Деветто поглавје
Имај верба во Јехова и покрај неволји
1. Зошто христијаните денес ќе извлечат корист од разгледувањето на Исаија 7. и 8. поглавје?
ИСАИЈА 7. и 8. поглавје се студија на спротивности. И Исаија и Ахаз припаѓале на нација предадена на Јехова; и двајцата имале задача дадена од Бог, едниот како пророк, а другиот како цар на Јуда; и двајцата се соочиле со истата закана — инвазијата врз Јуда од страна на понадмоќни непријателски сили. Меѓутоа, Исаија се соочил со заканата со доверба во Јехова, додека Ахаз му подлегнал на стравот. Зошто различни реакции? Со оглед на тоа што христијаните денес се на ист начин опколени од непријателски сили, добро ќе сторат ако ги разгледаат овие две поглавја од Исаија за да откријат какви поуки содржат тие.
Соочување со одлука
2, 3. Какво резиме дава Исаија во своите почетни зборови?
2 Многу слично на еден уметник кој ги дефинира контурите на една нова слика со неколку груби потези, Исаија го започнува својот извештај со неколку општи изјави кои го обележуваат почетокот и крајот на настаните што допрва ќе ги раскаже: „Во деновите на јудејскиот цар Ахаз, синот Јотамов, синот Озиев, сирискиот цар Ресин и израелскиот цар Факеј, синот Ремалиин, завојуваа против Ерусалим, но не можеа да го заземат“ (Исаија 7:1).
3 Осми век е пр.н.е. Ахаз, како цар на Јуда, го наследил својот татко Јотам. Ресин, царот на Сирија, и Факеј, царот на северното царство Израел, ја напаѓаат Јуда, и нивните војски силно удираат. На крајот ќе го опсадат самиот Ерусалим. Меѓутоа, опсадата нема да успее (2. Цареви 16:5, 6; 2. Летописи 28:5—8). Зошто? Ќе дознаеме подоцна.
4. Зошто е исполнето со страв срцето на Ахаз и на неговиот народ?
4 Порано во таа војна, „му соопштија на Давидовиот дом: ‚Сиријците се настанија во Ефрем.‘ На таа вест се растреперија царевото срце и срцето на целиот народ, како што во гората растреперуваат стеблата од ветерот“ (Исаија 7:2). Да, Ахаз и неговиот народ се застрашени кога дознаваат дека Сиријците и Израелците се здружиле и дека нивните војски токму во тој момент се улогорени на тлото на Ефрем (Израел). До Ерусалим имаат само два-три дена марширање!
5. На кој начин денешниот Божји народ личи на Исаија?
5 Јехова му вели на Исаија: „Излези му во пресрет на Ахаз, ти и твојот син Сеар Јасув, до крајот на водоводот на горниот рибник покрај патот за Бељарово Поле“ (Исаија 7:3). Само замисли си! Во време кога царот треба да го бара пророкот на Јехова и да го праша за водство, пророкот мора да оди и да го најде царот! И покрај тоа, Исаија спремно му е послушен на Јехова. Исто така, Божјиот народ денес спремно оди да ги најде луѓето кои се уплашени поради притисоците на овој свет (Матеј 24:6, 14). Колкаво само задоволство причинува тоа што секоја година стотици илјади се одѕиваат на посетите од овие проповедници на добрата вест и се фаќаат за Јеховината заштитничка рака!
6. а) Каква охрабрувачка порака му пренесува пророкот на цар Ахаз? б) Каква ситуација постои денес?
6 Исаија го наоѓа Ахаз надвор од бедемите на Ерусалим каде што, во подготовка за очекуваната опсада, царот го прегледува градскиот довод на вода. Исаија му ја пренесува пораката од Јехова: „Внимавај, смири се, не бој се, и нека не ти примира срцето, од овие две чадливи гламничиња, од распалениот бес на сирискиот Ресин, и на Ремалииновиот син“ (Исаија 7:4). Кога порано напаѓачите ја разориле Јуда, нивниот гнев горел како пламен. Сега тие се само „две чадливи гламничиња“. Ахаз не треба да се ужасува од сирискиот цар Ресин или од израелскиот цар Факеј, син на Ремалија. Денес ситуацијата е слична. Водачите на христијанскиот свет со векови ги подложувале вистинските христијани на жестоко прогонство. Сега, сепак, христијанскиот свет личи на гламна што е скоро догорена. Неговите денови се одбројани.
7. Зошто името на Исаија и на неговиот син дава причина за надеж?
7 Во деновите на Ахаз, не само пораката на Исаија туку и значењето на името на Исаија и на неговиот син им дава надеж на оние што имаат верба во Јехова. Вистина, Јуда е во опасност, но името Исаија, што значи „Спасение од Јехова“, покажува дека Јехова ќе се погрижи да ја избави. Јехова му вели на Исаија да го поведе со себе својот син Сеар Јасув, чиешто име значи „Сосема мал остаток ќе се врати“. Дури и кога царството Јуда конечно ќе падне, Бог милосрдно ќе врати во земјата еден остаток.
Повеќе од војна помеѓу нации
8. Зошто нападот на Ерусалим е повеќе од војна помеѓу нации?
8 Јехова, преку Исаија, ја открива стратегијата на непријателите на Јуда. Еве што планираат тие: „Да тргнеме . . . против Јудеја, да ја уплашиме и да ја освоиме, за да го зацариме во неа синот Тавеилов“ (Исаија 7:5, 6). Сириско-израелската лига прави сплетки да ја освои Јуда и да го замени Ахаз, синот на Давид, со свој човек. Јасно е дека нападот на Ерусалим сега е повеќе од војна помеѓу нации. Се води борба помеѓу Сатана и Јехова. Зошто? Затоа што Јехова Бог склопил сојуз со цар Давид, уверувајќи го со тоа дека неговите синови ќе владеат над народот на Јехова (2. Самоил 7:11, 16). Колку само голем триумф би било за Сатана да може да постави друга царска династија на престолот во Ерусалим! Би можел дури да ја расипе намерата на Јехова, лозата на Давид да даде траен наследник, „Кнез на Мирот“ (Исаија 9:6, 7).
Љубезно уверување од Јехова
9. Кое уверување треба да му влее храброст на Ахаз, како и на христијаните денес?
9 Дали ќе успее сплетката на Сирија и Израел? Не. Јехова објавува: „Тоа нема да се случи, тоа не ќе биде!“ (Исаија 7:7). Преку Исаија, Јехова вели дека не само што опсадата на Ерусалим нема да успее туку и дека „уште шеесет и пет години, и Ефрем, разурнат, веќе нема да биде народ“ (Исаија 7:8). Да, за 65 години Израел повеќе нема да постои како народ.a Ова уверување, со својот специфичен временски распоред, треба да му влее храброст на Ахаз. На ист начин, Божјиот народ денес е зајакнат бидејќи знае дека времето што му преостанува на Сатановиот свет истекува.
10. а) Како можат вистинските христијани денес да го имитираат Јехова? б) Што му нуди Јехова на Ахаз?
10 Можеби на лицето на Ахаз се гледа неверие, бидејќи Јехова, преку Исаија, вели: „Ако не верувате, нема да се додржите“. Јехова, во својата трпеливост, „продолжува . . . да му говори на Ахаза“ (Исаија 7:9, 10, СП). Каков добар пример! Денес, иако многумина не реагираат радо на пораката на Царството, добро ќе направиме ако го имитираме Јехова така што ќе ‚продолжиме да говориме‘ додека ги посетуваме секогаш одново. Јехова потоа му вели на Ахаз: „Побарај од Господа, својот Бог, знак за себе од длабочината на Подземјето [Шеолот, NW] или од височините горе“ (Исаија 7:11). Ахаз може да побара знак, а Јехова ќе го направи тој знак како гаранција дека ќе го заштити домот на Давид.
11. Какво уверување се наоѓа во Јеховиниот израз „својот Бог“?
11 Забележи дека Јехова вели: ‚Побарај од . . . својот Бог знак‘. Јехова е навистина љубезен. Ахаз, според кажувањата, веќе обожава лажни богови и следи одвратни пагански обичаи (2. Цареви 16:3, 4). И покрај тоа, како и покрај плашливиот став на Ахаз, Јехова сѐ уште се нарекува себеси Бог на Ахаз. Ова нѐ уверува дека Јехова не ги отфрла луѓето избрзано. Тој е спремен да им пружи рака на оние што грешат или чија вера ослабела. Дали ова уверување во Божјата љубов ќе го поттикне Ахаз да се фати за раката на Јехова?
Од сомневање до непослушност
12. а) Какво вообразено гледиште присвојува Ахаз? б) Наместо да се сврти кон Јехова, кај кого оди Ахаз по помош?
12 Ахаз пркосно одговара: „Не, не сакам да барам и не сакам да Го искушувам Господа“ (Исаија 7:12). Ахаз овде не се повинува на зборовите од законот: „Не искушувајте Го Господа, својот Бог“ (Второзаконие 6:16). Со векови подоцна, Исус го цитира истиот закон кога Сатана го искушува него (Матеј 4:7). Меѓутоа, во случајот на Ахаз Јехова го повикува да се сврти кон вистинското обожавање и му нуди да му ја зајакне верата со тоа што ќе направи знак. Сепак, Ахаз претпочита да бара заштита на друго место. Можеби во овој момент царот ѝ испраќа на Асирија голема сума пари, барајќи помош против своите северни непријатели (2. Цареви 16:7, 8). Во меѓувреме, сириско-израелската војска го опколува Ерусалим и опсадата е во тек.
13. Каква промена забележуваме во 13. стих, и што означува таа?
13 Имајќи го на ум царевиот недостиг на вера, Исаија вели: „Слушај, те молам, о доме Давидов. Толку мала работа ли е за тебе да изморуваш луѓе, па го изморуваш и мојот Бог?“ (Исаија 7:13, NW). Да, Јехова може да се измори од постојано пркосење. Забележи го и тоа дека пророкот сега вели „мојот Бог“, а не „твојот Бог“. Злокобна промена! Кога Ахаз го отфрла Јехова и се свртува кон Асирија, ја губи одличната прилика да го обнови својот однос со Бог. Никогаш да не го жртвуваме својот однос со Бог така што ќе ги компромитираме нашите библиски верувања со цел привремено да имаме некаква корист.
Знакот Емануел
14. Како Јехова покажува дека е верен на својот сојуз со Давид?
14 Јехова останува верен на својот сојуз со Давид. Понуден е знак, знак ќе се даде! Исаија продолжува: „Господ Сам ќе ви даде знак: Еве, девица ќе зачне и ќе роди син, и ќе му даде име Емануел! Тој ќе се храни со млеко и мед, додека не се научи да го отфрла злото и да го избира доброто. Зашто, пред младенецот да научи да го отфрла злото и да го избира доброто, земјата ќе опусти, заради која трепериш, од две царства“ (Исаија 7:14—16).
15. На кои две прашања одговара пророштвото за Емануел?
15 Ова е добра вест за сите што се плашат дека напаѓачите ќе ѝ стават крај на Давидовата лоза на цареви. „Емануел“ значи „Со нас е Бог“. Бог е со Јуда и нема да дозволи да биде поништен сојузот што тој го склопил со Давид. Освен тоа, на Ахаз и на неговиот народ му е кажано не само што ќе направи Јехова туку и кога ќе го стори тоа. Пред детето Емануел да биде доволно старо да разликува добро од зло, непријателските нации ќе бидат уништени. И ова се потврдува како вистина!
16. Зошто можеби Јехова го оставил во неизвесност идентитетот на Емануел во деновите на Ахаз?
16 Библијата не открива чие дете е Емануел. Но, со оглед на тоа што младиот Емануел треба да служи како знак, а Исаија подоцна изјавува дека тој заедно со своите деца е „знак“, Емануел можеби е син на пророкот (Исаија 8:18). Можеби Јехова го остава во неизвесност идентитетот на Емануел во деновите на Ахаз за на подоцнежните генерации да не им го одвлече вниманието од Поголемиот Емануел. Кој е тој?
17. а) Кој е Поголемиот Емануел, и што означува неговото раѓање? б) Зошто Божјиот народ денес може да извикува „Со нас е Бог“?
17 Надвор од книгата Исаија, името Емануел се среќава само еднаш во Библијата, во Матеј 1:23. Јехова го инспирирал Матеј пророштвото за раѓањето на Емануел да го примени на раѓањето на Исус, законитиот Наследник на престолот на Давид (Матеј 1:18—23). Раѓањето на првиот Емануел било знак дека Бог не го напуштил домот на Давид. На сличен начин, раѓањето на Исус, Поголемиот Емануел, било знак дека Бог не го напуштил човештвото ниту својот сојуз за Царството со Давидовиот дом (Лука 1:31—33). Сега, со Јеховиниот главен претставник меѓу човештвото, Матеј можел навистина да рече: „Со нас е Бог“. Денес, Исус владее како небесен Цар и е со своето собрание на Земјата (Матеј 28:20). Сигурно, Божјиот народ има додатна причина храбро да извикува: „Со нас е Бог!“
Други последици од неверноста
18. а) Зошто зборовите на Исаија што следат предизвикуваат ужас кај неговите слушатели? б) До каков пресврт на настаните наскоро треба да дојде?
18 Колку и да се утешни последните зборови на Исаија, неговата следна изјава предизвикува ужас кај неговите слушатели: „Против тебе и против твојот народ и против куќата на татка ти, Господ ќе донесе денови какви не биле откога Ефрем се оддели од Јуда, — асирскиот цар“ (Исаија 7:17). Да, доаѓа несреќа, и тоа од раката на царот на Асирија. Изгледот со нив да доминираат озлогласено суровите Асирци за Ахаз и за неговиот народ мора да е причина за многу бессони ноќи. Ахаз резонира дека спријателувањето со Асирија ќе го ослободи од Израел и Сирија. Навистина, асирскиот цар ќе одговори на молбата на Ахаз со тоа што на крајот ќе ги нападне Израел и Сирија (2. Цареви 16:9). Веројатно од оваа причина Факеј и Ресин се принудени да ја прекинат својата опсада на Ерусалим. Така, сириско-израелската лига ќе се покаже неспособна да го заземе Ерусалим (Исаија 7:1). Сепак, сега Исаија им кажува на своите шокирани слушатели дека Асирија, на која се надевале како на заштитник, ќе стане нивни угнетувач! (Спореди Пословици 29:25.)
19. Какво предупредување содржи оваа историска драма за христијаните денес?
19 За христијаните денес, овој вистинит историски извештај содржи предупредување. Кога сме под притисок, можно е да бидеме искушани да ги компромитираме христијанските начела, отфрлајќи ја со тоа заштитата од Јехова. Ова е кратковидо, па дури и самоубиствено, како што станува очигледно од натамошните зборови на Исаија. Пророкот продолжува да опишува што ќе им направи асирската инвазија на земјата и на нејзиниот народ.
20. Кои се „мувите“ и „пчелите“, и што ќе направат тие?
20 Исаија ги дели своите објави на четири дела, од кои секој претскажува што ќе се случи „во оној ден“ — т.е. во денот кога Асирија ќе ја нападне Јуда. „Во оној ден, Господ ќе им даде знак на мувите на вливот на египетските реки, и на пчелите во Асирската Земја, да дојдат и да слетаат по стрмните долови, по расцепените карпи, по сите трништа и по сите пасишта“ (Исаија 7:18, 19). Вниманието на војските на Египет и Асирија, како роеви муви и пчели, ќе биде насочено кон Ветената земја. Ова нема да биде краткотрајна инвазија. „Мувите“ и „пчелите“ ќе се населат, и секое катче и пукнатинка на земјата ќе врие од нив.
21. На кој начин асирскиот цар ќе биде како брич?
21 Исаија продолжува: „Во оној ден, [Јехова] ќе ги избричи со брич наемен од онаа страна на Еуфрат — со асирскиот цар — косата од главата, влакната од нозете и брадата од образите“ (Исаија 7:20). Сега се спомнува само Асирија, главната закана. Ахаз го најмува асирскиот цар да ги ‚избричи‘ Сирија и Израел. Меѓутоа, овој „брич наемен“ од регионот на Еуфрат ќе тргне против „главата“ на Јуда и потполно ќе ја избричи, отстранувајќи ѝ ја дури и брадата!
22. Какви примери користи Исаија за да ги покаже последиците од непосредната инвазија на Асирија?
22 Што ќе биде резултатот? „Во оној ден, секој ќе храни по една крава и по две овци, и од изобилството на млекото што ќе му го дадат ќе се храни со маст [путер, NW]; ќе се хранат со маст [путер, NW] и мед сите што ќе останат во земјата“ (Исаија 7:21, 22). Во времето кога Асирците ќе ја ‚избричат‘ земјата, ќе останат толку малку луѓе што само мал број животни ќе бидат потребни за да се обезбеди храна. Ќе се јаде ‚путер и мед‘ — ништо друго, ниту вино, ниту леб, ниту други основни прехранбени продукти. Небаре го нагласува степенот на опустошување, Исаија три пати вели дека таму каде што била корисна, плодна земја, сега ќе има глогови и трње. На оние што ќе се осмелат да одат по селското подрачје ќе им треба „стрела и лак“ за заштита од диви животни кои демнат во честарите. Расчистените полиња ќе станат места што ќе ги газат говедата и овците (Исаија 7:23—25). Ова пророштво започнува да се исполнува во деновите на самиот Ахаз (2. Летописи 28:20).
Прецизни предвидувања
23. а) Што му е заповедано на Исаија да стори сега? б) Како е потврден знакот на таблата?
23 Исаија сега се враќа на моменталната ситуација. Додека Ерусалим е сѐ уште под опсада од здружените сили на Сирија и Израел, Исаија известува: „Господ ми рече: ‚Земи голема плоча и напиши на неа со човечко писмо: Махер Шалал Хаш Баз . . .‘ Потоа зедов веродостојни сведоци, свештениците Уриј и Захариј, синот Еверехиев“ (Исаија 8:1, 2). Името Махер Шалал Хаш Баз значи „Брзај, о Грабежу! Тој брзо дојде за пљачката“. Исаија замолува двајца мажи што се почитувани од заедницата да бидат сведоци дека тој го пишува ова име на голема табла за да можат подоцна да ја потврдат автентичноста на документот. Овој знак, сепак, ќе се потврди со втор знак.
24. Каков ефект треба да има знакот Махер Шалал Хаш Баз врз народот на Јуда?
24 Исаија вели: „Ѝ се приближив на пророчицата, па таа зачна и роди син. Господ ми рече: ‚Наречи го Махер Шалал Хаш Баз, зашто пред детето да почне да галеничи „тате“ и „мамо“, ќе ги однесат пред асирскиот цар сето богатство на Дамаск и пленот од Самарија‘“ (Исаија 8:3, 4). И големата табла и новороденото машко дете ќе служат како знаци дека Асирија наскоро ќе ги опљачка угнетувачите на Јуда, односно Сирија и Израел. Колку скоро? Пред детето да може да ги каже првите зборови што ги учат повеќето бебиња — „тате“ и „мамо“. Таквото прецизно предвидување треба да ја изгради довербата на народот во Јехова. Или, тоа би можело да предизвика некои да им се исмејуваат на Исаија и на неговите синови. Како и да е, пророчките зборови на Исаија се обистинуваат (2. Цареви 17:1—6).
25. Какви сличности постојат помеѓу деновите на Исаија и денешново време?
25 Христијаните можат да учат од повторливите предупредувања на Исаија. Апостол Павле ни открил дека во оваа историска драма, Исаија го предочува Исус Христос, а синовите на Исаија ги претставуваат помазаните ученици на Исус (Евреите 2:10—13). Исус, преку своите помазани следбеници на Земјата, ги потсетува вистинските христијани за потребата да ‚останат будни‘ во овие критични времиња (Лука 21:34—36). Во исто време, непокајничките противници се предупредени на своето претстојно уништување, иако таквите предупредувања честопати наидуваат на исмејување (2. Петрово 3:3, 4). Исполнувањето на поврзаните со време пророштва во деновите на Исаија е гаранција дека Божјиот временски распоред за нашите денови исто така „сигурно ќе се обистини. Нема да задоцни“ (Хабакук 2:3, NW).
Опустошувачка „вода“
26, 27. а) Какви настани пророкува Исаија? б) На што укажуваат зборовите на Исаија за слугите на Јехова денес?
26 Исаија продолжува со своите предупредувања: „Бидејќи народот ги отфрла тивко течечките води на Силоам, а трепери пред [и ликува поради, NW] Ресин и пред [поради, NW] Ремалиевиот син, Господ ќе ја наврати на вас силната и голема вода Еуфрат — асирскиот цар и сета негова слава — и таа ќе излезе од своето корито, ќе се прелее преку своите брегови; ќе навлезе во Јудеја, ќе се разлее и ќе ја преплави, ќе се искачи до нејзиното грло; и ќе ги рашири своите крила преку целата твоја земја, о Емануеле“ (Исаија 8:5—8).
27 „Народот“, северното царство Израел, го отфрла Јеховиниот сојуз со Давид (2. Цареви 17:16—18). За нив тој изгледа исто толку слабо како водите на Силоам од чиешто капење Ерусалим се снабдува со вода. Тие воскликнуваат во својата војна против Јуда. Но, овој презир нема да помине неказнето. Јехова ќе им дозволи на Асирците да ги ‚преплават‘, односно да ги окупираат Сирија и Израел, слично како што наскоро ќе дозволи сегашниот политички дел на светот да ја преплави областа на лажната религија (Откровение 17:16; спореди Даниел 9:26). Потоа, вели Исаија, надојдената „вода“ ќе „навлезе во Јудеја“ искачувајќи се „до нејзиното грло“, до Ерусалим, каде што владее главата (царот) на Јуда.b Во наше време, политичките погубители на лажната религија на сличен начин ќе го стегнат обрачот околу слугите на Јехова, опколувајќи ги ‚до грло‘ (Езекиел 38:2, 10—16). Каков ќе биде исходот? Па, што се случува во времето на Исаија? Дали Асирците преплавуваат преку градските ѕидини и го збришуваат Божјиот народ? Не. Бог е со него.
Не плашете се — „Бог е со нас!“
28. И покрај енергичните напори од страна на нејзините непријатели, во што Јехова ја уверува Јуда?
28 Исаија предупредува: „Здружете се само, народи [спротивставени на Божјиот народ на сојузот], но ќе бидете здробени! Послушајте вие далечни цареви, вооружувајте се, ќе бидете раздробени, опашувајте се, ќе бидете раздробени! Договорувајте се, договорот ќе ви биде уништен, советувајте се само, ќе биде напразно, зашто Бог е со нас!“ (Исаија 8:9, 10). Неколку години подоцна, за време на владеењето на верниот син на Ахаз, Езекија, овие зборови се обистинуваат. Кога Асирците му се закануваат на Ерусалим, ангелот на Јехова погубува 185.000 од нив. Очигледно, Бог е со својот народ и со царската лоза на Давид (Исаија 37:33—37). За време на претстојната битка Армагедон, Јехова на сличен начин ќе го испрати Поголемиот Емануел не само да ги раздроби Неговите непријатели туку и да ги спаси сите оние што имаат верба во Него (Псалм 2:2, 9, 12).
29. а) Како се разликуваат Евреите во деновите на Ахаз од оние во деновите на Езекија? б) Зошто денешните слуги на Јехова се воздржуваат од склучување религиозни и политички алијанси?
29 За разлика од Евреите од времето на Езекија, на современиците на Ахаз им недостига вера во заштитата од Јехова. Тие претпочитаат конфедерација, односно „завера“ со Асирците како заштитен ѕид од сириско-израелската лига. Меѓутоа, „раката“ на Јехова го подбуцнува Исаија да зборува против „патот по кој оди овој народ“, односно против популарниот тренд. Тој предупредува: „Не плашете се од она од што се бои тој и немајте страв. Господ над Воинствата — единствено Тој нека ви биде свет; бојте се единствено од Него, нека ве проникне стравот од Него“ (Исаија 8:11—13). Со ова на ум, Јеховините сведоци денес се чуваат да не се здружуваат со религиозните концили или политички лиги, и да не ја полагаат својата верба во нив. Слугите на Јехова имаат потполна доверба во Божјата заштитничка моќ. Најпосле, ако ‚Господ е со нас, што може да ни направи човек?‘ (Псалм 118:6).
30. Каква ќе биде судбината на оние што немаат верба во Јехова?
30 Исаија продолжува да повторува дека Јехова ќе се докаже како „свето место“ (NW), заштита за оние што имаат верба во него. Спротивно на ова, оние што го отфрлаат „ќе се сопнат, ќе паднат, ќе се разбијат, ќе се заплеткаат, ќе бидат фатени“ — пет живописни глаголи кои не оставаат никаков сомнеж во врска со судбината на оние што немаат верба во Јехова (Исаија 8:14, 15). Во првиот век, оние што го отфрлиле Исус на сличен начин се сопнале и паднале (Лука 20:17, 18). Сличен исход ги чека и оние што денес пропуштаат да му станат приврзани на востоличениот небесен Цар, Исус (Псалм 2:5—9).
31. Како можат вистинските христијани денес да го следат примерот на Исаија и на оние што ги слушаат неговите учења?
31 Во деновите на Исаија, сите не се сопнале. Исаија вели: „Запази го ова сведоштво, запечати го ова откровение [законот, NW] меѓу Моите ученици: Ќе Го чекам Господа Кој го скрил Своето лице од Јакововиот дом — јас се надевам во Него“ (Исаија 8:16, 17). Исаија и оние што обрнуваат внимание на неговото учење нема да го напуштат Божјиот закон. Тие продолжуваат да имаат верба во Јехова, и покрај тоа што нивните деликвентни сонародници го одбиваат Јехова и со тоа го наведуваат да го скрие своето лице од нив. Да го следиме примерот на оние што имаат верба во Јехова и да ја имаме истата одлучност да се прилепиме кон чистото обожавање! (Даниел 12:4, 9; Матеј 24:45; спореди Евреите 6:11, 12).
„Знак“ и „чудо“
32. а) Кој служи денес „како знак и чудо“? б) Зошто треба христијаните да се разликуваат од светот?
32 Исаија сега објавува: „Еве, јас и децата кои Господ ми ги даде сме знак и чудо за Израел, од Господа над Војските, Кој престојува на Сионската Гора“ (Исаија 8:18). Да, Исаија, Сеар Јасув и Махер Шалал Хаш Баз се знаци на намерите на Јехова за Јуда. Денес, Исус и неговите помазани браќа слично служат како знаци (Евреите 2:11—13). А во нивното дело ги придружува „големо мноштво“ од „други овци“ (Откровение 7:9, 14; Јован 10:16). Се разбира, еден знак вреди нешто само ако се разликува од својата околина. На сличен начин, христијаните го исполнуваат својот налог како знаци само ако се разликуваат од светот, ставајќи ја својата потполна верба во Јехова и смело објавувајќи ги неговите намери.
33. а) Што се решени да прават вистинските христијани? б) Зошто ќе можат вистинските христијани да стојат цврсто?
33 Според тоа, сите ние да ги држиме Божјите мерила, а не оние на овој свет. Да продолжиме да се разликуваме бестрашно — како знаци — спроведувајќи го и понатаму налогот што му е даден на Поголемиот Исаија, Исус Христос: ‚Да ја навести годината на . . . милост и денот на одмаздата на нашиот Бог‘ (Исаија 61:1, 2; Лука 4:17—21). Навистина, кога асирскиот потоп ќе ја преплави земјата — дури и ако им се искачи до грло — вистинските христијани нема да бидат однесени. Ќе стоиме цврсто затоа што „Бог е со нас“.
[Фусноти]
a За натамошни детали во врска со исполнувањето на ова пророштво, види Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), том 1, страници 62 и 758, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Асирија, исто така, е споредена со птица чиишто раширени крилја се „преку целата твоја земја“. Според тоа, до кај што се протега земјата, ќе биде покриена со асирска војска.
[Слика на страница 103]
Исаија го повел со себе Сеар Јасув кога му ја пренел на Ахаз пораката од Јехова
[Слика на страница 111]
Зошто Исаија напишал на голема табла „Махер Шалал Хаш Баз“?