Народ кој ја чува беспрекорноста
„Отворете ги портите; нека влезе праведниот народ, кој ја пази вистината [кој се држи за верното однесување, НС]“ (ИСАИЈА 26:2).
1. Зошто изјавата на Исаија за „праведниот народ“ може да звучи изненадувачки?
ДЕНЕС постојат разни видови народи. Некои се демократии, а некои диктатури. Едни се богати, други сиромашни. Но сите се исти во едно: Сите тие се дел од светот чијшто бог е Сатана (2. Коринтјаните 4:4). Со оглед на ова, некои може да бидат изненадени од зборовите на Исаија, кога вели: „Отворете ги портите; нека влезе праведниот народ, кој ја пази вистината [кој се држи за верното однесување, НС]“ (Исаија 26:2). Праведен народ? Да, постои еден праведен народ, затоа што пророштвото укажува на неговото постоење во наше време. Како може да се одреди кој е тој необичен народ?
2. Кој е „праведниот народ“? Како знаеме?
2 Според New World Translation преводот, во Исаија 26:2 за тој народ се вели дека „се држи за верното однесување“. Светото писмо на современ македонски литературен јазик стихот го преведува со ‚праведен народ, кој ја пази вистината‘. Обата превода се соодветни описи. Всушност, тој праведен народ може лесно да се препознае затоа што е единствениот народ на Земјата кој не е дел од Сатановиот свет бидејќи му е подложен на Христа Царот (Јован 17:16). Како таков, неговите членови се познати по тоа што ‚имаат добри односи [однесување, НС] среде незнабошците‘. Тие следат начин на живот кој го велича Бог (1. Петрово 2:12). Освен тоа, каде и да се наоѓаат во светот, тие се дел од ‚Црквата [собранието, НС] на живиот Бог, кој е столб и тврдина на вистината‘ (1. Тимотеј 3:15). Поддржувајќи ја вистината, тие ги отфрлаат паганските филозофии за кои поучува т. н. христијанство, а го застапуваат „чистото млеко кое ѝ припаѓа на речта“ — Божјата Реч, Библијата (1. Петрово 2:2, НС). Освен тоа, добрата вест за Царството ревносно му ја проповедаат „на секое поднебесно создание“ (Колосјаните 1:23). Зарем може да има некакво сомнение дека овој народ е составен од преостанатите од ‚Божјиот Израил‘, собранието од помазани христијани? Воопшто не! (Галатјаните 6:16).
Роден е народ
3. Опиши како се родил „праведниот народ“.
3 Кога се родил „праведниот народ“? Неговиот почеток е проречен во книгата на Исаија. Во Исаија 66:7, 8 читаме: „Уште не беше почувствувала родилни маки, и [Сион] роди; пред да настапат болките нејзини, роди син. . . . штотуку почна да се мачи од родилни болки, — ги роди синовите свои“. Она што е најнеобично, Сион, Божјата небесна организација, требало да роди „син“ пред да добие породилни болки. Во 1914, на небесата се родило Месијанското Царство (Откровение 12:5). По раѓањето на машкото дете, додека Првата светска војна опфаќаше сѐ повеќе и повеќе народи, исто така и помазаните христијани претрпеле големи неволји и прогонства. Конечно, во 1919, на Земјата бил роден духовниот народ, ‚синот‘. Така Сион ‚ги родил синовите свои‘ — помазаните членови на новиот ‚праведен народ‘ — кои биле организирани за едно дело на сведочење кое постојано се шири (Матеј 24:3, 7, 8, 14; 1. Петрово 2:9).
4. Зошто морал Божјиот праведен народ да се бори за да ја зачува својата беспрекорност?
4 Уште од самиот почеток, овој народ морал да се соочи со тешки испити на својата беспрекорност. Зошто? Кога се родило небесното Царство, Сатана и неговите демони биле исфрлени од небото долу на Земјата. Еден силен глас објавил: „Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе. Тие го победија со крвта на Агнецот и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт“. На овој пресврт на настаните Сатана реагирал со голем гнев и ‚отишол да војува со другите [преостанатите, НС] од семето нејзино [на жената], што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа‘. Соочени со нападите на Сатана, помазаните христијани останале цврсти. До ден-денеска, ревносните членови на Божјиот праведен народ покажуваат вера во Исусовата откупна крв и продолжуваат да му даваат одговор на Јехова за големиот подбивач, така што ја чуваат својата беспрекорност „до самата смрт“ (Откровение 12:1, 5, 9-12, 17; Изреки 27:11).
5. Кој одличен став на современите Сведоци им помогнал да ја зачуваат беспрекорноста?
5 Во 1919, кога започнало нововременото сведочење за Божјето Царство, Истражувачите на Библијата, како што тогаш се нарекувале Јеховините сведоци, биле малку на број, но јаки во верата. Тие станале темелот на еден ‚јак град, со спасение место ѕидини и опкопи‘. Нивната доверба била во „Господ Бог [кој] е вечна тврдина“ (Исаија 26:1, 3, 4). Како Мојсеј од старо време, и тие објавиле: „Името Господово ќе го призовувам; воздајте Му слава на нашиот Бог! Он е тврдина; делата Божји се вистина, а сите патишта Негови се праведни; Бог е верен и неправда нема (во Него); Он е праведен и вистинит“ (5. Мојсеева 32:3, 4).
6. На кој начин Јехова го благословил својот народ во овие последни денови?
6 Оттогаш, портите на подготовката за Божјето Царство останале ширум отворени кога најнапред биле собрани првите од преостанатите од 144.000-те помазани христијани, а сега и едно големо мноштво од „други овци“ се придружува во објавувањето на намерите на Јеховиното Царство (Јован 10:16). Затоа, може радосно да се објави: „Ти го намножи народот, Господи, го намножи народот. — Се прослави Себе Си, ги рашири сите земни граници“ (Исаија 26:15). Ако го разгледаме денешното светско поле, ќе видиме колку се вистинити овие зборови! Преку силата на светиот дух, до „крајот на земјата“ се дава сведоштво за Христовото Царство кое доаѓа (Дела 1:8). Големината на таа експанзија може да се процени од Извештајот на Јеховините сведоци од целиот свет за службената 1994 година, кој се наоѓа на страници 12 до 15.
Нов највисок број на објавители
7, 8. а) Каков доказ постои дека Божјиот народ ‚ги продолжил своите јажиња‘? б) Гледајќи на Извештајот за службената 1994, за кои подрачја мислиш дека ги ‚шират своите граници‘ на еден истакнат начин?
7 Разгледај некои од најзначајните одлики на овој извештај. Највисокиот број на објавители на Царството на полето достигна 4.914.094! Колку е возбудливо да се посматра постојаното собирање на ‚големото мноштво од сите племиња и колена, народи и јазици, како стојат пред престолот и пред Агнецот, облечени во бели облеки‘! Да, и овие треба да се докажат како чувари на беспрекорноста. „Тие ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на Агнецот“ и се сметани за праведни бидејќи покажуваат вера во Исусовата откупна жртва (Откровение 7:9, 14).
8 Особено од 1919, на Јеховината организација ѝ бил упатен повикот: „Рашири го местото на шаторот свој; покривите твои на живеалиштето твое прошири ги, продолжи ги јажињата свои и зацврсти ги колците свои“ (Исаија 54:2). Како реакција на тоа, делото на проповедање продолжува со несмален интензитет, дури и во ледениот Јукон, на границата со Алјаска, каде што една смела група пионери поднесуваат температури кои понекогаш со недели се паднати 45 или 50 степени под нулата. Во последниве години, мноштвата сѐ побрзо се упатуваат кон Јеховиниот народ кој ја чува својата беспрекорност. Портите се ширум отворени за да ги примат ваквите поединци од азиските земји што не припаѓаат на т. н. христијанство, од поранешните комунистички тврдини, од многу африкански земји, како и од католички подрачја како што се Италија, Шпанија, Португалија и Јужна Америка. Раселените лица отвориле уште едно поле за работа на подрачја каде што се зборуваат странски јазици. На пример, во Англија Сведоците се грижат за потребите на 13 етнички групи кои зборуваат странски јазици.
„Правете го ова“
9. а) Што покажува присутноста на Споменот во 1994? б) Кои се некои од земјите со необично висока посетеност на Споменот?
9 Една друга истакната одлика на годишниот извештај е присутноста на Споменот. Кратко пред да умре, Исус ја вовел Спомен-прославата на неговата смрт и им рекол на своите следбеници: „Правете го ова за спомен Мој!“ (1. Коринтјаните 11:24). Во 1994 беше воодушевувачки да се видат 12.288.917 лица — многу повеќе од двојниот број на активни објавители — како се собраа во знак на послушност на таа заповед, било како учесници или како посматрачи. Во некои земји, просекот на присутни на Споменот во однос на бројот на објавителите беше уште повисок. 4.049-те објавители во Естонија, Летонија и Литванија беа одушевени што на Споменот имаа 12.876 присутни — преку три пати повеќе од бројот на објавителите. А во Бенин, 16.786-те присутни на Споменот претставуваа скоро петкратно поголем број од бројот на објавителите. Едно собрание од околу 45 објавители имаше 831 присутен!
10. а) Каква одговорност ни наложува големата посетеност на Споменот? б) Опиши што може да се случи кога некој, кој присуствувал на Споменот, ќе добие натамошна помош.
10 Јеховините сведоци се среќни што толку голем број заинтересирани лица им се придружуваат на оваа прилика која многу ветува. Сега тие сакаат да им помогнат на ваквите и понатаму да напредуваат во нивното разбирање и љубов кон вистината. Некои можеби ќе реагираат како Ала од Русија. Таа проучувала со една сестра специјален пионер, но слабо напредувала поради што студијата била прекината. Меѓутоа, Ала ја прифатила поканата да присуствува на Споменот. Тој многу значаен состанок ѝ оставил длабок впечаток. Штом се вратила дома, ги фрлила сите свои икони и му се молела на Јехова за помош. По два дена, сестрата пионерка ја посетила Ала за да види како ѝ се допаднал Споменот. Така дошло до една плодна дискусија. Ала одново започнала да проучува. Наскоро и самата почнала да учествува во делото на сведочење. Ова искуство покажува колку е вредно да се следи интересот кај оние коишто присуствувале на Споменот. Веројатно многумина ќе реагираат на ист начин како Ала.
‚Да не го напуштаме нашето собрание‘
11-13. а) Што спаѓа во верното однесување на праведниот народ? б) Зошто треба вистинските христијани да ги посетуваат состаноците?
11 Спомен-свеченоста е најважниот состанок во календарот на Јеховините сведоци, но никако не и единствениот. Секоја седмица, Јеховините сведоци се собираат во знак на послушност спрема зборовите на апостол Павле: „Да бидеме внимателни еден кон друг, за да се поттикнуваме кон љубов и добри дела, не напуштајќи го своето собрание, како што некои имаат обичај, туку да се поучуваме еден друг, и тоа во толку повеќе, до колку гледате дека се приближува судниот ден“ (Евреите 10:24, 25). Тие се поврзани со Јеховиниот праведен народ кој се препознава по неговото верно однесување. Верното однесување подразбира и верно да се присуствува на состаноците.
12 Очигледно, ова добро го сфатиле на Филипините, каде што просечната посетеност на состаноците во неделите е за 125 отсто поголем од бројот на објавителите. Тоа добро го разбрала и една група Сведоци и заинтересирани лица од Аргентина. Тие живеат на околу 20 километри од Салата на Царството. Меѓутоа, покраинскиот надгледник известува дека, освен во случаи на болест, ниеден од нив никогаш не ги пропушта состаноците. Тие патуваат по четири часа со чеза или на коњ, а зиме се враќаат дома во темнина.
13 Како што се приближува крајот на овој систем, животот станува сѐ потежок, проблемите се насобираат, а редовното присуствување на состаноците може да претставува голем предизвик. Но, токму под вакви околности, повеќе од било кога порано, потребна ни е духовна храна и срдечно дружење што можат да се најдат само на таквите собири.
„Итно држи се за тоа“
14. Зошто Јеховините сведоци имаат чувство на итност во поглед на нивната служба, и кои резултати го покажуваат тоа?
14 Минатата година, Католичката црква во Италија се осврна на делото на Јеховините сведоци како на „див прозелитизам“. Но, факт е дека нема ништо дивјачко во она што го прават Сведоците. Напротив, нивната служба претставува израз на длабока љубов спрема ближните. Тоа е и доказ за послушноста спрема Павловите зборови: „Проповедај го словото, настојувај [итно држи се за тоа, НС], во погодно време и во невреме“ (2. Тимотеј 4:2). Чувството на итност ги мотивира Јеховините сведоци да бидат ревносни во нивната служба, како што се гледа од вкупниот број од 1.096.065.354 часови што во 1994 ги поминале во проповедање на нивните ближни, во правење на повторни посети и од 4.701.357 библиски студии што ги водат секоја седмица. Многумина биле во состојба да учествуваат во пионерската служба, што покажува дека пионерскиот дух е жив и активен. Просекот од 636.202 пионери во целиот свет е доказ за тоа.
15, 16. а) Како го покажале пионерскиот дух и млади и стари? б) Гледајќи на одделни земји во Извештајот за службената 1994, каде забележуваш истакнати броеви на пионери?
15 Меѓу тие пионери има и многу млади. Некои во Соединетите Држави сега служат како општи пионери за време на средното училиште, а главно подрачје им се нивните соученици. Овие млади заклучиле дека пионерската служба е најдобриот начин за заштита од дрога, неморал и насилство што продреле во многу училишта во оваа земја. Многу други млади си поставиле за цел пионерска служба по завршување на училиштето. Ирина од Украина била помошен пионер за сето време во средното училиште за да се подготви за пионерската служба по матурирањето. Кога го завршила училиштето, семејството се понудило да соработува во поглед на финансиските потреби, така што таа можела да го претставува него во делото на општата пионерска служба. Во економски поглед, работите во Украина не се така лесни. Но Ирина вели: „Знам дека вршам дело кое значи живот не само за мене туку и за оние на кои им проповедам“. Навистина причинува задоволство да се видат толку многу млади кои размислуваат како Ирина. Каква подобра можност постои за нив отколку ‚да си спомнуваат за својот Творец во дните на младоста своја‘? (Проповедник 12:1).
16 Добар дел од пионерите се во поодминати години. Една од нив известува дека за време на Втората светска војна, татко ѝ и брат ѝ биле убиени додека се бореле во војната, а мајка ѝ и сестра ѝ биле убиени во гетото. Подоцна, ѝ починал и синот. Сега, во поодминати години и со слабо здравје, Јехова преку христијанското собрание, ѝ дал многу поголемо семејство од она што го изгубила. И се радува да им помага на другите како општ пионер.
17, 18. Како може секој од нас, без разлика дали е пионер или не, да покажува пионерски дух?
17 Се разбира, секој не може да биде пионер. Јехова со задоволство го прима целиот наш десеток, најдоброто што можеме да го понудиме, сеедно што би значело тоа во нашиот конкретен случај (Малахија 3:10, НС). Всушност, секој од нас може да го негува духот на овие ревни пионери и да прави онолку колку што му допуштаат околностите за да го поддржи проповедањето на добрата вест.
18 На пример, во Австралија, 16 април беше резервиран како посебен ден за сведочење на улица. Тоа наиде на подеднаква поддршка и кај објавителите и кај пионерите, што се виде од новиот најголем број од 58.780 објавители во тој месец. Освен тоа, беа поделени 90.000 списанија повеќе во однос на истиот месец лани. Во текот на посебниот ден, една сестра му дала списанија на некој човек, и додека го запишувала неговото име и адресата за да може да го следи натамошниот интерес, открила дека тие се роднини! Испаднало дека се братучеди кои не се виделе 30 години. Тоа секако отворило многу радосни повторни посети!
Да се чува беспрекорноста до самиот крај
19. Зошто е итно Јеховиниот праведен народ да ја чува беспрекорноста до самиот крај?
19 Итно е сите од Божјиот праведен народ да ја чуваат беспрекорноста додека Сатановиот свет запаѓа сѐ подлабоко во неговите смртни маки. Наскоро, Јеховиниот свет народ ќе го чуе повикот: „Ајде народе Мој, влези во покоите свои и затвори ги зад себе вратите свои, сокри се за миг, додека да мине гневот“. Овој свет кој е виновен за крв, неизбежно ќе се соочи со божествениот суд. „Зашто, ете, Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жителите земни за нивното беззаконие, и земјата ќе ја открие голтнатата од неа крв и повеќе нема да ги крие своите убиени“ (Исаија 26:20, 21). Нека секој од нас стои цврсто како христијанин кој ја чува својата беспрекорност, поврзан со Јеховиниот праведен народ. Тогаш ќе ја доживееме радоста да постигнеме вечен живот во земското или небесното подрачје на Христовото Царство.
Дали се сеќаваш?
◻ Кога се родил „праведниот народ“?
◻ Зошто на Божјиот народ му била потребна истрајност во текот на овие последни денови?
◻ Што е покажано со големиот број објавители и со часовите поминати во служба, според Извештајот за службената 1994?
◻ Зошто присутноста на состаноците е толку важна додека овој свет се приближува кон својот крај?
◻ Зошто мораат сите оние кои се поврзани со Божјиот праведен народ да ја чуваат својата беспрекорност?
[Табела на страници 12-15]
ИЗВЕШТАЈ НА ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ ОД ЦЕЛИОТ СВЕТ ЗА 1994 СЛУЖБЕНА ГОДИНА
(Види во публикацијата)
[Слика на страница 18]
Чуварите на беспрекорност во Јеховиниот праведен народ ќе постигнат вечен живот во совршенство