Дваесет и шесто поглавје
,Воскликнувајте довека заради она што Јас го создавам‘
1. Кои утешни зборови ги запишал апостол Петар, и кое прашање се наметнува?
ДАЛИ некогаш ќе доживееме крај на неправдите и страдањето? Пред повеќе од 1.900 години апостол Петар ги запишал следниве утешни зборови: „Според [Божјето] ветување очекуваме нови небеса и нова земја, и во нив ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Петар, заедно со многу други верни Божји слуги низ вековите, со радост го очекувал големиот ден кога ќе ги снема беззаконието, угнетувањето и насилството, а ќе преовлада праведноста. Можеме ли да бидеме сигурни дека ова ветување ќе се исполни?
2. Кој пророк зборувал за „нови небеса и нова земја“, и какви исполнувања има ова древно пророштво?
2 Да, можеме! Кога зборувал за „нови небеса и нова земја“, Петар не вовел некоја нова идеја. Јехова кажал нешто слично преку пророкот Исаија околу 800 години пред тоа. Ова порано изречено ветување се остварило во мали размери во 537 пр.н.е., кога Евреите биле пуштени од вавилонското заробеништво, што им овозможило да се вратат во својата татковина. Но, пророштвото на Исаија има величествено исполнување денес, а ние радосно исчекуваме и уште едно, повозбудливо исполнување во Божјиот претстоен нов свет. Навистина, радосното пророштво дадено преку Исаија овозможува да ѕирнеме во благословите што Бог ги подготвува за оние што го љубат.
Јехова сесрдно моли еден ,тврдоглав народ‘
3. На кое прашање ни е одговорено во Исаија 65. поглавје?
3 Сети се дека Исаија 63:15—64:12 ја содржи пророчката молитва на Исаија во името на еврејските изгнаници во Вавилон. Како што разјаснуваат зборовите на Исаија, многу Евреи не го обожаваат Јехова со цела душа, но некои се покајале и се вратиле кај него. Дали Јехова сега ќе ја обнови нацијата заради тој покајнички остаток? Одговорот го наоѓаме во Исаија 65. поглавје. Но, пред да им го каже ветувањето за избавување на малцината верни, Јехова го опишува судот што ги чека мнозината што се без вера.
4. а) Кој, за разлика од неговиот бунтовнички народ, ќе го бара Јехова? б) Како апостол Павле ја покажува примената на Исаија 65:1, 2?
4 Јехова ја поднесува непопустливата бунтовност на припадниците на својот народ. Меѓутоа, ќе дојде време кога тој ќе ги препушти на нивните непријатели и љубезно ќе прими други во својата наклоност. Преку Исаија, Јехова вели: „Ме побараа, кои не прашуваа за Мене, Ме најдоа, кои не Ме бараа; му реков: ‚Еве Ме! Еве Ме!‘ на народ, кој не го повикуваше Моето Име“ (Исаија 65:1). Жалосно е да се каже за Јеховиниот народ на сојузот дека луѓе од нациите ќе дојдат кај Јехова, а тврдоглавата Јуда како целина ќе одбие да го стори тоа. Исаија не е единствениот пророк што претскажува дека Бог на крајот ќе избере народ кого порано не го признавал (Осија 1:10; 2:23). Апостол Павле го цитирал Исаија 65:1, 2 од Септуагинтата за да докаже дека луѓе од нациите ќе ја добијат „праведноста која произлегува од вера“, иако родените Евреи одбиле да го сторат тоа (Римјаните 9:30; 10:20, 21).
5, 6. а) Која сесрдна желба ја изразил Јехова, но како реагирал неговиот народ? б) Што можеме да научиме од начинот на кој Јехова постапувал со Јуда?
5 Јехова објаснува зошто ќе дозволи неговиот сопствен народ да претрпи несреќа: „Секогаш ги испружував рацете кон бунтовничкиот [тврдоглавиот, NW] народ, кој оди по лош пат, по своите мисли“ (Исаија 65:2). Испружувањето на рацете означува повик или сесрдна молба. Јехова ги испружува рацете не само за кратко, туку секогаш. Негова искрена желба е Јуда да му се врати. Сепак, овој тврдоглав народ пропушта да реагира поволно.
6 Колку само охрабрувачка лекција учиме од Јеховините зборови! Тој сака да му се приближиме бидејќи е пристаплив Бог (Јаков 4:8). Овие зборови покажуваат, исто така, дека Јехова е понизен (Псалм 113:5, 6, NW). Впрочем, тој продолжува симболично да ги испружува рацете, сесрдно молејќи го својот народ да му се врати и покрај фактот дека ‚го повредува‘ со својата тврдоглавост (Псалм 78:40, 41, NW). Дури откако со векови го моли искрено, тој конечно им го препушта на неговите непријатели. Па дури и тогаш, тој не ја затвора вратата за понизните поединци од него.
7, 8. На кој начин тврдоглавиот народ го провоцирал својот Бог Јехова?
7 Тврдоглавите Евреи секогаш одново го провоцирале Јехова со своето срамно однесување. Јехова ги опишува нивните нападни постапки: „Народ што непрекратно Ме расрдува [навредува, NW] во лице: жртвуваат по градините, кадат на плитарите, живеат по гробовите и ноќе, на скришни места, јадат свинско, ставаат во садовите нечисти јадења. И уште зборуваат: ‚Отстрани се! Не ми се приближувај за да не те посветам.‘ Тие Ми се дим во носот, оган што гори постојано“ (Исаија 65:3—5). Овие навидум побожни луѓе го навредуваат Јехова „во лице“ — израз што може да означува дрскост и непочитување. Тие не се трудат да ги скријат грозотиите што ги прават. Зар не заслужува посебен прекор некој што прави гревови во самата присутност на Оној што мора да биде почитуван и кого секој треба да го слуша?
8 Секој од овие самоправедни грешници всушност им вели на другите Евреи: ‚Стојте подалеку, зашто јас сум посвет од вас‘. Какво лицемерство! Овие „побожни“ луѓе принесуваат жртви и запален темјан на лажни божества, нешто што Божјиот закон го осудува (Излез 20:2—6). Тие седат по гробовите, што според Законот ги прави нечисти (Броеви 19:14—16). Јадат свинско, а тоа е нечиста хранаa (Левит 11:7). Сепак, нивните религиозни активности се причина да се чувствуваат посвети од другите Евреи, и сакаат другите луѓе да стојат подалеку за наводно да не се посветат, односно очистат само од дружењето со нив. Сепак, тоа воопшто не е начинот на кој гледа на работите Бог, кој бара „исклучителна оддаденост“! (Второзаконие 4:24, NW).
9. Како гледа Јехова на самоправедните грешници?
9 Наместо да ги смета за свети овие самоправедни луѓе, Јехова вели: „Тие Ми се дим во носот“. Хебрејскиот збор за „нос“ односно „носница“ честопати фигуративно се користи за гнев. Исто така, димот е поврзан со Јеховиниот огнен гнев (Второзаконие 29:20, NW). Гнасното идолопоклонство, во кое западнал неговиот народ, го испровоцирало Јеховиниот огнен гнев.
10. Како Јехова ќе им отплати на Јудејците за нивните гревови?
10 Поради својата правда, Јехова не може да дозволи овие намерни грешници да поминат неказнето. Исаија пишува: „Еве, сѐ е напишано пред Мене: не ќе молкнам додека не им платам, додека не им платам во пазувите, за беззаконијата ваши и на вашите татковци, на сите заедно — зборува Господ. Кои принесуваа кадење на горите и Ме хулеа на брежињата — ќе им измерам во крилото плата за поранешните дела“ (Исаија 65:6, 7). Учествувајќи во лажно обожавање, овие Евреи биле причина другите да го прекоруваат Јехова. Тие придонеле обожавањето на вистинскиот Бог да не изгледа ништо подобро од обожавањето што го вршеле нациите околу нив. ‚За беззаконијата нивни‘, вклучувајќи идолопоклонство и спиритизам, Јехова ќе им плати „во пазувите“. Изразот „пазуви“ изгледа се однесува на еден набор на горната наметка што може да послужи како торба каде што продавачите можат да сипат измерено количество производи (Лука 6:38). За отпадничките Евреи значењето е јасно — Јехова ќе им ја измери ‚платата‘, односно казната. Богот на правдата ќе бара одмазда (Псалм 79:12; Еремија 32:18). Со оглед на тоа што Јехова не се менува, можеме да бидеме уверени дека во негово одредено време тој на сличен начин ќе му измери казна на овој зол систем на работи (Малахија 3:6).
„Заради Моите слуги“
11. Како покажува Јехова дека ќе спаси еден верен остаток?
11 Дали Јехова ќе им покаже милост на верните поединци од својот народ? Исаија објаснува: „Господ зборува вака: ‚Како што велат за сокот во гроздот: ‚Не уништувај го, во него е благослов!‘ Така ќе направам и Јас заради Моите слуги, не ќе ги уништам сите. Ќе изведам семе од Јакова, а од Јуда наследник на Моите гори; Моите избраници ќе ги наследат, и Моите слуги ќе се населат таму“ (Исаија 65:8, 9). Споредувајќи го својот народ со еден грозд, Јехова користи илустрација што може лесно да се разбере. Во земјата има изобилство грозје, а виното направено од него е благослов за човештвото (Псалм 104:15). Во создадената слика за гроздот можеби некои зрна се добри, но не сите. Или, идејата можеби е дека еден грозд е добар, додека другите гроздови се незрели или гнили. Во секој случај, лозарот нема да ги уништи добрите зрна. На тој начин Јехова го уверува својот народ дека нема да ја уништи нацијата потполно, туку ќе поштеди еден верен остаток. Тој вели дека овој повластен остаток ќе ги поседува неговите „гори“, односно Ерусалим и земјата Јуда, ритчеста земја која Јехова ја смета за своја.
12. Кои благослови го чекаат верниот остаток?
12 Какви благослови го очекуваат овој верен остаток? Јехова објаснува: „Сарон ќе стане пасиште за овците, а Ахорската Низина почивалиште за говедата — на Мојот народ, кој Ме бара Мене“ (Исаија 65:10). Стадата играат важна улога во животот на многу Евреи, а бројните пасишта придонесуваат за просперитет во време на мир. Јехова спомнува места што се на два спротивни краја од земјата за да создаде претстава за мир и просперитет. На запад, планината Сарон, позната по својата убавина и плодност, се протега по должината на медитеранското крајбрежје. Долината Ахор сочинува дел од североисточната граница на земјата (Исус Навин 15:7). За време на претстојното изгнанство, овие предели ќе лежат пусти, како и останатиот дел од земјата. Меѓутоа, Јехова ветува дека, по изгнанството, тие ќе станат прекрасни пасишта што ќе му стојат на располагање на вратениот остаток (Исаија 35:2; Осија 2:15).
Доверба во „богот на Среќата“
13, 14. Кои практики покажуваат дека Божјиот народ го напуштил Бог, и што ќе му се случи на народот како последица од тоа?
13 Пророштвото на Исаија сега се враќа на оние што го напуштиле Јехова и упорно продолжуваат со идолопоклонство. Тоа вели: „Но вие сте тие што го оставаат Јехова, ја забораваат мојата света гора, поставуваат трпеза за богот на Среќата и полнат мешано вино за богот на Судбината“ (Исаија 65:11, NW). Поставувајќи трпеза со храна и пијалак пред „богот на Среќата“ и „богот на Судбината“, овие застранети Евреи се впуштиле во идолопоклоничките практики на паганските нации.b Што ќе стане со секого што наивно има доверба во овие богови?
14 Јехова директно ги предупредува: „Ве одредив [Ќе ве судбинам, NW] за меч — ќе паднете ничкум, за да ве колат. Зашто ве викав, а вие не одговаравте, зборував, а вие не слушавте, туку вршевте што е зло во Моите очи, го избравте она што не е по Моја волја“ (Исаија 65:12). Користејќи го името на богот на Судбината, според оригиналниот хебрејски, Јехова вели дека оние што го обожаваат ова лажно божество ќе бидат ‚судбинети за меч‘, односно за уништување. Преку своите пророци Јехова секогаш одново ги повикува овие луѓе да се покаат, но тие го игнорираат и тврдоглаво избираат да го прават она што знаат дека е лошо во негови очи. Каков само презир покажуваат кон Бог! Во исполнување на Божјето предупредување, нацијата ќе претрпи голема катастрофа во 607 пр.н.е., кога Јехова ќе дозволи Вавилонците да го уништат Ерусалим и неговиот храм. Во тоа време, „богот на Среќата“ нема да успее да ги заштити своите поклоници во Јуда и Ерусалим (2. Летописи 36:17).
15. На кој начин вистинските христијани денес обрнуваат внимание на предупредувањето што се наоѓа во Исаија 65:11, 12?
15 Денес, вистинските христијани обрнуваат внимание на предупредувањето што се наоѓа во Исаија 65:11, 12. Тие не веруваат во „Среќа“, како тоа да е некој вид натприродна сила, која може да им прави услуги. Одбивајќи да ги расфрлаат своите материјални средства во обидот да го смират „богот на Среќата“, ги избегнуваат сите облици на коцкање. Уверени се дека оние што му се посветуваат на овој бог на крајот ќе изгубат сѐ, зашто за таквите Јехова вели: ‚Ќе ве судбинам за меч‘.
„Еве, Моите слуги ќе се веселат“
16. На кои начини Јехова ќе ги благослови своите верни слуги, а што ќе им се случи на оние што се откажуваат од него?
16 Прекорувајќи ги оние што го напуштиле Јехова, пророштвото го опишува делот што ги чека оние што искрено го обожаваат Бог наспроти делот на оние што го прават тоа лицемерно: „Затоа Господ зборува вака: ‚Еве, Моите слуги ќе јадат, а вие ќе гладувате. Еве, Моите слуги ќе пијат, а вие ќе жеднеете. Еве, Моите слуги ќе се веселат, а вие ќе се срамите. Еве, Моите слуги ќе се радуваат, од среќа во [добра состојба на, NW] срцето, а вие ќе викате од болка во срцето, и ќе пиштите со скрушен дух‘“ (Исаија 65:13, 14). Јехова ќе ги благослови своите верни слуги. Тие ќе извикуваат од срца преполни со радост. Јадењето, пиењето и радувањето се термини што означуваат дека Јехова изобилно ќе ги задоволи потребите на своите обожаватели. За разлика од нив, оние што избираат да се откажат од Јехова ќе гладуваат и ќе жеднеат духовно. Нивните потреби нема да бидат задоволени. Тие ќе викаат и ќе пиштат од болката и неволјата што ќе ги снајде.
17. Зошто Божјиот народ денес има добра причина да извикува од радост?
17 Јеховините зборови добро ја опишуваат денешната духовна состојба на оние што само тврдат дека му служат на Бог. Меѓутоа, додека милионите членови на христијанскиот свет патат од скрушен дух, Јеховините обожаватели радосно извикуваат. И, тие имаат добра причина да се радуваат. Добро се нахранети духовно. Јехова им обезбедува изобилство духовна храна преку публикациите темелени на Библијата и преку христијанските собири. Навистина, изградувачките вистини и утешните ветувања од Божјата реч ни даваат ‚добра состојба на срцето‘!
18. Што ќе остане од оние што го напуштаат Јехова, и на што можеби сугерира употребата на нивното име во заклетва?
18 Јехова продолжува да им се обраќа на оние што се откажале од него: „Своето име ќе им го оставите за клетва на Моите избраници: ‚Така ќе те убие Господ!‘ А Своите слуги Тој ќе ги вика со друго име. Кој ќе се благословува во земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог. И Кој ќе се колне во земјата, нека се заколнува во верниот Бог. Зашто поранешните неволји ќе бидат заборавени, ќе бидат скриени од Моите очи“ (Исаија 65:15, 16). Сѐ што ќе остане од оние што се откажуваат од Јехова е нивното име, кое ќе биде користено како заклетва, односно клетва. Ова може да значи дека оние што преку заклетва сакаат да се обврзат на свечен начин, всушност, ќе речат: ‚Ако не го исполнам ова ветување, нека ме снајде казната што ја добија овие отпадници‘. Тоа дури може да значи дека нивното име ќе се користи илустративно, слично на Содом и Гомор, како симбол на Божјата казна на злите.
19. Како ќе бидат наречени Божјите слуги со друго име, и зошто ќе имаат доверба во Богот на верноста? (Види ја фуснотата.)
19 Колку само поинаков ќе биде делот за Божјите слуги! Тие ќе бидат наречени со друго име. Тоа ја означува благословената состојба и честа што ќе ја уживаат кога ќе се вратат во својата татковина. Тие нема да бараат благослов од некој лажен бог ниту ќе се колнат во некој безживотен идол. Наместо тоа, кога ќе се благословуваат или ќе дадат заклетва, ќе го сторат тоа преку Богот на верноста (Исаија 65:16, фуснота, NW). Жителите на земјата ќе имаат причина за потполна доверба во Бог, зашто тој верно ќе ги одржи своите ветувања.c Кога ќе бидат на безбедно во својата татковина, Евреите набрзо ќе ги заборават поранешните неволји.
„Јас создавам нова небеса и нова земја“
20. Како се исполнило Јеховиното ветување за „нова небеса и нова земја“ во 537 пр.н.е.?
20 Сега Јехова подетално го изнесува своето ветување дека ќе го обнови покајничкиот остаток по неговото враќање од изгнанството во Вавилон. Преку Исаија, Јехова вели: „Еве, Јас создавам нова небеса и нова земја. Поранешните веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе ви доаѓаат на ум“ (Исаија 65:17). Ветувањето за обнова што го дава Јехова сигурно ќе се исполни, па затоа тој за таа идна обнова зборува како таа веќе да се одигрува. Ова пророштво првобитно се исполнило во 537 пр.н.е. кога еврејскиот остаток се вратил во Ерусалим. Што ги сочинувало ‚новите небеса‘ во тоа време? Ги сочинувало управителството на Зоровавел, чијшто центар бил во Ерусалим, а било поддржано од првосвештеникот Исус. Вратениот еврејски остаток сочинувал една „нова земја“, едно очистено општество што се подложува на тоа владетелство и добива помош одново да го воспостави чистото обожавање во земјата (Езра 5:1, 2). Радоста од таа обнова ги засенила сите претходни страдања; на поранешните маки дури не се ни сеќавале (Псалм 126:1, 2).
21. Какви нови небеса почнале да постојат од 1914?
21 Меѓутоа, сети се дека во зборовите на Петар одѕвонувало пророштвото на Исаија и тие покажале дека тоа пророштво има и идно исполнување. Апостолот напишал: „Според неговото ветување очекуваме нови небеса и нова земја, и во нив ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13). Во 1914, долгоочекуваните нови небеса почнале со своето постоење. Месијанското Царство, родено таа година, владее од самото небо, а Јехова му дал власт над целата Земја (Псалм 2:6—8). Оваа влада на Царството, под Христос и неговите 144.000 совладетели, ги претставува тие нови небеса (Откровение 14:1).
22. Од кого ќе се состои новата земја, и како луѓето уште сега се подготвуваат да станат јадрото на тоа уредување?
22 А што е со новата земја? Според образецот во древното исполнување, новата земја ќе ја сочинуваат луѓе кои радо се подложуваат на владеењето на новата небесна влада. Уште сега, милиони исправно наклонети поединци ѝ се подложуваат на оваа влада и се стремат да ги следат нејзините закони што се наоѓаат во Библијата. Тие доаѓаат од сите националности, јазици и раси, и работат заедно за да му служат на владејачкиот Цар, Исус Христос (Михеј 4:1—4). Откако ќе помине сегашниов зол систем на работи, оваа група ќе го сочинува јадрото на новата земја, која на крајот ќе прерасне во едно глобално општество од богобојазливи луѓе, кои ќе го наследат земното подрачје на Божјето Царство (Матеј 25:34).
23. Какви информации наоѓаме во книгата Откровение во врска со едно „ново небо и нова земја“, и како ќе се исполни ова пророштво?
23 Книгата Откровение опишува една визија што апостол Јован ја видел во врска со претстојниот Јеховин ден, кога овој систем на работи ќе биде отстранет. Потоа Сатана ќе биде затворен во бездна (Откровение 19:11—20:3). По тој опис, како ехо на пророчките зборови на Исаија, Јован пишува: „Видов ново небо и нова земја“. Следните стихови од извештајот за оваа славна визија ни кажуваат за времето кога Јехова Бог радикално ќе ги промени на подобро условите на Земјата (Откровение 21:1, 3—5). Јасно, ветувањето на Исаија за „нова небеса и нова земја“ ќе има прекрасно исполнување во Божјиот нов свет! Под новите владејачки небеса, едно ново земно општество ќе ужива во рај, и духовен и дословен. Навистина утешно е и ветувањето дека „поранешните [болести, страдања и многу други тешкотии со кои луѓето се соочуваат] веќе не ќе се спомнуваат, ниту ќе [ни] доаѓаат на ум“. Во тоа време, сеедно на што ќе се сеќаваме, тоа нема да ни нанесува длабоко страдање, односно болка што сега ги оптоварува срцата на многумина.
24. Зошто ќе се радува Јехова на обновата на Ерусалим, и што нема да се слуша повеќе по улиците на тој град?
24 Пророштвото на Исаија продолжува: „Веселете се и воскликнувајте довека заради она што Јас [го] создавам; зашто, еве, од Ерусалим создавам воскликнување, од неговиот народ радост. И ќе воскликнувам над Ерусалим, ќе се радувам над Својот народ. Во него веќе не ќе се чуе ни плач ни ридање“ (Исаија 65:18, 19). На враќањето во татковината нема да се радуваат само Евреите туку ќе се радува и самиот Бог, зашто тој ќе го направи Ерусалим да биде убав — да биде уште еднаш центар на вистинското обожавање на Земјата. Звуците на плач поради несреќата, што се слушале по улиците на тој град неколку децении пред тоа, повеќе нема да се слушаат.
25, 26. а) Како Јехова ‚од Ерусалим создал воскликнување‘ во нашево време? б) Како Јехова ќе го користи Новиот Ерусалим, и зошто можеме да воскликнуваме денес?
25 Јехова и денес ‚од Ерусалим создава воскликнување‘. Како? Веќе видовме дека новите небеса, кои почнале да постојат во 1914, на крајот ќе вклучуваат 144.000 совладетели, кои ќе имаат удел во небесната влада. За нив пророчки се зборува како за „Новиот Ерусалим“ (Откровение 21:2). Во врска со овој Нов Ерусалим, Бог вели: „Од Ерусалим создавам воскликнување, од неговиот народ радост“. Бог ќе го користи Новиот Ерусалим за да му излее неизмерни благослови на послушното човештво. Повеќе нема да се слуша звукот на плачење или на ридање, зашто Јехова ќе ги задоволи ‚желбите на нашето срце‘ (Псалм 37:3, 4).
26 Навистина, денес ја имаме секоја причина да воскликнуваме! Наскоро Јехова ќе го посвети своето славно име така, што ќе ги уништи сите противници (Псалм 83:17, 18). Тогаш новите небеса ќе имаат целосна контрола. Колку само прекрасни причини за да воскликнуваме и да се радуваме довека на она што Бог го создава!
Ветување за една сигурна иднина
27. На кој начин Исаија ја опишува сигурноста што еврејските повратници ќе ја уживаат во својата татковина?
27 Во првото исполнување, како требало да изгледа животот на еврејските повратници под новите небеса? Јехова вели: „Во тоа место ќе нема повеќе доенче старо неколку дена, ниту пак постар човек што нема да ги исполни своите денови; зашто еден ќе умре како дете, иако има сто години; а што се однесува до грешникот, иако ќе има сто години, врз него ќе биде повикано зло“ (Исаија 65:20, NW). Каква прекрасна слика на општеството во кое ќе уживаат изгнаниците што ќе се вратат во својата обновена татковина! На едно новороденче што е старо само неколку дена нема да му се заканува предвремена смрт. Ниту, пак, таква смрт ќе го снајде некој постар човек што не одживеал еден цел животен век.d Колку само утешни се зборовите на Исаија за Евреите што ќе се вратат во Јуда! Безбедни во својата земја, нема да се грижат дали непријателите ќе им ги однесат бебињата или ќе им ги заколат мажите.
28. Што учиме од Јеховините зборови за животот во новиот свет под неговото Царство?
28 Што ни кажуваат Јеховините зборови за животот во претстојниот нов свет? Под Божјето Царство, секое дете ќе го очекува сигурна иднина. Никогаш смртта нема да одземе еден богобојазлив човек во цветот на неговиот живот. Напротив, послушното човештво ќе биде сигурно, безбедно и со можност да ужива во животот. Што ќе се случи со оној што ќе избере да се бунтува против Бог? Таквиот ќе ја изгуби привилегијата да живее. Еден бунтовен грешник, дури и ако „има сто години“, ќе умре. Во таков случај, ќе биде „дете“ во споредба со она што би можел да стане — човек со бескраен живот.
29. а) Каква радост ќе има Божјиот послушен народ во обновената земја Јуда? б) Зошто дрвјата се погодна илустрација за долговечност? (Види ја фуснотата.)
29 Јехова продолжува со својот опис на условите што ќе преовладуваат во обновената земја Јуда: „Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други: векот на Мојот народ ќе биде како векот на дрвото, Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце“ (Исаија 65:21, 22). По враќањето во запустената земја Јуда — несомнено без куќи и лозја — припадниците на Божјиот послушен народ ќе се радуваат што ќе живеат во свои сопствени домови и ќе го јадат плодот од своите сопствени лозја. Бог ќе ја благослови нивната работа, и тие ќе имаат долг век — како векот на едно дрво — во кој ќе ги уживаат плодовите од својот труд.e
30. Во какви среќни околности уживаат Јеховините слуги денес, и во што ќе уживаат во новиот свет?
30 Во нашево време, ова пророштво се исполнило. Во 1919, Јеховиниот народ излегол од духовно изгнанство и започнал да ја обновува својата „земја“, односно подрачје на активност и обожавање. Тој основал собранија и негувал духовна плодност. Како резултат на тоа, уште сега Јеховиниот народ ужива духовен рај и мир што ги дава Бог. Можеме да бидеме сигурни дека таквиот мир ќе продолжи да постои и во дословниот Рај. Не можеме ни да си замислиме што ќе постигне Јехова во новиот свет со спремните срца и раце на своите обожаватели. Каква радост ќе биде да се гради сопствениот дом и потоа да се живее во него! Под владата на Царството, никому нема да му биде скусена задоволувачка работа. Какво само чувство на исполнетост ќе создава кај човекот тоа што секогаш ќе „ужива“ во плодовите од својот сопствен труд! (Проповедник 3:13). Ќе имаме ли доволно време за потполно да уживаме во делото на сопствените раце? Да, сигурно! Бескрајниот живот на верните луѓе ќе биде „како векот на дрвото“ — илјадници години, и повеќе!
31, 32. а) Какви благослови ќе уживаат вратените изгнаници? б) Каква шанса ќе имаат верните луѓе во новиот свет?
31 Јехова опишува и други благослови што ги чекаат вратените изгнаници: „Не ќе се измачуваат напразно и не ќе раѓаат за прерана смрт, зашто тие со своите потомци ќе бидат род на Господовите благословеници“ (Исаија 65:23). Тие вратени Евреи ќе бидат благословени од Јехова, па затоа нема да се трудат залудно. Родителите нема да раѓаат деца само за тие да се соочат со прерана смрт. Поранешните изгнаници нема сами да ги уживаат благословите на обновата; со нив ќе бидат нивните потомци. Бог е толку желен да ги задоволи потребите на својот народ што ветува: „Пред да Ме призоват, Јас ќе им одговорам; уште ќе зборуваат, а Јас веќе ќе ги послушам“ (Исаија 65:24).
32 Како ќе ги исполни Јехова овие ветувања во претстојниот нов свет? Ќе мораме да чекаме за да видиме. Јехова не ги кажал сите детали, но можеме да бидеме сигурни дека верните луѓе никогаш повторно нема да „се измачуваат напразно“. Големото мноштво од преживеани во Армагедон и сите деца што можеби ќе им се родат ќе имаат шанса да живеат многу долг и задоволувачки живот — вечен живот! Оние што ќе се вратат при воскресението и што ќе изберат да живеат во склад со Божјите мерила исто така ќе најдат радост во новиот свет. Јехова ќе сослуша кои се нивните потреби и ќе одговори на нив, па дури и ќе ги предвиди тие потреби. Навистина, Јехова ќе ја отвори својата рака и ќе ја задоволи исправната ‚желба на сѐ живо‘ (Псалм 145:16).
33. Во која смисла животните ќе бидат во мир кога Евреите ќе се вратат во својата татковина?
33 Колку далекосежни ќе бидат ветениот мир и сигурност? Јехова го завршува овој дел од пророштвото: „,Волкот и јагнето ќе пасат заедно, лавот ќе јаде слама како говедото; но змијата ќе се храни со прав. Никој не ќе прави зло ни штета на целата Моја Света Гора,‘ говори Господ [Јехова, NW]“ (Исаија 65:25). Кога верниот еврејски остаток ќе се врати во својата татковина, ќе биде под Јеховина грижа. Еден лав, всушност, ќе јаде слама како говедо, бидејќи лавот нема да им наштетува на Евреите ниту на нивните домашни животни. Ова ветување е сигурно зашто завршува со зборовите: ‚Говори Јехова‘. А неговите зборови секогаш се обистинуваат! (Исаија 55:10, 11).
34. Кое возбудливо исполнување на Јеховините зборови се случува денес, а ќе се случи и во новиот свет?
34 Јеховините зборови на возбудлив начин се исполнуваат меѓу вистинските обожаватели денес. Од 1919, Бог ја благословува духовната земја на својот народ, претворајќи ја во духовен рај. Оние што доаѓаат во овој духовен рај прават впечатливи промени во својот живот (Ефешаните 4:22—24). Со помош на Божјиот дух, поединци кои некогаш имале личност што личела на ѕвер — кои можеби ги искористувале или на друг начин ги малтретирале другите луѓе — успеваат да ги скротат непожелните особини. Како резултат на тоа, уживаат мир и единство во обожавањето со соверниците. Благословите што сега ги ужива Јеховиниот народ во својот духовен рај ќе се пренесат и на физичкиот Рај, каде што мирот што ќе преовладува меѓу луѓето ќе биде проследен со мир со животните. Можеме да бидеме сигурни дека во Божјето одредено време, ќе биде исправно исполнет неговиот првобитен налог за човештвото: „Потчинете ја [Земјата]! Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата!“ (Битие 1:28).
35. Зошто ги имаме сите причини да ‚воскликнуваме довека‘?
35 Колку само сме благодарни за Јеховиното ветување дека ќе создаде „нова небеса и нова земја“! Тоа ветување се исполнило во 537 пр.н.е., а има и едно натамошно исполнување денес. Овие две исполнувања на послушното човештво му го покажуваат патот до една величествена иднина. Преку пророштвото на Исаија, Јехова љубезно ни дава да ѕирнеме во она што го подготвува за оние што го љубат. Навистина, ги имаме сите причини да постапиме според Јеховините зборови: „Воскликнувајте довека заради она што Јас [го] создавам“! (Исаија 65:18).
[Фусноти]
a Многумина мислат дека овие грешници оделе по гробовите во обид да комуницираат со мртвите. Нивното јадење свинско можеби било поврзано со обожавањето идоли.
b Коментирајќи за овој стих, преведувачот на Библијата Ероним (роден во четвртиот век н.е.) кажува за еден древен обичај што идолопоклонците го држеле на последниот ден од последниот месец во нивната година. Тој напишал: „Местеле маса прекриена со различни видови храна и еден пехар со мешавина од слатки вина за да осигураат дека ги следи среќа во плодноста сеедно дали во изминатата или во идната година“.
c Според Исаија 65:16 во Хебрејскиот масоретски текст, Јехова е „Богот на Амин“. „Амин“ значи „така нека биде“, или „сигурно“, и претставува потврда, односно гаранција дека нешто е вистина или дека сигурно ќе се обистини. Извршувајќи го сето она што го ветил, Јехова покажува дека она што го вели е вистина.
d The Jerusalem Bible го преведува Исаија 65:20 вака: „Повеќе не ќе се најде доенче што живее само неколку дена ниту, пак, старец што не живее до крајот на своите денови“.
e Дрвјата се погодна илустрација за долговечност бидејќи спаѓаат во најиздржливите познати живи работи. На пример, една маслинка дава плод стотици години и може да живее до илјада години.
[Слика на страница 389]
Во Божјиот нов свет, ќе имаме доволно време да уживаме во делото на своите раце