Новиот свет е близу!
ДРЖАВНИЦИТЕ многу рекле за новиот светски поредок кој тие сами ќе го создадат. Зборуваат за ослободување на светот од стравовите и бариерите кои ја спречуваат соработката меѓу луѓето и државите. Но дали е до луѓето да остварат нов свет?
Човештвото имало на располагање столетија да воспостави свет на мир и безбедност. Без сомнение многумина биле многу искрени во таквите настојувања. Меѓутоа, без оглед на составот на владите кои луѓето ги смислиле за да ги постигнат таквите тежнеења, библиските зборови се покажале вистинити: ”Човекот кој оди не може да ги управува своите чекори!“ (Јеремија 10:23, Ст).
Ветен е нов свет
Сепак, истата инспирирана Божја Реч ни дава гаранција дека ќе настапи нов свет. Откако го прорекол крајот на стариот систем, христијанскиот апостол Петар објавил: ”Но ние, според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда“ (2. Петрово 3:10-13).
Чие ветување е ова? Не го дал никој друг туку Јехова, ”единствениот највисок над целата земја“ (Псалм 83:18, ДК). Тој ќе оствари тоа што луѓето не можат. Да, Јехова Бог ќе воспостави нов свет. Но кога?
Новиот свет е многу близу!
Пред Божјиот ветен нов свет да стане сеопфатна стварност, сегашниов ’свет‘, или ”систем“ мора да заврши. Во врска со тоа, учениците на Исус Христос прашале: ”Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?“ (Матеј 24:3). Според поточниот превод New World Translation, прашањето на Исусовите следбеници гласи: ”Кажи ни кога ќе бидат овие работи, и кој ќе биде знакот на твојата присутност и на завршетокот на системот?“
Одговарајќи на тоа, Исус претскажал многу карактеристики на знакот на неговата невидлива присутност како угледна духовна личност во моќта на небесното Царство (1. Петрово 3:18). На пример, тој рекол: ”Ќе се дигне народ на народ и царство на царство; и ќе има глад и помори, и земјата ќе се тресе по светот.“ Од ”почетокот на страдањата“ во 1914, ”оваа генерација“, што ја означил Исус, доживеала постојани војни, оскудица на храна и земјотреси како дел од знакот на неговата невидлива присутност (Матеј 24:7, 8, 34, ДК).
Од 1914 година војните ја притиснале оваа генерација како никогаш до тогаш. Проценето е дека Првата светска војна однела 14 милиони животи. Во Втората светска војна биле убиени 55 милиони војници и цивили. А од 1914 година во војните биле загубени преку 100 милиони животи! Тоа секако означува дел од знакот на Исусовата присутност.
Недостатоци на храна, кои Исус исто така ги прорекол, пустошеле во многу земји после секоја од двете светски војни. И покрај научните достигнувања, денес скоро четвртина од светот е гладна. Секоја година поради неисхранетост умираат милиони деца и возрасни. Во делото The World Book Encyclopedia стои: ”Повеќето земји во развој на Африка, Азија и Латинска Америка имаат одвај доволно храна за своите жители. Милиони луѓе во овие земји гладуваат. Кога производството на храна или увозот би опаднале од која и да е причина, може да завладее глад и илјадници или милиони луѓе можат да умрат.“
Од генерацијата која го обележува ”времето на крајот“, земјотресите зеле огромен данок во животи (Даниел 12:4, NW). Проценките за жртвите од земјотреси се различни. Но од 1914, разурнувањата преку земјотреси пораснале во целиот свет и однеле стотици илјади животи. Коментирајќи за само два од нив, весникот Yorkshire Post од 19. октомври 1989, изјавил: ”Во 1920, земјотрес во кинеската провинција Јиангсу уби 180 000 лица, а на 28. јули 1976, Кина го претрпе најужасниот земјотрес во својата понова историја. Најмалку 240 000 луѓе загинаа кога градот Тангшан на североисток од Кина беше скоро сосема срамнет со земјата во земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтеровата скала.“ Весникот навел попис на повеќе од 30 други поголеми земјотреси во 20. век.
Како едно од обележјата на знакот на Исусовата невидлива присутност било наведено и делото на проповедање на Царството. На своите љубопитни ученици тој им рекол: ”И ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет, за сведоштво на сите народи; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Како што Исус и прорекол, ова дело на проповедање сега ширум светот го вршат повеќе од 4 000 000 Јеховини сведоци во 212 земји.
Сегашното исполнување на овие и други пророштва покажува дека навистина живееме во ”последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5). Токму пред нас стои ”големата неволја“ која Исус Христос исто така ја прорекол. Ќе достигне кулминација во ’војната на големиот ден на Семоќниот Бог‘, во Хар-Магедон и ќе му донесе крај на сегашниов зол систем (Матеј 24:21, ДК; Откровение 16:14-16, NW). Тогаш Божјиот ветен нов свет ќе стане стварност.a
Благослови кои луѓето не можат да ги остварат
Државниците се фалат со нов светски поредок кој сами ќе го остварат. Меѓутоа, Јехова, Богот на небото и Земјата, никогаш не барал од луѓето да го заменат сегашниов систем со нов свет. Тој самиот тоа ќе го стори во ден и час кои ги знае само тој (Матеј 24:34, 36). Остарениот апостол Јован имал прилика однапред да го види тоа што ќе го создаде Бог, а не луѓето:
”И видов ново небо и нова земја; бидејќи поранешното небо и поранешната земја беа исчезнати, и морето го немаше повеќе. Го видов и светиот град, Новиот Ерусалим, како слегува од небото од Бог, подготвен како невеста украсена за својот маж. Тогаш чув силен глас од престолот како вели: ’Гледај! Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат негов народ. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт повеќе нема да има, ни жалост, ни пискот, ни болка нема да има. Поранешните работи се поминати‘. И оној што седеше на престолот, рече: ’Гледај! Сѐ ново создавам.‘ Исто така вели: ’Пишувај, зашто овие зборови се верни и вистинити‘“ (Откровение 21:1-5, NW).
Тоа ”ново небо“ е небесното Царство на Исус Христос. ”Новата земја“ не е некоја друга земјина топка, туку ново општество на луѓе на оваа планета — сите тие се послушни поданици на Христовото Царство, без расни, национални или јазични поделби. (Спореди Псалми 96:1, Ба.) Сегашното симболично небо и земја — ѓаволскиот систем со својата владејачка структура која е под влијание на Сатана и неговите демони — ќе бидат уништени (1. Јованово 5:19). Иако дословните мориња и понатаму ќе постојат, симболичното море на немирното, злобно човештво ќе исчезне. Исусовите придружни небесни владетели го сочинуваат Новиот Ерусалим и заедно со него ја сочинуваат главната организација која управува со праведното човечко општество. На тој начин Бог ќе ”живее“ со послушното човештво додека во текот на илјадагодишниот Суден ден потполно не се помири со него преку Христос (Откровение 14:1-4; 20:6).
Под владеењето на Царството ќе има многу причини за среќа. Оплакувањата, пискотот и болката како последици на болести, жалост и слични работи, ќе припаѓаат на минатото. Повеќе нема да постои дури и смртта која од нашиот прв прародител, грешниот Адам, се проширила на целото човештво (Римјаните 5:12). Колкава радост ќе преовладува кога овој светски предизвикувач на солзи засекогаш ќе исчезне!
Тие благослови ги гарантира самиот Бог, а не смртните луѓе. Тој е оној кој вели: ”Гледај! Сѐ ново создавам.“ Да, Јехова Бог му рекол на апостол Јован: ”Пишувај, зашто овие зборови се верни и вистинити.“
Основните потреби задоволени во потполност
Во новиот свет што ќе го оствари Бог, Земјата конечно ќе стане рај. Тоа е сигурно, зашто на покајничкиот злосторник кој бил прикован на столб до него, Исус му ветил: ”Навистина ти велам денес: Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43, NW). Во рајски услови, потребите на човекот како што се храна и покрив, ќе бидат потполно задоволени.
Оскудиците на храна денес однесуваат милиони животи. Но, колку и да се благородни напорите да се нахранат гладните, алчноста и другите фактори ги спречуваат луѓето да ги решат ваквите проблеми. На пример, весникот Saturday Star од Јоханесбург, Јужна Африка, известува: ”Политичките немири, зголемените цени на горивото и општата измореност од африканските судири на кои се чини им нема крај, сето тоа го одложува решението (...) Во Судан, една од најзагрозените земји, во 1991 со глад се соочуваат помеѓу 5 до 6. милиони луѓе.“ Но, гладта ќе биде заборавена во Божјиот нов свет. Под владеењето на Царството ”ќе има пченица на земјата во изобилство; по врвовите горски ќе се лелее класјето нејзино“ (Псалм 72:16, ДК).
Покривот над глава е уште една потреба на човекот која за многумина денес не е ниту оддалеку решена. Милиони живеат во обични шупи или вистински бездомници. Според весникот The New York Times, во една ориентална земја, ”во една компанија за електроника (...), 20-годишните работници се соочуваат со листа на 73-годишно чекање за стан“, а еден владин извештај покажува дека некои луѓе мораат да живеат ”во складишта, канцеларии па дури и во тоалети.“ Но, колку ќе биде поинаку во новиот свет! Во идниот Рај, ”ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе уживаат во нивниот род. Нема повеќе да градат а други да живеат, ниту ќе садат а други да уживаат: векот на народот мој ќе биде како векот на дрвото, избраниците мои долго ќе ги уживаат плодовите од своите раце“ (Исаија 65:21, 22, Ст).
Еколошките проблеми во Божјиот ветен нов свет ќе исчезнат. Загадувањето на воздухот кое го загрозува здравјето и ја загрозува летината, повеќе нема да постои. Загадувањето и уништувањето на животниот простор кои сега загрозуваат бројни растителни и животински видови, повеќе нема да бидат закана. А таквите фактори како што се осиромашувањето на озонскиот слој нема да го загрозуваат животот на Земјата. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова Бог ќе ги реши сите тие проблеми, бидејќи неговата Реч ни гарантира дека тој наскоро ќе ги ’уништи оние кои ја уништуваат земјата‘ (Откровение 11:18, Ба).
Во новиот свет и војувањето ќе биде нешто од минатото, но не затоа што државниците успеале да ги разоружат народите. Наместо тоа, таму кадешто политичките владетели не успеале, ќе настапи Бог. Тој ќе му донесе мир на послушното човештво во согласност со зборовите на псалмистот: ”Дојдете и видете ги делата на Господ, кој направи чудеса на земјата, ги прекина војните до крајот на земјата, лакот го преби, копјето го искрши, и колата ја изгоре со оган“ (Псалм 46:8, 9, ДК). Во Божјиот ветен нов свет кој е толку близу, луѓето нема повеќе да водат војна, туку ќе се радуваат на вистински мир и безбедност (Михеј 4:2-4).
Дали ти ќе бидеш таму?
Можеш да имаш доверба во новиот свет кој го ветил Јехова Бог. Тој не лаже (Евреите 6:17, 18). Неговата Реч, Библијата, е вистина и она што таа го ветува секогаш се исполнува (Јован 17:17).
Добрата вест за прекрасните благослови за послушното човештво е тоа што Јеховините сведоци се трудат да го споделат со сите луѓе со искрено срце. И ти би требало сега да се потрудиш да стекнеш спознание за божествената намера, и да постапуваш по извонредните ветувања запишани во Светото писмо. Тој пат може да те доведе до вечен живот, зашто Исус рекол: ”А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Тогаш ќе имаш предност да се радуваш на среќните времиња кои наскоро ќе дојдат, бидејќи Божјиот нов свет е близу!
[Фуснота]
a Види 17. и 18. поглавје од книгата Ти можеш заувек да живиш у рају на Земљи, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.