 е преведен со „девојка“ може да означува мажена жена или девица. Според тоа, истиот збор може да се однесува и на жената на Исаија и на еврејската девица Марија.
b Во Библијата, бројот седум честопати се користи за да означи потполност. Бројот осум (кој е за еден поголем од седум) понекогаш се користи за да означи изобилство.