Дваесет и седмо поглавје
Јехова го благословува чистото обожавање
1. Кои теми се истакнати во последното поглавје од Исаија, и на кои прашања е даден одговор?
ВО ПОСЛЕДНОТО поглавје од Исаија, некои од главните теми на оваа пророчка книга се доведени до драматична кулминација и даден е одговор на повеќе важни прашања. Меѓу темите што се истакнати спаѓаат: Јеховината возвишеност, неговата омраза кон лицемерството, неговата решеност да ги казни злите и неговата љубов и грижа за верните. Освен тоа, даден е одговор и на следниве прашања: По што се разликува вистинското од лажното обожавање? Како да бидеме сигурни дека Јехова ќе ги казни лицемерите, кои се преправаат дека се свети додека го угнетуваат Божјиот народ? И, како Јехова ќе ги благослови оние што му остануваат верни?
Клучот за чистото обожавање
2. Каква изјава дава Јехова во врска со својата величина, и што не значи оваа изјава?
2 За почеток, пророштвото ја нагласува Јеховината величина: „Господ зборува вака: ‚Небесата се Мој престол, а земјата подножје на нозете! Каков дом сакате да Ми изградите и каде ќе биде местото на Мојот покој?‘“ (Исаија 66:1). Некои сметаат дека пророкот ги одвраќа Евреите од градењето на храмот на Јехова кога нацијата ќе се врати во својата татковина. Но тоа не е точно; Јехова лично ќе заповеда храмот да се изгради повторно (Езра 1:1—6; Исаија 60:13; Агеј 1:7, 8). Тогаш, што значи овој пасус?
3. Зошто е соодветен описот на Земјата како Јеховино „подножје“?
3 Прво, би можеле да разгледаме зошто Земјата е опишана како Јеховино „подножје“. Ова не е понижувачки термин. Меѓу милијардите небесни тела во универзумот, само на Земјата ѝ е дадено ова посебно име. Нашата планета ќе остане засекогаш како нешто уникатно, бидејќи овде Јеховиниот единороден Син ја платил откупнината и овде Јехова ќе ја оправда својата сувереност преку месијанското Царство. Колку само е соодветно Земјата да се нарече Јеховино подножје! Еден цар би можел да користи такво подножје прво како скалило до својот висок престол, а потоа како место на одмор за нозете.
4. а) Зошто е невозможно некој објект на Земјата да биде место на покој за Јехова Бог? б) Што се мисли со фразата „сето тоа“, и што мораме да заклучиме во врска со обожавањето на Јехова?
4 Се разбира, еден цар нема да живее на такво подножје, ниту, пак, Јехова живее на Земјата. Дури ни огромното физичко небо не може да го собере! Уште помалку може обичен објект на Земјата да му пружи сместување на Јехова и да служи буквално како дом за него (1. Цареви 8:27). Јеховиниот престол и неговото место на покој се наоѓаат во духовното подрачје, и токму таа смисла ја има изразот „небесата“ што е употребен во Исаија 66:1. Следниот стих ни помага да ја разбереме оваа мисла: „Па Мојата рака го направи сето тоа, и така сето тоа и настана — објавува Господ“ (Исаија 66:2а). Претстави си како Јехова покажува со раката на „сето тоа“ — сѐ што е на небото и на Земјата (Исаија 40:26; Откровение 10:6). Како Величествен Творец на целиот универзум, тој заслужува многу повеќе од обичен објект што му е посветен нему. Тој заслужува многу повеќе од обожавање што само личи на обожавање.
5. Како покажуваме дека ‚се измачуваме и сме поразени во духот‘?
5 Каков вид обожавање е соодветно за Универзалниот Суверен? Лично тој ни вели: „Кон овој Јас ќе погледнам: кон бедниот [измачениот, NW] и кон човек со поразен дух, кој трепери пред Моето Слово“ (Исаија 66:2б). Да, исправниот став на срцето од страна на обожавателот е неопходен во чистото обожавање (Откровение 4:11). Еден обожавател на Јехова мора да биде ‚измачен и со поразен дух‘. Дали ова значи дека Јехова сака да бидеме несреќни? Не, тој е „среќниот Бог“ и сака и неговите обожаватели да бидат радосни (1. Тимотеј 1:11; Филипјаните 4:4). Меѓутоа, сите ние често грешиме, и нашите гревови не смееме да ги сметаме за безначајни. Поради нив треба да сме ‚измачени‘ и да жалиме што сме ја промашиле целта на Јеховините праведни мерила (Псалм 51:17). Треба да покажеме дека сме со ‚поразен дух‘ така, што ќе се каеме, борејќи се против своите грешни склоности и молејќи го Јехова за простување (Лука 11:4; 1. Јованово 1:8—10).
6. Во која смисла треба вистинските обожаватели да ‚треперат пред Божјето Слово‘?
6 Освен тоа, Јехова гледа на оние што ‚треперат пред Неговото Слово‘. Дали ова значи дека тој сака да се тресеме од страв кога ќе ги читаме неговите објави? Не, напротив, тој сака на она што го вели да гледаме со страхопочит. Ние искрено го бараме неговиот совет, користејќи го како водич во сите работи во животот (Псалм 119:105). Можеби ќе ‚трепериме‘ и во смисла што ќе се плашиме од самата помисла да сме непослушни на Бог, од тоа неговата вистина да ја загадиме со човечки традиции или да постапуваме со неа без ценење. Таков понизен став е неопходен во чистото обожавање — но, за жал, многу е редок во денешниов свет.
Јехова мрази лицемерно обожавање
7, 8. Како гледа Јехова на формалното обожавање од страна на религиозните лицемери?
7 Кога размислува за своите современици, Исаија е сосема свесен дека малкумина го имаат ставот што Јехова го бара од своите обожаватели. Од таа причина, отпадничкиот Ерусалим го заслужува својот неизбежен суд. Забележи како гледа Јехова на обожавањето што се одвива во него: „Кој коле вол, исто е како да убива луѓе; кој жртвува јагне, исто е како да сече врат на куче. Кој принесува жртва, исто е како да принесува свинска крв; кој кади, исто е како да му се моли на идолот. Како што тие ги избраа своите патишта и на душите им се мили нивните гадости“ (Исаија 66:3).
8 Овие зборови нѐ потсетуваат на Јеховините зборови запишани во првото поглавје од Исаија. Таму Јехова му вели на својот своеглав народ дека неговите формални чинови на обожавање не само што не успеале да му угодат туку, всушност, биле причина да се зголеми неговиот праведен гнев бидејќи обожавателите биле лицемерни (Исаија 1:11—17). Сега Јехова на сличен начин ги поврзува нивните приноси со одвратни злосторства. Нивното жртвување на скап вол е исто како убиство на човек и не може да го смири Јехова! Другите жртви се споредени со принесување на куче или на свиња, животни што според Мојсеевиот закон се нечисти и бездруго неподобни за жртвување (Левит 11:7, 27). Дали Јехова дозволува таквото религиозно лицемерство да помине неказнето?
9. Како реагирале повеќето Евреи на потсетувањата на Јехова преку Исаија, и што ќе биде неизбежниот резултат?
9 Јехова сега вели: „Така и Јас ќе изберам за нив несакани неволји, ќе го пуштам на нив она од што се плашат. Зашто повикував, а никој не се одѕва, зборував, а никој не послуша, туку правеа што е зло во Моите очи, го избраа она што не Ми е по волјата“ (Исаија 66:4). Исаија несомнено може да ги каже овие зборови со длабока увереност. Јехова со години го користи него како алатка за да го ‚повикува‘ и да му ‚зборува‘ на Својот народ. Пророкот многу добро знае дека, општо земено, никој не слуша. Бидејќи продолжуваат да прават лоши работи, казната е неминовна. Јехова навистина ќе избере казна за својот отпаднички народ, и тој ќе доживее застрашувачки настани.
10. Што ни кажуваат Јеховините постапки со Јуда за неговото гледиште спрема христијанскиот свет?
10 Денешниот христијански свет на сличен начин практикува работи што не му се угодни на Јехова. Во неговите цркви цвета идолопоклонство, од проповедалниците се величаат небиблиски филозофии и традиции, а неговата жед за политичка моќ е причина сѐ повеќе да се вплеткува со нациите на светот во еден духовно прељубнички однос (Марко 7:13; Откровение 18:4, 5, 9). Како што било случај со древниот Ерусалим, праведната казна — „она од што се плашат“ — безмилосно ќе го снајде христијанскиот свет. Меѓу причините за неговата сигурна казна е начинот на кој постапувал со Божјиот народ.
11. а) Што го зголемува гревот на отпадниците од деновите на Исаија? б) Во која смисла современиците на Исаија ги отфрлаат верните ‚заради Божјето име‘?
11 Исаија продолжува: „Послушајте го Господовото Слово, вие кои треперите од Неговиот Збор: ‚Зборуваат вашите браќа кои ве мразат и ве отфрлуваат заради Моето Име: „Нека се прослави Господ, па да ја видиме вашата радост.“ Но тие ќе бидат засрамени‘“ (Исаија 66:5). ‚Браќата‘ на Исаија, неговите сопствени сонародници, ја имаат одговорноста од Јехова Бог да го претставуваат него и да се подложуваат на неговата сувереност. Пропустот да го направат тоа е навистина сериозен грев. Но, тој грев станува уште поголем затоа што ги мразат луѓето кои се верни и понизни, како што е Исаија. Овие отпадници ги мразат и ги отфрлаат верните бидејќи тие го претставуваат Јехова Бог вистинито. Во таа смисла тие ги отфрлаат ‚заради Божјето име‘. Истовремено, овие лажни слуги на Јехова тврдат дека го претставуваат него, побожно користејќи фрази кои звучат религиозно, како на пример „Нека се прослави Господ“.a
12. Наведи некои примери на прогонство на верни слуги на Јехова од страна на верските лицемери.
12 Омразата што лажната религија ја има кон приврзаниците на чистото обожавање не е ништо ново. Тоа е уште едно исполнување на пророштвото од Битие 3:15, кое претскажало едно долготрајно непријателство меѓу семето на Сатана и Семето на Божјата жена. Исус на своите помазани следбеници во првиот век им рекол дека и тие ќе страдаат од рацете на сонародниците, односно ќе бидат исклучени од синагогите и прогонети дури и до смрт (Јован 16:2). А како е денес? Во почетокот на „последните денови“ Божјиот народ увидел дека го очекува слично прогонство (2. Тимотеј 3:1). Уште во 1914, Стражарска кула го цитирала Исаија 66:5, забележувајќи: „Скоро сите прогонства на кои наишол Божјиот народ потекнале од луѓе што тврдат дека се христијани“. Истата статија вели: „Не знаеме друго освен дека би можеле да отидат во крајност денес — да убиваат општествено, да убиваат црковно, па можеби да убиваат и физички“. Колку само вистинити се покажале овие зборови! Набрзо по нивното објавување, во текот на Првата светска војна, прогонството подбуцнато од клерот достигнало невиден замав. Но, христијанскиот свет бил посрамен, како што било претскажано. Како?
Брза и ненадејна обнова
13. Што претставува ‚вревата од градот‘ во првото исполнување?
13 Исаија пророкува: „Чуј, врева од градот, глас од Храмот! Тоа е гласот на Господа, Кој им враќа на Своите непријатели“ (Исаија 66:6). Во првото исполнување на овие зборови, „градот“ е Ерусалим, каде што е сместен Јеховиниот храм. ‚Вревата‘ алудира на метежот од војна што во 607 пр.н.е. се слуша во градот кога вавилонските војски го напаѓаат. А што да се каже за современото исполнување?
14. а) Што претскажал Малахија за Јеховиното доаѓање во Неговиот храм? б) Според пророштвото на Езекиел, што се случило кога Јехова дошол во својот храм? в) Кога го прегледале Јехова и Исус духовниот храм, и како влијаело тоа врз оние што тврделе дека го претставуваат чистото обожавање?
14 Овие зборови од Исаија се во склад со две други пророчки изјави; едната запишана во Езекиел 43:4, 6—9, а другата во Малахија 3:1—5. И Езекиел и Малахија претскажале време кога Јехова Бог ќе дојде во својот храм. Пророштвото на Малахија покажува дека Јехова ќе дојде да го прегледа својот дом на чисто обожавање и да постапи како Пречистувач, отфрлајќи ги оние што погрешно го претставуваат. Визијата на Езекиел го прикажува Јехова како влегува во храмот и бара да се отстранат сите траги од неморал и идолопоклонство.b Во современото исполнување на овие пророштва, во 1918, се случил еден важен духовен настан поврзан со обожавањето на Јехова. Изгледа дека Јехова и Исус ги прегледале сите оние што тврделе дека го претставуваат чистото обожавање. Ова прегледување довело до конечно отфрлање на корумпираниот христијански свет. Прегледувањето за Христовите помазани следбеници значело краток период на пречистување проследен со брза духовна обнова во 1919 (1. Петрово 4:17).
15. Какво раѓање е претскажано, и како се исполнило ова во 537 пр.н.е.?
15 Оваа обнова соодветно е опишана во следниве стихови од Исаија: „Пред да почне да се измачува, ете, родила. Пред да ги почувствува породилните болки, породила машко. Кој чул такво нешто, кој видел такво нешто? Може ли земјата да биде населена во еден ден? Дали може народ да се роди одеднаш? А штом ги почувствува болките, Сионката роди синови!“ (Исаија 66:7, 8). За изгнаните Евреи во Вавилон, овие зборови имале возбудливо прво исполнување. Сион, односно Ерусалим, повторно е претставен како жена што раѓа, но колку само необично! Толку брзо, толку ненадејно, што се породува пред да почнат породилните болки! Оваа слика е соодветна. Повторното раѓање на Божјиот народ како одделна нација во 537 пр.н.е. е толку брзо и ненадејно што изгледа како чудо. Па, од моментот кога Кир ги ослободува Евреите од заробеништво до моментот кога верниот остаток е пак во својата татковина поминуваат само неколку месеци! Колку голема разлика во однос на настаните што воделе до првобитното раѓање на нацијата Израел! Во 537 пр.н.е. нема потреба да се моли за слобода еден монарх што дава отпор, да се бега од непријателска војска и 40 години да се престојува во пустина.
16. Во современото исполнување на Исаија 66:7, 8, кого го претставува Сион, и како доживеало повторно раѓање неговото потомство?
16 Во современото исполнување, Сион ја претставува Јеховината небесна ‚жена‘, неговата небесна организација од духовни суштества. Оваа жена во 1919 се радувала на раѓањето на своите помазани синови на Земјата како организиран „народ“. Тоа повторно раѓање било брзо и ненадејно.c Само за неколку месеци, помазаните како група преминале од состојба на неактивност слична на смрт во состојба на енергичен, активен живот во својата „земја“, своето подрачје на духовна активност, кое им го доделил Бог (Откровение 11:8—12). До есента 1919 тие дури го објавиле и издавањето на нов журнал како надополнување на Стражарска кула. Таа нова публикација, наречена Златен век (сега Разбудете се!), била доказ дека Божјиот народ бил повторно оживеан и одново организиран за служба.
17. Како Јехова го уверува својот народ дека ништо не може да го спречи да ја спроведе својата намера во врска со духовниот Израел?
17 Ниедна сила во универзумот не можела да го спречи ова повторно духовно раѓање. Следниот стих живописно го истакнува тоа: „,Зар би го отворил Јас мајчиното крило а таа да не роди? — зборува Господ. Зар Јас — Кој го давам раѓањето, би ја затворил утробата?‘ вели твојот Бог“ (Исаија 66:9). Токму како што породувањето е неизбежно откако еднаш ќе започне така и повторното раѓање на духовниот Израел, откако еднаш почнало, не може да се запре. Точно, имало противење, а веројатно ќе има уште поголемо противење во иднина. Но, само Јехова може да запре нешто што веќе го започнал, а тој никогаш не го прави тоа! Меѓутоа, како постапува Јехова со својот заживеан народ?
Јеховината нежна грижа
18, 19. а) Каква трогателна илустрација користи Јехова, и како се применува таа на неговиот изгнан народ? б) Како извлекол корист помазаниот остаток денес од исхраната и грижата полни со љубов?
18 Следните четири стихови трогателно ја опишуваат Јеховината нежна грижа. Најпрво, Исаија вели: „Веселете се со Ерусалим, воскликнувајте заради него сите кои го љубите! Радувајте се, радувајте се со него, сите кои тажевте над него! Надојте се, наситете се на градите на неговата утеха, за да се напиете и насладите на градите на неговата слава“ (Исаија 66:10, 11). Јехова овде употребува илустрација на жена што го дои своето бебе. Кога ќе огладни, бебето плаче без престан. Но кога мајка му ќе го приближи до своите гради за да го нахрани, неговата жалост се претвора во среќно задоволство. Остатокот од верни Евреи во Вавилон на сличен начин брзо ќе прејде од состојба на тажење во состојба на среќа и задоволство кога ќе дојде времето да биде ослободен и вратен дома. Тој ќе се радува. Славата на Ерусалим ќе се обнови кога ќе биде одново изграден и населен. Од своја страна, славата на градот ќе ги опфати и неговите верни жители. Нив повторно ќе ги храни духовно едно активно свештенство (Езекиел 44:15, 23).
19 И духовниот Израел бил благословен со изобилство од храна по обновувањето во 1919. Оттогаш, постојано има доток на духовна храна преку „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45—47). За помазаниот остаток ова навистина било време на утеха и радост. Но, имало и натамошни благослови.
20. Како бил благословен Ерусалим со „збуен поток“ и во дамнешни времиња и денес?
20 Пророштвото продолжува: „Зашто Господ зборува вака: ‚Еве, ќе го навртам мирот врз нив како река, и како збуен поток богатството на народите. Ќе ги носам на раце неговите доенчиња и ќе ги милувам на колената‘“ (Исаија 66:12). Сликата на негување овде е комбинирана со слика на изобилен доток на благослови — со „река“ и „збуен поток“. Ерусалим ќе биде благословен не само со изобилен мир од Јехова туку и со „богатството на народите“, кое дотекува и го благословува Божјиот народ. Ова значи дека луѓе од народите ќе се слеваат кон Јеховиниот народ (Агеј 2:7). Во древното исполнување, извесен број луѓе од различни нации навистина се приврзале кон Израел и станале еврејски прозелити. Меѓутоа, во нашево време дошло до уште поголемо исполнување кога „едно големо мноштво . . . од сите нации и племиња и народи и јазици“ — вистински збуен поток од луѓе — му се приклучил на остатокот од духовни Евреи (Откровение 7:9; Захарија 8:23).
21. Во една привлечна слика опишана со зборови, каква утеха е претскажана?
21 Исаија 66:12 исто така содржи изрази на мајчинска љубов — мајка го милува детето на колена и го носи в раце. Слична мисла е изразена во следниот стих преку една интересна промена на перспективата. „Како што мајката го теши синот, така и Јас ќе ве утешам — ќе се утешите во Ерусалим“ (Исаија 66:13). Детето сега е возрасен син. Но, мајка му не ја изгубила желбата да го теши во време на неволја.
22. Како Јехова ја покажал нежноста и силата на својата љубов?
22 На ваков привлечен начин Јехова ја илустрира силата и нежноста на љубовта што ја има кон својот народ. Дури и најсилната мајчинска љубов е незначителен отсјај на Јеховината длабока љубов кон неговиот верен народ (Исаија 49:15). Колку само е важно сите христијани да ја одразуваат оваа особина на својот небесен Татко! Апостол Павле го сторил тоа, и така оставил добар пример за старешините во христијанското собрание (1. Солуњаните 2:7). Исус рекол дека братската љубов ќе биде главниот знак на препознавање на неговите следбеници (Јован 13:34, 35).
23. Опиши ја среќната состојба на Јеховиниот обновен народ.
23 Јехова ја покажува својата љубов на дело. Затоа, тој продолжува: „Кога ќе го видите тоа, срцето ќе ви се радува, и ќе ви процветаат коските како млада трева. Ќе се пројави Господовата рака на Неговите слуги на гневот над неговите непријатели“ (Исаија 66:14). Еден граматичар по хебрејски јазик укажува на тоа дека изразот „ќе го видите“ подразбира дека секогаш кога вратените изгнаници ќе погледнат во својата обновена земја „ќе гледаат само радост“. Тие навистина ќе се радуваат и не ќе може да се опише нивниот восхит што се вратиле во својата сакана татковина. Ќе се чувствуваат подмладени, небаре коските одново им зајакнуваат, полни со живот како трева на пролет. Сите ќе знаат дека оваа благословена состојба не настанала од напорите на некој човек, туку од „Господовата рака“.
24. а) Кој заклучок го извлекуваш ти кога ги разгледуваш настаните во врска со Јеховиниот народ денес? б) На што треба да бидеме решени?
24 Дали ја препознаваш Јеховината рака на дело меѓу неговиот народ денес? Нема веројатност некој човек да ја предизвикал обновата на чистото обожавање. Не може ни да се замисли дека некој човек бил причина милиони драгоцени луѓе од сите народи да му се придружат на верниот остаток во неговата духовна земја. Само Јехова Бог може да стори такво нешто. Овие изрази на Јеховината љубов ни даваат причина за длабока радост. Никогаш да не ја сфаќаме оваа љубов како сама по себе разбирлива. Да продолжиме да ‚трепериме пред Неговото Слово‘. Да бидеме решени да живееме според библиските начела и да најдеме задоволство во служењето на Јехова.
[Фусноти]
a Денес, многумина во христијанскиот свет одбиваат да го користат Јеховиното лично име, па дури и го отстрануваат од голем број преводи на Библијата. Некои го исмејуваат Божјиот народ поради тоа што го користи личното име на Бог. Сепак, многумина од овие поединци побожно го користат изразот „Алилуја“, кој значи „Фалете го Јах“.
b Изразот „труповите на своите цареви“, употребен во Езекиел 43:7, 9, се однесува на идолите. Бунтовните водачи и народот на Ерусалим го загадиле Божјиот храм со идоли и, всушност, си ги поставиле за цареви.
c Раѓањето што овде е проречено не е исто со она што е опишано во Откровение 12:1, 2, 5. Во тоа поглавје од Откровение, тој „син, машко“ го претставува месијанското Царство, кое почнало да дејствува во 1914. Меѓутоа, ‚жената‘ од двете пророштва е истата.
[Слика на страница 395]
„Мојата рака го направи сето тоа“
[Слика на страница 402]
Јехова ќе му го даде на Сион „богатството на народите“