Дваесет и осмо поглавје
Светлина за народите
1, 2. Зошто е многу битна светлината, и каков вид темнина ја покрива Земјата денес?
ЈЕХОВА е Изворот на светлина, Бог „Кој дава сонцето да свети дење, а месечината и ѕвездите ноќе“ (Еремија 31:35). Само врз основа на ова би требало да биде признат како Извор на животот, бидејќи светлината значи живот. Да не е Земјата постојано облевана со топлината и светлината од Сонцето, животот, таков каков што го знаеме, не би бил возможен. Нашава планета би била непогодна за живот.
2 Според тоа, нам треба да ни биде од најголем интерес тоа што Јехова, уште многу однапред, претскажал за денес време на темнина, а не на светлина. Исаија под инспирација напишал: „Еве, темнината ја покрива земјата, и мракот народите“ (Исаија 60:2). Се разбира, овие зборови се однесуваат на духовната, а не на физичката темнина, но не треба да се потцени нивната сериозност. За оние без духовна светлина животот на крајот станува невозможен, исто како што е невозможен за оние што се лишени од Сончевата светлина.
3. Каде можеме да бараме светлина во овие мрачни времиња?
3 Во овие мрачни времиња, ризично е да ја игнорираме духовната светлина што Јехова ни ја дава. Неопходно е да бараме Божјата реч да ни го осветлува патот, читајќи ја Библијата, ако е можно, секој ден (Псалм 119:105). Христијанските состаноци ни овозможуваат да се охрабруваме еден со друг да останеме на „праведничката патека“ (Пословици 4:18; Евреите 10:23—25). Силата што ја извлекуваме од марливата библиска студија и од здравото христијанско дружење ни помага да избегнеме да нѐ проголта темнината на овие ‚последни денови‘, која ќе кулминира во големиот ‚ден на Господовиот гнев‘ (2. Тимотеј 3:1; Софонија 2:3). Тој ден брзо се приближува! И сигурно ќе дојде, како што дошол еден сличен ден за жителите на древниот Ерусалим.
Јехова ,го поведува спорот‘
4, 5. а) На кој начин Јехова доаѓа на Ерусалим? б) Од каде можеме да заклучиме дека само релативно малкумина ќе го преживеат уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е.? (Види ја фуснотата.)
4 Во завршните стихови од возбудливото пророштво на Исаија, Јехова сликовито ги опишува настаните што ќе водат до денот на неговиот гнев. Читаме: „Господ доаѓа со оган — воената кола Му е како виор — за да го излее Својот гнев во јарост и Своите закани во вжарен оган. Да, Господ ќе му суди [ќе го поведе спорот, NW] со оган и со меч на секој смртник: поразените од Господа ќе бидат мноштво“ (Исаија 66:15, 16).
5 Овие зборови треба да им помогнат на современиците на Исаија да ја сфатат сериозноста на својата ситуација. Наближува времето кога Вавилонците, како Јеховини погубители, ќе дојдат на Ерусалим со коли што како виор подигаат облаци од прашина. Каква страшна глетка ќе биде тоа! Јехова ќе ги користи напаѓачите за да го изврши својот огнен суд врз сите неверни еврејски ‚смртници‘. Ќе биде како Јехова лично да се бори против својот народ. Неговата „јарост“ нема да биде спречена. Многу Евреи ќе бидат ‚поразени од Господа‘. Ова пророштво се исполнило во 607 пр.н.е.a
6. Кои навики достојни за прекор ги имаат луѓето во Јуда?
6 Дали Јехова оправдано ‚го поведува спорот‘ против својот народ? Сигурно! При нашето разгледување на книгата Исаија, многупати видовме дека Евреите, иако наводно предадени на Јехова, биле под силно влијание на лажното обожавање — а Јехова не бил слеп за нивните постапки. Истото го гледаме повторно во следниве зборови од пророштвото: „,Оние кои се посветуваат и се чистат во градините зад оној еден на средина, кои јадат свинско, нечисто и глувци — сите ќе загинат заедно,‘ говори Господ“ (Исаија 66:17). Дали овие Евреи „се посветуваат и се чистат“ за да се подготват за чистото обожавање? Сигурно не. Наместо тоа, учествуваат во пагански ритуали на очистување во специјални градини. Потоа лакомо гнетат свинско и месо од други животни кои, според Мојсеевиот закон, се сметаат за нечисти (Левит 11:7, 21—23).
7. Во што личи христијанскиот свет на идолопоклоничката Јуда?
7 Колку само одвратна ситуација за една нација што е во сојузен однос со единствениот вистински Бог! Но размисли: Слична одвратна ситуација постои денес во религиите на христијанскиот свет. И тие тврдат дека му служат на Бог, а многу нивни водачи се преправаат дека се побожни. Сепак, се валкаат со пагански учења и традиции, потврдувајќи дека се во духовна темнина. Уште каква темнина! (Матеј 6:23; Јован 3:19, 20).
„Ќе ја видат мојата слава!“
8. а) Што ќе ги снајде и Јуда и христијанскиот свет? б) Во која смисла нациите ‚ќе ја видат Божјата слава‘?
8 Дали Јехова ги забележува за прекор достојните постапки и учења на христијанскиот свет? Прочитај ги следниве зборови на Јехова, како што ги запишал Исаија, и види до кој заклучок ќе дојдеш: „Јас ги познавам добро нивните дела и нивните намери [мисли, NW]. Доаѓам да ги соберам сите народи и јазици, и тие ќе дојдат и ќе ја видат Мојата Слава!“ (Исаија 66:18). Јехова е свесен и подготвен да ги суди не само делата туку и мислите на оние што тврдат дека се негови слуги. Јуда тврди дека верува во Јехова, но нејзините идолопоклонички дела и пагански обичаи го побиваат тоа тврдење. На нејзините жители не им вреди да се „чистат“ според паганските ритуали. Нацијата ќе биде истребена, и ова ќе се случи пред очи на соседите што обожаваат идоли. Тие, пак, ‚ќе ја видат Божјата Слава‘ во смисла што ќе бидат сведоци на настаните и ќе бидат принудени да признаат дека Јеховината реч се обистинила. Како се применува сето ова на христијанскиот свет? Кога тој ќе се соочи со својот крај, многумина од неговите поранешни пријатели и деловни партнери ќе бидат принудени да стојат отстрана и беспомошно да гледаат како се исполнува Јеховината реч (Еремија 25:31—33; Откровение 17:15—18; 18:9—19).
9. Која добра вест ја објавува Јехова?
9 Дали уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е. значи дека Јехова ќе нема повеќе сведоци на Земјата? Не. Некои извонредни чувари на интегритетот, како Даниел и неговите тројца другари, ќе продолжат да му служат на Јехова дури и како изгнаници во Вавилон (Даниел 1:6, 7). Да, синџирот од верни сведоци на Јехова ќе остане неоштетен и, на крајот од 70-те години, некои верни мажи и жени ќе го напуштат Вавилон и ќе се вратат во Јуда за да го обноват чистото обожавање таму. Тоа е она на кое Јехова индиректно укажува со следниве зборови: „Ќе им поставам знак и ќе ги испратам преживеаните од нив кон народите во Тарсис, Фул, Луд, Мошек, Рош, Тувал и Јаван — при далечните острови кои не чуле глас за Мене ниту ја виделе Мојата Слава — и тие ќе им ја навестуваат Мојата Слава на народите“ (Исаија 66:19).
10. а) Во која смисла верните Евреи, ослободени од Вавилон, ќе служат како знак? б) Кој служи како знак денес?
10 Мноштвата верни мажи и жени, кои ќе се вратат во Ерусалим во 537 пр.н.е., ќе послужат како зачудувачки знак, доказ дека Јехова го избавил својот народ. Кој би помислил дека заробените Евреи еден ден ќе бидат слободни за да вршат чисто обожавање во Јеховиниот храм? Во првиот век, оние што на сличен начин служеле како „знак и чудо“ биле помазаните христијани, кај кои се собирале оние што сакале да му служат на Јехова (Исаија 8:18; Евреите 2:13). Денес, помазаните христијани, кои просперираат во својата обновена земја, служат на Земјата како еден зачудувачки знак (Исаија 66:8). Тие се жив доказ за моќта на Јеховиниот дух и ги привлекуваат кротките чиишто срца се поттикнати да му служат на Јехова.
11. а) По обновата, како ќе дознаат за Јехова луѓето од народите? б) Како се исполнил првобитно Захарија 8:23?
11 Сепак, по обновата во 537 пр.н.е., како ќе го запознаат Јехова луѓето од народите што не чуле извештај за него? Па, нема сите верни Евреи да се вратат во Ерусалим на крајот од вавилонското заробеништво. Некои, како Даниел, ќе останат во Вавилон. Други ќе се распрснат по сите краеви на Земјата. До петтиот век пр.н.е. Евреи живееле по целата Персиска Империја (Естира 1:1; 3:8). Без сомнение, некои од нив им кажале за Јехова на своите пагански соседи, бидејќи многу поединци од тие народи станале еврејски прозелити. Изгледа таков бил и случајот со етиопскиот евнух, кому христијанскиот ученик Филип му проповедал во првиот век (Дела 8:26—40). Сето ова се случило како првобитно исполнување на зборовите на пророкот Захарија: „Во тие денови десет луѓе од народите на сите јазици ќе фаќаат за скут еден Евреин, говорејќи: ‚Ќе дојдеме со вас, чувме дека Господ е со вас‘“ (Захарија 8:23). Навистина, Јехова им испратил светлина на народите! (Псалм 43:3).
Се носи „принос на Господа“
12, 13. На кој начин ќе бидат донесени „браќа“ во Ерусалим, почнувајќи од 537 пр.н.е.?
12 Откако Ерусалим ќе биде повторно изграден, Евреите што се распрснати далеку од својата татковина ќе го сметаат градот, заедно со неговото обновено свештенство, за центар на чистото обожавање. Многумина од нив ќе минуваат големи растојанија за да присуствуваат таму на годишните празници. Под инспирација Исаија пишува: „И ќе ги доведам сите ваши браќа од сите народи како принос на Господа — на коњи, на бојни коли, на носилки, на мазги и на едногрби камили — на Својата Света Гора во Ерусалим — зборува Господ — како што Израелевите синови принесуваат принос во чисти садови во Господовиот Дом. И ќе си земам од нив свештеници, левити — зборува Господ“ (Исаија 66:20, 21).
13 Некои од тие „браќа од сите народи“ биле присутни на Пентекост кога бил излеан светиот дух врз Исусовите ученици. Извештајот гласи: „Во Ерусалим престојуваа Евреи, богобојазливи луѓе, од секоја нација што ја има под небото“ (Дела 2:5). Тие дошле во Ерусалим за да вршат обожавање според еврејскиот обичај, но, кога ја чуле добрата вест за Исус Христос, многумина почнале да практикуваат вера во него и биле крстени.
14, 15. а) Како помазаните христијани собрале повеќе свои духовни „браќа“ по Првата светска војна, и како овие му биле донесени на Јехова како „принос во чисти садови“? б) На кој начин Јехова ‚зел од нив свештеници‘? в) Наброј некои помазани христијани што биле вклучени во собирањето на своите духовни браќа. (Види ја рамката на оваа страница.)
14 Дали ова пророштво има современо исполнување? Да, сигурно. По Првата светска војна, Јеховините помазани слуги увиделе од Писмото дека Божјето Царство е воспоставено на небото во 1914. Преку внимателно проучување на Библијата, дознале дека треба да се соберат додатни наследници на Царството, односно „браќа“. Некои бестрашни слуги, користејќи ги сите видови превозни средства, патувале „до најоддалечениот дел од земјата“ барајќи ги потенцијалните членови на помазаниот остаток, од коишто повеќето дошле од црквите на христијанскиот свет. Кога биле пронајдени, му биле донесени како принос на Јехова (Дела 1:8).
15 Помазаниците што биле собрани во раните години не очекувале Јехова да ги прифати такви какви што биле пред да ја спознаат библиската вистина. Презеле чекори да се очистат од духовните и моралните нечистотии за да бидат претставени како „принос во чисти садови“, односно, според зборовите на апостол Павле, „на Христос како чесна девица“ (2. Коринќаните 11:2). Освен што ги отфрлиле грешките во доктрините, помазаниците морале да научат како да останат стриктно неутрални во политичките работи на светот. Во 1931, кога неговите слуги биле очистени до соодветен степен, Јехова милосрдно им ја дал привилегијата да го носат неговото име како Јеховини сведоци (Исаија 43:10—12). Сепак, на кој начин Јехова ‚зел од нив свештеници‘? Овие помазаници како група станале дел од едно „царско свештенство, света нација“, која на Бог му принесува жртви на фалба (1. Петрово 2:9; Исаија 54:1; Евреите 13:15).
Собирањето продолжува
16, 17. Кој спаѓал во „потомството“ по Првата светска војна?
16 Целосниот број на тоа „царско свештенство“ е 144.000, а неговото собирање со текот на времето завршило (Откровение 7:1—8; 14:1). Дали тоа било крај на делото на собирање? Не. Пророштвото на Исаија продолжува: „Како што новата небеса и новата земја, што ќе ги создадам, ќе траат пред Мене — слово е Господово — така ќе ви траат името и потомството“ (Исаија 66:22). Во првобитното исполнување на овие зборови, Евреите што се вратиле од вавилонското заробеништво почнале да подигаат деца. Со тоа, вратениот еврејски остаток, „новата земја“, под новата еврејска администрација, „новата небеса“, ќе биде цврсто утврден. Меѓутоа, пророштвото има уште позначајно исполнување во нашево време.
17 „Потомството“ што го добива нацијата од духовни браќа се членовите на ‚големото мноштво‘, кои ја имаат надежта за вечен живот на Земјата. Тие доаѓаат „од сите нации и племиња и народи и јазици“ и стојат „пред престолот и пред Јагнето“. Овие ги ‚испрале своите долги облеки и ги обелиле во крвта на Јагнето‘ (Откровение 7:9—14; 22:17). Денес, членовите на ‚големото мноштво‘, преминуваат од духовна темнина во светлината што ја обезбедува Јехова. Тие практикуваат вера во Исус Христос и, слично на своите помазани браќа и сестри, се стремат да останат духовно и морално чисти. Како група, продолжуваат да служат под Христовото водство и ќе „траат“ засекогаш! (Псалм 37:11, 29).
18. а) На кој начин членовите на големото мноштво се однесувале како своите помазани браќа? б) Како помазаните и нивните придружници го обожаваат Јехова „од нова месечина до нова месечина, од сабота до сабота“?
18 Овие марливи мажи и жени со земна надеж знаат дека, иако е важно да се остане морално и духовно чист, за да му се угоди на Јехова е потребно повеќе. Делото на собирање е во полн замав, и тие сакаат да учествуваат во него. Во врска со нив, книгата Откровение пророкува: „[Тие] се пред Божјиот престол; и му вршат света служба ден и ноќ во неговиот храм“ (Откровение 7:15). Овие зборови нѐ потсетуваат на претпоследниот стих од пророштвото на Исаија: „Од нова месечина до нова месечина, од сабота до сабота, секое тело ќе доаѓа за да се поклони пред Моето лице — говори Господ“ (Исаија 66:23). Ова се случува денес. „Од нова месечина до нова месечина, од сабота до сабота“ — то ест редовно, секоја седмица од секој месец — помазаните христијани и нивните придружници, големото мноштво, се собираат за да го обожаваат Јехова. Меѓу другото, тие го прават ова со посетувањето на христијанските состаноци и со учеството во јавната служба. Дали си ти еден од овие што редовно ‚доаѓаат за да се поклонат пред‘ Јехова? Јеховиниот народ наоѓа голема радост во тоа, а оние од големото мноштво радосно го исчекуваат времето кога „секое тело“ — сите живи луѓе — во сета вечност ќе му служат на Јехова „од нова месечина до нова месечина, од сабота до сабота“.
Конечниот крај на Божјите непријатели
19, 20. За каква цел служела Геената во библиски времиња, и што симболизира таа?
19 Во нашата студија на пророштвото на Исаија ни преостанува уште еден стих. Книгата завршува со следниве зборови: „Излегувајќи, ќе ги гледаат труповите на луѓето кои се одметнаа од Мене: нивниот црв не ќе умре, и нивниот оган не ќе угасне — ќе бидат гнасни на секое тело“ (Исаија 66:24). Исус Христос веројатно го имал на ум ова пророштво кога ги охрабрил своите ученици да го поедностават својот живот и интересите на Царството да ги стават на прво место. Тој рекол: „Ако окото те наведува на спрепнување, фрли го; подобро ти е едноок да влезеш во Божјето царство отколку со две очи да бидеш фрлен во Геена, каде што нивната ларва не умира и огнот не гасне“ (Марко 9:47, 48; Матеј 5:29, 30; 6:33).
20 Какво е ова место наречено Геена? Пред многу векови, еврејскиот изучувач Давид Кимхи напишал: „Тоа е место . . . што се граничи со Ерусалим, тоа е едно одвратно место, и таму фрлаат нечисти работи и лешеви. Исто така, таму има постојан оган за да ги изгори нечистите работи и коските од лешевите. Според тоа, судот над злите е параболично наречен Гехином“. Ако, според она на кое укажува овој еврејски изучувач, Геена била користена за фрлање отпадоци и лешеви на оние што ги сметале недостојни за погреб, тогаш огнот би бил погодно средство за отстранување на таквите отпадоци. Она што нема да го голтне огнот, ќе го голтне црвот. Колку само соодветна слика за вечниот крај на сите Божји непријатели!b
21. За кого книгата Исаија завршува со позитивен призвук, и зошто?
21 Со таков осврт на лешеви, оган и црви, зар возбудливото пророштво на Исаија не завршува со морничав призвук? Божјите заколнати непријатели несомнено ќе мислат така. Но Божјите пријатели описот на Исаија за вечно уништување на злите многу ги охрабрува. На Јеховиниот народ му е потребно уверувањето дека неговите непријатели никогаш повеќе нема да господарат. Овие непријатели, кои им создавале толку многу неволји на Божјите обожаватели и биле причина за голем прекор на неговото име, засекогаш ќе бидат уништени. Затоа, „неволјата нема да се подигне двапати“ (Наум 1:9).
22, 23. а) Објасни на кои начини си имал корист од проучувањето на книгата Исаија? б) Откако ја проучи книгата Исаија, на што си решен, и каква надеж имаш?
22 Сега, кога сме на крајот на нашата студија на книгата Исаија, сигурно сфаќаме дека оваа библиска книга не е мртва историја. Напротив, таа содржи порака за нас денес. Кога размислуваме за мрачните времиња во кои живеел Исаија, можеме да ги видиме сличностите меѓу тој период и нашево време. Политички немири, религиозно лицемерство, корупција во судството и угнетување на верните и сиромашните го карактеризирале времето на Исаија, а истите работи го карактеризираат и нашево време. Верните Евреи во шестиот век пр.н.е. мора да биле благодарни за пророштвото на Исаија, а и ние денес сме утешени додека го проучуваме.
23 Во овие критични времиња кога темнина ја покрива Земјата и мрак народите, сите ние чувствуваме длабока благодарност што Јехова, преку Исаија, обезбедил светлина за целото човештво! Таа духовна светлина всушност значи вечен живот за сите што со цело срце ја прифаќаат, без разлика на нивното национално потекло или етничка заднина (Дела 10:34, 35). Затоа, да продолжиме да одиме во светлината на Божјата реч, читајќи ја секојдневно, медитирајќи за неа и ценејќи ја нејзината порака. Ова ќе биде за наш вечен благослов и за фалба на Јеховиното свето име!
[Фусноти]
a Во врска со ситуацијата по падот на Ерусалим под Вавилонците, Еремија 52:15 зборува за „Остатокот на народот што беше останал во градот“. Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 1, 415. страница, коментирајќи за ова, вели: „Изразот ‚што беше останал во градот‘ очигледно укажува дека голем број луѓе умреле од глад, болести или од оган, или, пак, биле заклани во војната“.
b Бидејќи во Геената гореле лешеви, а не живи луѓе, ова место не е симбол на вечно мачење.
[Рамка на страница 409]
Помазани приноси на Јехова од сите народи
Во 1920, Хуан Муњиз заминал од Соединетите Држави за Шпанија, а потоа отпатувал за Аргентина, каде што организирал собранија од помазаници. Од 1923 наваму, светлината на вистината засветила за луѓето со чесни срца во Западна Африка кога мисионерот Вилијам Р. Браун (честопати наречен Библија Браун) се упатил во места како Сиера Леоне, Гана, Либерија, Гамбија и Нигерија за да ја проповеда пораката за Царството. Истата година, Канаѓанецот Џорџ Јанг отишол во Бразил, а потоа патувал до Аргентина, Костарика, Панама, Венецуела, па дури и до Советскиот Сојуз. Некаде тоа време, Едвин Скинер отпловил од Англија за Индија, каде што долги години работел во делото на жетвата.
[Слика на страница 411]
Некои Евреи на Пентекост биле ‚браќа од сите народи‘
[Слика на целата страница 413]